Достапни линкови

Азербејџан и Ерменија договорија времен прекин на огнот во Нагорно-Карабах


Руските мировници евакуираат цивили во Нагорно-Карабах на 20 септември 2023 година
Руските мировници евакуираат цивили во Нагорно-Карабах на 20 септември 2023 година

Азербејџанската и страната на етничките Ерменци се согласија на итен прекин на огнот на вториот ден од разгорувањето на борбите на територијата на Нагорно-Карабах, откако де факто раководството на азербејџанската енклава составена од претежно етнички Ерменци го прифати предлогот на руската мировна мисија и се согласи да разговори за „реинтеграција“ на територијата во Азербејџан.

Запирањето на интензивните борби во децениската горлива точка на Кавказ доаѓа во услови на зголемени меѓународни стравувања од ширење на конфликтот и зголемување на бројот на загинати во најсмртоносната воена ескалација во Нагорно-Карабах во речиси три години.

Очигледната отстапка дојде неколку часа откако Баку ја сигнализираше својата намера да продолжи со своите воени операции бидејќи етничките ерменски сили одбија да се предадат и покрај апелите на Обединетите Нации, западните сили и Русија да ги прекинат непријателствата во кои загинаа десетици во изминатите 24 часа.

Борбите треба да прекинат до 13 часот по локално време.

Азербејџан најавува продолжување на офанзивата во Нагорно Карабах
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Етничкото ерменско раководство на територијата што ја нарекуваат Арцах, која е призната како дел од Азербејџан, но беше под ерменска контрола со децении до крајот на 2020 година, соопшти дека го прифатила рускиот предлог еден час порано.

Тоа, исто така, го прифати предлогот на Баку да се преговара за интеграција на регионот во Азербејџан, потенцијално горчливо апче за владата и јавноста во соседна Ерменија, каде што веста за најновата офанзива на Азербејџан беше дочекана со антивладини протести.

Двете страни се согласија да одржат разговори на 21 септември во азербејџанскиот град Јевлах, околу 265 километри западно од Баку.

Де факто раководството на Нагорно-Карабах во Степанакерт објави дека „прашањата покренати од азербејџанската страна за реинтеграција, обезбедување на правата и безбедноста на Ерменците во Нагорно-Карабах ќе бидат разгледани на состанокот меѓу претставниците на локалното ерменско население и централната влада на Република Азербејџан“.

Претседателството на Азербејџан и Министерството за одбрана ја потврдија согласноста за прекин на огнот.

Кабинетот на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев објави слична изјава во која најави средба на која „претставниците на ерменските жители на Карабах ќе разговараат за прашањата за реинтеграција врз основа на Уставот и законите на Република Азербејџан“ на состанокот во Јевлах.

Ова е драматичен пресврт во брзата криза што го шокираше регионот и пошироко. Ројтерс го цитираше заменик-министерот за надворешни работи на Ерменија според кој, натамошното засилување на азербејџанските сили се чини дека е подготовка за „втората фаза од операцијата“.

Неколку часа претходно Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека она што го опиша како „антитерористичка операција“ насочена кон терористи продолжува да се одвива „успешно“.

Потоа канцеларијата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев објави соопштение во кое се наведува дека тој му рекол на американскиот државен секретар Антони Блинкен во телефонски разговор „дека антитерористичките мерки ќе бидат прекинати доколку силите во Карабах го остават оружјето“.

Советот за безбедност на Обединетите Нации во меѓувреме закажа итен состанок за 21 септември, бидејќи Меѓународната заедница бара начини да избегне интензивирање на долготрајниот конфликт кој веќе предизвика две интензивни војни меѓу овие постсоветски соседи од Кавказ, од кои последната беше само пред три години.

Извештаите јавуваат за речиси 30 лица убиени на првиот ден од операцијата и стотици други повредени, а меѓу жртвите има и деца.

„Генералниот секретар најостро повикува на итен прекин на борбите, деескалација и построго почитување на примирјето од 2020 година и принципите на меѓународното хуманитарно право“, рече портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Стефан Дужарик.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со лидерите на двете земји доцна на 19 септември.

Стејт департментот соопшти дека го повикал Алиев веднаш да ги прекине воените операции во Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признаен како азербејџанска територија и да го продолжи дијалогот.

Блинкен „ја забележал изразената подготвеност на претседателот Алиев да ги запре воените дејствија и да се сретнат претставниците на Азербејџан и населението на Нагорно-Карабах што поскоро“, соопшти Стејт департментот.

Блинкен му рекол на ерменскиот премиер Никол Пашинјан дека Соединетите Држави „целосно го поддржуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Ерменија“.

Москва ги повика двете страни да престанат со насилството.

„Поради брзата ескалација на вооружените судири во Нагорно Карабах, ги повикуваме страните во конфликтот веднаш да го прекинат крвопролевањето, да ги прекинат непријателствата и да избегнат цивилни жртви“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесе ТАСС.

Се додава дека руските мировници му помагаат на цивилното население во Нагорно-Карабах, претежно од околу 120 000 етнички Ерменци и обезбедуваат медицинска помош и евакуација.

По неколку недели крвави престрелки и еден ден откако конечно беше дозволена пратка со помош во областа, Азербејџан ја започна големата како што ја нарекува „антитерористичка воена операција“ на 19 септември со отцепениот регион кој веќе беше на работ на хуманитарна криза, откако беше суштински блокиран повеќе од осум месеци и покрај меѓународните повици Баку да дозволи испорака на храна и други пратки таму.

Гранатирањето започна веднаш откако Баку ги обвини, како што ги нарече, „ерменските диверзантски групи“ за две одделни експлозии во кои загинаа најмалку четворица воени лица и двајца цивили во областите на Нагорно-Карабах кои се под контрола на руските мировници.

Тие мировници се на сила по прекинот на огнот во Нагорно-Карабах со кој завршија шестнеделните борби во 2020 година, во кои Азербејџан повторно зазеде голем дел од територијата и седумте околни области контролирани од 1990-тите од страна на етничките Ерменци со поддршка на Ереван.

Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека бара предавање и повлекување на ерменските трупи од регионот.

Ереван соопшти дека нема војници во Нагорно-Карабах.

Франција повика на итен состанок на Советот за безбедност на ОН за справување со кризата, која избувна додека многу светски лидери присуствуваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк, на кое фокус е руската инвазија на Украина.

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона ја нарече последната операција на Баку „незаконска, неоправдана и неприфатлива“.

„Би сакала да нагласам дека го сметаме Азербејџан одговорен за судбината на Ерменците од Нагорно Карабах“, рече таа.

Албанија, која претседава со Советот за безбедност, соопшти дека итната седница ќе се одржи на 21 септември (в четврток).

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека „обновените воени активности водат во ќорсокак“, додавајќи дека треба што побрзо да се стави крај.

Министерството за одбрана на Азербејџан на првиот ден од интензивирањето соопшти дека „се уништуваат само легитимни воени цели“, а неговото Министерство за надворешни работи рече дека единствениот пат за мир во регионот е целосно повлекување на ерменските сили од територијата.

Министерството за одбрана на Азербејџан тврди дека запленило повеќе од 60 воени пунктови и уништило до 20 воени возила.

Де факто омбудсманот за човекови права во азербејџанскиот регион контролиран од етнички Ерменци, рече дека во нападите биле убиени двајца цивили, а 23 ранети, меѓу кои и најмалку осум деца.

И етничките Ерменци воНагорно-Карабах брзо се појавија на социјалните мрежи со објави на видео и сметки во кои се вели дека де факто главниот град Степанакерт е бомбардиран. Засега нема детали за материјални штети или жртви таму.

Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека нема сили во Нагорно-Карабах и дека офанзивата на Баку „го прекршила прекинот на огнот долж целата линија со ракетно-артилериски напади“.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека гледа кон Москва, која ја предводи воената безбедносна алијанса од која е дел од Ерменија и Меѓународната заедница, да помогне да се запрат нападите на Баку.

„Пред сè, Русија мора да преземе чекори и второ, очекуваме и Советот за безбедност на ОН да преземе мерки“, изјави Пашинјан.

Вчера вечер, гневните толпи се собраа пред владините згради во Ереван, повикувајќи го Пашинјан да поднесе оставка и се судрија со полицијата.

Демонстрантите лути поради неуспехот на Москва да го спречи Азербејџан, се собраа и пред руската амбасада во Ереван, извикувајќи антируски слогани, пренесе агенцијата ТАСС.

Највисокиот дипломат на Европската Унија, Жозеп Борел, ја осуди операцијата и го повика Азербејџан да ги прекине своите воени активности во Нагорно-Карабах, истовремено велејќи дека Брисел останува посветен на олеснување на дијалогот за да се донесе траен мир во регионот.

Американските и европските лидери долго време бараа од Азербејџан да го олесни транзитот на хуманитарна помош во загрозениот регион, кој се соочува со недостиг од храна, енергија и лекови.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни за Нагорно-Карабах, планинска енклава претежно населена со Ерменци, која е меѓународно признаена како дел од Азербејџан.

Примирјето потпишано на крајот на конфликтот во 2020 година беше поздравено како триумф во Азербејџан, но загубите на Ерменија предизвикаа повеќемесечни масовни протести во Ереван со барање за оставка на премиерот Пашинјан.

Нагорно-Карабах и седум блиски региони беа контролирани од етничките Ерменци од почетокот на жестоката војна додека Советскиот Сојуз се распадна кон крајот на 1980-тите, а потоа „отстапи место за тридеценискиот замрзнат конфликт“.

XS
SM
MD
LG