Достапни линкови

Израелска влада на единство додека трае војната со Хамас


Бенјамин Нетанјаху и Бени Ганц
Бенјамин Нетанјаху и Бени Ганц

Соочен со најкрвавата војна во последните 50 години, Израел формираше влада на национално единство откако премиерот Бенјамин Нетанјаху се согласи да ја сподели власта со неговиот главен политички ривал и лидер на центристичката опозиција Бени Ганц.

Одлуката доаѓа во време на жестоки критики на премиерот по ненадејниот напад на Хамас изминатиот викенд, кој го претставува најголемиот неуспех на израелското разузнавање во последните децении. Во исто време, Нетанјаху се обидува да воспостави одредено единство во земјата по периодот на поларизација во израелското општество и политика, пишуваат светските медиуми.

Одмаздата како цел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се придружи на големиот ривал Бени Ганц во средата, на 11 октомври, во формирањето влада за време на војната која ќе ја надгледува борбата за одмазда за нападот од милитантите на Хамас викендот, објави Асошиетед прес.

Нетанјаху вети дека ќе го „скрши и уништи“ Хамас, велејќи во телевизиско обраќање дека „секој член на Хамас е мртов човек“.

Во меѓувреме, страдањата на Палестинците во Појасот Газа се зголемуваат по израелските бомбардирања, уништени се населби, додека некои Палестинци велат дека дури и со предупредувања за евакуација, тие не можат да избегаат или немаат каде да одат. Војната веќе однесе најмалку 2 300 животи од двете страни.

Израелската влада е под силен јавен притисок да го собори Хамас откако неговите милитанти ја пробија граничната ограда во саботата и масакрираа стотици Израелци во нивните домови, на улиците и на музички фестивал на отворено.

Нетанјаху тврди дека напаѓачите извршиле злосторства, вклучително и врзување и убивање момчиња и девојчиња, живи палење луѓе, силување жени и обезглавување војници. Неговите наводи, посочува Асошиејтед прес, не може да се проверат независно, а властите веднаш не понудија дополнителни детали.

Владата на национално единство на премиерот Нетанјаху, во која има неколку опозициски пратеници од центристичката партија, беше одобрена од израелскиот парламент во четвртокот, 12 октомври, објави Ројтерс, нагласувајќи ја суспензијата на владата на нормалните политички правила во една од најсериозните кризи во историјата на Израел.

Новата влада на единство ќе има една централна цел: да се одмазди за нападот на милитантите на Хамас, нагласува мадридскиот весник Ел Паис, со оценка дека израелското бомбардирање на Појасот Газа, што следеше, го отвора патот за копнена воена операција, што аналитичарите во израелскиот печат велат дека е неизбежно.

Според Министерството за одбрана, израелската армија распоредила 300 000 војници на границата со Појасот Газа, но доцнењето на распоредувањето било критикувано во хебрејскиот печат.

Војната веќе има и други политички последици, истакнува мадридскиот весник Паис, додавајќи дека израелското МВР најавило дека општинските избори закажани за 31 октомври ќе се одложат на неодредено време. Последен пат изборите во Израел беа одложени за време на војната во Јом Кипур во 1973 година.

Поголемо воено искуство и доверба на јавноста

Договорот за израелската влада на единство, меѓу Нетанјаху и лидерот на опозициската партија Бени Ганц, создава итен „кабинет за управување со војна“ во кој е вклучен и министерот за одбрана Јоав Галант, пишува Њу јорк тајмс, нагласувајќи дека со тоа владата добива многу поголемо воено искуство.

Ова, сугерира весникот, би можело да ја зајакне довербата на јавноста која е нарушена со повеќемесечните напори против предложените судски реформи од страна на екстремната десница и конзервативната владејачка коалиција на Нетанјаху, а сега и поради неуспехот на израелските безбедносни служби да го предвидат или брзо да го поразат нападот од милитанти на Хамас.

Четиринаесетчлениот безбедносен кабинет сега вклучува четворица пратеници коибиле во опозиција, меѓу кои Ганц и Гади Ајзенкот, двајцата поранешни воени команданти кои носат богато воено искуство од претходните конфликти со Газа и Либан.

„Станува збор за доведување луѓе кои биле началници на кабинет кои не биле вклучени во тековната катастрофа. Тие не се одговорни за тоа, па можат да помогнат да се извлечат од ова“, рече Гидеон Рахат, политиколог од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

Довербата на јавноста во владата се намалуваше во текот на целата година, по огромните реакции против планот на владата да ја поткопа моќта на судовите, пишува весникот, истакнувајќи дека израелскиот парламент ја одобри ревизијата во јули, додека предлогот се разгледува од Врховниот суд на Израел.

Исто така, истакнува Њујорк тајмс, многу резервисти претходно оваа година рекоа дека ќе одбијат да служат доколку се усвојат измените, што го натера министерот за одбрана Галант да рече дека планот ќе ја загрози националната безбедност.

„Со оглед на тоа што резервистите сега се мобилизирани, мора да знаат дека имаат кому да и веруваат на владата“, вели професорот Рахат.

Главниот опозициски лидер, Јаир Лапид, рече дека нема да се приклучи на влада на единство сè додека таа сè уште ги вклучува најекстремните фигури во коалицијата на Нетанјаху, како што е Итамар Бен-Гвир, министерот за државна безбедност. Бен-Гвир, чија антиарапска кампања резултираше со осуда за поттикнување расизам во 2007 година и поддршка на терористичка група, останува во безбедносниот кабинет.

Политичките разлики настрана

Вклучувајќи ги и членовите на опозицијата и поранешните воени лидери, Нетанјаху се согласи да формира влада за време на војната, барајќи да врати одредено единство во земјата по периодот на поларизација, забележува Волстрит журнал.

Жителите на Газа по израелските напади: Не можеме да живееме вака!
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Преговорите со опозицијата започнаа веднаш откако Хамас, означен како терористичка група од САД и други земји, го нападна јужниот дел на Израел. Повиците за влада на единство се зголемија од политичките партии од целиот спектар и од пошироката јавност, додека членовите на владата беа вознемирени во јавните настапи.

„Најважната акција (сега) е да се воспостави единството на нацијата. Поделбата во нас заврши. Сите сме обединети. А кога сме обединети - победуваме“, рече Нетанјаху за време на телевизискиот говор на 10 октомври.

Нетанјаху, се согласи да формира влада со опозиционерот и поранешен министер за одбрана Ганц, кој беше началник на кабинетот во владата на Нетанјаху за време на претходната војна меѓу Израел и Хамас во 2014 година.

Ова е втор пат Ганц и Нетанјаху да ги остават настрана своите политички разлики за да формираат влада на единство за време на вонредната состојба во земјата, посочува весникот.

Откако три последователни избори завршија во ќорсокак помеѓу 2019 и 2020 година, Ганц се согласи да му се придружи на Нетанјаху во владата за да се справи со кризата за време на пандемијата КОВИД-19.

Таа влада се распадна за помалку од една година, истакнува Волстрит журнал, додавајќи дека Ганц требало да ротира во кабинетот на премиерот по две години, но тој го обвини Нетанјаху за колапсот на владата бидејќи одбил да усвои буџет, кој автоматски го распушти парламентот и предизвика избори.

Нарушена репутација

Формирањето на израелската влада на национално единство е уште еден пример за тоа како бранот предизвикан од настаните од минатиот викенд ја збриша претходната политичка реалност, оценува Вашингтон пост, истакнувајќи дека Израел до 7 октомври бил зафатен со најсериозниот политички раздор во својата историја.

Сега, додека Израел се бори да се врати на својата воена основа, партиите кои беа ривали пред само неколку дена се согласија да владеат заедно, барем засега, истакнува весникот, додавајќи дека итниот коалициски договор за единствена влада истекува кога непријателствата ќе завршат.

Во меѓувреме, експертите велат дека договорот му дава на Ганц овластувања слични на оние на вториот премиер, додека воениот кабинет ќе има најголем дел од овластувањата да ја води воената кампања против Хамас. Сите други политички иницијативи, освен виталните економски мерки, ќе бидат ставени на мирување, вклучително и контроверзната судска реформа што ќе го намали судскиот надзор на израелскиот Врховен суд врз владините дејствија.

Политичките експерти, исто така, велат дека не е јасно дали Нетанјаху ќе преживее на власт откако ќе заврши војната и ќе се распушти вонредната влада. Иако многу ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат работите, експертите велат дека постои мало сомневање дека неговата репутација за безбедносна компетентност е нарушена и дека Ганц ќе преземе значителни овластувања.

„Од перспектива на јавноста, Нетанјаху сега е послабата членка на ова партнерство“, рече Јоханан Плеснер, претседател на Израелскиот институт за демократија.

„Тој го надгледуваше најголемиот пропуст на безбедноста во историјата на земјата, а Ганц доаѓа на помош“, заклучува аналитичарот.

XS
SM
MD
LG