Во Новата година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услови (АВМУ) ќе влезе со стариот состав на Советот и со очекувања дека конечно на почетокот на 2025-та ќе бидат избрани новите членови во ова медиумско регулаторно тело.
Меѓутоа, кај новинарските здруженија постои страв дека ќе пропадне и овој трет обид, кој беше одбележан и со сомнежи за политизација на АВМУ.
Советот го сочинуваат седум члена. За овие места во конкуренција се 22 кандидати.
Актуелниот состав почна со работа на средината на 2014, а мандатот требаше да му трае седум години. Но, поради политички блокади во Собранието тој се пролонгираше до изборот на нови членови.
Ветувања за избор во првите две недели од 2025
Надлежно тело да ги избере членовите е собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, чија одлука потоа треба да се потврди и пленарна седница на парламентот.
Претседателот на Комисија, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, уверува дека овој пат изборот нема да пропадне.
„Нема рокови, не може да пропадне. Ќе го извршиме изборот секако“, вели Сајкоски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Одлуката за распишување на огласот се најде на дневен ред пред оваа Комисија уште во октомври. На јавна седница во парламетот на 13 ноември, кандидати ги претставија своите биографии и визии за работата во АВМУ и оттогаш се чека пратениците да се одлучат за седумина од нив.
Сега Сајкоски најавува дека тоа ќе се случи за околу две недели.
„Планирано беше до крајот на годинава, меѓутоа поради обврските што ги имаше Собранието ја презакажавме да биде за после Нова година. Првата или втората недела после Нова година ќе одлучиме“, додава Сајкоски.
Страв од партиски договор и од недоверба во АВМУ
Меѓутоа, додека не се донесе одлука ништо не е конечно. Па, така и новинарските здруженија велат дека кај нив има оправдан страв дека повторно може да се „изјалови“ изборот.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Билјана Георгиевска, вели дека незаинтересираноста на пратениците може да значи и дека целата оваа работа ќе се сведе на „партиски договор“.
„Стравуваме дека може да пропадне со оглед на тоа што за време на презентацијата на сите кандидати во собраниската Комисија пратениците делуваа комплетно незаинтересирани и беа отсутни, немаше повеќе од два-тројца пратеници кои во одреден период во текот на денот не ги ни слушаа презентациите туку едноставно излегуваа. Очигледно не ги интересираше квалитетот и искуството на кандидатите што ме тера да помислам дека можеби ќе биде само партиски договор тогаш кога ќе решат да го затворат ова прашање за АВМУ“, вели Георгиевска за РСЕ.
Неуспешните два јавни повици кои изминативе години пропаднаа поради недостиг од двотретинско мнозинство во парламентот за извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Драган Секуловски, се основан страв дека и овој ќе заврши неуспешно
„Дополнително, актуелните членови се во Советот речиси 11 години, иако нивниот мандат првично траеше седум, што во комбинација со законските измени од декември 2018 година - кои дозволуваат Советот да функционира до изборот на нови членови, може да создаде впечаток на институционална стагнација и да ја наруши довербата во регулаторното тело“, додава Секуловски за РСЕ.
Зошто е важно да се избере нов Совет?
И од ЗНМ и од СЕММ ја истакнуваат важноста за изборот на новиот Совет наведувајќи повеќе аргументи.
Секуловски потенцира дека ако пропадне сегашниот обид, ќе се постави прашањето за капацитетот на институциите да ги реализираат важните процесите, а „неопходните реформи за унапредување на медиумскиот сектор ќе продолжат да стагнираат“.
„Изборот на нови членови кои имаат интегритет во заедницата и ги исполнуваат законските критериуми е клучен чекор за зајакнување на довербата и независноста на ова значајно регулаторно тело“, вели извршниот директор на ЗНМ.
Зошто ги напишале законите ако не ги почитуваат, прашува и Георгиевска потенцирајќи дека пред се, изборот е важен за да се запази регулативата што постои во државата.
Како причина, таа ја додава и „комоцијата“ што може да ја создаде долгогодишното заземање на позицијата, како што е и е случајот во АВМУ каде Советот е избран пред повеќе од една деценија.
„Од една страна факт е дека со останувањето на таа позиција долго време луѓето стануваат стручни за дејноста што ја обавуваат, но може да станат и прекомотни односно може да се влијае на разни начини кај секого од нив заради тоа што се сигурни дека ја задржуваат позицијата. Во секој случај треба да се почитува она што го налагаат законските прописи“, децидна е Георгиевска.
Новинари, аналитичари, информатичари меѓу кандидатите
На овој трет јавен конкурс за членови на Советот на АВМУ првично се пријавија 31 кандидат. Во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство.
Останаа само 24, но непосредно пред седницата на 13 ноември кога се претставуваа кандидатите, од Собранието стигна вест дека двајца се откажеле: Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.
Но, Грозданов потоа во изјава за медиумите демантираше дека се повлекол и дека има таква намера туку дека воопшто не добил покана за седницата во парламентот.
Профилот на кандидатите кои се во трка за нови членови, како што можеше да се види на седницата, е разнолик. Меѓу нив има правници, новинари, аналитичари, информатичари...
22 кандидати од кои пратениците понатаму треба да го изберат новиот состав на АВМУ се: Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.
Кога беше нивното претставување во Собранието, дел од опозициските пратеници обвинуваа за партиска поврзаност на дел од кандидатите.
На пример, една од кандидатките кои покренаа реакции беше Афрона Верзиволи, чиј сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците. Верзиволи беше назначена за главна ревизорка на ИПА фондовите, но по реакциите дека таа воопшто нема лиценца, беше разрешена.
Реакции предизвика и Нафие Селмани, советничка во Општина Чаир, која до 2021 година била дел и од претседателтвото на партијата Алтернатива – дел од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН).
Актуелниот состав на АВМУ последната седница ја одржа на 25 декември. За 2 јануари оттаму најавија дека ќе се одржи и првата седница во 2025 година. Доколку се одржат најавите за избор на новите членови во првата или втората недела од новата година, таа може да биде и последна.