Плаќање со картички од година во година е сè популарно меѓу граѓаните и бележи нагорен тренд. Се зголемува и бројот на ПОС терминали кои ги користат трговците, но често во трафиките, пекарите, помалите продавници и дуќани оваа услуга не е можна. „Не може да платите со картичка“ или „ако платите во кеш, ќе ви дадеме попуст“, се одговорите на кои може да наидете во некој помал дуќан. Она што им смета на трговците, како што коментираат, се провизиите кои мора да ги платат кон банките за користење на нивните терминали што се одразува на нивната заработувачка. Банките, пак, сметаат дека провизијата е соодветна.
Меѓу малите трговци кои не нудат наплата со картички е младиот Стефан К. кој има берберски салон во скопски Аеродром.
„Во мојот дуќан не наплаќам со картичка за да немам поголеми давачки, јас сум мал трговец со мала заработувачка и не ми е исплатливо користењето на терминали“, вели берберот.
Во ваква насока се и забелешките од другите трговци.
„Ако е сметка од 60 денари, на пример, немам речиси никаква добивка и за помали суми повеќе не наплаќам со картичка. И од околните дуќани, дури и бутици за облека што се поголеми, веќе одбегнуваат. Со сите трошоци што ги имаме и кон банките и кон државата подобро ќе биде да работиме само онлајн“, вели сопственичка на продавница за аксесоари во центарот на Скопје, која сакаше да остане анонимна.
Во помали продавници и трафики, исто така, коментираат дека за одредени производи речиси и да немаат ќар. Како пример ги посочуваат цигарите кои се со фиксна продажна цена и од кои имаат заработувачка од три отсто. Ако некој плати со картичка, забележуваат, им останува само околу половина од профитот.
Со плаќањето во кеш, трговците ја избегнуваат давачката за провизија што ја плаќаат за користење на ПОС терминалот. Во случајот со цигарите, на пример, ако се плати со кеш за продавачот ќе остане целата односно три отсто од заработувачката. Ако се плати со картичката, пак, ќе задржат околу половина од тие три отсто додека останатите ќе им ги повлечат за провизија.
Некористењето картички – поттик и за сивата економија
Бизнис и банкарскиот сектор, пак, сметаат дека некористењето на платежни картички има удел и во развојот на сивата економијата.
„Трансакциите со картички овозможуваат безбедни и брзи плаќања и зголемена ефикасност и заштеда на самите продажни места бидејќи истовремено ја намалуваат манипулацијата со готовина, а со тоа и трошоците за истата. Не само плаќањата со картички, туку безготовинските плаќања генерално, овозможуваат намалување на сивата економија, бидејќи сите трансакции се евидентирани преку платежна сметка“, велат од Македонската банкарска асоцијација (МБА).
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, го дели мислењето за поттикнување на сивата економија и неговиот став го поткрепува и со тоа дека платежните картички може да помогнат во нејзино сузбивање, како што е на пример, откривањето на оние што работат на црно.
„Кога би успеале да ја зголемиме процентната наплата преку картички, тогаш државата, особено УЈП, ќе има увид во приходите на граѓаните, па на тој начин ќе може и да ги фати оние што работат во сивата економија или работат на црно, а сите знаеме дека ги имаме многу“, вели Димитров.
Во Организацијата на работодавачи, според неговите информации, досега не реагирале трговци во однос на провизиите за платежните картички, но нагласува дека кај нив членуваат поголеми компании, додека малите бизниси не се членки.
„Меѓутоа, факт е дека такви помали компании честопати не примаат уплата со картички што е спротивно на Законот за трговија. Кај нас е точно регулирано што се треба да имаат компаниите, фискална сметка поврзано со УЈП, и нормално читач на картички. Тука можеби инспекциите не се и толку ажурни кај тие мали компании па да прават контроли“, вели Димитров.
Провизија за малите трговци се движи од 0,8 до 1,3 отсто – се очекува намалување
Од МБА повикувајќи се на податоците од Народната банка, посочуваат дека провизијата за мали трговци кои прават промет до еден милион денари годишно се движи од 0,8 до 1,3 отсто во зависност од дејноста.
„Во таа смисла коментирајќи ја соодветноста на провизиите, мора да се истакне дека значаен дел од оваа провизија е провизијата која банките ја плаќаат на трети субјекти (заменски надоместок) за реализација на секоја трансакција и истата изнесува повеќе од 50 отсто од провизијата која ја наплатуваат од трговецот. Дополнително со останатиот дел од надоместокот, меѓу другото, се покриваат и фиксните трошоци поврзани со работењето на терминалите“, велат од МБА за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Лани, од вкупниот промет што го направиле трговците во земјава преку платежни картички, банките зеле 1,13 отсто што, велат од Народната банка е мал пад во однос на 2021 година.
Во овој надоместок вообичаено е вклучен и трошокот којшто банките меѓусебно си го наплаќаат во ситуации кога ПОС терминалот и картичката се од различна банка. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи од 1 јануари 2023 година ваквата наплата меѓу банките е ограничен на 1 отсто од вредноста на трансакцијата. Предвидено е постепено намалување во иднина.
„На почетокот на 2025 година не смее да биде повисок од 0,2 отсто од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна, односно од 0,3 отсто доколку е извршена со кредитна картичка. На овој начин, со намалување на висината на трошокот меѓу банките, ќе се влијае на понатамошно намалување на провизиите кои трговците ги плаќаат кон банките односно давателите на платежни услуги за платежните трансакции со картички“, велат од Народната банка.
Годишните анализи на Народната банка покажуваат дека во 2022 година бројот на трговци кај кои е извршена најмалку една платежна трансакција со картичка е повисок за 19 отсто во споредба со една година претходно.
Растечки тренд се забележува и во однос на податоците за тоа колку граѓаните ги користат картичките. Во првиот квартал од 2023 година има годишен раст на употребата на платежни картички за готовински трансакции и за плаќање производи од 14,7 отсто.