Достапни линкови

Фалат уште 7 милиони евра за да се исчисти малата депонија во ОХИС


Чистење на линдан од ОХИС (фотоархива).
Чистење на линдан од ОХИС (фотоархива).

Од кругот на Охис треба да се исчистат уште околу два базени со линдан и околната контаминирана почва само од малата депонија. Но, потребната сума двојно порасна и властите очекуваат пари преку „други извори на финансирање“. За големата депонија и месноста Пеленица не се знае ни кога може да почне чистењето. Овој опасен отпад со децении ја загадува почвата, а преку подземните води го контаминираше и зеленчукот што го одгледува околното население.

„За една година треба да се исчисти линданот од малата депонија во ОХИС“. Вакви беа најавите на власта во јули 2021 кога започна подготовката на теренот во кругот поранешната фабрика, некогашен хемиски гигант, за отстранување на токсичниот отпад. По повеќе од три години, не само што не исчистена малата депонија, туку и не може да се каже кога точно ќе заврши.

Досега, извадени се четири лота, а ќе има и петти, можеби и шести лот, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Тоа ќе зависи од количините на ископана земја односно отпад, како и од тоа колку пари ќе има во т.н. Мултипартнерски фонд со кој управува Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС).

За да се заврши сето тоа, во моментов недостигаат пари.

„За да се комплетира чистењето на малата депонија потребни сè уште приближно 7 милиони евра, кои во моментов недостасуваат во Мултипартнерскиот фонд за животна средина. За таа цел ќе треба да се мобилизираат средства и од сопствени, но и од нови извори на финансирање. Се очекува дека согласно договорот кој го потпиша УНОПС со Владата на РСМ, тој ќе обезбеди дополнителни средства од други извори на финансирање, бидејќи една од нивните задачи е и мобилизирање на средства“, велат од Министерството за животна средина за РСЕ.

Сумата од седум милиони која недостига е приближна до онаа што се очекуваше дека ќе биде потребна за целосно да се исчисти малата депонија.

„Проценетата вредност на комплетното чистење и уништување на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС изнесува приближно 8 милиони евра“, гласеше информацијата од Владата објавена на 13 јули 2021 кога започнаа теренските подготовки.

Што ја речиси ја удвои сумата за чистењето, не посочуваат во одговорот од Министерството.

Линданот е пестицид кој некогаш се користел во земјоделството, а се правел во ОХИС, хемиски гигант каде се произведувале и прашоци за перење, сјај, бои, лакови…

Линданот таму се произведувал од 1964 до 1977 година.

Денес, линданот се смета за токсична канцерогена супстанција која го загадува воздухот, почвите и подземните води. Во светот тој е забранет за користење од 2006 година и е на листата Перзистентни органски супстанции според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

Неговото склaдирање во кругот на поранешната фабрика, го направи ОХИС „темпирана бомба“ за Скопје. Според податоците кои во своите истражувања од минатите години ги наведе Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО), потенцијално изложени на линданот секојдневно се 470.000 жители на главниот град, со можни канцерогени ефекти врз нивното здравје, како што е рак на црн дроб или на бубрези, но и болести на имунолошкиот систем и други не-канцерогени ефекти.

Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.
Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

Големата депонија и Пеленица на чекање

А, малата депонија во која проценките беа дека има вкупно околу 13 илјади тони линдан, е само помалиот дел од работата. Тука е и големата депонија за која се претпоставува дека има 50 илјади тони линдан. Но, и месноста Пеленица во скопско Драчево, каде, исто така, се фрлал линдан, а за каде истражувањата покажаа дека тлеат 40 илјади тони контаминирана почва.

Но, што и како ќе се прави, во моментов нема одлука. Ќе се чека прво да се исчисти малата депонија.

„Со оглед дека сè уште се работи на завршување на активноста за чистење на малата депонија, сè уште не е донесена одлука за други активности, меѓу кои и за чистењето на месноста Пеленица. За чистење на оваа месност, согласно резултатите од направеното истражување понудени се три опции со различни финансиски апликации. Но, понатамошните активности ќе се разгледуваат по завршувањето на чистењето на малата депонија, бидејќи и тие секако ќе побаруваат големи финансиски средства“, велат од Министерството за животна средина.

Првиот човек во овој ресор Изет Меџити, кој е и прв вицепремиер во Владата која беше избрана пред на крајот на јуни годинава, во интервју за РСЕ, рече дека посакува линданот да се исти во неговиот четиригодишен мандат.

„Работиме интензивно и го сакаме тоа, не само ОХИС туку и другите црни точки кои се ризични за граѓаните“, рече Меџити.

Според податоците, од малата депонија од четирите лота е ископано и спакувано околу две илјади тони отпад линдан и 500 тони контаминирана земја.

Проценките на доскорешниот директор на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, беа дека за чистење на големата депонија кај ОХИС „сигурно ќе требаат некаде околу 60 милиони евра, а исто толку и за Пеленица“.

На Пеленица, која често се користеше за излетничко место кое често го посетуваа и деца, местото каде е контаминираната почва од пред три години е оградено за да се спречи пристап до него.

Како се чисти линданот?

Линданот во малата депонија додека работел ОХИС се складирал во пет базени. Според објаснувањето на лицата вклучени во процесот, станува збор за базени од 30 метри, со ширина од четири метри и висина од околу три метри.

За изведувач на расчистувањето на малата депонија, пред околу три години, беше избрана грчката компанија Полиеко.

„Контаминираната почва се товари во специјални контејнери кои се чуваат таму, а линданот преку машина за полнење се товари во палети со по четири буриња – една палета околу е околу еден тон. Се одбележуваат, се мери, се евидентира и потоа палетите со буриња се товарат во контејнери и се изнесуваат надвор од државата“, објаснува за РСЕ биологот Трајче Манев, претставник на фирмата Деконс Ема која е локална поддршка на холандската консултантска фирма ангажирана во проектот.

Извозот на линданот и контаминираната земја е во Франција и Германија, на согорување односно на преработка на почвата.

Кога е во прашање големата депонија, пак, како што посочува Манев, во моментов не може да се каже ништо за процесот бидејќи веројатно таа ќе се чисти со различна методологија.

Контаминирана храна и на трпезите

Манев потсетува дека пред да се започне со работа се опфатил и аспектот за оценување на влијанието на животната средина, па „Полиеко“ на неколку има ставено мерни инструменти за да се следи концентрацијата на HCH, како и дека е направен „систем за негативен притисок“ односно малата депонија е покриена со шатор за да се спречи контаминацијата на надворешниот воздух.

А, за контаминацијата што досега ја направил линданот говорат и досегашните истражувања. Во споменатиот документ на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО), каде се наведува дека на линданот се изложени 470.000 жители на Скопје, се посочува дека жителите кои живеат во близина на депониите ги употребуваат подземните води за наводнување на градините и полињата.

„Контакт со подземните води и почвата се случува за време на вршењето на градинарските работи, а понатаму домашниот зеленчук е дел од исхраната на жителите“, се вели во документот на УНИДО.

Дополнително, прашина и ситни честички, како што посочија и истражувањата, се транспортирале и преку ветерот.

Графика за линдан кај ОХИС
Графика за линдан кај ОХИС

ОХИС не е единствената жешка точка

Иако се смета дека е најопасна, ОХИС не е единствената депонија која важи за жешка точка во Северна Македонија. Власта, пак, најавува нова стратегија за справување со нив.

„За жал, не е само линданот во ОХИС. Слично е и со Југохром со отпадот кој е штетен и ризичен. Исто е и со Ваксинце-Лојане, со Велес. Работиме на поширока стратегија како да се спасиме од овие штетни отпади“, вели министерот за животна средина, Изет Меџити, за РСЕ.

Кај Велес депонијата со згура е „наследство“ од некогашната топилница во градот. Од рудникот во близина на Лојане, пак, луѓето од ова и околните места, како Ваксинце, се соочуваат со депонија од арсенски отпад.

Историска е депонијата и од фабриката Југохром во тетовско каде отпадот содржи шествалентен хром. Таму се смета дека има околу два милиони тони индустриски отпад кој е во допир со подземните води и може да го загрози и изворот Рашче од каде доаѓа речиси 90 отсто од водата за пиење во Скопје.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG