Провизија за плаќање уплатница на шалтер – 50 денари, провизија за водење сметка 40 денари месечно, провизија од 9 денари за трансакција ако ја платите преку електронско банкарство, провизија за друга трансакција – 100 денари, трошок за користење електронско банкарство 35 денари, аплицирање за кредит 600 денари. Овие суми се различни во различни банки.
Минатата година, сите 13 банки во Македонија заедно имале нето-заработка од над 100 милиони евра, само од провизии и надоместоци, покажуваат податоците на Народната банка.
Банките во 2022 година оствариле рекорден профит по оданочување од над 157 милиони евра, што е за 8,5 милиони евра повеќе од претходната година. Од камати заработиле 287 милиони евра, 32 милиони евра повеќе од 2021, а од провизии и надоместоци над 101 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од претходната година. Тие остваруваат приходи и од курсни разлики и по останати основи.
Од друга страна имаат расходи за административно работење, плати, амортизација, осигурувања, оштетувања, даноци и други трошоци. На крај остануваат со 157 милиони евра чист ќар.
Само трите најголеми банки – Стопанска, Комерцијална и НЛБ Тутунска оствариле добивка од 117 милиони евра.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатите 5 години, банките го зголемиле профитот за 16 отсто, но приходите од провизии и надоместоци се зголемени за скоро 35 проценти.
Провизиите ќе паднат кога сметки ќе почнат да се плаќаат во трафика
Во Народната банка очекуваат новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој стапи на сила од почеток на годинава, да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за намалување на цените на услугите.
Законот дозволува, освен банките, платежни услуги да може да нудат и штедилниците и други фирми кои ќе добијат дозвола од Народната банка. Сметки ќе може да се плаќаат и кај овие фирми или кај нивни агенти, па теоретски ќе може да се плати струја и вода во трафика или во супермаркет.
Во Народната банка велат дека има интерес од повеќе компании за влез на пазарот на платежни услуги, но сè уште никој не побарал дозвола за работа.
„Придобивките од отворање на пазарот на платежни услуги ќе значат поголема конкуренција, подобрување на квалитетот и ефикасноста на услугите, а со тоа и поиновативни и поевтини услуги за корисниците“, велат во Народната банка на Македонија.
Од септември годинава, Народната банка ќе ги објавува цените за најкористените платежни услуги кај сите банки да може граѓанитеда ги споредат и да одлучат каде им е најисплатливо. Меѓу овие услуги се одржување на сметка, електронско банкарство, плаќање сметки, прилив од странство, издавање картички, траен налог, вадење пари и дозволено пречекорување. Банките на крај на годината ќе мора да им дадат на клиентите извештај колку пари им наплатиле за надоместоци во текот на годината.
Законот исто така дава можност за отворање на платежна сметка со основни функции. Граѓаните ќе имаат право да имаат само една ваква сметка и со неа нема да може да одат во минус. Провизиите и надоместоците за ваквата сметка ќе бидат многу помали, а за социјалните случаи нема воопшто да се плаќаат. Оваа сметка би има завршила работа на пензионери, студенти што добиваат стипендија или приматели на социјална помош.
Може ли законски да се ограничат провизиите?
Опозициската партија Левица обвини за лихвобанкарство. Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот Димитар Ковачевски уште на крајот на јуни 2022 година рече дека е легитимно прашањето колкав дел од профитот на банките доаѓа од камати, а колку од провизии.
„Придржувајќи се до воспоставениот стандард да не коментирам монетарна политика, ќе ги повикам пратениците, без исклучок, вклучително и од СДСМ, каде што и јас сум член, да го разгледаат Законот за банки во овој дел и низ една јавна расправа, тука во Собранието, заедно со вас, да се утврди дали може да се направи интервенција во однос на висината на апсолутниот износ во вкупниот профит на банките којшто доаѓа од некаматни приходи“, рече Ковачевски на 29 јуни 2022 година.
Со оглед на тоа што оттогаш поминаа скоро 9 месеци, во владата прашавме дали размислуваат за законски измени за ограничување на банкарските провизии, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Во Македонската банкарска асоцијација прашавме дали има простор за намалување на банкарските провизии, но и од таму не добивме одговор.
Во Македонија има 13 банки – 5 се водат како големи, 3 средни и 5 мали. Околу 80 отсто од приходите од провизии и надоместоци завршиле кај петте најголеми банки, а останатите 20 отсто ги делат останатите. Петте најголеми банки прават 90 отсто од профитот на сите банки.