Министерството за надворешни работи тврди дека до Антикорупциска и Обвинителство доставиле документација за тендерот што го доби Еуровиа за конференцијата на ОБСЕ, какви се вашите први сомнежи со оглед на тоа што први најавивте дека ќе отворите предмет пред да ви биде доставена документацијата?
Имајќи во предвид дека се работи за предмет со високо материјално значење, се работи за износ од 1,8 милиони евра, за спроведена постапка за јавна набавка, а каде што договорен орган е Министерството за надворешни работи а економски оператор е донатор на политичка партија. Знаете дека по нашиот закон имаме посебна надлежност да следиме избори донатори и сметки на политичките партии. Тоа беа првичните наши проценки, дека постојат ризици во соодветниот предмет и отворивме предмет. Во меѓувреме пристигна документацијата од МНР, предметот е распределен кај член, следствено на тоа и кај советник. Ќе се изврши анализа на добиените документи, ако имаме потреба, а веројатно е дека ќе имаме потреба за нешто дополнително, тоа ќе го побараме, ќе го изанализираме, и нашите сознанија ќе ги споделиме со јавноста, впрочем како што тоа редовно го правиме.
Османи сега побара ДКСК да го истражи случајот за Еуровиа, а претходно вицепремиерот Артан Груби рече дека не верува во вашите капацитети. Кој е вашиот коментар за нивнито поделено мислење на двајцата функционери?
По можеби тие најдобро треба да кажат за нивните мислења, наше е да работиме професионално, независно, непристрасно и да одговориме на сите барања и пријави кои стигнуваат до нашата институција, како и да отвориме предмети по допрен глас од вас медиумите кои доаѓате до сознанија што ние редовно го правиме.
Како да ви кажам, на обвинувањата на Артан Груби ние си одговоривме соодветно, нашите капацитети се тие, ако Артан Груби е еден од тие што се залага за влез на државата во ЕУ, добро е да ги види оценките на Европската Комисија упатени до нашата институција, кои што од година во година, институцијата бележи напредок и добри резултати во своето работење.
Она што останува на член на Влада, односно на Владата и државата во целина е да ги спроведат препораката на Европската Комисија, да се обезбедуваат средства за работа и да се зајакнуваат капацитетите на оваа институција. Иако, споредено со 2019 година се во голема мера подобрени, сепак според надлежностите предвидени во законот, оставени се можности тие да се зајакнат.
Како го коментирате тврдењето на министерот Бујар Османи, кој што е трет човек во ДУИ дека од медиумите дознал оти сопственикот на фирмата што го добила тендерот и неговата сопруга се донатори на партијата ?
Извештаите за донаторство во партиите се јавно објавени документи. Тој би требало да ги види и да знае кој ви ја финансира партијата. Јас лично не можам да верувам дека некој што е трет човек во партијата не знае кој е донаторот. Некако не ми е логично да верувам во тоа, од една страна, а од друга страна тоа се јавно објавени податоци кои секој може да ги види.
Кога сме кај донатори на партии, ова не е прв случај фирма да добие тендер, откако ќе донира за партија. На пример фирмата Арбериа десинг во 2015 година влезе во тие извештаи како донатор на партијата ДУИ, а од друга страна во изминативе години, добива тендери за печатење книги, свидетелства, организирање на настани, но се доби впечатокот во јавноста дека овие податоци за неа некако поминаа незабележливо од надлежните институции.
Ние исто така сме ја искоментирале и таа компанија и ги следиме донаторите особено во изборниот процес имаме достапност до трансакциските сметки на партиите и точно гледаме кои се донатори и колкав е износот на донациите. Така што тој ризик е покриен со контрола од нашата страна.
Сега работиме на случајот да се обезбеди системско следење, поврзано со економските оператори кои ги добиваат тендерите, меѓутоа има уште чекори додека да стигнеме до тоа ниво. Потпомогнати сме од ИПА проект, но сѐ уште е рано да се каже дека ќе се обезбеди тоа системско решение, што сметам дека ќе биде клучно да се обезбеди таквата контрола.
Многу големо внимание се посветува во останатите држави особено на овој круг на движење на парите, бидејќи се овозможува на овој начин партиите да си обезбедат дополнителни пари од буџетот. Затоа се вели дека ако се обезбеди намалување на корупцијата во државата, буџетот ќе обезбеди заштеда од 10 отсто, тоа се тие пари.
Поминаа два месеци откако американската администрација ја проширија црната листа со Јордан Камчев и Рамис Мерко, од Обвинителство по ова соопштение се раздвижија, открија 30 предмети условно кажано во фиоките против Мерко, тој оставка како политичка одговорност не си поднесе. Какви мерки сега очекувате од надлежните институции кон Мерко и Камчев по проширувањето на црната листа од американската администрација?
Нашата кривична пријава е поднесена во 2019 година, сега поднесовме и друга кривична пријава, исто поврзана со тој градоначалник, се работат и други предмети поврзани со таа општина и тој градоначалник. Постојано има предмети за градоначалникот Рамис Мерко. Што очекувам? Очекувам дека треба да се интензивира работењето на истражните органи на Јавното обвинителство и што побрзо да се изрече јавно обвинителска одлука за да може судот да си преземе активности односно да си донесе пресуда.
Тоа се вашите очекувања, а во пракса дали некој ви одговори на вашите иницијативи против Мерко?
Не, ние немаме одговори за тоа, дека само постапката е во тек, немаме нешто друго.
Случајот Труст, по вашето соопштение дека барате кривично гонење за конфискација на имотот на Трансмет, Обвинителството ја замрзна соработката со вас, иако само три дена претходно се договаравте како да ја подобрите . Што значи тоа за вас и вашата работа?
Па ние си продолживме да работиме како и претходно. Точно е дека со Обвинителството имавме склучено меморандум за соработка кој сам по себе значи израз на добра волја за соработка. Меѓутоа, нашите надлежности и нивните надлежности се изричито дефинирани во законите за спречување на корупција и законот за јавно обвинителство. Така што, не може да има отстапување од надлежностите кои нас ни се дефинирани во закон. Ние и натаму си доставуваме иницијативи за кривично гонење, ние ќе си продолжиме да си постапуваме како што нашиот закон ни налага. А како ќе си постапува обвинителството тоа си е нивна одговорност.
Дали сте задоволни од преземените мерките во Национален фронт за борба против корупција?
Не можам да бидам задоволна кога немаме резултати, немаме завршница. Ние ќе бидеме задоволни кога ќе видиме ефект од работењето, а тоа е да видиме завршница, да имаме судски решенија, судски одлуки. Ние немаме судски одлуки.
Како ја оценувате борбата односно состојбата со корупцијата во земјава?
За жал не можеме да констатираме дека имаме подобра состојба во државата односно дека сме напреднале во борбата. Како показатели како индикатори за сето ова се спроведените активности од институциите, а се предвидени во акцискиот план на Националната стратегија. Националната стратегија ја донесовме на еден инклузивен начин, беа вклучени самите институции кои сами даваа предлози како да се надминат ризиците од корупција. По донесување на Националната стратегија остана институциите да преземат мерки. Во 2021 година преземени се само 20 проценти , во 2022 година во овогодишниот извештај евидентирано е дека се преземени само 10 проценти. Ова укажува дека недостасува волја и капацитет, ама пред се волја, во самите институции да ги преземат активностите. Во вакви услови не можам да кажам дека состојбата е подобрена, напротив.
Целото интервју со претседателката на Државната комисија за спречување на корпуција Билјана Ивановска може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.