Достапни линкови

Договорот за примирје во Либан се смета за голема победа за Израел


Хезболах сега е сенка на своето поранешно јас, но и понатаму е опасен, вели Метју Левит од Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток
Хезболах сега е сенка на своето поранешно јас, но и понатаму е опасен, вели Метју Левит од Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток

Договорот за примирје во Либан е голема победа за Израел, сметаат експерти. Израел успеа да ги одвои нападите на Хезболах од војната во Газа. Хезболах, иако сè уште е опасен, сега е бледа верзија на себе и ќе се соочи со криза на легитимитетот додека се обидува да се обнови.

Договорот за примирје стави крај на едногодишните борби меѓу Израел и либанската вооружена група и политичка партија, Хезболах.

Договорот постигнат со посредство на САД е голема победа за Израел, кој ги постигна своите клучни воени цели, сметаат експертите.

Израел го уништи Хезболах како воена сила, но ја уништи и неговата политичка и економска сила во Либан.

Израел, исто така, успеа да ги одвои ракетните напади на Хезболах врз Израел од војната во Газа. Оваа група, поддржана од Иран – прогласена од САД за терористичка организација, додека ЕУ го направи тоа само вооруженото крило на групата, ги започна своите напади кон Израел веднаш откако израелските сили ја покренаа воздушната и копнената инвазија врз палестинската енклава во октомври 2023 година.

Примирјето, исто така, ќе стави крај на присуството на Хезболах во јужен Либан, кој важеше за негово упориште. И Израел, исто така, мора да ги повлече своите копнени сили од Либан.

„Израел го постигна договорот што го сакаше“, вели Мајкл Хоровиц, од консултантската безбедносна компанија „Le Beck International“ со седиште во Бехреин.

„Некои во Израел се расправаат дека би било подобро да се продолжи војната и да се оди кон целосен пораз на Хезболах, но договорот што го постигна Израел е онолку добар колку што и можеше да се надева“, додава тој.

Хезболах не треба да се потценува

Разорното воздушно бомбардирање на Израел врз Либан го десеткуваше и раководството и воениот арсенал на Хезболах.

Но, експертите велат дека е премногу рано да се отпише групата, која има претставници во парламентот и ја ужива поддршката меѓу шиитската муслиманска заедница во Либан.

Хезболах сега е сенка на своето поранешно јас, но и понатаму е опасен – и за Израел и за неговите многубројни противници во Либан“, рече Метју Левит од Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток.

Сепак, според експертите, војната го уништи наративот што го ширеше Хезболах дека тој е заштитник на Либан од Израел.

За потсетување, Хезболах вети дека ќе го напаѓа Израел додека тој не ја заврши војната во Газа. Но, групата беше принудена да се откаже од таквиот план.

Во конфликтот меѓу Израел и Хезболах загинаа над 3.600 Либанци, главно цивили, а се раселија над еден милион луѓе. Големи области на јужен Либан и делови од главниот град Бејрут сега во урнатини.

„Не само што не беше во можност да го одбрани Либан, туку го вовлече во конфликт поради причини кои не во согласност со либанските интереси, а сега се откажа од токму овој наратив“, вели Хоровиц.

„Групата ќе се соочи со криза на легитимитетот и ќе мора повторно да се издигне, а тоа ќе треба да го направи со многу помалку интелигентно и политички остро раководство“, додаде тој.

Хезболах јавно не го коментираше договорот за прекин на огнот. Но, Хасан Фадлала, либански пратеник и член на Хезболах, инсистираше на тоа дека групата ќе остане вооружена.

„Многу политички групи во Либан ќе се спротивстават на ова“, рече за Радио Фарда (РСЕ), политичкиот аналитичар од Либар, Асад Бечара.

„Хезболах нема да биде присутен во јужните граници на Либан и нема да се соочи со Израел, па нивното оружје ќе биде насочено [кон Либан]. Преодната фаза на Либан ќе биде многу тешка и несигурна“, додава тој.

Од аголот на Иран

Хезболах долго време беше „скапоцениот камен“ на Иран во неговата мрежа на регионални сојузници. Исто така, му служеше на Иран и како прво и најопасна линија за одбрана од Израел.

Иран ќе се обиде да го искористи времето од примирјето за да му помогне на Хезболах „да ги рехабилитира и воспостави своите редови“, смета Хамидреза Азизи, соработник на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Азизи додаде дека Иран и неговите сојузници го гледаат договорот за прекин на огнот како „привремен одмор до следната фаза на конфронтација со Израел“.

Според условите на договорот за прекин на огнот, илјадници либански војници ќе бидат стационирани во јужен Либан заедно со мировните сили на ОН. САД ќе обезбедат воена поддршка на либанската армија и ќе се погрижат за спроведување на договорот, заедно со Франција.

Присуството на Западот најверојатно ќе биде главен извор на загриженост за Иран, кој долго време го шири своето влијание во Либан преку Хезболах, велат експертите.

Техеран ќе го сфати ова како шанса да ги зајакне домашните политички ривали на Хезболах и „да го спречи Хезболах да остане активен во либанската политика“, рече Азизи.

XS
SM
MD
LG