Босна и Херцеговина мора да се воздржи од продлабочување на врските со Русија и да вложи дополнителни напори за затворање на просторот за надворешно влијание и манипулација со информациите, порачуваат од Европската Унија, како одговор на најавите дека телевизискиот канал RT (РТ), под руска државна контрола, може да започне со емитување на програма во Босна и Херцеговина.
Емитувањето на каналот на српски јазик во Република Српска беше објавено на 15 декември на руската државна телевизија од Маргарита Симонјан, уредничка на РТ (поранешна Русија денес).
Каналот РТ е под санкции на Европската Унија од март 2022 година, кога беше санкционирана и руската медиумска агенција „Спутник“.
Овие санкции ги вклучуваат сите средства за пренос и дистрибуција (вклучувајќи кабелска, сателитска и IPTV програмирање и веб-страници и апликации), а сите релевантни лиценци се суспендирани.
Тогаш беше објавено дека овие медиуми се инструменти за поттикнување и поддршка на руската агресија врз Украина, која, како што наведуваат, „претставува значајна и директна закана за јавниот ред и безбедноста на ЕУ“.
Овој канал е сè уште достапен во Босна и Херцеговина, преку одредени кабелски оператори.
Во писмената реакција до Радио Слободна Европа (РСЕ), портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, посочува дека Босна и Херцеговина „целосно ја почитувала надворешната политика на ЕУ, вклучително и одлуките за рестриктивни мерки“ и дека овие мерки мора да се применуваат низ целата земја, вклучувајќи го и ентитетот Република Српска“.
„ЕУ ги повикува сите релевантни политички актери во Босна и Херцеговина, на ниво на држава и ентитет, да обезбедат целосно спроведување на рестриктивните мерки, вклучително и оние кои се однесуваат на Русија и Белорусија“, истакнува Стано.
Според Стано, руските медиуми биле санкционирани поради кршење на Повелбата на Обединетите Нации и меѓународното право и дека „РТ е дел од руските инструменти за пропаганда и дезинформации, кои ја следат нелегалната агресивна војна на Кремљ против Украина“.
Потсетува дека во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на БиХ на европскиот пат беше нагласено дека БиХ мора да го затвори просторот за надворешно влијание и дека „дозволувањето на санкционирана пропагандна алатка да дејствува на нејзина територија е директно против тоа“.
Босна и Херцеговина официјално се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија, но поради противењето на членовите на Советот на министри од Република Српска, санкциите не беа целосно спроведени.
Двајца државни министри од Република Српска, еден од двата ентитета во БиХ, се членови на Алијансата на независни социјалдемократи, партијата на прорускиот претседател на ентитетот, Милорад Додик.
Коментар на Путин - вовед во најавата на каналот
Уредникот на РТ го најави отворањето на каналот еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на прашање на новинарката од Република Српска, Даринка Петровиќ, рече дека е штета што руските медиуми не постојат во Босна и Херцеговина.
„Треба да размислиме за ова, ќе го замолам мојот колега Олег Борисович да види што може да направи за ова“, рече Путин во своето редовно годишно обраќање пред новинарите.
Олег Борисович Добродејев е директор на Серуската државна телевизија и радио радиодифузна компанија (ВГТРК), најголемата руска медиумска компанија, која е во рацете на руската влада и која вклучува голем број телевизиски и радио канали.
За време на програмата на „Русија 1“, канал во сопственост на ВГТРК, Симонјан изјави дека новата ТВ станица ќе се емитува на територијата на цела Босна и Херцеговина, а во РС веќе се емитуваат руски документарни филмови.
Како одговор на прашањето на Радио Слободна Европа за основање канал во Република Српска, прес-службата на РТ испрати одговор за кој велат дека доаѓа од Маргарита Симонјан.
„Ќе бидеме среќни да одговориме на вашите прашања кога ќе се префрлите од страната на злото, на страната на доброто. Не одговараме на прашањата на РСЕ, бидејќи тоа не е новинарска организација, туку огранок на ЦИА, се наведува во одговорот од РТ.
Што велат во институциите во Босна и Херцеговина?
Од Регулаторната агенција за комуникации (РАК) на Босна и Херцеговина, одговорна за издавање дозволи за емитување ТВ канали, за РСЕ изјавија дека не биле контактирани во врска со овој канал и дека „не е поднесено барање за дозвола до Агенцијата“.
РАК е предводен од Драшко Милиновиќ, поранешен генерален директор на Радио телевизија на Република Српска и поранешен советник на претседателот и премиерот на РС.
Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Един Форто, на барањето на РСЕ одговори дека министерството „нема надлежност да одлучува за влез на некого на медиумскиот пазар“, но посочува дека сметаат дека „во ова и други прашања, треба да имаме координирана политика со Европската Унија“.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, за РСЕ изјави дека, колку што знае, неговото министерство нема формални овластувања за тој процес и дека не е запознаен со конечната институција која го дозволува тоа. Тој посочува дека основачите на тој канал доколку сакаат да влезат на пазарот во БиХ, мора да ги следат сите законски процедури.
„Се разбира, не сум среќен што доаѓа руски канал, но не гледам дека имам опција да го забранам или, ако законот дозволува, да го проблематизирам“, вели шефот на дипломатијата Конаковиќ.
Според Законот за странски инвестиции на Република Српска, медиумскиот бизнис е еден од секторите што подлежи на ограничувања во случај на странски капитални инвестиции. За да добијат дозвола за инвестиции во оваа област, странските инвеститори мора да се обратат до Владата на РС, поточно Министерството за транспорт и врски.
Од Министерството не одговорија на прашањето на РСЕ дали некој им се обратил со таа причина, ниту пак дали имаат конкретен план во вакви ситуации.
РТ Балкан - исто така под санкции
РТ е основана во 2005 година од Автономната непрофитна организација „ТВ Новости“, а нејзин основач е руската државна медиумска агенција „РИА Новости“. Во 2008 година руската влада на чело со тогашниот премиер Владимир Путин ја стави организацијата „ТВ Новости“ на листата на организации од стратешко значење.
Од јуни 2023 година, под европски санкции е и РТ Балкан, портал на српски јазик, кој започна со работа во ноември 2022 година. Како што стои во импресумот на овој портал, негов основач е и организацијата „ТВ Новости“.
Србија често беше мета на критики од ЕУ, бидејќи не ги затвори програмите на РТ и Спутник, кои се сметаат за најсилно пропагандно оружје на Кремљ, како и поради отворањето на порталот РТ Балкан.
На РТ Балкан, освен дезинформациите за руската инвазија, не е ретка содржината со негирање на геноцидот во Сребреница и другите злосторства извршени во Босна и Херцеговина, утврдени со судски пресуди.
Зошто многу земји од ЕУ го забранија РТ?
Истражувачот од холандскиот институт Клингдел, Воутер Зверс, кој се занимава со влијанието на Русија врз Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, за РСЕ оценил дека Русија сака да ги прошири каналите на влијание врз граѓаните на Босна и Херцеговина.
„РТ има лоша репутација за емитување руска пропаганда и дезинформации, така што нема да донесе избалансирано и непристрасно известување во земјата“, смета Зверс.
Тој додава дека многу европски земји го забраниле пристапот до РТ преку Интернет и дека имале причини за тоа. Тој посочува дека во земјава треба да се води политичка дискусија на тема - дали да се дозволи влез на вакви пропагандни канали во земјава?
„ЕУ стана многу построга во однос на геополитичкото усогласување во контекст на нејзиното проширување, така што ова треба да биде значајно за Босна и Херцеговина, како кандидат за членство во ЕУ, која сака да ги отвори пристапните преговори“, нагласи холандскиот истражувач.
Според него, руското влијание во БиХ е видливо, меѓу другото, и во блиските врски на претседателот на РС, Милорад Додик, со Кремљ.
„Но, руското влијание е многу пошироко и видливо преку фокус групи, дезинформации, енергетски и други економски врски. Руските медиуми како Спутник и РТ се влијателни во информациската сфера во земјата, а ако РТ стане поактивна во БиХ - сигурно ќе има негативни последици“, заклучи Зверс.
„Рускиот наратив е втемелен во РС и Србија“
Уредникот на бањалучкиот портал „Бука“, Александар Трифуновиќ, за РСЕ изјави дека доколку се отвори овој ТВ канал, тоа ќе биде „логичен потег на Русија“, со оглед на тоа што Русија е многу популарна и во РС и во соседна Србија.
„Русија секако сака на некој начин да го одреди медиумскиот материјал и директно да им пренесе на луѓето на нашиот јазик или на нашите јазици што всушност се случува таму, како еден класичен пропаганден канал“, смета Трифуновиќ.
Тој оценува дека властите во Република Српска „едвај чекаат да се отвори такво нешто“, и дека не верува дека ќе има можна забрана за отворање на РТ.
Тој додава дека застапува медиумски плурализам и дека не сака да коментира „во насока дека нешто треба да се забрани, кога можеби ќе ни биде забрането да работиме во иднина“, бидејќи тоа може да биде контрапродуктивно.
„Овој медиум нема ништо претерано да промени, рускиот наратив и руските верзии за војната во Украина, за односот со светот, се толку воспоставени во Република Српска и Србија, што еден медиум нема да им одмогне, туку напротив само ќе ги зајакне тие ставови“, истакна Трифуновиќ.
Уредникот на „Бука“ истакнува дека не ја гледа целта на отворањето на таков медиум, освен во „обележување на територијата“, и дека Русија има само политички, но не и финансиски интереси во Босна и Херцеговина.