Достапни линкови

Онлајн купување во нагорна линија


илустрација
илустрација

Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги користат придобивките од онлајн купувањето и да купуваат од домашните е-продавници. Имено, во текот на првите шест месеци тие потрошиле 123 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 77,2% во однос на истиот период претходната година

Трендот на онлајн купување кој минатата година остави печат поради пандемијата со ковид 19 продолжи и годинава. Најновите податоци според кои во првото полугодие од оваа година онлајн трансакциите пораснале за 61 насто, а се отвориле нови 202 електронски продавници, говорат за тоа дека Македонците се повеќе купуваат онлајн.

Македонците потрошиле 123 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници што претставува речиси 73% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции, соопшти Народната Банка. Сепак тука треба да се напомене дека во овие онлајн трансакции влегуваат сите реализирани трансакции со платежни картички воопшто онлајн, односно не само е-трансакциите во малопродажба, туку и плаќањата на сметки.

Свеста за електронското купување се менува, а пандемијата само го забрза тоа што еден ден секако ќе се случеше, вели Драгана Н., маркетинг менаџер во познат синџир на продавници за облека. Покрај продавници на многу локации, имаат и онлајн продавница, за која велат дека е доста посетена, а купувачите се претежно од градовите во кои нивниот бренд нема продавница.

„Поисплатливо е да се има онлајн продавница. Секако дека има и тука трошоци на одржување на страницата, но се работи за еднократна инвестиција. Конкретно кај нас онлајн купуваат претежно луѓето од местата во кои немаме продавници“, вели Драгана.

Повеќето онлајн продавници нудат можност за замена на производот доколку тој не му одговара на купувачот, па и тоа е еден од начините да се привлече повеќе онлајн купувачи.

Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги ползуваат придобивките од онлајн купувањето и да купуваат од домашните е-продавници. Имено, во текот на првите шест месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 123 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 77, 2 проценти во однос на истиот период претходната година.

„Пандемијата значајно го поттикна растот на е-трговијата, па така забележавме трицифрен раст во вредноста на реализираните трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци во текот на минатата година. Во 2020 имало 135 процени раст на вредноста на реализирани такви трансакции споредено со претходната година. Бројките се добри и во првата половина од оваа година. Се отворија и многу нови е-продавници кои на некој начин се адаптираа, отворија но канал онлајн, но секако дека е потребна подготвеност за побрз раст од оној којшто го имавме“, изјави Нина Анѓеловска од Асоцијацијата за електронска трговија во Македонија.

Од АЕТМ додаваат дека сепак свесноста за е-трговија во земјава е на пониско ниво во споредба со соседните земји, па во таа насока апелираат на потребата од сеопфатен пристап од повеќе страни.

„За да продолжи ваквиот тренд и понатаму потребно е да се подобрува и квалитетот на понудата од страна на е-трговците и од страна на сите учесници во оваа трговија. Потребно е да се работи на подигнување на свеста, знаете понудата и побарувачката се поврзани. Па така како што се зголемува интересот за онлајн купување, така и компаниите треба да иновираат, да ги подобруваат процесите и се надеваме дека така ќе се елиминираат пречките кои стојат на пат и кон е-трговците и кон е-купувачите“, заклучува Анѓеловска.

Странците пак кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година направиле 7, 6 милиони евра односно 75 % од истиот период минатата година. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници изнесува 36, 2 евра.

Согласно податоците за бројот на уредите на интернет продажни места, заклучно со 30 јуни годинава активни се 1.661 продажни места во Македонија.

Споредбено со 30.06.2020 година кога бројот на активни е-продавници изнесувал 1.223, можеме да заклучиме дека за една година биле отворени вкупно 438 нови е-продавници што претставува пораст од 36 насто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG