Достапни линкови

Вести

Зеленски рече дека со Трамп делат заеднички став дека „војната мора да се запре“

САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски (лево) и поранешниот претседател на САД и актуелен претседателски кандидат на републиканците, Доналд Трамп, 27 септември 2024 година.
САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски (лево) и поранешниот претседател на САД и актуелен претседателски кандидат на републиканците, Доналд Трамп, 27 септември 2024 година.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 септември во Њујорк и рече дека ако победи на претседателските избори во САД во ноември „ќе работиме со двете страни“ за да заврши војната во Украина и дека тој верува дека тоа може да се „реши многу брзо“.

„Имам многу добри односи со Зеленски, а исто така имам многу добри односи, како што знаете, со претседателот (Владимир) Путин“, рече Трамп.

Пред средбата, медиумите во САД шпекулираа дека средбата можеби нема да се одржи откако Трамп се навреди од коментарите на Зеленски кој во интервју за списание кажа дека Трамп „навистина не знае како да ја запре војната“.

„Фактот што дури и денес сме заедно е многу добар знак“, рече Трамп додека двајцата пристигнуваа во конференциската сала во кулата „Трамп“ во Њујорк.

„Мислам дека имаме заеднички став дека војната во Украина треба да се прекине и дека Путин не може да победи“, рече Зеленски.

Зеленски се сретна со Трамп по разговорите со претседателот на САД, Џо Бајден и потпретседателката и претседателска кандидатка на демократите, Камала Харис во Вашингтон додека Русија продолжува со нападите врз Украина.

Средбата меѓу Трамп и Зеленски е откако поранешниот американски претседател и актуелен републикански кандидат за нов мандат ги повтори своите сомнежи дека Украина може да ја одбие неиспровоцираната инвазија на Русија и да ја добие војната.

Во дебатата со Харис, Трамп одби да каже дали сака Украина да ја добие војната.

Трамп, исто така, рече дека Украина треба да склучи договор за ставање крај на војната и сугерираше дека Киев требало да направи отстапки за Русија во месеците пред инвазијата од Москва, велејќи дека „секој договор - најлошиот договор - би бил подобар од тоа што го имаме сега“.

На 26 септември, Бајден го пречека Зеленски во Белата куќа, откако објави милијарди воена помош од САД за Киев и повторно инсистираше на тоа дека Русија „нема да надвладее“ во нејзината инвазија врз Украина.

Зеленски му го претстави на Бајден неговиот „план за победа“ и повторно побара САД да ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел за удари врз воени цели длабоко во Русија, нешто за што сојузниците на Украина имаат поделени ставови.

„Русија нема да победи. Украина ќе победи, а ние ќе продолжиме да стоиме покрај вас на секој чекор“, рече Бајден за време на средбата со Зеленски во Белата куќа.

„Длабоко цениме дека Украина и Америка застанаа рамо до рамо“, рече Зеленски, облечен во темно зелена војничка облека.

Зеленски го сподели својот „план за победа“ и со Харис во Белата куќа. Харис му кажа на Зеленски дека нејзината поддршка за народот на Украина е непоколеблива. Таа, исто така, го нападна својот противник на претстојните претседателски избори, велејќи дека сугестиите на Трамп за Украина да го склучи договорот со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната не се предлози за мир, туку „предлози за предавање“.

Во последниот масовен напад од руски беспилотни летала на 27 септември, во украинското пристаниште Измаил во Дунав, загинаа три лица, а 11 други, меѓу кои и едно дете, беа ранети, објави регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер.

Измаил е критичен центар за украинскиот извоз на жито, лоциран на границата со членката на НАТО, Романија и постојано е цел на руски напади.

види ги сите денешни вести

Молдавија ја обвини Москва во бранот вандализам во пресрет на изборите

Зградата на јавното радио и телевизија на Молдавија беше вандализирана ноќта меѓу 27 и 28 септември.
Зградата на јавното радио и телевизија на Молдавија беше вандализирана ноќта меѓу 27 и 28 септември.

Молдовската полиција изрази сомнеж дека Русија стои зад вандализирањето на неколку згради на државни и јавни институции. Станува збор за настан кој се случил во изминативе два дена во главниот град на Молдавија, Кишињев.

Следниот месец Молдавија одржува претседателски избори и референдум за пристапување во Европската унија. Овие процеси се клучни за општеството и би можеле да го зацврстат патот на поранешната советска република кон Запад.

Во сабота рано наутро на 28 септември, зградата на молдавската јавна радио и телевизија и зградата на Врховниот суд беа обоени со спреј, соопшти полицијата, додавајќи дека идентификувала круг на осомничени.

Претходната ноќ, на 27 септември, беа вандализирани владината зграда и зградата на Министерството за труд и социјална заштита. Молдавската полиција уапси двајца млади мажи осомничени дека стојат зад нападите.


Полицијата подоцна соопшти дека двајцата тврделе дека биле регрутирани да ги вандализираат државните институции „со цел да ја дестабилизираат Молдавија“.

Прозападната претседателка Маја Санду ќе се кандидира за реизбор на 20 октомври, истиот ден кога е закажан референдумот за пристапување во ЕУ.

Под образованиот Санду во САД, Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, цврсто се сврте кон Западот, и покрај децениското постсоветско руско влијание. Кишињев цврсто ја осуди руската инвазија на Украина и се приклучи на санкциите на ЕУ против Москва.

Најмалку седум луѓе загинаа при хеликоптерска несреќа во Пакистан

Илустрација,
Илустрација,

Најмалку седум луѓе загинаа, а седум други се повредени, при хеликоптерска несреќа во северозападниот дел на Пакистан. Несреќата настанала поради дефект на моторот, соопштија на 28 септември службите за безбедност.

Хеликоптерот бил изнајмен за превезување на вработени Мари Петролеум кога се урнал во Северен Вазиристан, провинцијата Хајбер Пахтунхва.

Во него имало тројца Руси - двајца пилоти и еден член на екипажот.

Немаше знаци на саботажа, а повредените се пренесени во воената болница во градот Тал, изјави службеник задолжен за безбедност кој побара да остане анонимен затоа што не е овластен да даде официјални информации.

„Се случи технички дефект во хеликоптерот при полетувањето. Роторот на опашката удри во земјата при итно слетување и истрагата за несреќата започна“, изјави тој.

Местото на несреќата, нафтено поле Шева, е на околу 200 километри југозападно од главниот град на провинцијата Пешавар.

ЕУ препорачува авиокомпаниите да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор

Авиокомпаниите треба да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец, соопшти Европската Унија на 28 септември, во услови на ескалација на воздушните напади и ракетните напади меѓу Израел и Хезболах.


Европската комисија и Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) предупредија во соопштението на „севкупно интензивирање на воздушните напади и деградација на безбедносната ситуација“.

Тие издадоа официјална препорака „да не се оперира во воздушните простори на Либан и Израел на сите нивоа на летови“.

Оваа препорака привремено трае до 31 октомври.

„Може да се прегледа порано и да се адаптира или повлече“, се додава во соопштението.

„ЕАСА ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата, со цел да процени дали има зголемување или намалување на ризиците за операторите на авиони на ЕУ како резултат на еволуцијата на заканата“, е наведено во билтенот за информации за конфликтната зона (CZIB)

Израелското бомбардирање на јужното предградие на Бејрут во петокот го достигна својот најголем интензитет од последната војна на државата со Хезболах во 2006 година.

Израелската армија тврдеше дека го убила водачот на милитантната група Хезболах, Хасан Насрала во воздушен напад, додека групата поддржана од Иран соопшти дека истрелала ракети кон воени цели во северен Израел.

Најмалку 12 луѓе загинаа, меѓу кои и деца, при експлозија на бензинска пумпа во рускиот Дагестан

Архивска фотографија, експлозија на бензиска пумпа во Дагестан
Архивска фотографија, експлозија на бензиска пумпа во Дагестан

Во експлозија и пожар на бензинска пумпа во рускиот регион Дагестан загинаа 12 луѓе, меѓу кои 2 деца, а други 11 беа ранети, објави руското Министерство за вонредни состојби на 28 септември.

Осум жртви се хоспитализирани, изјави рускиот заменик министер за здравство Алексеј Кузњецов за руските медиуми. Пожарот подоцна бил изгаснат.


Експлозијата се случила на бензинска пумпа на периферијата на регионалниот главен град Махачкала, во близина на селото Нови Кушет, соопшти Министерството за вонредни состојби.

Махачкала се наоѓа на околу 1.600 километри јужно од Москва.

Министерството соопшти дека бензинската пумпа е целосно уништена.

Регионалните служби за итни случаи изјавија за агенцијата претходно дека расчистувањето на урнатините на местото продолжува.

Истражниот комитет во Дагестан отвори истрага за криминална небрежност и за тоа како безбедносните правила биле почитувани во станицата.

Властите го прогласија 28 септември за ден на жалост во спомен на жртвите од експлозијата.

Во август минатата година, во голема експлозија на бензинска пумпа загинаа 35 луѓе, а други 113 беа повредени.

Најмалку шест луѓе загинаа при рускиот напад врз болница во украинскиот регион Суми

Последици од рускиот напад врз украинскиот пограничниот регион Суми
Последици од рускиот напад врз украинскиот пограничниот регион Суми

Русија на 28 септември изврши два напада врз болница во пограничниот регион Суми со Украина, при што загинаа најмалку шест лица, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко.

„Како резултат на првиот удар, едно лице загина, а неколку ката од болницата се уништени“, напиша Клименко на социјалната платформа Телеграм, додавајќи дека додека спасувачите ги евакуирале пациентите и персоналот, Русија започнала втор удар.

„Засега знаеме за шест загинати, меѓу кои и еден полицаец. Повреден е уште еден полицаец“, напиша Клименко. Полицијата подоцна додаде дека според првичните информации од терен, ранети се 10 лица.

Претходно, украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила 69 од 73 беспилотни летала лансирани од Русија во украинските региони рано на 28 септември.


Воената администрација на Киев одделно соопшти дека 15 дронови кои доаѓале биле соборени на периферијата на главниот град на Украина, при што паднале остатоци во еден од градските области.

Последната рунда руски напади дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп во услови на тензии поради, како што критичарите го нарекуваат прорускиот став на поранешниот претседател.

„Многу значаен состанок со Доналд Трамп“, напиша Зеленски на Телеграм по разговорите на 27 септември во кулата Трамп во Њујорк.

„Му го претставив Планот за победа. Тој детално ја изложи ситуацијата во Украина и последиците од војната за нашиот народ. Разговаравме за многу детали. Имаме заеднички став дека војната во Украина мора да се прекине. [Рускиот претседател Владимир] Путин не може да победи. Украинците мора да победат“, додаде Зеленски.

Стоејќи до Зеленски пред разговорите, Трамп рече дека доколку биде избран во ноември, „ќе работиме со двете страни“ за да ја завршиме војната во Украина.

„[Јас] имам многу добри односи [со Зеленски], а исто така имам многу добри односи, како што знаете, со претседателот Путин“, рече Трамп.

„Мислам дека ако победиме [во ноември], мислам дека ќе го решиме многу брзо“, додаде тој без при тоа да ја објасни својата стратегија за ставање крај на конфликтот.

Зеленски се сретна со Трамп по разговорите со американскиот актуелен претседателот Џо Бајден и потпретседателот и демократски претседателски кандидат Камала Харис во Вашингтон на 26 септември.

Зеленски им ги претстави на Бајден и Харис неговиот „План за победа“, стратегија за ставање крај на војната за која се познати малку детали.

Бајден претходно на 26 септември најави повеќе од 8 милијарди долари воена помош за Киев и повтори во изјавата дека Соединетите Држави „ќе ѝ дадат на Украина потребната поддршка за да победи во оваа војна“.

Пакетот за прв пат вклучува систем наречен Joint Standoff Weapon -- прецизно наведувана бомба со дострел до 130 километри лансирана од борбени авиони, како и дополнителна батерија за воздушна одбрана „Патриот“ и уште стотици ракети „Патриот“ и AMRAAM (напредни ракети воздух-воздух со среден дострел).

Соединетите Држави, главниот поддржувач на Украина и западните сојузници му дадоа на Киев милијарди долари воена помош и друга помош, а исто така и воведоа неколку санкции на Москва.

Израел: Лидерот на Хезболах, Насрала е убиен при нападите во Бејрут

Архивска фотографија, сликата е направена од последното видео обраќање на шефот на либанската милитантна група Хасан Насрала објавено на телевизијата Ал-Манар на Хезболах.
Архивска фотографија, сликата е направена од последното видео обраќање на шефот на либанската милитантна група Хасан Насрала објавено на телевизијата Ал-Манар на Хезболах.

Израелските сили го убиле шефот на либанскиот Хезболах, Саид Хасан Насрала, изјави на 28 септември еден од портпаролите на израелската армија, Авичаи Адраи. Тој посочи дека покрај Насрала, се убиени и Али Карки кој бил командантот на јужниот фронт на Хезболах и голем број други команданти.

„Хасан Насрала повеќе нема да може да го тероризира светот“, напишаа израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Хезболах не ја потврди смртта на Насрала. Претходно, израелската војска соопшти само дека „централниот штаб“ на Хезболах бил цел на нападот извршен на 27 септември.

Насрала беше долгогодишен лидер на Хезболах, вооружената група и политичка партија поддржана од Иран која контролира голем дел од јужен Либан. Хезболах се смета за терористичка организација од САД, иако Европската унија го стави само на црната листа вооруженото крило, не и политичката партија.

Од избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година, Хезболах и Израел разменуваат постојани прекугранични напади. Хезболах рече дека дејствува во солидарност со Палестинците.

Хезболах е обвинет за организирање на смртоносниот бомбашки напад во 1994 година во центарот на еврејската заедница во аргентинскиот главен град Буенос Аирес.

Нови напади од Израел врз цели на Хезболах во Либан

Lebanon Israel
Lebanon Israel

Израелската војска започна нова рунда напади рано на 28 септември против, како што рече, цели на Хезболах во јужен Бејрут и во долината Бека во источниот дел на Либан, еден ден по серијата масовни бомбардирања на предградие на Бејрут, чија цел беа лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и други високи претставници.

Засега нема потврда за судбината на Насрала по нападите. Од милитантната група нема коментар.

Меѓутоа, израелските медиуми рано на 28 септември објавија дека ќерката на Насрала, Заинаб Насрала, била убиена. Хезболах не ја потврди оваа информација. Синот на Насрала, Хади, беше убиен во борбите против израелските војници во 1997 година.

Израелската војска соопшти само дека „централниот штаб“ на Хезболах бил цел на нападот, без официјално да го спомене Насрала по име како таргет.

Висок израелски функционер изјави за дел од медиумите дека мета биле највисоките команданти на Хезболах.

„Мислам дека е премногу рано да се каже... Понекогаш го кријат фактот кога ќе успееме“, изјави израелскиот функционер на новинарите на прашањето дали при нападите загинал Насрала.

Сојузникот на Иран, Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го стави на црната листа само вооружено крило, но не и политичката партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Портпарол на израелската армија, адмиралот Даниел Хагари, рече дека силите на земјата го нападнале главниот штаб на Хезболах, сместен под станбени згради. Аматерска снимка покажа масивни експлозии кои го погодија квартот.

Аналитичар од Меѓународната кризна група, Хајко Вимен, за РСЕ изјави дека повторените удари на Израел, иако не можат целосно да го уништат Хезболах, во голема мера го деградирале. Тој рече дека најновите напади ќе ја натераат групата да покаже дека сè уште може жестоко да реагира.

„Очигледен е уште еден драматичен удар. Многу драматични удари може да се додадат до [го да направат последниот] фундаментален. Општо земено, Хамас е премногу институционализиран за да биде обезглавен, но [Израелците] збришаа толку многу од кадрите што нешто ќе покаже на крајот. Постои недостаток на нивниот кредибилитет. Ако денешниот ден не им е доволен да возвратат кон Израел со се што имаат, тогаш се продлабочува впечатокот дека едноставно не можат да го направат тоа“, изјави Вимен.

Аналитичарот Норман Руле од Институтот за национална безбедност со седиште во Вашингтон рече дека Израел го ослабнал Хезболах до тој степен што либанската влада всушност би можела да ја протера групата.

„Израелските одбранбени сили искоренија цела генерација на раководство на Хезболах кои со себе носат колективно искуство кое е колективно незаменливо... Во совршен свет, либанската влада би го искористила овој момент за да го потврди својот авторитет и да го ослободи Либан од ова. Вооружена група [Сепак] е премногу рано да се каже дали тоа ќе се случи“, изјави Руле за РСЕ.

Набргу по полноќ, израелската војска соопшти дека извршила нови напади врз три дополнителни згради во јужен Бејрут, тврдејќи дека Хезболах складирал оружје на местата, откако ги повика жителите да ги евакуираат. Исто така, објави информациии и за новите напади врз античкиот град Тир рано на 28 септември.

Хезболах, во соопштението, негираше дека имало складирано оружје на локациите кои беа цел на Израел, главно во предградијата на Бејрут.

Сончева и топла сабота, врнежлива недела

Илустрација
Илустрација

Времето денеска се очекува да биде претежно сончево и топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени, најавија од УХМР.

Во Скопје се очекува да биде сончево и топло со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 32 степена.


Во недела под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север ќе настапи позначителна промена на времето. Ќе има повремени врнежи од дожд со локална појава на грмежи и силен ветер.

Во понеделник времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура значително ќе се намали (за 8 до 10 степени).

Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.

Експлозии во Бејрут, Израел нападна штаб на Хезболах

Урната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, 27 септември 2024 година.
Урната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, 27 септември 2024 година.

Израелската војска објави дека на 27 септември го нападнала штабот на либанската милитантна група Хезболах во јужното предградие на Бејрут, а израелската телевизија извести дека водачот Хасан Насралах бил цел на нападот.

„ИДФ(војската) изврши прецизен напад врз централниот штаб на терористичката организација Хезболах“, рече портпаролот на армијата, Даниел Хагари во телевизиска изјава.

Хезболах е милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. Соединетите Американски Држави(САД) ја прогласија за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија.

Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Штабот, рече Хагари, „служел како епицентар на теророт на Хезболах“ и „се наоѓа под станбени згради во Бејрут“.

Висок израелски функционер изјави за Ројтерс дека „е премногу рано“ да се каже дали Насралах бил погоден во нападот.

Обединетите нации(ОН) соопштија дека се вознемирени од израелските напади врз „густо населената“ област во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут.

„ОН со голема тревога ги следат нападите на Бејрут“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека САД претходно не биле запознати со овој израелски напад.

„САД не беа вклучени во оваа операција и немавме претходно предупредување“, рече Синг.

Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, рече дека израелските напади врз јужните предградија на Бејрут покажуваат дека Израел „не се грижи“ за напорите да се постигне прекин на огнот.

Нападот врз седиштето на Хезболах следуваше набргу откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе продолжи да ја напаѓа милитантната група во Либан.

„Ќе продолжиме да го деградираме Хезболах додека не се исполнат сите наши цели“, им рече тој на светските лидери во ОН.

Нетанјаху, исто така, го обвини Иран за насилството на Блискиот Исток.

„Имам порака до тираните во Техеран: Ако не удрите нас, ние ќе ве удриме вас. Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре, а тоа важи за целиот Блиски Исток“, рече Нетанјаху во Генералното собрание на ОН.

Речиси 700 луѓе беа убиени во Либан оваа недела во израелски напади, според либанското Министерство за здравство.

САД, Франција и другите сојузници на 25 септември објавија повик за 21-дневен прекин на откако претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Израел ќе продолжи да разговара за предлозите за прекин на огнот во Либан во наредните денови, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 27 септември.

Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на палестинската група Хамас.

Хамас е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Групата Хезболах објави дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG