Достапни линкови

 
Иран и САД ќе се сретнат во Оман, покрај големите тензии и ниската доверба

Иран и САД ќе се сретнат во Оман, покрај големите тензии и ниската доверба


Маж и жена поминуваат крај мурал насликан на фасадата на поранешната американска амбасада во Техеран, на кој е прикажан ирански службеник во цивил како седи наспроти американски службеник во воена облека
Маж и жена поминуваат крај мурал насликан на фасадата на поранешната американска амбасада во Техеран, на кој е прикажан ирански службеник во цивил како седи наспроти американски службеник во воена облека

Иран никогаш не бил поблиску до развој на нуклеарно оружје. Американскиот притисок врз Исламската република ретко кога бил поинтензивен.

Со високи тензии и ниска доверба, иранските и американските преговарачи се состануваат во Оман на 12 април во обид да ја решат длабоката нуклеарна криза.

Разговорите доаѓаат во време на зголемени закани од Вашингтон, вклучувајќи го и предупредувањето на претседателот Доналд Трамп на 9 април дека „ако е потребно“, САД „апсолутно“ ќе употребат воена сила против Иран, а Израел е подготвен да игра водечка улога.

Иран одговори пркосно, сигнализирајќи го високиот влог за двете земји и поширокиот регион кога делегациите ќе се состанат во Оман.

„Сериозно и со искрена грижа, и даваме вистинска шанса на дипломатијата. САД треба да ја ценат оваа одлука донесена и покрај преовладувачката конфронтирачка врева“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Багаи на социјалната платформа X порано позната како Твитер на 11 април.

Форматот на состанокот е спорен, бидејќи САД инсистираат на тоа дека разговорите ќе бидат директни, а Иран го тврди спротивното. Покрај прашањето за форматот, патот до овие разговори беше долг и неизвесен.

Како стигнавме дотука ?

Разговорите означуваат уште едно поглавје во напнатиот однос Иран-САД, кој е обележан со циклуси на дипломатија и конфронтација.

Нуклеарниот договор од 2015 година - формално познат како „Заеднички сеопфатен план за акција“ (JCPOA) - понуди надеж за попуштање на напнатоста во меѓународните односи. Но, повлекувањето на Вашингтон во 2018 година за време на првиот мандат на Трамп предизвика спирала од санкции, по што и Техеран започна со збогатување ураниум.

Европските сили се обидоа да го спасат Нуклеарниот договор со лансирање на, како што го нарекоа, „Инструмент за поддршка на трговската размена“ (INSTEX), кој требаше да ги олесни трансакциите без долари со Иран за да избегне кршење на американските санкции и да го одврати Иран да се откаже од своите обврски.

Во пракса, преку тој механизам е направена само една трансакција и таа е укината во 2023 година.

Иранската економија, поттикната од нуклеарниот договор, претрпе голем удар кога кампањата за „максимален притисок“ на Трамп значително ја намали продажбата на иранската нафта.

Набргу откако Џо Бајден го наследи Трамп во Белата куќа во 2021 година, Иран и САД започнаа серија индиректни разговори за заживување на нуклеарниот договор. Нацрт-договорот беше подготвен од Европската Унија, која беше координатор на JCPOA, но тој никогаш не беше потпишан.

Разговорите престанаа во 2022 година и оттогаш се замрзнати.

Што е на „маса“?

Трамп јасно стави до знаење што сака: на Иран не може да му се дозволи да има нуклеарно оружје. Сепак, останува нејасно дали тој сака да ги ограничи нуклеарните активности на Иран или целосно да ги прекине.

Иран е подготвен да понуди гаранции дека не сака да направи бомба, но ја отфрли идејата за целосно ставање крај на својата нуклеарна програма.

И покрај обидите да изгледа самоуверено и тврдењата дека може да ги неутрализира американските санкции, Техеран има очајна потреба од договор.

Економијата на Иран е веројатно во најлоша состојба досега и нејзината валута паѓа речиси на дневна основа во однос на доларот.

