Достапни линкови

Вести

Комплетиран новиот состав на Комисијата за помилување

Вила Водно
Вила Водно

Комплетиран е новиот состав на Комисијата за помилување, а за утре е предвидено да се одржи првата конститутивна седница, брифираа од Кабинетот на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска - Давкова.

Претседателка на Комисијата е д-р Милка Ристова, пензионирана судијка од Врховниот суд.

Членови на Комисијата се и проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

Претходниот состав на Комисијата која беше конституирана кон крајот на јули си поднесе колективна остаква, откако дел од помилувањата објавени за 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба предизвикаа реакции во јавноста поради некои имиња кои се најдоа на листата. Таков е случајот со затвореникот А.Р. кој по помилувањето беше пуштен од затворот „Идризово“ на условна казна, каде издржуваше казна од една година и три месеци заради нелегално поседување на оружје. Веднаш потоа беше уапсен како осомничен за обид за убиство во скопски Чаир, инцидент што се случил десетина дена пред помилувањето.

Во претходниот состав на Комисијата за помилување беа професорите Гордан Калајџиев, Методија Каневчев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

види ги сите денешни вести

Блинкен следната недела во Јужна Кореја

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен треба да ја посети Јужна Кореја во понеделник на 6 јануари, среде политичката криза што се случува во земјата која е близок сојузник на САД во Азија, соопштија јужнокорејските власти на 3 јануари.

Блинкен ќе биде примен од неговиот јужнокорејски колега Чо Тае-Јул и ќе разговараат за „сојузот меѓу Јужна Кореја и САД, соработката меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија, прашања поврзани со Северна Кореја, како и за регионалните и глобални предизвици“, се вели во соопштението на јужнокорејската дипломатија.

Јужна Кореја е клучен сојузник на Вашингтон во регионот, но земјата е втурната во политички хаос откако претседателот Џун Сук-јол се обиде да воведе вонредна состојба на 3 декември, пренесува АФП.

Јун беше суспендиран откако пратениците го разрешија од функцијата, а истата мерка беше преземена и против премиерот кој беше привремен претседател.

Претседателската должност во моментов ја има министерот за финансии Чои Санг Мок.

update

Пронајдено телото на четвртата жртва од несреќата кај Рашче, повреденото дете е стабилно

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Директорот на Детска хирурија во Скопје Лазо Јовчески на 3 јануари изјави дека очекува наскоро да биде пуштено на домашно лекување детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче. Од водите на Вардар попладнево околу 15 часот во близина на местото на несреќата било пронајдено и телото на четвртото починато лице, потврди Министерството за внатрешни работи.

Јовчевски вели дека детето е во стабилна општа состојба и дека не е витално загрозено, поради што од денеска се наоѓа на оддел и не е повеќе на интензивна нега.

„Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето кое има пет години“, рече Јовчески за МИА.

Во сообраќајната несреќа синоќа загинаа три лица на патот од Сарај кон Рашче, откако нивниот автомобил излета од патот и падна во реката Вардар. Се трагаше по четврто машко лице, а денеска од Јавното обвинителство соопштија дека било извлечено од водите на Вардар починатото тело на машко лице кое било патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините“, се наведува во информацијата од ЈОРСМ. По наредба на јавен обвинител телото ќе биде предадено на судска медицина од каде треба да се добие потврда за идентитетот на лицето, наведуваат обвинителите. Во потрагата по четвртото лице од несреќата учествуваа и припадници на армиските Волци.

Како што соопшти вчера Центарот за управување со кризи, од автомобилот биле извадени тела на три женски лица, а дека се трага по четврто машко исчезнато лице за кое беше наведено дека најверојатно излетало во водите на Вардар.

Медиумите известуваа дека 5-годишното дете било петтото лице во возилото и дека сите биле од исто семејство. Според извештаите детето излетало од автомобилот пред да падне во реката и било било пронајдено од случајни минувачи.

Јавното обвинителство утрово соопшти дека за трите починати женски лица кои биле извадено од возилото кое излетало во реката Вардар била издадена наредба за обдукција.

Од обвинителството истот така наведоа дека се трага по уште едно лице, а дека детето кое патувало во автомобилот, а било пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.

Зеленски: Избори во Украина се можни оваа година доколку заврши воената состојба

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека оваа година може да се одржат претседателски и парламентарни избори доколку преговорите ја прекинат „жешката фаза“ од војната со Русија, што ќе овозможи укинување на вонредната состојба.

Во интервју за украинската телевизија доцна на 2 јануари, Зеленски рече дека позицијата на Украина откако ќе излезе со какво било решение за сегашната одбрана од руската инвазија ќе одреди дали може да се одржат долго одложените избори во земјата.

„Кога станува збор за 2025 година, дали ќе успееме да го постигнеме крајот на жешката фаза на војната за Украина; кога ќе успееме да го постигнеме тоа со силна армија, силен пакет оружје и силни безбедносни гаранции, тогаш овие [избори] ќе се случи“, рече Зеленски во интервјуто што го даде во друштво на неговата сопруга Олена.

„После тоа, во принцип, можеме да размислуваме за укинување на вонредната состојба во Украина. Кога ќе заврши вонредната состојба, тогаш топката е во дворот на парламентот -- парламентот потоа го избира датумот за изборите... Не мислам дека ќе треба да поминам години чекајќи [избори] кога ќе заврши вонредната состојба“, рече тој.

Петгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши минатата година на 20 мај. 46-годишниот поранешен актер кој стана политичар не кажа дали ќе бара уште еден мандат како лидер на земјата.

„Ако направам повеќе отколку што можам, тогаш веројатно ќе гледам попозитивно на оваа одлука. Тоа не е мојата цел денес“, рече тој.

Претседателските избори требаше да се одржат во март или април 2024 година, но тие беа одложени бидејќи во земјата се уште е вонредна состојба. Според украинскиот Устав, Зеленски мора да продолжи да ги извршува своите должности додека не се избере нов шеф на државата.

Парламентарните избори требаше да се одржат на 29 октомври 2023 година, но и тие беа одложени поради примената на вонредната состојба.

Украина е во вонредна состојба откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Парламентот ја продолжи во интервали од 90 дена 13 пати, а последното продолжување трае до 7 февруари.

Силите на ЕУ во БиХ најавуваат поинтензивни движења

Транспорт на опрема и зголемено движење на силите на ЕУФОР. (архивска фотографија)
Транспорт на опрема и зголемено движење на силите на ЕУФОР. (архивска фотографија)

Силите на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) на 3 јануари ги предупредија граѓаните дека трупите на ЕУФОР ќе ги интензивираат своите движења во текот на следната недела.

„Станува збор за продолжување на вообичаените и рутински операции“, по период на намалени активности на крајот на декември, изјавија од Воената мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина.

„ЕУФОР останува посветена на безбедноста и стабилноста за благосостојбата на сите граѓани на Босна и Херцеговина и продолжува да ги поддржува нашите партнери во БиХ“, соопштија од оваа меѓународна воена мисија.

Последен пат беше најавено зголеменото движење на војниците на ЕУФОР во средината на август минатата година, пред почетокот на едномесечната, годишна вежба „Брз одговор“.

Повеќе од илјада војници од Европската унија, Швајцарија, Турција и Чиле веќе две децении го чуваат мирот и безбедноста во БиХ.

ЕУФОР, исто така, има мандат да употреби сила, во случај 16-те домашни полициски агенции и околу 8.000 домашни војници да не можат да одржат стабилна средина.

Можноста за распоредување на дополнителни 3.500 војници беше овозможена со договорот „Берлин плус“ потпишан со Северноатлантската алијанса (НАТО).

Воената мисија „ЕУФОР – Алтеа“ во БиХ е формирана на 1 декември 2004 година, со цел да го преземе мандатот од мисијата на НАТО, кој беше на сила од крајот на војната. Мандатот на мисијата се одобрува секоја година од Обединетите нации (ОН).

На 1 ноември минатата година, Советот за безбедност на ОН едногласно го продолжи мандатот на воените сили на Европската унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа) до ноември 2025 година.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и симултаните сецесионистички чекори преземени од проруските власти во Република Српска, ЕУФОР го удвои бројот на војници на повеќе од 1.500, вклучувајќи хеликоптери и оклопни единици.

