Поддршката што Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), ја даде на Украинска православна црква, која е блиска до Москва и беше забранета од украинскиот парламент во август 2024 година, е очекувана. Тоа укажува како МПЦ-ОА понатаму ќе се позиционира во однос на украинското црковно прашање.
Ова е оценката што ја дава долгогодишниот новинар и верски аналитичар, Бранко Ѓорѓевски, во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) откако Синодот на МПЦ-ОА на седница на 12 септември, направи потег поддржувајќи ја Украинската православна црква.
Украинската православна црква (УПЦ) е една од двете најголеми православни религиозни организации во Украина, заедно со Православната Црква на Украина (ПЦУ). УПЦ важи за блиска до Москва и Руската православна црква (РПЦ). Пред почетокот на војната беше наречена Украинска православна црква на Московската патријаршија, но по руската инвазија започната во февруари 2022 прогласи „независност“ од Москва.
На 24 август украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон за забрана на православните цркви поврзани со Русија во Украина, кој претходно го усвои Врховната рада (Парламентот на Украина), а кој ја опфаќа и УПЦ.
Православната црква на Украина, пак, е признаена во Украина и таа во 2019 година доби томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.
Од Синодот тврдат - нема политика туку поддршка за „луѓе кои страдаат“
Македонските владици, вели Ѓорѓевски, беа на одреден крстопат дали да ја поддржат проруската УПЦ, на чие чело е Онуфриј, или проукраинската ПЦУ на чело со Епифаниј.
„Меѓутоа, по вчерашната одлука, јасно е дека македонските владици и во иднина ќе ја поддржуваат Украинската православна црква на чело со Онуфриј“, вели Ѓорѓевски.
Владиката Тимотеј, кој е член и портпарол на Синотот на МПЦ-ОА тврди дека со оваа одлука тие не навлегуваат во политика туку, како што вели, „даваат поддршка на луѓе кои страдаат“.
„Тоа е коректност. Им затвораат цркви, не е важно на кого е. На секој еден човек ќе му се даде поддршка кога тоа не е исправно“, вели владиката Тимотеј за РСЕ.
Во соопштението кое беше објавено по вчерашната седница, Синодот наведе дека „искажува молитвена поддршка“.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“, пишуваше во соопштението од МПЦ-ОА.
МПЦ-ОА не носи одлука за Православната црква на Украина
И додека македонската црква јасно застана зад проруската УПЦ, за Православната црква на Украина сè уште гради став.
Ѓорѓевски потсетува дека македонските владици не ја признаваат ПЦУ и покрај тоа што од 2019 има томос за автокефалност од Вселенската патријаршија и оти лани Синот одлучи да не сослушува со оваа црква „се додека не ја признаат останатите православни цркви“.
„Но, откако во јавноста уследија бројни реакции околу ваквиот избрзан потег на МПЦ-ОА, откако се појавија информациите и ставови дека со тоа МПЦ-ОА се става на страна на Руската и на Српската православна црква, дека влегува во зоната на ’рускиот свет‘, на ’српскиот свет‘, дека се оддалечува од Вселенската патријаршија од која треба да добие конечен томос за автокефалност, нашиот Синод во февруари годинава реши да формира Комисија која има задача да го проучи статусот на ПЦУ“, објаснува Ѓорѓевски.
Одлуката да се формира оваа комисија беше донесена на седница на Синодот на 29 февруари, а по повеќе од шест месеци одлука нема.
Владиката Тимотеј нагласувајќи дека не е член на ова тело вели дека во Синодот досега немаат информации до каде е проучувањето.
„Комисијата сè уште проучува документи, и цариградски и руски“, додава тој.
Потег кој ќе ја оддалечи МПЦ-ОА од томосот?
По вчерашната поддршка за УПЦ, пак, според Ѓорѓевски, може да се насети каков став ќе се заземе за ПЦУ – одлука во корист на проруската црква во Украина. А, тоа смета аналитичарот, би можело да се одрази и на самата македонска црква.
„Нашите односи и нашето признавање од страна на Вселенската патријаршија како автокефална црква и натаму нема да се решаваат и ќе останеме со статус – кво како е и сега: да сме признаени само од неколку цркви, но и без најважниот томос од Вселенската патријаршија. Поточно, ќе останеме со незавршена автокефалност“, предвидува Ѓорѓевски.
Од 1967 година, кога еднострано прогласи независност од Српската православна црква (СПЦ), Македонската православна црква – Охридска Архиепископија беше меѓународно изолирана и непризнаена. Тој црковен раскол заврши во 2022 година кога по повеќе од половина век се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од СПЦ.
Од Синодот очекуваат дека последниот потег со поддршка за Украинската православна црква, нема да влијае на процесот на добивање томос од Вселенската патријаршија во Цариград.
„Не мора да значи, зависи кој како ќе го гледа тоа. Ако гледа хумано или човечки, не би требало, ако гледа тесноградо може и некој да го гледа тоа и на таков начин“, вели владиката Тимотеј.
Руски црковни влијанија во регионот и Украина
Ова не е единствениот потег со кој МПЦ-ОА ја покажува наклонетоста кон руската црква.
Во јануари лани во Северна Македонија беше вториот човек на Руската православна црква, владиката Антониј кој одржа заедничка литургија со поглаварот на македонската црква, архиепископот Стефан.
Ден пред литургијата на 12 јануари 2023, рускиот владика задолжен за надворешни црковни односи и заменик на рускиот патријарх Кирил, во друштво на други црковни лица од Русија и на рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Бездникин, беше во посета на седиштето на македонската црква во Скопје.
Поради сомнеж за шпионажа, пак, Северна Македонија во септември 2023 го протера рускиот архимандрит Васијан Змеев. Истото го направи и Бугарија, каде рускиот свештеник живееше како црковен претставник на Московската патријаршија во Софија.
Руското влијание преку црквата во Украина, пак, е трн во око на украинските власти со години.
Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, но напорите се засилија по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Во таа насока беше протолкуван и минатогодишниот потег на Киев со кој се одлучи украинските православни верници да го слават Божиќ на 25 декември – според грегоријанскиот календар, наместо на 7 јануари – според јулијанскиот календар кој го користи руската.
Иако проруската УПЦ официјално се одвои од Московската патријаршија во 2022 година, украинските власти постојано ги обвинуваат нејзините свештеници дека и понатаму се лојални на Русија.
Македонската, не е единствената православна црква од регионот што изрази поддршка за УПЦ откако таа беше забранета од украинските власти.
„Прогонот, затворањето, сквернавењето на светите места, конфискацијата на црковниот и манастирскиот имот се брутални дејствија. Тие стануваат уште побрутални кога ги наметнуваат законодавните тела на демократските земји“, реагираше Синодот на Албанската православна црква на крајот на август.
Патријархот на Српската православна црква, Порфирије, пак, испрати писмо со „силна и безрезервна поддршка“ до поглаварот на УПЦ, Онуфрије.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, исто така, го критикуваше усвоениот закон од украинските пратеници велејќи дека „се плаши за слободата на оние кои се молат“.
Православната црква на Украина, која е признаена од Вселенската партијаршија, пак, го поддржа законот. Нејзиниот поглавар, митрополитот Епифаниј во ТВ интервју по гласањето во украинскиот парламент рече дека Законот го штити „народот од руската агресија“. Без духовна независност од Кремљ и од руската „злобна империја“, порача тој, не можеме да зборуваше за наша вистинска независност“.