Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени кои се хоспитализирани низ болниците низ Северна Македонија е 155.
Ова се последните информации за статистиката на загинати и повредени која ја соопшти министерот за внатрешени работи Панче Тошковски на прес-конференцијата одржана на 16 март.
Министерството за внатрешни работи во координација со Јавното обвинителство до овој момент има осомничено 20 лица, од кои 15 се во полициска станица во врска со синоќешниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
За четирите лица за кои беше распишана централна потерница, Тошковски информираше дека се обезбедени.
„Дел од осомничените за предизвикување на овој настан се починати, согласно сомненијата кои ги имаме досега, дел се во болница. Четири лица имаме обезбедено во болница, два члена во бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое ја менаџирало дискотеката. Дел од приведените лица кои се во полициска станица, се луѓе кои имаат директна вина со настанот согласно доказите досега“, рече Тошковски.
Меѓу загинатите, како што кажа Тошковски, е и еден полицаец кој синоќа бил дел од акцијата за спроведување контрола низ дискотеки и угостителски објекти во повеќе локации во Северна Македонија. Еден од објектите била токму и дискотеката каде се случи трагедијата.
Станувало збор за однапред планирала акција за контрола за недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во ноќните клубови. Загинатиот полицаец од Пробиштип, кој како што кажа Тошковски, требало да биде награден за најдобар полицаец на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип.
„За жал, ќе биде одликуван постхумно“, рече Тошковски.
Осомничени над 20 лица
Според информациите кои ги сподели министерот, приведено е едно лице кое е организиратор на настанот за кое постои сомнение дека е еден од оние кои имаат директна вина.
Приведени се и поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен и сегашен раководител на сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени, организаторите на самиот настан, некои биле во рамките на обебзедување и дел на други активности кои се случувале вечерта.
Во рамки на акцијата, надлежните органи прегледуваат документи од Министерството за економија, кое е надлежно за издавање лиценци и документација за вакви угостителски објекти.
Министерот Тошковски кажа дека фирмата имала нелегална лицанца издадена во 2024 година, која е фалсификувана и добиена на коруптвен начин.
„Не би сакал да откривам повеќе детали бидејќи сме во рана фаза од истражната постапка. И оваа лиценца и многу други работи во Македонија е поврзана со мито и корупција. За разлика од претходно, имаат име и презиме на оние кои се вклучени во нелегалното издавање на лиценците и тие ќе одговораат“, посочи Тошковски.
Повредените гости во ноќниот клуб во Кочани се распоредени низ болниците во Штип и во Скопје.
„Имало околу 500 лица, 250 карти се продадени. Имињата на починатите, по завршување на идентификацијата ќе бидат доставени до семејствата. Идентификувани се најголем број од жртвите, сите тела се извадени од лице место. Во критична состојба има 22 лица и дел од овие лица ќе бидат пренесени во Бугарија, Грција и таму ќе им се даде соодветен третман за лекување“, изјави Тошковски.
Трагедијата се случи за време на музички настап на познатото македонско дуо ДНК. Еден од членовите, како што соопшти семејството, е со изгореници на телото и е на кислородна поддршка. Со еден од членовите полицијата извршила разговор.
Министерот соопшти дека премиери и шефови на држави и од регионот и од Европа веќе разговарале со премиерот Христијан Мицкоски и понудиле помош. Меѓу нив е и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
На дел од прашањата поврзани со трагедијата во Кочани, министерот рече дека во овој момент не може да одговори за да не ја загрози истрагата.
Тој рече дека чувствува и морална одговорност.
„Чувствувам морална одговорност и мислам дека секој еден што бил и барем два дена на функција во државата, треба да ја чувствува“, рече Тошковски.
Обвинителството формираше тим и верува ефикасна истрага
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија формираше обвинителски тим кој ќе раководи со истражните дејствија поврзани со пожарот во Кочани. Тие веќе се на терен во градот на истокот.
„Во моментов не можам да кажам како настанал пожарот. Ние во моментов издаваме наредби во однос на одговорноста вертикална и хоризонтална за евентуалните лица кои можат да се инволвирани и да носат одговорност. Во МВР има одредени лица кои веќе даваат изјави, а денеска веќе ќе дадеме наредби и ние. Не можеме да кажеме колку лица се повикани на распит“, изјави Коцевски.
Тројца обвинители вршат увид на лице место, причините допрва ќе се утврдуваат рече Коцевски.
Првичните сознанија се такви дека е настанат пожарот од пиротехнички материјали потврди обвинителот и рече дека во моментов се издаваат наредби за вештачења и собирање докази во однос на тоа како е изграден објектот, дали имало дозвола, дали ги исполнува условите се работи на тоа. За сега се уште се утврдува и бројот на присутсни во моментот на настанот.
Тој им вети на семејствата дека истрагата ќе биде целосна и брза, а ќе се ангажираат и вештаци од сите области.
Семејствата и роднините чекаат пред болниците
Родители чии деца се хоспитализирани во Штипската болница по пожарот во дискотеката во Кочани се пуштаат во болницата за да си ги видат децата.
Во Општата болница во Кочани пристигнаа и триесетина возила од погребални претпријатија и од Армината на Северна Македонија, кои треба да ги транспортираат телата на загинатите на обдукција во Скопје.
Како што јавија повеќе медиуми, роднини и блиски на починатите се противат на ваквата одлука и спонтано го блокирале влезот во болницата. Тие бараат телата веднаш да им бидат предадени на семејствата.
Пред болницата има полиција и волонтери од Црвен крст кои им пружаат помош на семејствата.
Од кочанската болница во текот на денот изјавија дека повредените кај нив се со изгореници на лицето и екстремитетите.
„Починати се многу, но додека не заврши идентификација не можеме да ви дадеме точна бројка, донесувани беа починати или во моментот кога доаѓаа починуваа. Тешко е да се идентификуваат, дел имаа лични карти, а дел немаа, тие што имаа долкументи се идентификувани. Сега очекуваме роднини да ги препознаат останатите, но тоа е веќе надлежност на Јавното обвинителство. Меѓу починатите имаше на возраст од 14 до 25 години а меѓу нив има од Штип, Кочани, Пробиштип и Скопје“, Кристина Серафимова, директор на болницата во Кочани.
И малолетници се меѓу оние кои се во критична состојба, потврди министерот за здравство, Арбен Таравари.
„Хоспитализирани во ГОБ 8 ми Септември се 17 лица, во Штип во клиничката болница се 39, а во Кочани 30. Околу 18 пациенти се во критична состојба и тие се во скопските болници“, рече тој.
Владата прогласи седумдневна жалост
По повод трагичната несреќа во Кочани во која, според официјалните информации досега животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени, Владата прогласи седумдневна жалост.
Владата на Северна Македонија ја започна денешната седница на 16 март со едноминутно молчење со што им оддаде почит на трагично загинатите во пожарот во Кочани. Донесе одлука за прогласување седумдневна жалост на територија на целата држава, а во Министерството за надворешни работи ќе биде отворена книга на жалост.
„Владата донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи“, се наведува во соопштението објавено на владината веб страница.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.
„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија. Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори. Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
И Владата на Република Србија на утрешната седница, на предлог на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ќе го прогласи вторник 18 март 2025 година за Ден на жалост во Република Србија поради трагедијата во Република Северна Македонија, соопшти српската влада.
Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ изрази длабоко сочувство за трагедијата и изрази подготвеност од страна на неговата држава да помогне.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да ја пружи секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.
По повод трагедијата во Северна Македонија, во која загинаа 59 лица, а над 150 се повредени, 17 март ќе биде прогласен за ден на жалост и во Црна Гора.
Пораки за сочувство од премиери, претседатели, амбасадори
Пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој според досегашните информации загинаа 59 лица, 1 55 се повредени е вест во многу регионални, европски медиуми и новински агенции.
Пораки за изразување на „сочувство и тага за трагедијата“ испратија голем број на европски лидери, политичари, амбасади и амбасадори.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, упати сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани.
„Срцето ми се кине утрово за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство го упатуваме до жртвите и нивните најблиски во ова ужасно време, а им посакуваме брзо закрепнување на повредените. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија“, наведува Агелер во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата на САД во земјава.
Сочувство до семејствата на загинатите стигна и од украинскиот претседател Володомир Зеленски.
„Трагична вест за смртоносен пожар во Кочани. Мое сочувство до фамилиите и блиските на жртвите, до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до македонскиот народ. Им посакувам брзо закрепнување на повредените. Украина жали заедно со македонските пријатели на овој тажен ден“, напиша Зеленски.
Освен Зеленски, пораки за сочувство испратија и претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, премиерот на Косово, Албин Курти и многу други политичари и амбасади.