Достапни линкови

Живи изгорени од сметките за струја


Илустрација
Илустрација

Струен удар здрма илјадници семејства поради натпросечно високите сметки за струја дури и за 300 насто. Приговори има до ЕВН, Регулаторна комисија и Народниот правобранител, но, корекции на сметките се ретки. ЕВН велат дека 85% од броилата ги читаат секој месец, освен во непристапните терени.

Триесет и тригодишниот Павле живее под кирија во скопската населба Кисела вода. Неговите стандардни трошоци за месечниот закуп изнесуваат 12.000 денари и сметки за струја, вода и комуналии кои се движат до 5.000 денари. Но, сѐ до изминатиот месец.

Иако до јануари плаќал до 3.000 денари за потрошена електрична енергија, февруарската сметка во сандачето пристигнала со четири пати повисока сума.

„Неколку пати погледнав во цифрата од 12.300 денари и не можев да поверувам. Сметката за електрична енергија е буквално иста со мојата месечна кирија. Ако на тоа се додадат и другите тековни трошоци за месецов, платата нема да успее да ги покрие. Ова е нереално“, вели тој.

Павле е еден од илјадниците граѓани кои во изминатите два месеца се револтирани од натпросечно високите сметки за електрична енергија.

Обиколката на РСЕ регистрираше колона на повозрасни граѓани кои со сметките во раце чекаа ред пред наплатниот пункт на ЕВН во градскиот трговски центар.

Колона граѓани пред пунктот за наплата на ЕВН во ГТЦ
Колона граѓани пред пунктот за наплата на ЕВН во ГТЦ

Голем дел од нив беа дојдени за да пополнат формулар за корекција на фактура. Граѓаните не беа расположени за разговор, но, сепак дозволија да ѕирнеме во нивните сметки.

Во една од нив, стоеше сума за потрошена електрична енергија од 50.000 денари.

Сметка за потрошена електрична енергија од ЕВН
Сметка за потрошена електрична енергија од ЕВН

„Сигурно не сме потрошиле толку струја за да добиеме речиси два ипол пати поголема сметка, а ова ни се случува секоја година во јануари. Решена сум да ја истерам работата и на суд, ова е чиста кражба на монопол, а државата не ме заштитува“, вели жителка на Скопје, револтирана од високата сметка.

Малку прифатени приговори и намалени фактури, управни спорови нема

За периодот декември и јануари, до ЕВН Хоум се доставени вкупно 15.000 барања за корекција на отчитани состојби на струјомери.

Но, како што велат од компанијата, само 2.200 односно 15% од барањата за корекција биле основани и за истите е извршена корекција на сметките. Од таму наведуваат бројот на приговорите е за 20 насто помалку во споредба со декември 2023 и јануари 2024 година.

Иако според Правилата за снабдување, обврска на екипите на Електродистрибуција е да ги отчитуваат броилата еднаш во три месеци, од компанијата тврдат дека вложуваат напори и вршат редовно месечно отчитување на броилата.

Но, фактурата на Павле од скопската населба Кисела Вода покажува дека неговото броило не било читано од октомври минатата година, а фактурите за изминатиот период му биле мерени според просечна потрошувачка.

Тој изминатите месеци плаќал до 3.500 денари за сметки, а последната фебруарска изнесувала 12.300 денари. По поднесениот приговор, од Електродистрибуција излегле на терен и извршиле читање на струјомерот, по што ЕВН Хоум извршила минимална корекција и фактурата му ја намалиле за 700 денари.

Сепак, нивните статистички податоци покажуваат дека процентот на отчитани броила на месечно ниво се движи околу 85%, а овој процент се зголемува на 95% и тоа во рок од само три месеци. Годишно само околу 3% од броилата остануваат неотчитани, и тоа само во случај на повеќе неуспешни обиди и целосно непристапни објекти, тврдат од ЕВН.

„За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот, фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка, каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци. Фактурата изготвена врз основа на процената потрошувачка не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности. Ова значи дека во пракса може да се случи корисникот да има потрошено помалку или повеќе од претпоставените вредности во фактурата и следствено на тоа се прават и соодветните корекции“, стои во одговорот на компанијата.

Во случај граѓаните да не се задоволни од одговорот на ЕВН Хоум, може да се обратат и до Регулаторната комисија за енергетија (РКЕ), која е должна да изврши истрага и носи обврзувачко решение.

Ако РКЕ „пресуди“ во полза на граѓанин, „ЕВН хоум“ е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури. Во случај на негативна одлука, од Регулаторна велат дека граѓаните имаат право да поведат управен спор.

Но, управни спорови воопшто за цела 2024 година и првите два месеца од 2025 година не постојат во правниот оддел на ЕВН Хоум.

„Управни спорови по основ на корекции од потрошувачи на потрошена електрична енергија нема. Ова од причина што овој вид на одлуки на Регулаторната комисија за енергетика не се оспорувааат пред Управен“, одговорија од ЕВН.

Сепак, од компанијата снабдувач со електрична енергија наведуваат дека постапуваат по одлуките на РКЕ.

Од вкупно 81 приговор во 2024 година до Регулаторната комисија за енергетика, уважени се само 8, додека за првите два месеци од тековната година, 6 граѓани се жалеле за високите фактури, додека Регулаторна прифатила само една и наложија на ЕВН Хоум да изврши корекција.

Од 1 јануари 2025 година, цената на струјата за просечна потрошувачка во сите четири блокови е зголемена за 0,92 отсто. Во прв блок цената е зголемена за 0,68 отсто, во втор блок за 0,90 и во третиот блок за 1,93 проценти. Зголемувањето на цената по блокови е најголемо во четвртиот блок и тоа за 2,24 отсто.

Токму за оние кои прв пат влегле во четвртиот блок, реагираше и Регулаторната комисија за енергетика.

„ЕВН Хоум е должен да ги корегира сметките за електрична енергија и да направи соодветна распределба по блокови согласно историјатот на просечната потрошувачка на домаќинството во последните три пресметковни периоди“, соопшти РКЕ.

Од ЕВН Хоум тврдат дека овие задолженија се спроведуваат. За овие корисници, велат дека се појавува „системска нотификација“ и истите секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција. Овој процес на проверка стапил на сила по воведувањето на блок тарифите и се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот.

„Доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се корегира. Корекциите се прават за целиот период (од претходно отчитување до последно отчитување), а согласно тоа и потрошувачката исто така се распределува соодветно по блок тарифи за целиот период меѓу двете отчитувања. Истиот начин на корекции се спроведува и по барање за корекција на фактура од корисник“, одговорија за РСЕ.

Претставки за електрична енергија доминираат и кај Народниот правобранител

Пријавите на граѓаните за огромни сметки за струја фактурирани од ЕВН Хоум, во континуитет со години се високо на скалата на поднесени претставки.

Нивната статистика покажува дека најмногу претставки за заштита на потрошувачките права, во 2024 година, се поднесени за услугата снабдување со електрична енергија - 153, а најголемиот дел од истите, се со наводи за нереални фактури за потрошена електрична енергија.

Во изминатиот период од 2025 година, од 28 претставки поднесени за оваа услуга, 11 се за нереални фактури.

„Овие фактури со паушален (аконтативен) износ, се резултат на неотчитувањето на електричните броила секој месец. Пред две години, по иницијатива на Народниот правобранител беше изменет Правилникот за снабдување со електрична енергија, со што се воведе обврска ЕВН Македонија АД Скопје (ЕВН), електричните броила да ги отчитува квартално, но големиот број на претставки со ваква содржина покажува дека таквата обврска не секогаш доследно се применува“, се вели во одоговорот на Народниот правобранител до РСЕ.

Народниот правобранител преку интервенции до ЕВН за секој предмет бара да му бидат доставени објаснувања, информации и докази -дали броилото на подносителот на претставката редовно се читало, врз која методологија е направено фактурирањето, како и преглед на читани состојби на броилото.

„Во случаите кога се утврдува дека фактурата за потрошена електрична енергија е нереална, соодветно се постапува по интервенцијата на Народниот правобранител и по обезбедени отчитани состојби на броилата, се врши корекција на фактурите за потрошена електрична енергија“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Старо-новата државна лабораторија за проверка на струјомерите никако да проработи

Покрај, ЕВН Хоум, Регулаторната комисија за енергетика и Народниот правобранител, во Северна Македонија постои и Биро за метрологија под капата на Министерството за енергетика, кое може да врши државна, односно независна проверка на струјомерите по пријава од граѓани.

Ова Биро е има надлежности да ги испитува квалитетот на горивото, златото, како и верификација на мерила водомери и за електрична и топлинска енергија, кои по проверката на нивната точност, потрошувачите може да поднесат и приговори. Но, иако има опрема, државата засега тоа не го прави.

Софистицираната опрема за тестирање и верификација на броилата, повеќе од седум години чмае во подрумот на Бирото за метрологија, откри неодамна министерката Сања Божиновска при посетата на институцијата.

Директорот на Бирото за метрологија, Седад Рушани во телефонски разговор за РСЕ вели дека не знае зошто опремата набавена пред седум години, за која има и активен судски спор со добавувачот, не била во употреба.

„Набавката датира од 5 јануари 2018 година. И покрај судскиот спор, ние планираме да ја пуштиме во употреба, Во текот на март планираме јавна набавка за производителот да изврши обука на вработените, да се инсталира софтверот и за извесно време да ја ставиме во погон. Граѓаните ќе можат да доставуваат барање до Бирото како државен орган, а процедурата на постапување на терен за проверка допрва ќе ја прецизираме“, изјави Рушани.

Но, проверката на броилата во Бирото нема да биде бесплатна. Доколку мерачот се испостави дека не отстапува од бројките на ЕВН, тогаш трошокот за пријавата ќе ја плати граѓанинот. Ако пак струјомерот не соодвествува со реалната потрошувачка, тогаш товарот на плаќање оди на сметка на ЕВН.

Од околу 800.000 броила на ЕВН Хоум на ниво на Северна Македонија, само 150.000 се отчитуваат од далечина. Од компанијата велат дека секоја година прават напори што повеќе да се зголеми бројот на овој вид броила.

Сметките за струја изминатиот период беа тема и на политички обвинувања меѓу власта и опозицијата.

СДСМ ја прозва власта дека ги укинала субвенциите поради што граѓаните плаќаат повисоки сметки. Пратеничката група на Социјалдемократите во февруари поднесе и предлог законски измени со кои данокот за електрична енергија ќе се намали од 18 на 5 отсто, а би се укинало и ДДВ-то за основните прехранбени производи.

Меѓутоа, ваквиот предлог не доби поддршка од власта. Пратеници на владејачкото мнозинство ја обвинија опозицијата дека во нејзино владеење била покачена цената на струја, додека сега таа е стабилна.


  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG