Достапни линкови

Хајредини: проблемите во банкарскиот систем се метастаза на криминалот


Прес конференцијата на главниот акционер во Еуростандард банка Трифун Костовски кој е под истрага за перење пари и предизвикување стечај на банката
Прес конференцијата на главниот акционер во Еуростандард банка Трифун Костовски кој е под истрага за перење пари и предизвикување стечај на банката

Обвинителството го отфрли извештајот на Еуростандард банка за можен криминален синџир во банкарскиот сектор како неоснован. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини пак, вели проблемите во банкарсиот систем се сигнал за метастазиран криминал и корупција.

Обвинителството засега води само една истрага, а таа се однесува на предизвикување на стечај на Еуростандард Банка и перење пари. Осомничени се 4 лица. Најголемиот акционер во банката Трифун Костовски признава дека банката учествувала во незаконска шема со издавање на кредити без покритие, но тврди дека доцна открил за шемата, во која Еуростандард, како што вели тој, е само соучесник.

Во извештајот кој вчера беше објавен, а направен од приватна словенска ревизорска куќа „РУР“ детално се објаснети шемите на делување и за аферата Кубус, но и за последните неколку години од постоењето на Еуростандард банка, односно за периодот непосредно пред да биде прогласен стечај.

Во него е посочено дека Еуростандард банка како соучесник во „банкарскиот синџир“ фалсификувала потписи, префрлала стотици илјади евра низ фирми без знаење на сопствениците преку фирми посредници. Фирмите за кои пишува во извештајот сега судски ги разрешуваат дилемите кој на кого дал пари и клучното прашање каде завршиле парите што сега тие ќе треба да ги вратат.

Во однос на обвинувањата за банкарски синџир за фиктивно кредитирање и перење пари преку фирмата Кубус од осомничениот бизнисмен Трифун Костовски од Обвинителството велат дека неколку јавни обвинители досега работеле на предистражна постапка и не утврдиле кривично дело, затоа што обезбедените докази и вешт наод укажувале дека не се надминати законските ограничувања.

„Не беше исполнето ниту битието на кривичното дело – Измама, бидејќи доказите не го поткрепуваа тврдењето дека пријавените го навеле и го држеле во заблуда претставникот на оштетените правни лица, да зема кредити на штета на имотот на овие правни лица“, се вели во соопштението.

Од обвинителството посочуваат дека само тие се надлежни во земјава да спроведуваат истраги.

Постапката за аферата „Банки “ која се однесува на фирмата Кубус беше отворена уште во 2013 година, и по пет години предистражна постапка во јавното обвинителство поради незаконските прислушувани разговори се префрли во Специјалното јавно обвинителство. Оттаму по завршување на мандатот на ова обвинителство повторно беше префрлен предметот во Обвинителството за борба со организиран криминал и според последно соопштение е отфрлена пријавата како неоснована.

За оваа афера полицијата поднесе две кривични пријави до Обвинителството, едната во 2012 година, другата во 2017. Предистрага се водело и во Управата за финансиска полиција и во Управата за финансиско разузнавање.
Од обвинителството велат дека кривичните пријави пријави за Кубус се отфрлени во април 2021 година по спроведена предистражна постапка, и додаваат дека доколку некој поседува дополнителни докази или сознанија за сторено кривично дело може да ги достави до Јавното обвинителство.

Со реакција покрај Народната банка и Македонската банкарска асоцијација се јави и Комерцијална Банка, која на вчерашната прес конференција беше посочена како лидер во „банкарскиот синџир со фиктивни кредити и перење пари“.

„Во банкарството одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми, како Златко Тодоров од „Кубус“, а сега и Трифун Костовски од Еуростандард банка, за своите слабости, лошо и незаконско работење да ги обвинуваат банките“, се вели во пишаната реакција на банката.

Во неа се посочува дека содржината на извештајот се базира исклучиво на информации од клиентот, и го отфрлаат како нерелевантен. Но, ги предупредуваат и одговорните во Еуростандард банка на можна казна затвор од 3 до 10 години поради прекршување на законот за банки.

Хајредини - капиталот и владите секогаш биле во спрега

Аферите со банките во земјава во изминативе години стигнаа само до истраги. Постапките околу нив траеа со години, а во некои случаи и со децении. Последен познат случај е „Македонска Банка“ за која излегоа и прислушувани разговори во 2014 година за продажбата на банката на контроверзниот бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини и провизијата од еден и пол милион евра.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека финансискиот капитал и македонските влади отсекогаш бил во спрега, односно политичарите и менаџментот на банките се во блиски односи.

„Финансискиот систем е сложен систем. Кога таму се појавуваат проблеми, а банките се еден од сегментите на финансискиот систем, тоа е сигнал дека метастазирал криминалот и корупцијата што воопшто не е ништо ново и неочекувано во Македонија“ вели Хајредини.

Хајредини- Банката може да биде само инструмент за корупција
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:51 0:00

Поранешниот обвинител Константин Кизов вели дека банкарскиот сектор не треба да биде недопирлив за обвинителството. Според него банкарското работење е мерливо од неколку меѓународни и внатрешни институции, и до сега не констатирале незаконско постапување на македонскиот банкарски систем.

„Едно е сомнеж, а друго е покритие со докази,но ако тој сомнеж не се поткрепи со доказ за основано сомнение, ништо не сме направиле. Ние можеме во се да се сомневаме во банкарскиот систем, но колку што знам јас знам банкарскиот систем кај нас добро работи“ вели тој.

Реакција на Народна банка и УФП по изјавата на Муареми за истрагата за „Еуростандард банка“

Според Хајредини коренот на проблемот е во државата, затоа што за да се процесираат сите случаи и сомнежи за криминал треба прво да функционира нормално државата.

„Главниот акционер на Еуростандард банка кого обвинува сега, кога и тој сам по налог на тие политичари сам потпишувал наредби да се одобрат кредити таму каде што отишле. Тој е во нивниот случај првата алка, а тој беше и пратеник и градоначалник на Скопје, ги знае сите тие работи. Станува збор за спрега со финансискиот капитал, сите се зависни и заинтересирани да не се откријат случаите, “ вели Хајредини.

Еден од предметите кој се доближи до судница е аферата „Поштенски банки“ која што по речиси една деценија минатата година доби обвиниелен акт. Во овој предмет за перење на девет милиони евра се обвинети девет лица меѓу кои генералниот директор Коле Смилевски, бизнисменот од Гевгелија, Томе Главчев и бизнисменот и ексградоначалник на Кочани, Ратко Димитровски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG