Истражувањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) откри дека членови на семејството на украински пратеник од партијата „Слуга на народот“ на претседателот Володимир Зеленски поседуваат имот во Дубаи во вредност од над 1 милион долари – што е многу повеќе од она што може да си го дозволат со нивните официјални приходи.
Ова откритие следи по претходните наоди на РСЕ за тајни имоти во Дубаи во сопственост на членови на семејствата на десет високи сегашни и поранешни украински функционери.
Последните информации се однесуваат на ќерката и внукот на Хенадиј Касаи, кој е член на Комисијата за одбрана во украинскиот парламент.
Информациите доаѓаат од протечените податоци од различни владини регистри во Обединетите Арапски Емирати. Тие податоци беа добиени и потврдени од Шеми, истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ, во соработка со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).
Според овие податоци, семејството Касаи поседува четири станови во престижни станбени комплекси, купени меѓу 2022 и 2023 година.
Во април 2022 година, Полина Касаи, тогаш 22-годишна, купила стан со две спални соби во станбениот комплекс „Дубаи Гејт 2“ за 310.000 долари.
Истиот месец, 25-годишниот Олександар Касаи, купил стан во станбениот комплекс „Студио еден“ за 202.500 долари. Тој купил уште два имота за речиси 330.000 американски долари во август 2022 година и 240.000 долари во февруари 2023 година.
Според тие записи, семејството Касаи поседува четири станови во висококвалитетни станбени комплекси кои ги купиле меѓу 2022 и 2023 година.
Според нејзиниот профил на веб-страница за услуги за хонорарци, Полина Касаи заработувала помеѓу 6 и 40 долари по проект, како менаџерка на содржина во 2019 година. Според нејзиниот профил на Фејсбук, таа моментално е виша менаџерка за содржина на украинско-израелската медицинска волонтерска мисија ФРИДА Украина.
Од извор со пристап до податоците за личниот доход, Шеми дознале дека официјалната заработка на Полина Касаи во изминатите три и пол години изнесувала околу 70.000 долари.
На прашањето за коментар, Полина Касаи ја спушти слушалката откако беше прашана за нејзиниот имот во Дубаи.
Пратеникот Хенадиј Касаи и неговата сопруга, според неговата официјална изјава за имотната состојба, заработиле околу 60.000 долари во последните три години, при што најголемиот дел од нивната заработка е од пратеничка плата.
Нивниот внук Олександр, исто така, не одговори на нашето барање за коментар за потеклото на средствата.
Тој беше професионален ракометар, со деловни интереси во две украински компании: 7 проценти во украинска компанија MS AVIA-GRADE и 10 проценти во маркетинг агенција во загуба, наречена Borscht. Ништо од ова реално не би можело да обезбеди приход со кој може да се купи неговиот имот.
Олександр имал деловен интерес и во Турција, каде што бил косопственик на компанија наречена Vector Avia, која добила договор од 27 милиони долари од украинското Министерство за одбрана, за воени униформи.
Според Украинската служба за безбедност (СБУ), која спровела кривична истрага за ова прашање, облеката која Vector Avia ја испорачала во Украина, била со несоодветен квалитет и го чинела министерството три пати повеќе од цената наведена во турските царински декларации.
Правосудните органи известија за сомнеж за двајца функционери на Министерството за одбрана, тврдејќи дека тие меѓусебно се согласиле да соработуваат со Vector Avia за проневера на 27 милиони американски долари од јавни средства.
Но, обвинет е само еден од косопствениците на Vector Avia, а тој не е внукoт на пратеникот.
Олександр Касаи ја напушти компанијата пред да биде покренато обвинението.
Шеми побара од СБУ да објасни зошто од двајцата косопственици на Vector Aviа во времето на склучување на договорот, обвиниле само еден: Роман Плетнев, исто така украински државјанин.
СБУ не одговори на ова прашање.
Плетнев побегна од Украина во Турција во 2022 година. Се чини дека и неговиот поранешен деловен партнер и внук на пратеникот, Олександр Касаи, исто така, ја напуштил Украина.
Според информациите кои Шеми ги доби од извори со пристап до податоците за граничните премини, Олександр Касаи ја напуштил Украина во мај 2023 година и не се вратил. Со одредени исклучоци, на мажите во Украина на возраст меѓу 18 и 60 години им е забрането да ја напуштат земјата поради руската инвазија.
Во писмениот одговор на новинарските прашања, Хенадиј Касаи изјави дека неговата ќерка и внук се полнолетни, финансиски независни и живеат одвоено.
Тој не можеше да го објасни потеклото на милион долари потрошени за недвижен имот во Дубаи, а негираше каква било вмешаност во договорот за набавка на воени униформи од компанијата на неговиот внук.