Достапни линкови

Аудито е на соседот, а боли како да е твое


Опожареното „ауди“ на соседот на вицепремиерот Артан Груби ги разгоре страстите изминатиот викенд. Сопартијците го осудија палењето на автомобилот на Груби, владата вели дека тоа е автомобилот што Груби го користел, а опозицијата бара вицепремиерот да одговара зошто прикрива имот. Обвинителство ќе истражува чие е возилото и кој го користел, а Антикорупциска има врзани раце.

  • Утрината на 22 јули во скопската населба Чаир било опожарено возилото кое медиумите прво го поврзаа со вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој е од редовите на ДУИ, коалиционен владин партнер во изминатите две децении.
  • Груби, кој е и прв вицепремиер, попладнето на Фејсбук напиша дека се соочил со напад, „само заради неговата професија“. А со напади и закани се соочувал континуирано, се пожали вицепремиерот.

„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија“, вели Груби во неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук.

  • Министерот за надворешни работи и сопартиец на Груби, Бујар Османи, го осуди подметнувањето на пожар на возилото на вицепремиерот Груби.
  • На осудите се приклучи уште еден министер од редовите на ДУИ, првиот човек на економија Крешник Бектеши.

„Изразувам жалење за обидот за напад на првиот вицепремиер Артан Груби“, напиша Бектеши на Фејсбук.

  • Од Владата и од владејачкиот СДСМ го осудија „палењето на возилото кое го користел првиот вицепремиер“.

И од Алијансата за Албанците, која е дел од владејачката коалиција, и покрај како што наведуваат, политички разлики и несогласувања, се против ваквите закани и вандалски напади.

  • Опозициска ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителство да отвори постапка против Груби за прикривање имот и за потенцијална злоупотреба на службена положба.


Од опозициската партија прашуваат „Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам, го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свие возило?

И од Беса, опозициска партија од албанскиот блок, повикуваат Груби да излезе на прес-конференција, наместо, како што велат, да лее крокодилски солзи и да одговори дали е вклучен во криминал и дали соработува со криминални структури кои сега сакаат да ги „расчистат сметките со него“.

Чиј е автомобилот?

  • Груби во последниот анкетен лист не пријавил автомобил ауди.

Во него останува само стариот Цитроен Ксара, вреден 1000 евра.

  • Опожареното возило се води на друго име, но Груби на Фејсбук не демантираше дека тој приватно го користен „аудито“.
  • Груби во 2020 поседувал ауди во вредност од 10 илјади евра, пишуваше Радио Слободна Европа, анализирајќи кој што поседува од министрите според анкетните листови.

Во новиот анкетен лист останува само стариот цитроен, податоци за ауди нема.
Снимките од опожареното ауди, пак, покажуваат дека станува збор за понов модел на ауди А6.

Инфографика - Што поседува вицепремиерот Артан Груби според анкетниот лист
Инфографика - Што поседува вицепремиерот Артан Груби според анкетниот лист
  • Министерството за внатрешни работи во врска со случајот наведе дека е опожарениот автомобил е во сопственост на 35-годишен човек со иницијали Б.Л.

Според неделникот Фокус, се работи за Беким Лимани, кој го паркирал возилото, а автомобилот бил на фирма. Лимани е еден од сопствениците на „Еуро Ком Лигхтинг“, компанија, за која исто така пишуваше неделникот, дека купила хотел на Попова Шапка од градежната компанија Гранит, за само 55 илјади евра.

Договорот за купопродажба паднал непосредно пред Гранит да го склучи вториот договор со Јавното претпријатие за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на траса од автопатот до Блаце од 2 километри.
На автомобилот, што Груби само го користел, имало флешери и звучна сигнализација, кави што користат возила под придружба, како полициските.

Што ако функционер прикрива имот?

Јавното обвинителство ќе истражува и кога е купено, чие е и кој го користи аудито. А Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) е органот кој евидентира и следи имотна состојба на функционерите, велат од Обвинителството. Доколку проверките упатуваа на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството ќе постапи по нив.

Но од ДКСК велат дека според сегашните закони рацете им се врзани, односно не може да отворат постапка на возилото оти тоа е во туѓа сопственост. Повторно посочуваат дека треба да се донесе Закон за потекло на имот, нешто што со години се иницира и се останува на тоа.

„Уште еднаш укажувам дека е неопходно донесувањето на Закон за потекло на имот, што ќе важи за сите граѓани и ќе наметне обврска да го пријават имотот но и изворот на средствата со кои го купиле тој имот“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за ТВ 21.

Обвинителството минатата недела ја замрзна соработката со Антикорупциска комисија, обвинувајќи ја дека се однесува неодговорно за случајот „Труст“.

Во Антикорупциска не верува ниту Груби, кој во телевизиско интервју на 27 јули рече дека Комисијата за борба со корупција нема ниту капацитет, ниту успеси.
Антикорупциска на 27 април отвори предмет за Артан Груби и го испитува неговиот имот и имотот на членовите на неговото семејство, откако ВМРО-ДПМНЕ со документи обвини дека неговиот брат за 100 илјади евра купил деловен простор од 127 метри квадратни во строгиот центар на Скопје. Имот кој според партијата вреди до половина милион евра.

Кривичниот законик, пак, предвидува казна од шест месеци до пет години и парична казна за службено лице ако прикрива потекло на несразмерно стекнат имот. Функционер може да биде казнет ако дава лажни податоци за своите приходи, или ако се утврди дека има поголем имот од што може да си дозволи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG