Достапни линкови

 
Повредените со сериозни изгореници испратени во најмалку шест држави

Повредените со сериозни изгореници испратени во најмалку шест држави


Роднини на настрадани во пожарот во Кочани пред кочанската болница
Роднини на настрадани во пожарот во Кочани пред кочанската болница

Вкупно 84 пациенти од пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени во болниците во Скопје, а 51 повреден се пратени во странство, информира министерот за здравство, Арбен Таравари. Според него, пациентите се генерално во стабилна состојба. Досега е извршена обдукција на 15 лица.

Лекари се борат за здравјето на повредените, патолози прават обдукција на телата на починатите, на вториот ден од трагедијата во диско клубот „Пулс“ во Кочани каде во пожар загинаа 59 млади лица, а најмалку 155 беа повредени откако се запали таванот на клубот и падна врз присутните за време на на концерт на групата ДНК.

„Имам другарки и другарки што се починати, а многу и што се повредени и сега се во болница во Скопје. Некои се во критична состојба, некои не се“, изјави за РСЕ 14-годишната Сара која денеска беше во центарот на Кочани каде се оддава почит на жртвите од пожарот.

Министерството за здравство ја прифати понудената помош, странски држави да ги згрижат повредените. Досега, пратени се 51 повреден на лекување во шест држави.

„За среќа, пациентите коишто беа донесени вчера во болниците низ државата се во стабилна состојба. И тие кои беа пренесени надвор од државата, сите се во генерално стабилна состојба. Но, се појавува еден нов проблем, има пациенти кои вчера не се јавиле и денеска се јавуваат. Јас би сакал да упатам порака до сите кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, денеска да се пријавуваат“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција на 17 март.

Меѓу пратените во странство се и 20 што беа во критична состојба.

„За 20 пациенти кажавме дека се критични. Не дека се случило нешто дека сега се многу подобри, но од информациите што ги добиваме сите се под контрола и сите се во релативно добра состојба“, рече Таравари.

Според него, повредени се транспортирани надвор од државата не затоа што земјава нема центар за изгореници, туку затоа што станува збор за голем број пациенти.

„И да одите во поголеми држави нема центри за изгореници. Гледате дека сите држави прифаќаат од двајца до петмина пациенти, не повеќе. Кај нас се случи шок, изгореници на повеќе од сто лица што треба да се третираат и нормално е дека немаме капацитети добро да ги третираме. Овие пациенти поради комликациите што се јавуваат од изгорениците, а сите се од втор или трет степен, веќе постои опасност од инфекции и целта ни беше да се третираат што подобро, а ние да сме подготвени евентуално за пациенти кои биле латентни“, рече министерот за здравство.

Каде се распоредени повредените

Во болниците во Кочани и во Штип веќе нема пациенти од пожарот во Кочани. Во Клинички центар во Скопје има 49 повредени, 18 се во ГОБ „8 Септември“ и уште 17 има во хируршката болница „Свети Наум Охридски“ (стара градска болница).

Во Турција се пратени девет пациенти ( тројца во Истанбул и шест во Анкара), и генерално се во стабилна состојба, според Таравари.

Во Бугарија се пратени 14 пациенти (по тројца во во Варна и во Пловдив и осум во Софија).

Во Грција, во Солун, се лекуваат петмина пациенти. Во Србија се пратени 17 повредени. Во Будимпешта, Унгарија, се пратени девојка и момче на возраст од околу 20 години. Двајцата се со изгореници од вдишување чад.

Четворица пациенти се пратени во во Литванија.

Денеска треба да бидат пратени уште повредени во странски болници - двајца за Словенија, четворица за Хрватска и шестмина за Австрија (во болници во Грац и во Виена).

Уште 12 пациенти со авион ќе бидат пратени на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, Србија, најави Таравари.

„Ситуацијата е комплетно под контрола. Очекуваме да има што помалку компликации“, рече Таравари.

Граѓани кои живеат во странство на социјалните мрежи нудат помош и сместување за блиските на повредените.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави дека ќе предложи Службата за општи и заеднички работи на Владата да ги покрие трошоците за пат и престој во странство за членови на семејствата на македонските пациенти што се лекуваат во странство.

Изгореници и операции

Бугарското Министерство за здравство соопшти дека состојбата на 14 повредени пациенти што се хоспитализирани во неколку болници во Бугарија е тешка, поради изгореници и вдишување жешки гасови.

Во болницата „Н.И. Пирогов“ во Софија се примени се осум пациенти, од кои тројца се малолетни на возраст од 15 и 16 години. Останатите петмина се на возраст од 19 до 31 година. Петмина од нив се интубирани.

Во Мултипрофилната болница за активно лекување во Варна се хоспитализирани тројца повредени на возраст од 17, 20 и 15 години. Двајца од нив се на апарат за механичка вентилација.

Во УМБАЛ „Св. Георги“ во Пловдив примени се тројца пациенти на возраст 19, 21 и 49 години, со изгореници од втор и трет степен, како и со оштетувања од вдишување на жешки гасови.

Во Ургентниот центар во Белград ноќеска се примени девет повредени лица од пожарот во дискотека во Кочани, од кои едно е со исклучително тешки повреди опасни по живот, јави МИА од Белград.

„Седуммина беа под третман во операциските сали. Повредените кои се префлени во УЦ имаат изгореници од два до 28 отсто на телесната површина и тоа е иницијална проценка од ноќеска. Дел од повредените имаат изгореници на горните дишни патишта – изјави утрово Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетскиот Клинички центар на Србија.

Според него, сите повреди лекарите на Клиниката се третираат како – тешки телесни повреди опасни по живот.

„Двајца пациенти се на интензивна нега. Еден пациент е на механичка вентилација, тој има најтешки повреди. Повреди има на бронхијалното стебло што се исклучително сериозни. Засега е неблагодарно да се прогнозира за понатамошната состојба поради специфичноста на повредите. Се надевам во следните денови ќе биде појасно за секој пациент“, рече Стојичиќ.

Заменик началникот на ВМА, полковник Примариус д-р Иван Лековиќ изјави денеска дека шест пациенти се пренесени на ВМА, а еден пациент се лекува во Воената болница во Ниш. Состојбата на сите пациенти се сериозна и тешка вели тој.

„Покрај изгорениците кои ги имаат сите, пациентите имаат и знаци и симптоми на труење од гасови од пожарот, како и повреди при вдишување, односно оштетување на дишните органи и белите дробови од топол воздух и материи кои биле во пожарот. Лекувањето е долгорочно, бара бројни операции и вклучување на бројни други специјалисти - пулмолози, кардиолози, невролози, пластични хирурзи“, нагласи Лековиќ, велејќи дека се користат сите ресурси за да се помогне.

Во Северна Македонија пристигнаа медицински тимови од Србија, Чешка, Израел и Белгија. Тие ќе бидат распоредени по клиниките каде има потреба.

Трае обдукцијата, блиските ги очекуваат телата

Институтот за судска медицина веќ прави обдукција на телата на загинатите во пожарот, изјави Александар Станков, директор на Институтот.

„ Работиме интензивно на процесот на идентификација и на утврдување на причините за смртта, со цел да ја завршиме работата што е можно побрзо за да може роднините што поскоро да ги преземат посмртните останки од нивните блиски“, изјави Станков.

Тој кажа дека работат во тимови заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи, но не откри детали до каде е со процесот, односно кога би бил завршен и што е утврдено со обдукциите досега.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска кажа дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.

Блиски на загинатите кои вчера се собраа пред кочанската болница не дозволуваа да се прави обдукција, со образложение дека се јасни причините за смртта. По разговор со надлежните дека обдукцијата е обврска за натамошната кривична процедура, проблемот беше надминат.

Европската Унија започна со евакуација на пациенти со тешки изгореници по разорниот пожар во ноќен клуб во Кочани, соопшти Директоратот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија (ECHO).

Во првите часови по несреќата, Центарот за координација на итен одговор на ЕУ стапи во контакт со властите за цивилна заштита во Северна Македонија, изразувајќи солидарност и поддршка, се наведува во соопштението.

Северна Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првично барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.

Вкупно 59 лица загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а најмалку 155 беа повредени. За несреќата се осомничени 23 лица, 11 лица се во притвор. Истрагата уште трае.

По несреќата, Владата на Северна Македонија вчера прогласи седумдневна жалост на територија на цела држава.


XS
SM
MD
LG