Царината запленила 35 автомобили што нелегално завршувале на автоплацеви

Прес-конференција на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски
Прес-конференција на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на автоплацови во Македонија, без да се платат увозни давачки.

„Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што на буџетот на државата, преку избегнување плаќање увозни давачки, е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција, на која информира за случаите.

Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на буџетот на државата е многу поголема затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

„Досега до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службената должност и овластувањето. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејства кривични пријави ќе следуваат за други лица, при што некои од нив ќе се товарат за повеќекратно извршување исти или слични дела. Во однос на царинските службеници што извршиле злоупотреба на службената положба и овластувањето, во тек се дисциплински постапки по што ќе следуваат соодветни казнени мерки“, изјави Николовски.

Поконкретно, во овие случаи, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи, кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот, без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и завршувале на разни автоплацеви во државата.

Во Србија граѓанска акција 29 минути тишина за жртвите во Нови Сад, Цетиње и Ариље

Граѓаните на Србија им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње, 3 јануари 2025
Граѓаните на Србија им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње, 3 јануари 2025

Граѓаните на Србија и денеска (3 јануари) им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.

Акцијата, која се одржа Белград, Нови Сад, Краљево, Ниш, Александровац, Зрењанин и други градови, траеше 29 минути – за 29 жртви.

Во Нови Сад маж со автомобил БМВ се обидел да ја пробие блокадата.

Студентите на Универзитетот во Нови Сад блокираа мост 29 минути од 11:52 часот, со цел да им оддадат почит на загинатите во падот на настрешницата на 1 ноември, како и на загинатите во Ариље на 31 декември и во Цетиње на 1 јануари.

Студентите развија голем транспарент со црвена дланка на Петроварадинската тврдина.

Српските медиуми јавуваат дека дошло до инцидент во пресрет на акцијата, во 11 часот и 45 минути, кога црн автомобил се обидел да вози низ толпата студенти. Како што јавуваат српските медиуми, возач на џип нападнал девојка од студентското обезбедување, по што му пришле и машките обезбедувачи, а од своите автомобили излегле и други граѓани за да се пресметаат со мажот. Насилникот потоа го оставил возилото на крстосница.

И овој петок пред зградата на РТВ се одржа 15 минути молк.

Средношколци се собраа на Плоштадот на Слободата во Нови Сад.

Претставници на ССП ја блокираа улицата Таковска кај РТС во Белград.

Пред градската управа во Краљево денеска беа и ветераните од 63-та Падобранска со црвени беретки.

Орбан не бил поканет на церемонијата по повод полското претседателство со ЕУ

 Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Полската заменик министерка за европски прашања Магдалена Собковјак-Царнецка денеска (3 јануари) изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не бил поканет на церемонијата што се одржува во Варшава по повод полското претседателство со Советот на ЕУ, како и унгарскиот амбасадор во таа земја.

Како што истакна, полските власти ја донеле таа одлука откако Будимпешта му дала азил на поранешниот заменик министер за правда на Полска, Марсил Романовски, кој е под истрага за наводна злоупотреба на јавни средства.

Будимпешта му даде политички азил на Романовски, кој беше уапсен во Полска во јули минатата година, како дел од истрагата за злоупотреба на јавни средства, што властите во Варшава силно го критикуваа.

Полска го нарече потегот „непријателски чин“ што се коси со принципот на лојална соработка меѓу членките на Европската Унија.

Полска го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ од Унгарија. Таа ќе претседава со Унијата до 1 јули годинава.

Молдавија уверува дека и покрај запирањето на испораките на руски гас, ќе се покрие побарувачката

илустрација
илустрација

Два дена откако беше прекината испораката на рускиот природен гас поради истекот на договорот за снабдување со Украина, молдавската државна компанијза за трговија со енергија АД „Енергоком“ соопшти дека ќе покрие 100 отсто од потрошувачката на електрична енергија.

На 2 јануари „Енергоком“ соопшти дека потрошувачката на 3 јануари се очекува да биде поголема за околу 10 проценти, но дека сепак ќе ја покрие побарувачката.

„Потрошувачката на електрична енергија на десниот брег на реката Днестар е целосно покриена во првите два дена од годината“, објави на 2 јануари владината кризна група.

Компанијата наведува дека, покрај локалното производство од топланите во Кишињев и Балта и локални обновливи извори на енергија, струја ќе се купува и надвор од земјата.

Кризната група, основана на 26 декември, соопшти дека на 1 јануари речиси половина од потрошувачката на електрична енергија во земјата била покриена со увоз од Романија и дека нема потреба да се активираат договори за вонредни ситуации.

Властите во Кишињев, пак, потврдија дека отцепениот регион Придњестровје, кој е без природен гас од 1 јануари, добива електрична енергија откако електраната што го опслужува регионот се префрли на работа на јаглен.

Според јавните податоци, Тираспол има резерви од околу 70 000 тони јаглен, што би можело да ја покрие потрошувачката на регионот за 30 до 50 дена. Општинската администрација во Тираспол, соопшти дека има резерви на природен гас од околу 13 милиони кубни метри, што е доволно за околу 20 дена.

Сепак, жителите на најмалку 11 заедници во близина на Тираспол немаа природен гас, греење и топла вода на 1 јануари. Градот има поставено 30 пунктови каде што луѓето можат да се соберат да се загреат и да јадат топли оброци. Според снабдувачот Тирасполтрансгаз, во меѓувреме, околу 115 000 домаќинства добиваат природен гас само за готвење.

„Засега ситуацијата не е критична“, изјави еден човек од градот Тигина за молдавскиот сервис на РСЕ на 2 јануари, истакнувајќи дека досега успеал да се извлече користејќи електричен шпорет.

Одлуката на Украина да не го обнови договорот со кој се дозволува проток на руски гас низ нејзината територија го продлабочи јазот меѓу Киев и Братислава.

Словачкиот премиер Роберт Фицо на 2 јануари изјави дека словачката влада ќе разговара за одмазднички мерки, вклучително и прекин на снабдувањето со електрична енергија за Украина, намалување на помошта за украинските бегалци и барање да се врати транзитот на гас или компензација за загубите.

Словачка има алтернативни испораки на гас, но Фицо вели дека Словачка ќе ги загуби сопствените транзитни приходи и ќе плати дополнителни транзитни такси за увоз на неруски гас. Тој додаде дека словачката делегација ќе разговара за ситуацијата во Брисел следната недела, а потоа неговата владејачка коалиција ќе размисли за одмазда за, како што рече, „саботажата“ од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На 1 јануари Зеленски изјави дека крајот на испораката на природен гас во Европа преку гасоводот што минува низ Украина е голем пораз за рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи ја Москва дека „ја користи енергијата како оружје“.

Еден загинат, четворица повредени во руски напад на Киев

илустрација
илустрација

Во напад на руски дрон врз украинскиот главен град Киев, едно лице загина, а четворица се ранети, соопштија локалните власти.

Московските сили, кои ја започнаа својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, ги засилија воздушните напади низ Украина од почетокот на зимската сезона, вклучително и новогодишните напади на Киев во кои загинаа две лица.

„Едно лице загина, а четворица се ранети за време на непријателски воздушен напад во регионот на Киев“, изјави Микола Калашник, шеф на киевската област.

Тој рече дека возачот на камионот загинал откако бил погоден од делови од соборениот руски дрон. Делови од дронот паднале и врз куќа при што се повредени три лица, меѓу кои и едно 16-годишно момче.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 93 беспилотни летала во текот на ноќта. Војската соопшти дека ги соборила беспилотните летала или ги заглавила со електронски уреди.

Властите соопштија дека делови од дронови паднале во два квартови на Киев, но нема извештаи за повредени.

Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

Седница на Судскиот совет (илустрација)
Седница на Судскиот совет (илустрација)

Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Советот денеска (3 јануари) на 510-тата седница со 13 гласа го избра Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.

Камбовски, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека ќе работи да ја опрадава.

„Искрено се надевам дека заеднички ќе успееме да ги постигнеме највисоките стандарди на професионализам, непристраснот и стандарди кои се однесуваат на зајакнување на темелите на владеењето на правотo. Не се сомневам дека во тоа ќе успееме доколку сите работиме и имаме иста цел, а тоа е да имаме здраво, независно и транспарентно судство, кое што е потребно и на граѓаните и на нашата држава“, изјави Камбовски.

Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Судскиот совет, минатата годината ја почна со претседателски смени, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, лани се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.

Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG