Достапни линкови

 
Постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас


Палестинците го слават објавувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел во Деир ал-Балах, во Појасот Газа, среда, 15 јануари 2025 година.
Палестинците го слават објавувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел во Деир ал-Балах, во Појасот Газа, среда, 15 јануари 2025 година.

По 15 месеци војна, Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот, овозможен од Катар и САД, кој ќе стави крај на конфликтот и ќе обезбеди враќање на израелските заложници, објавија претседателот на САД Џо Бајден и каратскиот премиер Ал Тани.

Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и американскиот претседател Џо Бајден на 15 јануари објавија дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што ќе стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа и ќе го отвори патот за десетиците израелски заложници да се вратат дома.

Бајден рече дека по повеќемесечна интензивна дипломатија од страна на Соединетите држави, заедно со Египет и Катар, Израел и Хамас - коj САД и ЕУ гo сметаат за терористичка организација - постигнале договор за прекин на огнот и за враќање на заложниците.

„Овој договор ќе ги запре борбите во Газа, ќе ја зголеми многу потребната хуманитарна помош за палестинските цивили и ќе ги обедини заложниците со нивните семејства по повеќе од 15 месеци во заробеништво“, рече Бајден во изјавата.

Шеикот Ал Тани, објавувајќи го договорот во катарската престолнина Доха, каде што се водеа неколкунеделни напорни преговори, рече дека договорот ќе стапи на сила во недела.

Бајден додава дека „прецизните контури на овој план“ ги изложил на 31 мај 2024 година, по што планот едногласно бил одобрен од Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН).

Договорот ветува етапно ослободување на десетици заложници кои ги држеше Хамас, ослободување на стотици палестински затвореници во Израел и им овозможува на стотици илјади луѓе кои избегаа од Газа да се вратат во своите домови.

Планирано е и испраќање итна хуманитарна помош во областите опустошени од војна.

Договорот се очекува да донесе шестнеделен прекин на борбите, со отворање на преговорите за целосен крај на војната.

Семејствата, роднините и пријателите на израелските заложници реагираат на веста за преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, 15 јануари 2025 година.
Семејствата, роднините и пријателите на израелските заложници реагираат на веста за преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, 15 јануари 2025 година.

Што вели наводниот договор за прекин на огнот во Газа?

Ова се деталите според информациите доставени до Ројтерс од функционер запознаен со договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој допрва треба да се потврди:

Шестнеделната почетна фаза на прекинот на огнот вклучува постепено повлекување на израелските сили од центарот на Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

Договорот бара 600 камиони хуманитарна помош да бидат дозволени да влегуваат во Газа секој ден за време на прекинот на огнот, од кои 50 ќе носат гориво, а 300 камиони ќе бидат наменети за северот.

Хамас ќе ослободи 33 израелски заложници, вклучувајќи ги сите жени (војници и цивили), деца и мажи над 50 години.

Прво ќе бидат ослободени жените и малолетниците под 19 години, а потоа мажите над 50 години.

Израел ќе ослободи 30 палестински затвореници за секој цивилен заложник и 50 палестински затвореници за секој израелски војник кој ќе го ослободи Хамас.

Израел ќе ги ослободи сите палестински жени и деца помлади од 19 години приведени од 7 октомври 2023 година до крајот на првата фаза. Вкупниот број на ослободени Палестинци ќе зависи од бројот на ослободени заложници и може да биде меѓу 990 и 1.650 палестински затвореници, вклучително мажи, жени и деца.

Хамас ќе ги ослободи заложниците во период од шест недели, при што ќе бидат ослободувани најмалку тројца заложници секоја недела, а останатите 33 ќе бидат ослободени пред крајот на тој период.

Семејствата, роднините и пријателите на израелските заложници реагираат на веста за преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, 15 јануари 2025 година.
Семејствата, роднините и пријателите на израелските заложници реагираат на веста за преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, 15 јануари 2025 година.

Прво ќе бидат ослободени сите живи заложници, а потоа и останките на починатите заложници. За спроведување на договорот гарантираат Катар, Египет и САД.

Преговорите за втората фаза од договорот ќе започнат до 16-тиот ден од првата фаза и се очекува да опфатат ослободување на сите преостанати заложници, вклучително и израелски војници, траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските војници.

Во третата фаза се очекува враќање на преостанатите тела на починатите и почеток на обновата на Газа под надзор на Египет, Катар и Обединетите нации.

Бајден ќе му остави упатства на Трамп

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот го претстави планот за повоено управување со Појасот Газа, најавувајќи дека владата на претседателот во заминување Џо Бајден ќе му ги предаде тие упатства на новоизбраниот претседател Доналд Трамп доколку се постигне прекин на огнот.

Блинкен рече дека Белата куќа сака Газа да биде управувана од реформирана палестинска управа и ги повика меѓународните партнери да помогнат во формирањето на привремена влада на палестинската територија, потсетува Ројтерс.

Планот на американската администрација во заминување предвидува формирање на безбедносни сили составени од членови на партнерските земји и проверен палестински персонал, рече Блинкен.

Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа во средата извести дека најмалку 62 лица се убиени во изминатите 24 часа на палестинската територија, каде Израел и Хамас водат војна повеќе од 15 месеци.

Со ова вкупниот број на загинати од почетокот на војната достигна 46.707, како што беше објавено.

Од почетокот на војната меѓу палестинскиот Хамас и Израел на 7 октомври 2023 година, ранети се 110.265 луѓе, се вели во соопштението.

Војната започна со упад на милитантите предводени од Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските податоци, тие убија околу 1.200 луѓе и киднапираа уште 250. Околу половина од тие заложници беа ослободени за време на краткиот прекин на огнот во ноември 2023 година.

XS
SM
MD
LG