Достапни линкови

Вести

Захарова: Сили на НАТО во Украина значи влегување на Алијансата во војна со Русија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска предупреди дека испраќањето сили на НАТО во Украина ќе доведе до катастрофални последици за целиот свет и ќе означи влегување на алијансата во војна против Русија.

Таа ја коментираше изјавата на естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цакна, кој повика на испраќање воени сили од европските земји во Украина со цел да се „зајакне“ мировниот договор со Русија.

Захарова нагласи дека присуство на трупи на НАТО на украинска територија ќе биде „еден од клучните чекори кон ескалација на конфликтот“ и ќе има сериозни последици за Европа и остатокот од светот.

„Не разбирам, можеби тие не сфаќаат, но појава на контингенти на НАТО на територијата на Украина ќе значи директно влегување на алијансата во војната против Русија. Ние веќе неколку пати ги предупредивме за ова“, рече Захарова.

Според неа, таквиот развој на настаните би значел „катастрофа“, не само за Европа, туку и за целиот свет.

Захарова, исто така, ја критикуваше Естонија и другите балтички земји, нарекувајќи ги „радикално крило на НАТО“ кое поттикнува ескалација на конфликтот со Русија. Тие земји, како што истакнува таа, поддржуваат зголемување на тензиите со „агресивни, провокативни изјави“ кои само „водат до нови жртви“.

Таа, исто така, истакна дека членките на НАТО се одговорни за одбивањето на Киев да преговара со Москва, поддржувајќи ја употребата на оружје со долг дострел и дозволувајќи и на Украина да користи оружје што може да ја нападне руската територија.

Захарова нагласи дека таквите изјави се „неодговорни, агресивни и провокативни“.

Русија продолжува да повторува дека секое натамошно зајакнување на присуството на НАТО во Украина дополнително ќе ги усложни шансите за постигнување мировно решение во регионот.

види ги сите денешни вести

Уапсен ерменски генерал среде тековните политички судири

Ерменскиот генерал-полковник Тиран Хачатријан
Ерменскиот генерал-полковник Тиран Хачатријан

Поранешниот заменик началник на Генералштабот на вооружените сили на Ерменија е уапсен под обвинение за небрежност во врска со војната во Нагорно-Карабах во 2020 година, во услови на тековни политички тензии во кавкаската земја.

Генерал-полковник Тиран Хачатријан беше уапсен на 4 јануари и ќе биде приведен додека го чека судењето. Државните обвинители тврдат дека тој не ги извршил своите службени должности за време на 44-дневната војна меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година.

Тој ги отфрли обвинувањата, а неговиот правен тим вели дека планираат да поднесат жалба. Во денешната (5 јануари) изјава, неговите адвокати ги нарекоа обвиненијата „неосновани“ и велат дека притворот на поранешниот висок воен офицер е одмазда за неговите политички ставови, како и дека тој е жртвено јагне за „поразот на Ерменија во војната“ со Азербејџан.

Апсењето е уште еден знак за политичките предизвици во Ерменија по загубите на Ереван од Баку во последователни кампањи, кои ги заострија односите на ерменскиот премиер Никол Пашинијан со војската на неговата земја и го ставија под зголемен притисок на домашната јавност.

Војната во 2020 година, кога азербејџанските сили презедоа контрола врз дел од Нагорно-Карабах, беше втора во која Азербејџан и Ерменија се бореа во последните три децении за отцепениот регион, кој беше под контрола на етничките ерменски сепаратисти, но меѓународно признат како дел на Азербејџан од 1990-тите.

Тоа беше проследено со одлучувачка еднодневна воена операција во септември 2023 година, во која азербејџанските сили ја преземаа контролата врз преостанатите делови од регионот.

На Хачатријан му беше доделена титулата национален херој на Ерменија во 2020 година по војната со Азербејџан таа година, но по последиците од неа, брзо се зголемија тензиите меѓу него и ерменските власти.

Во февруари 2021 година, Пашинијан го разреши Хачатријан од функцијата заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили, што доведе до ескалација на судирите со војската.

Ден откако Хачатријан беше разрешен од своите должности, повеќе од 40 високи воени офицери на Ерменија, вклучително и Хачатријан, повикаа на оставка на премиерот и неговата влада.

Пашинијан го осуди потегот како дел од обидот за државен удар за негово соборување.

Како дел од прелиминарното сослушување на 4 јануари, истражниот комитет на Ерменија рече дека обвиненијата против Хачатријан произлегуваат од „несовесниот однос кон извршувањето на неговите службени должности“ во октомври 2020 година, вклучително и неуспехот да се постават соодветни одбранбени линии, што доведе до тоа азербејџанските сили да остварат стратешки придобивки.

Хачатријан исто така беше уапсен и задржан во притвор два месеца во јануари 2024 година, откако пукал од пиштол за време на конфронтација во ресторан. Обвинителите рекоа дека поранешниот воен службеник повредил случаен минувач на соседната маса, но Хачатријан ги негираше обвиненијата и рече дека пукал со својот пиштол во воздух во самоодбрана.

По апсењето во 2024 година, адвокатот на Хачатријан изјави за РСЕ дека властите го користат случајот како можност да го замолчат и заплашат поради неговата критика кон владата.

Почина Костас Симитис, поранешниот грчки премиер кој ја внесе Грција во еврозоната

Greece's Prime Minister Kostas Simitis
Greece's Prime Minister Kostas Simitis

На 88-годишна возраст утрово (5 јануари) ненадејно почина поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, Костас Симитис.

Тој за време на неговите два мандати ја внесе земјата во еврозоната.

Воедно беше и првиот грчки премиер што во 2000 година го посети Скопје за Конференцијата на балканските земји, јавува новинската агенција МИА.

Беше премиер од 1996 до 2004 година, а неговите два мандати се поврзани и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри во Атина во 2004 година, како и со интеграцијата на Кипар во Европската унија.

Во октомври 2000 година, како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Според натписите во медиумите од тој период, претседателите на двете влади, тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името, додека „Република Горна Македонија“, бил предлогот на маса.

Како поранешен премиер, тој често ја истакнуваше потребата за изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји, меѓутоа за Договорот од Преспа, при еден од неговите говори во Солун рече дека „проблемот требаше да се реши, но решението не е задоволително“.

Симитис во Грција се сметаше за умерен политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.

Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години беше пратеник во грчкиот Парламент.

Тој, според грчките медиуми, немал здравствени проблеми, синоќа пристигнал во неговата викендичка на Пелопонез, додека пак рано утрово во бесвесна состојба со возило на брза помош бил пренесен во болница, каде што била констатирана смрт.

Пораки со сочувство упатија грчката претседателка, грчкиот премиер, лидерот на ПАСОК, како и претседателите на опозициските партии, а со одлука на Владата ќе биде прогласена четиридневна национална жалост.

Украина, наводно, почна нова офанзива во рускиот регион Курск

Украина првпат имаше ненадеен упад во руската област Курск во август (фотографија од датотека)
Украина првпат имаше ненадеен упад во руската област Курск во август (фотографија од датотека)

Украинската армија започнала нов напад во областа Курск, според прелиминарните изјави на украинските власти и извештаите од неколку проруски канали на Телеграм.

Офанзивата ја најави Андриј Коваленко, шеф на Центарот за спротивставување на дезинформации на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, кој во твит објавен денеска (5 јануари) рече дека руските сили во Курск биле „нападнати во неколку насоки, што беше изненадување за нив“.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, индиректно го спомена ненадејниот напад објавувајќи на Телеграм: „Регион Курск, добри вести, Русија го добива она што го заслужува“.

Наводно, офанзивата е започната од окружниот центар Суџа, кој е под украинска контрола од август, во правец на Бољшој Солдацкое на околу 70 километри од градот Курск, административен центар на регионот.

Сè уште нема коментар од украинската војска за наводниот напад, но руското Министерство за одбрана преку државната новинска агенција ТАСС изјави дека „околу 9 часот по московско време, украинските вооружени сили започнаа контранапад за да го запрат напредувањето на руските војници во насока на Курск“.

Сè уште не е можно самостојно да се проверат најновите тврдења за ситуацијата во Курск поради тешкотијата да се добијат податоци од линијата на фронтот.

Според руски провоени сметки на Телеграм, кои ги следат случувањата на бојното поле, нападот се изведува со оклопни возила, возила за расчистување мини и системи за електронско војување, за кои се вели дека успешно се спротивставуваат на руските дронови.

Каналот MIG Rossyy тврди дека украинската војска имала „локални успеси“.

Се чини дека борбите се насочени околу селото Бердин во близина на Бољшој Солдацкое, при што МИГ Роси вели дека „ова не се бавни маневри на мали диверзантски групи, туку обид за напад од целосен обем“.

Украинските војници презедоа дел од руската област Курск во ненадеен напад на почетокот на август.

Оттогаш, околу половина од земјата освоена во почетната офанзива е повторно заземена, но Киев сè уште ја држи Суџа и околу 500 квадратни километри руска територија.

Во последните денови, на Телеграм се шират информации за нова офанзива што ја подготвува Украина, наводно темпирана да се совпадне со претстојната инаугурација на Доналд Трамп за претседател на САД, на 20 јануари.

Гостиварец осомничен за силување на 13-годишно девојче

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Скопје
Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Скопје

Дваесетидвегодишник од Гостивар е осомничен за кривично дело - силување на дете кое не наполнило 15 години, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).

Основното јавно обвинителство Гостивар, како што се наведува, повело истрага поради основано сомнение дека осомничениот на 2 јануари принудил на сексуален однос 13-годишно девојче.

„Со жртвата се запознале преку апликацијата ‘Снеп-чет' и започнале да контактираат и да се гледаат. Кога девојчето не сакало повеќе да излегува со него, осомничениот вршел притисок и на критичниот ден ја принудил да ги остави другарите и да влезе во неговиот автомобил. Потоа и го одзел мобилниот телефон, ја натерал на однос против нејзина волја, заканувајќи и се да не кажува никому“, стои во соопштението.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи би можел да се даде во бегство, да влијае врз детето-жртва и други сведоци или да го повтори делото, наведуват од ЈОРСМ.

Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени или една од осум во светот, биле жртви на силување или сексуална злоупотреба пред да наполнат 18 години, објави во октомври 2024 Агенцијата на Обединетите Нации за децата (УНИЦЕФ).

Таа бројка се искачува на 650 милиони, или еден од пет, кога ќе се земат предвид „без-контактните“ форми на сексуално насилство, како што е онлајн или вербалната злоупотреба, соопшти УНИЦЕФ во, како што го нарече првото глобално истражување за овој проблем.

Мелони во ненадејна посета на Трамп

Италијанската премиерка Џорџа Мелони со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 4 јануари во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, (фотографија од кабинетот на италијанскиот премиер обезбедена од Ројтерс)
Италијанската премиерка Џорџа Мелони со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 4 јануари во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, (фотографија од кабинетот на италијанскиот премиер обезбедена од Ројтерс)

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера (4 јануари) во неофицијална, ненадејна посета се сретна со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, објави нејзиниот кабинет, пренесе АФП.

Фотографиите објавени од кабинетот на екстремно десничарската премиерка ги прикажуваат Мелони и Трамп како позираат на влезот во Мар-а-Лаго и разговараат во просторијата за прием.

Нејзиниот кабинет не објави изјава ниту пак даде детали за посетата.

Фотографиите на двајцата конзервативни лидери се најдоа на насловните страници на сите италијански весници денеска (5 јануари).

Иако не беа откриени детали од нивната средба, италијанските медиуми објавија дека Мелони планира да разговара со Трамп за руската војна во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала во Иран, објави Ројтерс.

Мелони е меѓу неколкуте странски лидери, вклучително и канадскиот премиер Џастин Трудо и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои го посетија Трамп, кој треба да биде инаугуриран по втор пат на 20 јануари.

Италијанската премиерка, која ја предводи крајнодесничарската партија Браќа на Италија, се сретна со Трамп пред четиридневната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Рим, каде што се очекува да се сретне со премиерот и со папата Франциск.

Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон добија претседателски медали на слободата

Американскиот претседател Џо Бајден и го додели Претседателскиот медал на слободата на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон
Американскиот претседател Џо Бајден и го додели Претседателскиот медал на слободата на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон

Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон се меѓу добитниците на највисоката цивилна награда во САД - Претседателскиот медал на слободата.

Американскиот претседател Џо Бајден ја додели наградата во Белата куќа на 19 од најистакнатите личности од областа на политиката, спортот, забавата, човековите права, застапувањето на ЛГБТК+ правата и науката.

„За последен пат како претседател, ја имам честа да го доделам Медалот на слободата, највисоката цивилна чест на нашата нација, на група извонредни, навистина извонредни луѓе“, рече Бајден.

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон беше пречекана од толпата со аплауз, а почестени беа и филантропот Џорџ Сорос и актерот Дензел Вашингтон.

Постхумно беа доделени четири медали - на Џорџ В. Ромни, поранешен гувернер на Мичиген и секретар за домување и урбан развој, поранешниот јавен обвинител и сенатор Роберт Ф. Кенеди, Еш Картер, поранешен секретар за одбрана и на Фани Лу Хамер, која ја основаше Демократската партија за слобода на Мисисипи и ги постави темелите за Законот за правото на глас од 1965 година.

Белата куќа објави дека победниците дале „пример за придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на Соединетите Американски Држави, светскиот мир и други значајни општествени, јавни или приватни иницијативи“.

Меѓу наградените се и филантропи - готвачот Хозе Андрес, директор на хуманитарната организација „World Central Kitchen“, и активистот и водач на рок групата U2, Боно Вокс.

Признанија добија и фудбалерот Лионел Меси, кошаркарската легенда на Лос Анџелес Лејкерс Ервин „Меџик“ Џонсон, актерот Мајкл Џеј Фокс, познат по неговото застапување за истражување на Паркинсоновата болест, главната и одговорна уредничка на модниот магазин „Вог“ Ана Винтур, модниот дизајнер Ралф Лорен и други.

Претседателскиот медал на слободата е доделен 654 пати од 1963 година.

Значајни добитници на Медалот на слободата во минатото се Мартин Лутер Кинг Јуниор и Мајка Тереза.

Ден на жалост во Србија поради масовното убиство во Цетиње

Студенти и граѓани пред Амбасадата на Црна Гора во Белград им оддадоа почит на загинатите во Цетиње, 3 јануари 2025 година.
Студенти и граѓани пред Амбасадата на Црна Гора во Белград им оддадоа почит на загинатите во Цетиње, 3 јануари 2025 година.

На територијата на Србија, денеска (5 јануари) е Ден на жалост поради масовното убиство во Цетиње, Црна Гора, што се случи во средата на 1 јануари.

Ден на жалост прогласи Владата на Србија на седницата одржана во саботата.

Ацо Мартиновиќ од Цетиње на 1 јануари пукал и убил 12 лица, а потоа се самоубил. Меѓу убиените има и две момчиња на возраст од 13 и 8 години. Во Клиничкиот центар во Подгорица се лекуваат четири лица.

Граѓаните на повеќе градови во Србија запалија свеќи за загинатите во Цетиње, студентите дополнителни 12 минути го продолжија 15-минутниот молк за жртвите од трагедијата во Нови Сад, а државните претставници изразија сочувство до црногорските колеги и народот.

Во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост од 2 до 4 јануари, додека ентитетот на БиХ, Република Српска, го прогласи 3 јануари за Ден на жалост.

Сончево време со мала до умерена облачност

Macedonia - Autumn in Macedonia
Macedonia - Autumn in Macedonia

Утрото е студено со наместа ниска облачност, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени, а во Скопје, до максимални 6 степени.

Според УХМР, утрово најниска температура во земјава од -11 степени Целзиусови е измерена на Попова Шапка. Висината на снежната покривка измерена во 7 часот е 52 см на Попова Шапка и 44 см во Маврови Анови.

Дипломатски судир меѓу Иран и Италија поради апсења

Во декември 2024, италијанската новинарка Сесилија Сала (лево) беше приведена во Техеран, а Мохамад Абедини (десно), кој го бараат САД, беше приведен во Милано.
Во декември 2024, италијанската новинарка Сесилија Сала (лево) беше приведена во Техеран, а Мохамад Абедини (десно), кој го бараат САД, беше приведен во Милано.

Иранското Министерство за надворешни работи го повика италијанскиот амбасадор поради апсењето на Мохамад Абедини, кого САД го бараат поради неговата наводна вмешаност во смртоносниот напад со беспилотно летало врз американска база во Јордан.

Абедини беше приведен на аеродромот Малпенса во Милано на 16 декември 2024 година, на барање на американските власти кои го обвинија дека им пркоси на санкциите и дека пренел чувствителни делови од беспилотни летала на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран.

Според американските правосудни власти, компонентите биле користени во напад со беспилотно летало во Јордан во јануари 2024 година, во кој загинале тројца американски војници. Иран негираше дека е вклучен во нападот.

Дипломатскиот потег на Иран на 3 јануари дојде еден ден откако италијанското Министерство за надворешни работи го повика иранскиот амбасадор во Рим во знак на протест поради апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала, која беше приведена во Техеран на 19 декември 2024 година.

Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Сала, која има подкаст наречен „Приказни“ кој го покрива животот на различни места низ светот, била во Иран за да извршува „новинарски активности“.

На состанокот со италијанскиот амбасадор на 3 јануари, Маџид Нили Ахмадабади, генерален директор за Западна Европа во иранското Министерство за надворешни работи, рече дека апсењето на Абедини е „незаконско“ и повика на негово итно ослободување, според државната новинска агенција Исламска Република.

Ахмадабади, исто така, наводно рекол дека Соединетите Држави се обидуваат да „земат ирански државјани како заложници низ целиот свет“.

Иранските власти молчат за случајот на Сала од нејзиното притворање во декември 2024 година. Откако италијанските медиуми го објавија нејзиното апсење, иранското Министерство за култура објави само дека таа ги „прекршила законите на исламската република“, без да даде дополнителни детали.

Соединетите Држави го нарекоа „одмаздничко“ притворањето на Сала, која беше уапсена три дена по Абедини од страна на Иран. Организациите кои ги следат медиумите, Репортери без граници и Меѓународната федерација на новинари, го опишаа нејзиното апсење како „произволно“ и со цел „изнуда“.

Според веб-страницата на дневниот весник „Ил Фољо“, каде работи Сала, Апелациониот суд во Милано ќе одржи рочиште за случајот на Абедини на 15 јануари.

Неколку европски земји и Соединетите Држави го окарактеризираа апсењето на западните граѓани од страна на Исламската република како „заложничка дипломатија“, тврдејќи дека Иран ги користи овие притворања како договори за пазарење во преговорите со Западот.

Во декември 2024 година, судот во Техеран го осуди Реза Вализаде, двоен американско-ирански државјанин и поранешен новинар на Радио Фарда (иранскиот сервис на РСЕ), на 10 години затвор за „соработка со непријателска влада“.

Вализаде работеше една деценија за Радио Фарда, до ноември 2022 година. Тој го посети своето семејство во Иран на почетокот на 2024 година, пред да биде приведен на 22 септември.

Партиски преписки околу заслугите за патот Страцин - Крива Паланка

Сечење на црвената лента на официјалното пуштање во употреба на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, 4 јануари 2025 година
Сечење на црвената лента на официјалното пуштање во употреба на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, 4 јануари 2025 година

Власта и опозицијата си разменија политички преписки за тоа чија заслуга е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, кој беше официјално пуштен во употреба денеска (4 јануари).

„Во јули 2024 година кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница немаше ставено ниту еден сантиметар асфалт, а денес се фалат дека останале само завршните работи. Работите беа крајно забавени. Кога дојдов за директор на ЈПДП, за мене беше предизвик и затоа одлучив целосно да се посветам на овој проект и поставив цел да се заврши до крајот на 2024 година, задоцнивме само три дена“, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба.

„Народот знае дека шајка не заковаа 7 години“, стои во денешното соопштение од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година, вели пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, кој беше министер за транспорт и врски додека сега опозициската партија беше на власт.

„Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година. За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат“, вели Бочварски.

Патот не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски на отворањето.

„Имаше и такви кои денес направија политичка промоција и наместо да им се извинат на граѓаните дека не успеале во изминатите шест години да направат нешто, денес истрчаат да соберат политички поени. Сакам да порачам дека ова е пат на граѓаните, ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитот ќе биде враќан од парите на граѓаните и затоа никој не смее да го присвојува“, рече Мицкоски.

Министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија.

Со пуштањето на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути.

Свечено отворање на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, 4 јануари 2025 година
Свечено отворање на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, 4 јануари 2025 година

Патот е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.

На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини. Изградбата е почната во мај 2018 година, од интензивно се работеше во последните шест месеци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG