Достапни линкови

Вести

Приватните автобуси повторно на скопските улици, но не со полн капацитет

илустрација
илустрација

Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.

Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.

„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје - Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.

Приватните превозници, според него, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостатокот на автобуси од ЈСП доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.

Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на приорден гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.

Вонредна седница одржа Владата на која беше донесена одлука да се интервенира со нафта од државните резерви со што автобусите имаат нафта за седум дена. Вонредна седница истиот ден одржа и Советот на Град Скопје на која беше поздравена одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрични автобуси.

види ги сите денешни вести

АД ЕСМ со нова цена повисока за две евра на тендерот на ЕВН Хоум

Илустративна фотографија - сметки за струја.
Илустративна фотографија - сметки за струја.

АД ЕСМ на тендерот на ЕВН ХОУМ понуди цена од 62 евра за мегават часови.

Оваа цена е за две евра повисока од досегашната што АД ЕСМ му ја продаваше на универзалниот снабдувач и таа има најголемо влијание врз цената на струјата што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари следната година.

Новата цена на струјата треба да биде дефинирана до крајот на годинава, а ќе важи од први јануари.

Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега во изјави за медиумите рече дека не очекува големи промени во цената на струјата, а доколку дојде до такво нешто, тогаш зголемувањето би било минимално од еден до три проценти.

Ваквите очекувања Мицкоски рече дека ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што е направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините јаглен и набавката на природниот гас.

„Не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 проценти како што е тоа случај во многу држави од регионот и Европа. Очекувам, ако има зголемување, тоа да биде незначително во рамки од еден до три проценти“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година.

ЕУ бара нови избори во Грузија откако премиерот ги отфрли пристапните преговори

Протести во близина на грузискиот Парламент. 28.11.2024.
Протести во близина на грузискиот Парламент. 28.11.2024.

Европскиот парламент на 28 ноември усвои резолуција со која се повикува на нови парламентарни избори во Грузија и санкции против високи членови на владејачката партија Грузиски сон.

Во меѓувреме, граѓани излегоа на протести пред гтузискиот парламент, откако денеска грузискиот премиер Иракли Кобахиџе рече дека неговата влада нема да ги отвори преговорите за пристап во Европската унија (ЕУ) со Брисел до 2028 година, кога завршува мандатот на неговата влада.

Демонстранти се собраа пред грузискиот парламент во Тбилиси. Фотографиите и видеата од собирот покажуваат дека тие носат грузиски и знамиња на ЕУ. Спонтан протест се одржа и во западниот град Зугдиди.

Демонстрантите во Зугдиди за грузискиот сервис на РСЕ изјавија дека владејачката партија Грузиски сон се оддалечува од ЕУ и ја турка земјата кон Русија.

„Грузиските власти ги прекинаа сите односи со Европската унија, а исто така одбиваат да добијат средства. Ова секако ќе доведе до економски колапс“, изјави за РСЕ Манана Микава, учителка.

Западните влади ги доведуваат во прашање октомвриските парламентарни избори во Грузија, на кои Грузискиот сон освои 54 отсто од гласовите, тврдејќи дека изборите биле нарушени со кршење на законите и руско влијание.

Во својата резолуција, Европскиот парламент наведе дека изборниот резултат „не служи како сигурно претставување на волјата на грузискиот народ“.

Тој, исто така, ја повика Европската унија, која ја замрзна апликацијата на Грузија за членство во ЕУ минатиот месец, да воведе санкции за клучните функционери во владејачката партија, вклучително и Кобахиџе, претседателот на Грузискиот сон Иракли Гарибашвили, моќниот милијардер и основач на партијата Бидзин Иванишвили и градоначалникот на Тбилиси Каха Калаџа.

Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги суспендира пристапните преговори, а дека истовремено ги отфрла сите буџетски грантови на ЕУ до 2028 година.

„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, рече премиерот пред новинарите без да поставуваат прашања.

Претходно, на парламентарната седница на која беше одобрена неговата влада, Кобахиџе рече дека целта на неговата влада е Грузија да влезе во ЕУ до 2030 година.

„Подготвени сме да ги почитуваме и да ги земеме предвид сите услови [поставени од ЕУ] кои не се против нашите национални интереси“, рече тој, на аплауз од пратениците на Грузискиот сон.

Грузискиот претседател Саломе Зурабишвили, жесток критичар на Грузискиот сон, треба да се сретне со странски дипломати во Тбилиси пред да даде изјава подоцна на 28 ноември.

Грузија го доби статусот кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и групи на граѓанското општество.

Соединетите Држави објавија во јули дека ќе суспендираат повеќе од 95 милиони долари помош за грузиската влада, предупредувајќи дека таа назадува кон демократијата.

Приватните превозници најавија блокади, Славески расчистување со булдожери

Илустративна фотографија: Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје во 2022 година.
Илустративна фотографија: Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје во 2022 година.

Приватните превозници велат дека од понеделник ќе ги блокираат улиците на Скопје, барајќи од Град Скопје покачување на цената од изминат километар, бидјејќи како што велат со моменталната од 70 денари не можат да ги покријат трошоците.

Тие рекоа дека ако за време на викендот не бидат прифатени нивните барања на вонредна седница на Советот на Град Скопје, в понеделни наутро ќе ги постават автобусите на крстосницата во Автокоманда, кај Народна банка и на мостот кај во Нерези.

„Не сакаме да блокираме, не сакаме луѓето да трпат, меѓутоа приморани сме. Сакаме да работиме, но за 20 илјади денари нека дојдат советниците нека возат, ќе им ги дадеме автобусите. Во 2015 година е направена оваа цена за која сме платени“, рекоа приватните превозници.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска рече дека веќе дала позитивно мислење за иницијативата на приватните превозници.

Во писмено соопштение Арсовска наведе дека го охрабрува пртседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, да ја стави точката на приватните превозници на дневен ред.

„И заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе ја поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз на приватните превозници или не“, вели Арсовска.

Славески пак рече дека Арсовска манипулира и дека прво се потребни анализи од стручните служби, но и рече дека доколу во кризна состојба дојде до блокирање на улиците „се носат булдожери и се расчистува улицата.“

„Како може некој да блокира улица во кризна состојба. Владата која прогласила кризна состојба е должна да ги искористи сите инструменти за непречано одвивање на сообраќајот“, рече Славески.

Во меѓувреме, вечерва на 28 ноември се одржа средба меѓу приватните превозници и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, на која се дискутирало за предлози за решавање на проблемот.

Проблемите со јавниот сообраќај во Скопје продолжуваат откако изминатиов период не сообраќаа автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП.

Проблемите беа поради недостиг на гориво, со што неколку дена автобусите на ЈСП беа паркирани.

По колапсот со јавниот превоз, Владата на вонредна седница донесе одлука со која прогласи кризна состојба со топлинска енергија, за да може да му позајми гориво на ЈСП од државните нафтени резерви.

Проблеми во ЈСП има подолго време. Вработени протестираа поради неисплатени плати, автобуси на улиците има помалку од потребните за да ги опслужат граѓаните на Скопје, кои се жалат дека автобусите доцнат, дека често се расипуваат и дека условите за возење се лоши поради гужвите што се прават во нив.

Судот во Нови Сад го укина притворот на уапсените по протестот пред Градското собрание

Протест поради несреќата на железничката станица во Нови Сад, за која демонстрантите ја обвинуваат негрижата и корупцијата на властите. Нови Сад, Србија, 5 ноември 2024. Снимка од дрон.
Протест поради несреќата на железничката станица во Нови Сад, за која демонстрантите ја обвинуваат негрижата и корупцијата на властите. Нови Сад, Србија, 5 ноември 2024. Снимка од дрон.

Вишиот суд во Нови Сад им го укина притворот на неколкумина осомничени кои на 5 ноември на јавен собир пред градското собрание во Нови Сад извршија кривично дело насилничко однесување, се вели во соопштението на судот на 28 ноември.

Укинат е притворот на Александар Мудриниќ, Иван Бјелиќ, Саша Вучиќ, Максим Коловиќ и Михаил Младеновиќ.

Судот, како што се наведува, ја прифатил жалбата на бранителите на четворицата осомничени и ги ослободил.

„Судот утврди дека повеќе не постои основан страв дека осомничените, наоѓајќи се на слобода, можат за краток временски период да го повторат кривичното дело за кое се основано осомничени, како и дека последиците од Конкретните дејствија на извршување за кои се товарат осомничените овде не се толку сериозни што би можеле да доведат до вознемирување на јавноста“, објаснуваат од судот.

Судот ја отфрли жалбата на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад со која се предлага да се одреди притвор, исто така поради претпазливост дека осомничените би можеле да влијаат на останатите соосомничени доколку се на слобода.

Во натамошниот тек на кривичната постапка, именуваните осомничени ќе се бранат од слобода, се вели во соопштението на судот.

Полицијата приведе 14 лица за време и по овој протест во Нови Сад.

На протестот избувнаа нереди откако групи мажи, главно со маски и качулки, почнаа да фрлаат камења и други предмети кон седиштето на градската власт. Тие ја скршија влезната врата и прозорците, а полицијата одговори со солзавец од Градското собрание.

На тој протест беше побарана одговорност од власта за смртта на луѓето при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Сиљановска Давкова: Изјавата на еврокомесарката Кос звучи како бирократско мешање во внатрешните работи

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета, ја коментираше изјавата на новоизбраната еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која се однесува на очекувањата за уставните измени во земјава.

„Имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи на нешто како земи го или остави го. Тоа не е филозофија, тоа е софистицирано евромандаринство. Тоа ме плаши, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи“, истакна Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ.

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос на 27 ноември изјави дека очекува Северна Македонија да ги направи потребните уставни измени и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, нагласи Кос, пренесе МИА.

Прашана дали после направени уставни може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.

Таа додаде дека еден од основните принципи на Европската Унија е почитувањето на уставните и политичките структури на земјите-членки и кандидатки.

Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, новата еврокомесарка рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.

„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, рече Кос.

Македонската претседателката истакна дека Северна Македонија е подготвена да направи чекори напред во процесот на уставни измени, но со одложено правно дејство.

„Ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето можат да се соочат со пречки на крајот“, предупреди таа.

Сиљановска Давкова нагласи дека иако ретко дава коментари на изјави од ваков тип, чувствува обврска да реагира на, како што рече, премногу бирократското перцепирање на Европската Унија.

Уставниот суд на Романија нареди пребројување на првиот круг од претседателските избори

Калин Георгеску, независен кандидат на проруската екстремна десница, постигна изненадувачка победа во првиот круг од изборите.
Калин Георгеску, независен кандидат на проруската екстремна десница, постигна изненадувачка победа во првиот круг од изборите.

Врховниот романски суд нареди пребројување на гласачките ливчиња во првиот круг од претседателските избори во кои екстремно десничарски кандидат имаше шокантно водство.

Уставниот суд во соопштението на 28 ноември наведе дека „едногласно наредил повторно проверка и пребројување на гласачките ливчиња за претседателските избори на 24 ноември“. Судот во Букурешт вели дека одлуката е конечна.

Централното изборно биро треба да се состане подоцна во текот на денот за да разговара за судската одлука.

Калин Георгеску, независен кандидат на проруската екстремна десница, постигна изненадувачка победа во првиот круг од изборите, собрајќи речиси 23 отсто од гласовите.

Џорџеску во вториот круг на 8 декември треба да се соочи со централно-десничарката Елена Ласкони, цврста евроатлантистка, откако и двајцата беа пред фаворитот - левичарскиот премиер Марсел Чиолаку.

Без поддршка од партија, кампањата на Џорџеску во голема мера се потпираше на платформата за социјални медиуми TikTok, каде што неговиот профил имаше 1,6 милиони лајкови и каде тој објавуваше видеа на кои присуствува во црква, се занимава со џудо, трча на патека и зборува на подкасти.

Романскиот претседател има значителни овластувања за донесување одлуки, вклучително и за прашања од националната безбедност и надворешната политика.

Избран за петгодишен мандат, претседателот може да ги отфрли и партиските кандидати за премиер и владините кандидати за назначувања во судството.

Повеќе од милион Украинци останаа без струја по последниот руски напад

Пожарникари работат на местото на рускиот ракетен напад во областа Волин во Украина на 28 ноември.
Пожарникари работат на местото на рускиот ракетен напад во областа Волин во Украина на 28 ноември.

Русија изврши „масовен“ напад врз инфраструктурата на Украина на 28 ноември, оставајќи повеќе од 1 милион луѓе без струја на ниски температури низ целата земја.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за „одвратна ескалација“, откако Министерството за внатрешни работи забележа штета на инфраструктурата во девет региони.

Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека последниот напад е „одговор“ на Москва на украинските напади на руска територија со американски ракети со среден дострел ATACMS.

Говорејќи за време на патувањето во Казахстан, Путин предупреди дека идните цели на Русија може да вклучуваат „центри за одлучување“ во Киев.

Путин рече дека Русија лансирала повеќе од 90 проектили и 100 беспилотни летала во „сеопфатниот напад“ на 28 ноември и дека биле погодени 17 цели - тип на детали што претседателот ретко ги кажува.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 79 проектили и 35 беспилотни летала, додека 62 беспилотни летала се „изгубени“, што значи дека најверојатно биле срушени од електронска војна.

Сите проектили или беспилотни летала насочени кон главниот град Киев се соборени, соопштија официјални лица.

Нападот го принуди националниот оператор на електричната мрежа Укренерхо „итно да воведе итни прекини на струјата“, рече министерот за енергетика Херман Халушченко рано на 28 ноември.

„Уште еднаш, енергетскиот сектор е под масовен непријателски напад. Напади на енергетски објекти се случуваат низ Украина“, напиша Халушченко на социјалните мрежи.

Енергетскиот провајдер ДТЕК рано утрово соопшти дека се воведуваат итни прекини на струја во регионите Киев, Одеса, Днепропетровск и Доњецк.

Киев, исто така, наводно исклучил неколку нуклеарни енергетски единици од мрежата за време на нападот. Украина добива повеќе од половина од електричната енергија од нуклеарните централи.

Тоа се случува кога температурите низ Украина паднаа на околу нула Целзиусови степени.

Претходно овој месец, висок претставник на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека таргетирањето на Москва врз енергетската инфраструктура на Украина може да ја направи оваа зима „најсуровата од почетокот на војната“ пред речиси три години.

Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум поради пропаднат тендер за организацијата

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе одлука за откажување на Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската унија (ЕУ), што требаше да се одржи на 4 и 5 декември во Неум, Босна и Херцеговина.

Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ и министер за одбрана, Зукан Хелез.

„Самитот беше откажан бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан. Имаше една жалба против некои кои поминаа како најдобри понудувачи“, изјави Хелез за РСЕ.

Тој рече и дека „веднаш“ ќе биде објавен нов тендер за организирање на самитот и дека самитот најверојатно би можел да се одржи во јануари.

Овој дводневен настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.

Иако се уште не е официјално потврдено, како што изјавија за РСЕ од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, на Самитот требаше да присуствува Марта Кос, која на 1 декември ќе ја преземе функцијата комесар за проширување на Европската унија.

Тоа требаше да биде една од нејзините први официјални посети.

Истрага во Белград против 14 осомничени за шверц на кокаин во рамки на Балканскиот картел

Зградата во која се наоѓа Обвинителството за организиран криминал, Белград
Зградата во која се наоѓа Обвинителството за организиран криминал, Белград

Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград на 28 ноември соопшти дека покренало истрага против 14 осомничени поради постоење на оснновано сомнение дека се дел од организирана криминална група, чии организатори се осомничени дека биле дел од „Балканскиот картел“ и дека биле вклучени во шверц на кокаин на меѓународно ниво.

Според обвинителството, во истрагата се вклучени Драган Никиќ, Воислав Мајсторовиќ, кој е во бегство, Борислав Плавшиќ, Срѓана Јездимир, исто така, во бегство, Младен Лазаревиќ, Младен Паповиќ, Бошко Влаовиќ, Немања Брашновиќ, (во бегство, Александар Илиќ, Драган Николиќ, Иван Цветковиќ, Милош Јовановиќ и Драган Ѓорѓевиќ (претходно презиме Сантаи).

„За тројцата осомничени кои се во бегство Мајсторовиќ, Јездимир (бидејќи не им е достапен на нашите органи) и Колаковиќ, јавниот обвинител побара од судот да биде распишана меѓународна потерница“, соопшти обвинителството.

„Осомничените се товарат дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги од член 246 ст.5 од Кривичниот законик и здружување за извршување кривични дела од 26.10.2019 година до 19.03.2021 година.од член 346, ст.5. , во врска со став 2 од Кривичниот законик“, се додава.

Обвинителството соопшти и дека на сослушувањето на јавниот обвинител за организиран криминал „осомничените не сакале да изнесат одбрана и го искористиле своето законско право и се бранеле со молчење“.

Јавниот обвинител за организиран криминал, како што е соопштено, му предложил на судијата за претходна постапка на Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград на сите лица да им се одреди мерка притвор.

Во соопштението се наведува и дека во соработка со ЕВРОПОЛ, Јавното обвинителство за организиран криминал, заедно со полициите на Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, „успеало да ги идентификува организаторите и членовите на организирана криминална група на нејзина територија, која е осомничени дека стојат зад пратки од повеќе од половина тон кокаин кои пристигнале во Европа од Еквадор, чии организатори и членови комуницираа меѓу себе преку платформата SKY ECC“.

Поранешен британски војник виновен за шпионирање за Иран

Даниел Абед Калифе, поранешен британски војник
Даниел Абед Калифе, поранешен британски војник

Поранешен британски војник, чие бегство од затвор предизвика масовна потера во 2023 година, е прогласен за виновен за предавање чувствителни информации на иранската разузнавачка служба.

Обвинителите рекоа дека Даниел Абед Калифе (23) играл „цинична игра“ тврдејќи дека сака да биде двоен агент за Велика Британија, откако доставил голема количина ограничени и доверливи материјали во Иран, вклучувајќи ги и имињата на офицерите на специјалните сили.

Пресудата беше донесена во лондонскиот Крунски суд Вулвич на 28 ноември.

На почетокот на судењето, обвинителот Марк Хејвуд им кажа на поротниците дека Калифе собирал чувствителни информации помеѓу мај 2019 и јануари 2022 година.

На Калифе му се судеше за собирање информации кои би можеле да бидат корисни за непријателот, имено Иран и за добивање информации кои најверојатно ќе бидат корисни за тероризмот.

Калифе, кој беше избркан од војската откако беше обвинет, подоцна беше обвинет и за поставување лажни бомби во неговата воена касарна. Но, судот го ослободи од обвинението дека извршил измама со бомба.

Калифе излегол од затвор во Лондон во септември 2023 година додека го чекал судењето и поминал три дена во бегство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG