Достапни линкови

Вести

Белоруските власти конфискувале куќа на директор на телевизија означена како „екстремистичка“

Алексеј Џикавитски
Алексеј Џикавитски

Белоруските власти ја запленија куќата на Алексеј Џикавитски, вршител на должноста директор на телевизија Белсат, независен белоруски информативен канал, со седиште во Полска.

Куќата, која се наоѓа во областа Пинск во западна Белорусија, ја изградил дедото на Џикавитски, кој го преживеал советскиот Гулаг пред речиси еден век.

Запленувањето на имотот означува уште еден чин на репресија под режимот на белорускиот моќник Александр Лукашенка, кој го засили притисокот врз опозициските фигури и независните медиуми во последниве години.

Џикавитски, кој живее во Полска, добил официјално известување од Истражниот комитет на Белорусија во кое се наведува дека неговата семејна куќа е запленета.

„Ниту сталинистичките власти не ја одзедоа куќата што дедо ми, означен како „непријател на народот“, ја изгради пред да биде испратен во гулаг“, рече Џикавитски.

Неговите баба и дедо еднаш дури дозволиле куќата да се користи како училиште за локалните деца пред да се формира формално училиште во селото.

Прецизните правни основи за конфискацијата остануваат нејасни, но телевизијата Белсат беше означена како „екстремистичка организација“ од режимот на Лукашенка, а владата има историја на таргетирање поединци поврзани со опозицијата.

Законот потпишан од Лукашенка во јануари 2023 година дозволува конфискација на имот од граѓани и организации кои се занимаваат со таканаречени непријателски акции против Белорусија. Законот се користи за да се оправдаат запленувања на имот од истакнати опозициски фигури, вклучувајќи ги Свјетлана Циханускаја, Валер Цапкала и други дисиденти.

Ситуацијата околу домот на Џикавитски ја истакнува тековната репресија врз медиумските фигури и активисти во Белорусија, додека Лукашенка ја покажува контролата врз власта.

види ги сите денешни вести

Зеленски: Русија ќе испрати севернокорејски трупи во битка за неколку дена

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија има намера да распореди војници од Северна Кореја во борбени области веќе на 27 октомври. Тој, исто така, повика на „опиплив“ меѓународен притисок врз двете земји за да ги натераат да го почитуваат законодавството на ОН.

Украинската воена разузнавачка служба на 24 октомври соопшти дека открила присуство на севернокорејски војници распоредени во руската област Курск, каде што првите единици пристигнале на 23 октомври. Украинските сили извршија голем упад во август во Курск, руски регион што се граничи со Украина, и држаа територија таму. Киев тврди дека оваа територија се користи како тампон зона против руските напади врз Украина.

Според разузнавачките податоци, Зеленски на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер на 25 октомври, напиша дека „првите севернокорејски војници се очекува да бидат распоредени од Русија во борбени зони уште од 27 до 28 октомври“.

Тој го нарече потегот „јасна ескалација од страна на Русија“.

„Светот може јасно да ги види вистинските намери на Русија: да ја продолжи војната. Ова е причината зошто е потребен суштински принципиелен и силен одговор од глобалните лидери“, напиша тој.


САД на 23 октомври соопштија дека 3.000 севернокорејски војници биле распоредени во Русија.

Американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин, исто така, на 23 октомври рече дека испраќањето трупи во Русија од страна на Северна Кореја се „следниот чекор“ откако Пјонгјанг и обезбеди оружје на Москва.

„Аналитичарите сè уште ја проценуваат ситуацијата“, рече Остин.

Но Пјонгјанг, кој ги негираше обвинувањата, може да се соочи со последици за директен обид да и помогне на Русија.

Запрашан за тоа дали има севернокорејски војници во Русија, рускиот претседател Владимир Путин ниту го потврди ниту го демантираше тврдењето.

Блинкен предупредува на „вистинска итност“ за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен зборува за време на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Катар во Доха на 24 октомври 2024 година.
Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен зборува за време на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Катар во Доха на 24 октомври 2024 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди на итна потреба да се постигне дипломатска резолуција за војната во Газа и Либан, откако Агенцијата за бегалци на Обединатите Нации изрази загриженост поради израелските воздушни напади, велејќи дека тие ги загрозуваат оние што бегаат од војната.

Зборувајќи пред состанокот во Лондон со арапските лидери на 25 октомври, Блинкен ја истакна потребата да се стави крај на конфликтот во денот кога при израелските напади загинаа 38 луѓе во Газа и тројца новинари во Либан.

„Имаме потреба од вистинска итност за да дојдеме до дипломатска резолуција и целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, така што може да има вистинска безбедност долж границата меѓу Израел и Либан“, рече Блинкен, осврнувајќи се на веќе донесената резолуција по последната голема војна Израел-Хезболах во 2006 година.

Израел вети дека ќе го неутрализира Хамас поддржан од Иран, кој беше прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Офанзивата ја старуваше во октомври минатата година откако милитантите на Хамас влегоа во Израел и убија околу 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници.

Конфликтот неодамна се прошири во Либан, каде што борците од Хезболах, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, започнаа речиси секојдневни напади врз Израел како поддршка на Хамас, друга група поддржана од Техеран.


Либанските власти соопштија дека повеќе од 2.500 луѓе се убиени во борбите во земјата, додека повеќе од 1,2 милиони се раселени, што предизвика хуманитарна криза.

Израелското воздушно бомбардирање и копнената инвазија врз Либан започна со таргетирање на раководството и воените капацитети на Хезболах. Но, неодамна Израеч ги прошири своите цели на цивилната инфраструктура, вклучително и банки кои беа поврзани со Хезболах, организација која е означена како терористичка од Соединетите држави, додека Европската унија го стави на црната листа на само нивното вооружено крило, но не и политичката партија.

Блинкен на 24 октомври рече дека Израел ја постигнал својата цел за „ефикасно разбивање“ на Хамас додека ги турка двете страни да ги обноват преговорите за да се постигне примирје.

Во меѓувреме, израелските воздушни напади го нападнаа јужниот дел на Либан, при што израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека метите во близина на границата со Сирија вклучуваат области за кои ИД тврди дека групата ги користи за шверц на оружје во Либан.

Портпаролката на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Рула Амин, изјави дека нападите ги загрозуваат животите на многумина кои не се вклучени во конфликтот, имајќи предвид дека околу 430.000 луѓе преминале во Сирија од почетокот на војната.

„Нападите на граничните премини претставуваат голема загриженост. Тие го блокираат патот кон безбедноста на луѓето кои бегаат од конфликти“, изјави Амин.

Агенција за храна донесе решение за забрана на увоз на пилешко од Бугарија, Полска, Унгарија и Бразил

Илустрација, пилешко место во маркети
Илустрација, пилешко место во маркети

Македонската Агенција за храна и ветеринарство донела решенија со кои се забранува увоз и транзит на живи животни и прехранбени производи од живина од неколку земји меѓу кои и соседна Бугарија. Решенијата се донесени на 21 октомври, а објавени во Службениот весник на 25 октомври.

Две решенија се однесуваат на забрана за увоз и транзит на живи животни, месо и мелено пилешко месо кое потекнува од Бугарија и одредени региони од Унгарија со цел заштита од птичји грип.

Птичјиот грип може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија, во производството на птици (кокошки, мисирки, потполошки, бисерки, итн) и ограничувања во увозот и извозот живи птици и производи од живина.

Другите две решенија се однесуваат на забрана за увоз на живина, месо и мелено месо од дивеч од бразилската држава Рио Гранде ду Сул и Полска поради заштита од можноста за внесување на Њукастелска болест.

Рио Гранде до Сул е трет најголем извозник на пилешко месо во Бразил, зад Парана и Санта Катарина. Во првите шест месеци од годинава државата извезла 354 илјади тони, при што Рио Гранде ду Сул остварил приход од над 630 милиони американски долари.

Македонските фарми произведуваат само 5 проценти од потребите за пилешко месо, односно околу 500 тони. Според статистичките податоци пилешкото месо во земјава најчесто се увезува од земјите од Балканот, но и од САД, Бразил, Полска и Унгарија.

Македонско-бугарската историска комисија нема да ревидира препораки, тврди Димитров

Членови на Заедничката комисија за историски прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија
Членови на Заедничката комисија за историски прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија

Протоколите од минатите седници и значењето на Охридската архиепископија пред 11-тиот век биле темите за кои се разговарало на вториот ден од седницата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, открива бугарскиот копретседател на комисијата, Ангел Димитров. Тој во изјава за медиумите вели дека денеска започнале со поконкретна работа.

„Почнавме едни многу долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската архиепископија во текот на 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време да навлезат во таа проблематика и решивме да ја оставиме за следниот состанок кој ќе се одржи во Софија“, изјави Димитров.

Македонскиот копретседател со Комисијата Ванчо Ѓорѓиев во писмено соопштение истакна дека дводневните разговори поминале во позитивен дух и конструктивна атмосфера.

„На средбата се дискутираше за принципите за работа како и за протоколарни и процедурално- технички прашања за работата на Комисијата. Комисијата работеше и на усогласување на Записниците од претходните средби, а стана збор и за препораките за македонските учебници за VII одделение“, се наведува во соопштението.

Во однос на очекувањата за ревидирање на веќе донесените препораки од претходниот состав на македонската комисија и актуелниот состав на бугарската комисија, Димитров е дециден дека тоа не може да се случи.

„Ништо не може да се почне од почеток, бидејќи тоа е завршена многу работа и треба да го почитуваме трудот на таа Комисија“, кажа Димитров.

Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија. Последните препораки, за кои македонските и бугарските историчари ги усогласија ставовите, беа објавени пред две години. Последната средба тие ја одржаа во јуни и таа беше трета за годинава. Следниот состанок ќе се одржи во Софија.

Холандија ќе ги ограничи дозволите за азил во обид да ја спречи миграцијата

Илустрација, архивска фотографија од мигранти кои со воз патуваат кон ЕУ
Илустрација, архивска фотографија од мигранти кои со воз патуваат кон ЕУ

Холандија ќе ги ограничи дозволите за барателите на азил на максимум три години и ќе воведе гранични контроли од следниот месец, како дел од поширокото ограничување на миграцијата за азил, изјави на 25 октомври холандскиот премиер Дик Шуф.

Мерката е дел од пакетот мерки насочени кон спречување на миграцијата за азил, цел на новата десничарска влада.

Освен што ќе ги укине отворените дозволи за престој откако некој ќе биде регистриран како барател на азил, владата ќе ги укине и повластените станови за оние баратели на азил на кои им е дозволено да престојуваат, наместо да нуди основни заеднички единици, истовремено ограничувајќи ги можностите за нивно повторно обединување со нивните семејства.

По истекот на трите години, дозволите ќе бидат повторно проценети за да се види дали некој треба да замине или да му се одобри продолжување.

„Ќе се прошират центрите за притвор за одбиени или без документи баратели на азил, со цел нивно брзо враќање во нивната земја на потекло“, најави холандскиот премиер Шуф.

По сличен потег на соседна Германија кој стана пракса минатиот месец, Холандија ќе воведе насочени гранични контроли од крајот на ноември со цел да се справи со илегалната миграција.

„Целиот овој пакет без сомнение ќе влијае на тоа колку луѓе ќе дојдат во Холандија и бројот што ќе заминат“, им рече тој на новинарите.

Ветувањата на Вилдерс дека ќе биде строг во однос на миграцијата за азил му донесоа голема победа на изборите во ноември минатата година, иако барањата за азил по глава на жител во Холандија не се повисоки од просекот на ЕУ.

Фон дер Лајен: Иднината на Србија е во ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен

Брисел бара од Белград „многу поголема усогласеност со декларациите за надворешна политика на ЕУ“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен. Но, Вучиќ додаде дека Србија е на европскиот пат, но и дека ќе одржува традиционално добри односи и со другите земји.

Меѓу другото, Србија одбива да се приклучи на санкциите против Русија за агресија врз Украина, а српските власти одржуваат врски со Русија. Од земјите кандидати за членство се очекува усогласување на надворешната и безбедносната политика со Европската Унија. Во моментот на пристапување во Унијата, усогласувањето треба да биде завршено.

На средбата главните теми биле геополитичката ситуација, косовското прашање и за пристапувањето на Србија во Европската унија (ЕУ).

По средбата, Вучиќ изјави наскоро ќе биде отворена мбасадата на Србија во Киев, а на отворањето на амбасадата, како што додаде, ќе присуствува и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ.


Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен по средбата изјави дека нејзиното присуство во Белград, како и доаѓањето на премиерите на Грција и Полска во Србија, „говорат сами“ кога станува збор за заминувањето на српската делегација во Казан на самитот на БРИКС.

„Моето присуство овде денес, мојот четврти престој во Западен Балкан, е јасен знак дека верувам дека иднината на Србија е во ЕУ“, рече таа.

Претседателот на Србија најави и дека е можно до крајот на годинава да се отвори кластерот 3 во пристапот на Србија во ЕУ.

„Тоа би бил значаен сигнал дека Србија напредува на европскиот пат“, рече Вучиќ.

Фон дер Лајен изјави дека Србија е „една од најнапредните земји во пристапниот процес“ и дека има „цврста основа да стане членка на ЕУ“. Отворањето на поглавјето во пристапните преговори на Србија со ЕУ стартуваше во декември 2021 година. Поглавјата се поделени во шест тематски целини, а со отворањето на „кластерот 4 - зелена агенда“, Србија отвори 22 поглавја во преговорите од вкупно 35. До сега само две поглавја се привремено затворени.

Урсула фон дер Лајен пристигна во Белград од Сараево како дел од четиридневната турнеја во Западен Балкан на која ќе се разговара за Планот за раст на Европската унија вреден шест милијарди евра и напредокот во европската интеграција.

Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) за Западен Балкан.

Тинејџерот кој уби полицаец во БиХ извршил терористички чин

Босанска Крупа, Цвеќе во спомен на убиениот полицаец во терористички напад, 25 октомври 2024 година.
Босанска Крупа, Цвеќе во спомен на убиениот полицаец во терористички напад, 25 октомври 2024 година.

Тинејџер со нож уби полицаец и рани друг полицаец во град во западниот дел на Босна и Херцеговина е терористички чин, соопшти на 25 октомври Министерството за внатрешни работи на земјата. И двајцата полицајци биле на должност кога се случил нападот.

Нападот на 24 октомври го извршил 14-годишно момче во близина на полициската станица во Босанска Крупа. Ранетиот полицаец е хоспитализиран и е во во стабилна состојба, соопштија властите.

„Немаше никакви закани упатени до локалната полиција во Уна-Сана и властите немаа претходни сознанија за нападот на полициската станица Босанска Крупа“, соопштија полицијата и обвинителството на заедничката прес-конференција на 25 октомври.

„Овој напад врз јавна институција беше терористички акт со цел да се заплаши јавноста“, рече Мерима Мешановиќ, главен обвинител на Уна-Сама на прес-конференцијата.

Властите ниту ги потврдија ниту ги демантираат извештаите на локалните медиуми во кои се тврди дека осомничениот малолетник, чиј идентитет не е откриен поради неговата возраст, е верски екстремист. Тие не дадоа дополнителни информации бидејќи истрагата се уште е во тек.

Мешановиќ рече дека домот на осомничениот бил претресен и земени се некои предмети во врска со истрагата. Неговите мотиви остануваат непознати.

Мешановиќ додаде дека казната за убиство се движи од најмалку 10 години затвор до доживотен затвор, но, бидејќи осомничениот е малолетник, тој може да биде испратен во поправен дом на период од пет години, доколку биде осуден.

Началникот на кантоналната полиција Амел Козлица рече дека нивото на безбедност во градот и неговата околина е подигнато, со вооружена полиција која патролира по улиците.

Имаше и претходни напади врз полицијата во Босна. Во јуни 2010 година во Бугојно, во централниот дел на државата, во напад на полициска станица беше убиен еден полицаец, а уште шестмина беа ранети. Во април 2015 година, во Зворник, во источна Босна, напаѓач уби еден полицаец и рани двајца други пред да биде застрелан за возврат.

Запрена изградбата на белорускиот воен камп во близина на Украина

Местото на изградба на воен објект кај Гомел.
Местото на изградба на воен објект кај Гомел.

Запрена е изградбата на нов воен камп во регионот Хомел во Белорусија, за кој некои аналитичари предупредија дека може да се користи како база за напад насочена кон Украина, дознава белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Активноста на местото на објектот „Чајка“, кој беше поранешен детски камп за одмор од времето на комунизмот лоциран на само 40 километри од границата со Украина, се чини дека е сопрен без причина, велат локални извори за РСЕ. Оваа информација е потврдена и со сателистки слики кои ги обезбеди белорускиот сервис на РСЕ.

Според владините планови, проектот требаше да биде финансиран од државната инвестициска програма. Очекувањата според владините планови, беа тој да биде готов до 2027 година.

На почетокот на годината, локацијата беше исполнета со градежна опрема, а локалните жители изјавија за РСЕ дека изградбата започнала.

Сателитската снимка од 10 октомври покажува дека на територијата на поранешниот камп не се појавиле нови згради.

Русија ја искористи Белорусија како област за да започне целосна инвазија на Украина, но Минск вели дека не им дозволила на белоруските сили да учествуваат во конфликтот.

Руски министер во Белград: Москва ја цени „урамнотежената политика“ на Србија

Српскиот премиер Милош Вучевиќ архивска фотографија
Српскиот премиер Милош Вучевиќ архивска фотографија

Русија ја цени „урамнотежената политика“ на Србија и нејзиниот однос кон санкциите против Русија, е наведено во соопштението на српската влада посредбата во Белград на 25 октомври на српскиот премиер Милош Вучевиќ со рускиот министер за економски развој, Максим Решетников.

Тие на денешната средба разговарале за натамошно зајакнување на економската и севкупната соработка меѓу двете земји. Решетников е еден од бројните функционери од Москва кои се под санкции од Западот поради инвазијата на Украина.

Србија го поддржа територијалниот интегритет на Украина, но иако е кандидат за членство во Европската унија, одбива да се приклучи кон санкциите против Русија воведени од ЕУ поради нејзината инвазија на Украина.

Во соопштението на Владата на Србија, се наведува дека премиерот, говорејќи за санкциите кон Русија, рекол дека Србија „и покрај големите притисоци“ води слободна и независна политика и дека има добра соработка и со Русија и со Европската унија, Кина и други земји.

Вучевиќ во разговорот истакнал дека Србија е подготвена да разговара за продолжување на договорот за испорака на руски гас, а дека договорот од Санкт Петербург за дополнително снабдување со гас во текот на зимската сезона е од големо значење за Србија, се вели во владиното соопштение.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија почна да работи на изнаоѓање други извори на снабдување, но сепак гасот најмногу доаѓа од Русија.

Вучевиќ и се заблагодарил на Русија што ја покани Србија да учествува на самитот на БРИКС, група предводена од Русија, Кина и Индија, меѓу другите.

Српските власти продолжија да ги одржуваат односите со руските претставници, а четиричлена делегација од Владата на Србија учествуваше на самитот на БРИКС во Казан, Русија, од 22 до 24 октомври.

Вучевиќ изјави дека разговорот меѓу претседателите на двете земји Александар Вучиќ и Владимир Путин претставува „нов моментум за севкупните билатерални односи меѓу Србија и Русија“.

Во телефонскиот разговор на 20 октомври, Вучиќ му се заблагодари на Путин за „она што го направи за Русија да обезбеди доволно количества гас за Република Србија оваа зима“.

Тропската бура Дана донесе ризик од поплави во Индија

Невреме во Индија
Невреме во Индија

Тропската бура Дана донесе силни ветрови и обилни дождови на источниот брег на Индија во петокот, корнејќи дрвја и зголемувајќи го ризикот од поплави откако речиси 600.000 луѓе беа евакуирани.

Невремето пристигна во четвртокот навечер во државата Одиша со максимални постојани ветрови од околу 110 километри на час, велат од Индискиот метеоролошки оддел.

Невремето погоди некои области во Одиша и соседната држава Западен Бенгал со обилни врнежи од дожд, објавија локалните медиуми.

Речиси 600.000 луѓе беа евакуирани од зоните со висок ризик во Одиша на почетокот на неделата, а екипи на спасувачки и хуманитарни работници беа распоредени во подготовка за невремето. Училиштата беа затворени, а повеќе од 200 возови беа откажани.


Властите беа во состојба на зголемена готовност за штети во три области во Одиша, каде што метеоролошкиот оддел прогнозираше наплив на море од околу еден метар, што може дополнително да ги поплави ниските области.

Климатолозите велат дека силните бури стануваат се почести во Јужна Азија. Глобалното затоплување предизвува тие да станат поекстремни и непредвидливи.

Источните брегови на Индија долго време се подложни на циклони, но бројот на интензивни бури се зголемува долж брегот на земјата. Минатата 2023 година беше најсмртоносната сезона на циклони во Индија во последниве години, убивајќи 523 луѓе и чини околу 2,5 милијарди долари штета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG