Достапни линкови

Фон дер Лајен во Киев додека Украина бележи нови жртви од руските напади


Украинскиот претседател Влодимир Зеленски ја пречека шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на железничката станица во Киев, 4 ноември, 2023
Украинскиот претседател Влодимир Зеленски ја пречека шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на железничката станица во Киев, 4 ноември, 2023

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пристигна во ненејавена посета на Киев на 4 ноември и беше пречекана од украинскиот претседател Влодимир Зеленски на железничката станица.

Посетата на Фон дер Лајен доаѓа во време кога Украина бележи нови жртви во најновите напади од руска страна.

„Тука сум да разговарам за пристапниот пат на Украина во ЕУ. Финансиската поддршка на ЕУ за обнова на Украина како модерна, просперитетна демократија. И како ќе продолжиме да ја натераме Русија да плати за својата воена агресија“, напиша таа на платформата X, порано позната како Твитер.

Претседателот на Украина, Зеленски, на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен рече дека Украина е посветена на продолжување на реформите за членство во ЕУ, вклучително и на зајакнувањето на чекорите за борба со корупцијата.

Стоејќи до претседателот Володимир Зеленски, таа рече дека Украина постигнала напредок и покрај војната со Русија, нагласувајќи ги судските реформи во Киев.

„Морам да кажам дека постигнавте одличен напредок“, рече таа на заедничката прес-конференција во Киев.

Посетата на шефицата на Европската комисија доаѓа пред извештајот што Европската унија се очекува да го претстави следната недела за напредокот на Украина во нејзината кандидатура за членство.

Извештајот што треба да се објави на 8 ноември треба да покаже до каде стигнала Украина во исполнувањето на економските, правните и другите критериуми потребни за започнување на пристапните преговори што се очекува да започнат во декември.

„Украинската влада ги спроведе сите чекори потребни за да се осигура нејзината подготвеност“, рече Зеленски, ветувајќи дека ќе продолжи со реформите.

„Оваа посета доаѓа во историски момент ... кога чекаме политичка одлука за Украина. Оваа одлука ќе има клучно влијание не само за Украина, туку и за цела Европа“, рече Зеленски.

„Украина не застанува со трансформирање на нашите институции, реформите ќе продолжат“, додаде тој.

Украина поднесе барање за пристапување во Европската унија неколку дена по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година. Дваесет и седумте членки на ЕУ на самитот во декември треба да одлучат дали да му дозволат на Киев да започне пристапни преговори, потег што бара едногласна поддршка од сите членки.

Нови руски напади

Најмалку 14 цивили се ранети во најновите руски напади во Украина, соопштија официјални лица.

Во селото Заричне во регионот Запорожје, девет лица се повредени во руски ракетен напад, изјави шефот на регионалната воена администрација Јуриј Малашко.

Вкупно, 26 градови и населби во регионот беа нападнати во текот на изминатиот ден, рече Малашко.

Во областа Херсон пет лица се повредени, изјави регионалниот гувернер Олександр Прокудин. Тој рече дека нападите доаѓале од артилерија, минофрлачи, беспилотни летала, воени авиони и тенкови.

Претходно, украинската војска објави дека руските сили продолжуваат да го напаѓаат клучниот источен украински град Авдијевка.

Во дневниот извештај на 4 ноември, Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека руските инвазивни сили „со поддршка на авиони не престануваат да се обидуваат да ја опколат Авдијевка“, на само неколку километри од градот Доњецк окупиран од Русија.

Украинската војска тврди дека обидите на руската армија да напредува во и околу Авдијевка во изминатите 24 часа биле неуспешни, со одбиени „20 непријателски напади“.

Украинската војска, исто така, извести дека украинските сили одбиле 10 напади околу Купјанск, град на североистокот кој првпат беше заземен од Русија, но повторно заземен од украинските сили во брзата офанзива кон крајот на минатата година. Радио Слободна Европа (РСЕ) не можеше да ги потврди овие наводи.

Руската војска се фокусираше на источните региони Доњецк и Луганск, откако се откажа од првичната цел да го заземе Киев во првите денови од целосната инвазија во февруари 2022 година.

Руските сили го зазедоа Бахмут во мај по неколкумесечни борби, а од средината на октомври своите напади ги насочија кон Авдијевка, потенцијална порта за Доњецк, која ја држат руските сили и нивните поддржувачи од 2014 година.

Украинските енергетски гиганти се подготвуваат за одбрана од Русите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Зеленски назначи нов командант на специјалните сили

Во меѓувреме, Зеленски назначи нов командант на специјалните сили, но офицерот кој беше сменет рече дека не му било кажано зошто.

Зеленски во видео обраќање во текот на ноќта на 3 ноември рече дека полковникот Серхи Лупанчук сега ќе ги води силите, опишувајќи го како „искусен, борбен офицер и вистинскиот човек за командување“.

Зеленски рече дека генерал-полковник Виктор Хоренко, кој ги предводеше силите од јули 2022 година, „ќе продолжи да извршува специјални задачи“ во Дирекцијата за разузнавање на Министерството за одбрана.

Хоренко во интервју рече дека не му било кажано зошто бил разрешен со најновата воена реконструкција.

„Јас лично не ги знам причините. Можам само да кажам дека за ова дознав од медиумите“, изјави Хоренко за весникот „Украинска правда“.

Зеленски оваа недела ја пофали војската на Украина за намалување на военото присуство на Москва во Црното Море преку зголемени воздушни и поморски напади со беспилотни летала против руски воени цели.

Зеленски ги отфрли западните критики дека украинската контраофанзива започната во јуни се движи премногу бавно.

XS
SM
MD
LG