Во текот на изминатите две недели, тензиите меѓу Ерменија и Русија се доближија до крајна точка бидејќи ерменската влада под водство на премиерот Никол Пашинјан направи неколку демонстративни потези на критикување и дистанцирање од Русија. Згора на тоа, Ереван најави дека ќе биде домаќин на американски војници на заедничка, невидена воена вежба, која започна на 11 септември.
„Пашинјан ја менува политиката на земјата за да се усогласи со Западот“, е еден од насловите на руската државна новинска агенција ТАСС.
Ваквите шпекулации ги натераа високите функционери од Ерменија и Русија да негираат дека Ереван се движи кон членство во НАТО, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).
Иако целосното свртување кон Запад не е на маса, како што велат аналитичарите, Ерменија вложува конкретни напори да ја направи својата надворешна политика поразновидна и помалку зависна од Русија. Овие напори на Ерменија се забрзуваат во време кога безбедносната ситуација станува се поопасна, а потребата од странска поддршка е повеќе од потребна.
Во текот на изминатите две недели, Ерменија испрати низа гласни сигнали за нејзиниот однос со Русија, кои како што коментираат аналитичарите, беа испратени за да привлечат меѓународно внимание. Ереван испрати хуманитарна помош во Украина, која лично ја достави сопругата на Пашинјан, Ана Хакобијан, која се фотографираше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во моментот главниот непријател на Москва.
За Ереван тоа беше драматично, иако симболично, заминување.
Ерменија до сега се обидуваше да остане надвор од руско-украинската војна, ниту ја критикуваше, ниту ја поддржуваше руската инвазија. Руското Министерство за надворешни работи одговори на патувањето на Хакобијанова со тоа што го повика ерменскиот амбасадор во Москва на консултации и ја обвини неговата земја за помагање на „киевскиот нацистички режим“.
Во исто време имаше неколку остри критики упатени кон Русија од страна на високи ерменски функционери. Пашинјан даде интервју за италијански весник во кое рече дека зависноста од Русија е „стратешка грешка“.
Претседателот на ерменскиот парламент, Ален Симонијан, влезе во јавна расправија со Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, што кулминираше со тоа што тој ја нарече „некоја портпаролка во некаков оддел“.
Симонијан, исто така, рече дека Ерменија, најверојатно, ќе го ратификува Римскиот статут од 1998 година, кој стапи на сила четири години подоцна, основајќи го Меѓународниот кривичен суд (МКС). Ратификувањето на овој статут би значело дека Ерменија се обврзува да го уапси рускиот претседател Владимир Путин, кој го бара судот во Хаг. Симонијан претходно посочи дека ратификацијата не е приоритет за Ерменија.
„Секој од овие мали чекори би бил доволен за да се создаде скандал во ерменско-руските односи, но земајќи се заедно, тие создадоа впечаток дека ова е многу посериозно од се што се случило претходно“, вели Микаел Золијан, политички аналитичар од Ереван.
„Неодамнешните потези на Ерменија покажуваат „обид да се врати нивната надворешно-политичка независност. Но мислам дека тоа не значи дека Ерменија ќе стане истурена станица на Западот или дека тоа е она што го сакаме “, рече Золиан за РСЕ.
Ерменците чувствуваат дека Москва ги предала
Ерменците имаат блиски врски со Русија уште од проширувањето на Руската империја на Кавказ пред повеќе од два века. Од распадот на Советскиот Сојуз, Русија е главниот гарант за безбедноста на Ерменија - Москва ја одржува својата воена база со неколку илјади војници во Ѓумри, во близина на границата со Турција, а руските гранични трупи ја чуваат границата на Ерменија со Турција и Иран.
Ерменија е членка на Организацијата за колективна безбедност (ОКБ) предводена од Русија, со договор за заемна одбрана. А, од крајот на 2020 година и Втората карабашка војна, 2 000 вооружени руски мировници се распоредени во Нагорно-Карабах, сепаратистички регион контролиран од Ерменија, кој е во центарот на конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан.
Но, откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ерменците се чувствуваат предадени од нивниот сојузник. Руските мировници не покажаа ниту волја, ниту способност да се спротивстават на постојаните напори на Азербејџан да заземе нови територии или да ги подобри постојните позиции. Азербејџан врши постојани напади врз Ерменија, а ОКБ не одговори на ерменските барања за интервенција. Во овој контекст, Золиан рече дека „во основа, Ерменија нема што да загуби“ со оддалечувањето од Русија.
Ереван во својата надворешна политика воведува различни опции кои се движат во неколку правци. Таа активно преговара со Индија како нов извор на оружје, откако пратките од Русија, нејзиниот традиционален снабдувач, пресушија поради војната во Украина. Ерменија, исто така, развива односи со својот јужен сосед, Иран, кој сугерираше дека ќе ја брани ерменската територија во случај на можен напад од Азербејџан.
И најочигледно, Ерменија исто така ги зајакнува врските со западните земји. Ги поздравува граничните набљудувачи на Европската унија (ЕУ), бидејќи ЕУ го презеде водството во преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за решавање на нивниот конфликт. Ереван го ангажираше поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен како лобист во таа улога, а Расмусен се залагаше за американски безбедносни гаранции и европска воена помош.
И додека односите со Индија и Иран не се алармантни за Москва, односите со западните земји се многу почувствителни.
„Многу е веројатно дека во Русија тоа ќе биде сфатено како Ерменија да оди кон Запад. Што и да прави Ерменија, ако не е за Русија, тогаш Русија ја гледа како прозападна и антируска“, вели аналитичарот Золијан.
Русија генерално реагираше ладно во јавноста. На 12 септември рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја „нема проблеми со Ерменија“. Постојат и сигнали на се поголемо незадоволство во Москва.
„Мотивите на Ереван треба да ги оценува, објасни и артикулира ерменската страна, а не ние“, рече Захарова следниот ден.
Набројувајќи неколку антируски изјави на ерменските претставници, таа додаде:
„Овие чекори ги оценуваме како непријателски и ги разговаравме со нашите ерменски колеги, партнери, пријатели преку билатерални канали, но сега дојдовме до фаза да зборуваме јавно за тоа, бидејќи има се повеќе прашања“.
Воените вежби се „порака“
Во услови на антируска реторичка кампања, Вашингтон и Ереван најавија дека ќе одржат заедничка воена вежба во Ерменија.
Вежбата „Игл Партнер 2023“ што моментално се одржува во капацитетите за обука Зар и Армавир во близина на Ереван се очекува да заврши на 20 септември.
Самата вежба не е од големо значење од воена перспектива: вежбите се ориентирани кон мировни мисии и вклучуваат само 85 американски војници. Но, аналитичарите велат дека тие испраќаат јасен сигнал, особено со оглед на тоа што Ерменија одби да учествува на вежбите на ОКБ претходно оваа година.
Вежбите стануваат „порака до Баку и Москва дека Ерменија има повеќе можности и добива комплименти од пријателите“, рече Ричард Гирагосијан, од тинк-тенк Центарот за регионални студии со седиште во Ереван.
Одржувањето е веројатно случајност. Ваквите вежби обично се планираат со месеци или повеќе однапред. Амбасадата на САД во Ереван упати прашања за воената вежба до ерменското Министерство за одбрана, кое не одговори на барањата за коментар.
„И покрај тоа, како што се приближуваше датумот на вежбата, оние што ја планираа сигурно беа свесни за тешкиот геополитички момент, но решија да продолжат со планот“, вели Боб Хамилтон, поранешен одбранбен аташе на САД на Кавказ, а сега професор на американскиот воен колеџ во Пенсилванија.
„Веројатно голем дел од тоа беше тоа што не сакавме да се откажеме од вежбата бидејќи Русите беа вознемирени поради тоа“, рече Хамилтон.
Тој го спореди со вежбите за „слобода на навигација“, во кои поморските бродови пловат во меѓународните води едноставно за да покажат дека имаат право на тоа.
Сепак, безбедносните интереси на САД во Ерменија се ограничени, вели Хамилтон.
„Мислам дека не се обидуваме да испратиме порака дека САД сега влегуваат како главен воен партнер за Ерменија, бидејќи тоа едноставно не е точно. Ние навистина немаме интереси во Ерменија што би оправдале големо воено партнерство“, заклучува Хамилтон.
За некои аналитичари, пораките што Ерменија и ги испраќа на Москва се непотребни.
„Имам чувство дека воопшто нема стратегија, тоа се повеќе реакции на акциите на Азербејџан, од Запад, од Русија. Но, она што е јасно е дека од почетокот на септември, „од кои било причини, владата одлучи да преземе чекори за да ја иритира Русија“, изјави Бенјамин Погосијан, виш соработник за надворешна политика во АПРИ Ерменија, со седиште во Ереван.
„Се чини дека Пашинјан верува дека за подобри односи со Западот треба да направи нешто што ја иритира Русија. Значи, во очите на Русија, тоа изгледа како чекор кон Запад. Се разбира, потребна е виртуозна дипломатија за да се диверзифицираат партнерствата во условите во кои се наоѓа Ерменија, а Пашинјан не е многу добар дипломат. Сепак, каков е тој тоа не изгледа како обична дипломатска грешка, туку повеќе како намерна одлука“, вели тој.
Стратегијата може да биде да се создаде впечаток на прозападна ориентација за да се добие поддршка против Азербејџан, велат аналитичарите.
Ерменците се вознемирени од извештаите за движењето на војниците на азербејџанските сили кон границата, новите испораки на оружје од Израел и сè понетрпеливата реторика од Баку.
„Долго време Ерменија беше перципирана како сојузник на Русија, а Азербејџан и Турција го користеа тоа за да ја оправдаат употребата на сила. Значи, мислам дека сега ова е порака до Западот и до Азербејџан да покажеме дека сме на страната на Западот и секој напад врз Ерменија би бил напад врз потенцијален сојузник на Западот или некој што се обидува да излезе од руската сфера на влијание“, вели Золијан.
„Нема алтернатива“
Како што расте потребата за надворешна поддршка, Русија ги игнорира сугестиите дека „во основа нема алтернатива“ освен да му се додворува на Западот, рече Золијан.
„Но, мислам дека е поверојатно дека Пашинјан добил некои пораки од Западот, кои го охрабриле да биде похрабар кога се во прашање односите со Русите“, рече тој.
Сепак, тоа е ризична стратегија.
„Дури и да има некои пораки од Запад, тоа не значи дека Западот нужно ќе го исполни сето она што беше ветено. Значи, ова е многу опасно време и за Ерменија и Карабах“, изјави Золијан.
Ако Русија сфати дека Ерменија залутала предалеку, сепак има неколку можности со кои може да изврши притисок врз Ерменија. На пример, Ереван во голема мера се потпира на дознаките од работниците мигранти во Русија, нешто во што Москва би можела да се меша доколку сака. Ерменија речиси целиот природен гас го добива од Русија. И руските мировни сили во Нагорно-Карабах сè уште играат клучна безбедносна улога таму.
„Да се ослободиме од Русите веројатно би било полошо отколку да ги задржиме Русите таму“, рече Золијан.
Сепак, не е јасно дали Русија е подготвена да преземе такви драматични чекори. Гирагосијан смета дека „ерменската влада е доволно внимателна да ги помести границите, но не и да ја премине границата“.
Силаев се согласува.
„Не очекувам Русија да ги активира тие лостови. Пристапот на Русија е дека ние сме посветени на сојуз со Ерменија и дека Москва не е таа што ги влошува односитеСе чини дека Пашијан сака да ја префрли одговорноста за сите неуспеси и несреќи на Ерменија на Русија, па зошто руската влада би му дала дополнителни аргументи за тоа со притисок врз ерменскиот народ? Зборовите се доволни“, заклучува Силаев.