Куповната моќ на луѓето продолжува да се намалува, а недостигот на електрична енергија стана постојана карактеристика на летото и зимата и покрај глобалниот статус на Иран како земја богата со енергија.

За САД, спречувањето на Иран да се здобие со нуклеарно оружје е главен приоритет.

Иран збогатува ураниум до 60 проценти чистота, што се смета за блиску до нивото потребно за оружје. Во меѓувреме Техеран акумулирал доволно ураниум за да направи неколку бомби, ако одлучи да го стори тоа.

Техеран инсистира на тоа дека неговата нуклеарна програма е мирољубива и дека никогаш не барал атомско оружје.

Сепак, додека администрацијата на Трамп продолжува да ја зголемува веројатноста за воени напади врз иранските нуклеарни постројки, се поголем број ирански официјални лица навестија дека Техеран ќе развие нуклеарно оружје доколку биде заглавен.

Проценките сугерираат дека Иран може да збогати доволно ураниум за една бомба за помалку од една недела и доволно за неколку бомби во рок од еден месец.

Во пресрет на разговорите во Оман, Вашингтон се обиде дополнително да го зголеми притисокот. На 9 април, американското Министерство за финансии објави санкции против пет ентитети и еден поединец од Иран за нивната поддршка на иранската нуклеарна програма, вклучително и Организацијата за атомска енергија на Иран (AEOI).

Мохамед Гаеди, предавач на одделот за политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон, изјави за Радио Фарда (иранскиот сервис на Радио Слободна Европа) дека новите санкции главно служат за зајакнување на позицијата на САД во однос на Иран за време на преговорите.

На 9 април Трамп повторно предупреди дека доколку не се постигне договор со Техеран, САД ќе прибегнат кон воена акција за да ја неутрализираат иранската нуклеарна програма.

„Израел очигледно ќе биде многу вклучен во тоа. Тие ќе го водат“, рече тој.

Али Шамхани, помошник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, одговори дека континуираните закани за воена конфронтација ќе го принудат Иран да ги протера инспекторите на ОН и да ги „преврти испрати ураниум на безбедни места“.

Кои се преговарачите?

Иранскиот преговарачки тим е предводен од министерот за надворешни работи Абас Аракчи, дипломат од кариера, кој беше и висок и главен преговарач за нуклеарната програма. Тој беше силно вклучен во преговорите за Нуклеарниот договор во 2015 година, а потоа водеше индиректни преговори со САД за заживување на договорот, по одлуката на Трамп за повлекување во 2018 година.

Стив Виткоф, пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, ќе биде главен преговарач на Вашингтон за нуклеарната програма. Милијардер, инвеститор во недвижности, Виткоф нема дипломатско искуство, но има централна улога во преговорите со високи влогови откако се приклучи на кабинетот на Трамп.

На 11 април, Виткоф беше во ненадејна посета на Русија, близок сојузник на Иран, додека беше на пат за Оман.

Детали од разговорите во Санкт Петербург не беа објавени, но Кремљ даде неколку понуди да помогне во изнаоѓањето дипломатско решение меѓу Техеран и Вашингтон.


„(Виткоф) се занимава со многу работи и можеби не е во чекор со техничките дискусии кои најверојатно ќе доминираат на состаноците во Оман“, изјави за РСЕ Грегори Бру, висок аналитичар за Иран во Групацијата Евроазија со седиште во Њујорк.

„Аракчи е вешт дипломат со долгогодишно искуство. Ако Виткоф не биде поддржан од силен тим со експертиза, тоа може да ги комплицира разговорите“, додаде тој.

Оман често го премостуваше јазот меѓу двете страни преку дискретна дипломатија, вклучително и преговорите на тајниот канал што доведоа до JCPOA. Сега Мускат е подготвен повторно да биде домаќин на разговорите, со двете страни претпазливи, но свесни за ризиците од неуспех.

XS
SM
MD
LG