Достапни линкови

Вести

Стејт департментот бара Србија да ги изведе сторителите од Бањска пред лицето на правдата

Стејт департмент
Стејт департмент

На годишнината од вооружениот напад на косовската полиција во Бањска, американскиот Стејт департмент ја повика Србија да ги изведе пред лицето на правдата сите инволвирани во планирањето и извршувањето на тој напад.

„Го повторуваме нашето очекување Србија да ја одигра својата улога во обезбедувањето целосна одговорност за сторителите на нападот без понатамошно одлагање“, рече портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Пред точно една година, на 24 септември 2023 година, вооружена група предводена од поранешниот српски политичар и бизнисмен од Косово, Милан Радоичиќ, ја нападна косовската полиција во селото Бањска кај Звечан.

Радоичиќ јавно ја презеде одговорноста за нападот, во кој загина полицаецот Африм Буњаку, а уште тројца беа ранети.

Во размената на огнот загинаа и тројца српски напаѓачи.

Владата во Приштина овој напад го прогласи за терористички.

Радоичиќ се соочува со обвиненија за тероризам во Косово, заедно со уште 44 лица. Обвинението претходно беше поздравено од меѓународната заедница.

Властите во Србија, пак, одбиваат да го екстрадираат Радоичиќ на Косово и велат дека ќе му судат „српски судови“, додека косовските власти обвинуваат дека Белград го заштитува.

Вишото јавно обвинителство во Белград води истрагата, но обвинението сè уште не е покренато. Официјален Белград и Приштина не соработуваат во овој случај.

види ги сите денешни вести

Земјотрес во Скопје со јачина од 2,9 степени

Илустрација
Илустрација

Нов земјотрес вечерва (24 септември) беше почувствуван во Скопје. Тој бил со јачина од 2,9 степени според Рихтер, а е регистриран во 21:46 часот, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет – Скопје.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и пошироката околина.

Ова е втор земјотрес во скопскиот регион во последните два дена. На 23 септември во 2:02 часот наутро беше регистриран земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтер со епицентар во скопското подрачје.

Харис во водство пред Трамп во најновата анкета

Доналд Трамп и Камала Харис, кандидати за претседател на САД.
Доналд Трамп и Камала Харис, кандидати за претседател на САД.

Американската потпретседателка и претседателска кандидатка на демократите, Камала Харис, води пред републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп, според анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Податоците покажуваат дека Харис води со 47 отсто шанси за победа на изборите пред Трамп, кој има 40 отсто шанси.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.

На прашањето кој кандидат има подобар пристап за „економијата, невработеноста и работните места“, околу 43 отсто од гласачите во анкетата го избрале Трамп, а 41 отсто за Харис. Предноста на Трамп од два бода кога се во прашање споменатите теми е намалена во споредба со претходната анкета. Кога Харис ја започна претседателската кампања,Трамп тогаш имаше предност од 11 поени.

Какви се ставовите на Трамп и на Харис за војната во Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00

Додека истражувањата како што е анкетата на Ројтерс/Ипсос даваат важни индиции за ставовите на електоратот, победникот ќе го одлучат резултатите за освоените електори од секоја сојузна држава.

Последната анкета е спроведена на примерок од 1.029 Американци на национално ниво, вклучувајќи 871 регистриран гласач. Меѓу нив 785 веруваат дека ќе излезат на гласање. Меѓу оние кои веруваат дека ќе излезат да гласаат, Харис води со 50 отсто поддршка наспроти Трамп кој има 44 отсто.

Синот на Трамп на вечера со бизнисмени во Белград

Партнерката на Доналд Трамп Јуниот, Кимберли Гилфојл, на Инстаграм објави фотографија од вечерата во Белград.
Партнерката на Доналд Трамп Јуниот, Кимберли Гилфојл, на Инстаграм објави фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Јуниор, син на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, организирал деловна вечера со бизнисмени од Србија на 23 септември во Белград, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Славко Цариќ, поранешен претседател на извршниот одбор на Ерсте банка, за РСЕ потврди дека присуствувал на вечерата на која, како што вели, тема биле „инвестициите и атрактивноста на деловното опкружување на регионот и Србија од перспектива на инвеститорите од САД“.

Како што наведува Цариќ, се разговарало за „кои се сличностите и разликите во инвестирањето во регионот на Југоисточна Европа и во САД, како и кои се предностите на овој регион и како да се реализира целосниот потенцијал во меѓусебната деловна соработка“.

Кимберли Гилфојл, партнерката на Доналд Трамп Јуниор, на Инстаграм објави и фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Џуниор е извршен потпретседател на „Организацијата Трамп“ (Trump Organization).

Оваа компанија е деловен субјект кој вклучува стотици компании и партнерства кои поседуваат или управуваат со деловни згради, хотели, станбени кули, голф клубови, права на брендирање, договори за лиценцирање и друг имот ширум светот.

Трамп Џуниор учествува и го поддржува својот татко и во претседателската кампања.

Тој беше сведок на судењето во 2023 година, каде што семејството Трамп беше обвинето за кривични дела поврзани со даноците. Обвиненијата вклучуваат даночна измама и фалсификување деловни документи.

Организацијата Трамп, наводно, го преувеличувала своето богатство и ги фалсификувала деловните досиеја.

Трамп Јуниор на тоа судење изјави дека не работел на финансиските извештаи во време на кампањата, пренесе Би-би-си.

Најстариот син на Доналд Трамп учествуваше и во претседателската кампања на неговиот татко во 2016 година.

Тој беше сослушан и во Сенатот во врска со истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори пред четири година.

Во јуни 2016, Трамп Јуниор се сретна со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, откако наводно му било кажано дека таа може да му даде компромитирачки информации за тогашната противкандидатка на неговиот татко, Хилари Клинтон.

Бизнисот на зетот на Трамп во Белград

Зетот на поранешниот американски претседател, Џаред Кушнер, веќе има деловни потфати во Белград.

Србија потпиша договор со неговата компанија за „ревитализација“ на комплексот на Генералштабот во центарот на Белград, чии делови беа уништени во бомбардирањето од НАТО во 1999 година.

Договорот за ревитализација на комплексот Генералштаб на 15 мај го потпиша министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија, Горан Весиќ, со компанијата на Кушнер „Афинити Глобал Девелопмент“.

Со тој договор, кој сè уште не е објавен, Србија го изнајми земјиштето во рамки на овој комплекс на 99 години.

Весникот „Њујорк тајмс“ на 18 март објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека, според предложениот договор, Србија треба да добие 22 отсто од профитот.

На местото на урнатините од бомбардирањето е планирана изградба на две висококатници со станови и хотели, иако статусот на заштитен објект како културно добро, сè уште не е отстранет.

Комплексот на Генералштабот во центарот на белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:25 0:00

Архитектонската академија, здруженија и организации во мај усвоија Декларација со која бараат на Генералштабот да му се додели статус на културно добро од исклучително значење за Република Србија, што е највисок степен на заштита.

Исто така, се бара обновување и санација на објектите на Генералштабот и Министерството за одбрана согласно утврдените мерки за заштита на културните добра, кои предвидуваат овие објекти да се вратат во првобитната состојба.

Декларацијата беше поддржана од речиси 40 институции и организации од оваа фела. Со ист став излезе и Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Дваесетина дена по потпишувањето на договорот со компанијата на Кушнер, директорката на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата Дубравка Ѓукановиќ поднесе оставка.

Тоа го направи и директорката на Заводот за споменици на културата од Белград, Оливера Вучковиќ.

Нивните оставки не беа образложени, ниту пак Ѓукановиќ и Вучковиќ се огласија по тој повод, но медиумите шпекулираа дека нивниот чин има врска со барањето на Владата за отстранување на статусот на заштита за објектот на Генералштабот.

update

Бајден предупреди на „целосна војна“ по израелските напади врз Либан

Бајден се обрати пред ОН за последен пат како претседател на САД, 24 септември 2024 г.
Бајден се обрати пред ОН за последен пат како претседател на САД, 24 септември 2024 г.

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди на можноста од „целосна војна“ на Блискиот Исток, повикувајќи ги лидерите да најдат дипломатски решенија и во Либан и во Газа.

„Сеопфатната војна не е во ничиј интерес“, рече Бајден во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).

Неговото обраќање следува по израелските напади во Либан, насочени кон Хезболах, а во кои загинаа повеќе од 550 луѓе.

„Иако ситуацијата ескалира, сепак е можно дипломатско решение. Всушност, тоа останува единствениот пат кон трајна безбедност ќе овозможи жителите на двете земји безбедно да се вратат во своите домови покрај границата. И тоа е она за што неуморно работиме да го постигнеме“, рече Бајден.

За време на неговото последно обраќање во ОН како претседател на САД, Бајден, се осврна и на војната во Украина испраќајќи порака дека инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин „не успеала во својата цел“.

„Путин планираше да ја уништи Украина, но Украина е се уште слободна“, рече тој.

Американскиот претседател упати повик до лидерите во ОН.

„Светот мора да избере дали да ја продолжи поддршката за Украина или да се дистанцира од оваа агресија. Мојот одговор е дека нема да отстапиме од нашата поддршка за Украина“, рече американскиот претседател во говорот во Њујорк.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните западни сојузници обезбедија милијарди долари воена помош и воведоа неколку пакети санкции кон Русија.

Во САД, исто така, е и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој ќе се обрати пред Обединетите нации утре.

Обраќањето на Бајден пред ОН е на четири месеци пред истекот на неговиот мандат, а војните во двата региона претставуваат предизвици кои веројатно ќе го надминат неговото претседателствување.

Во неговиот мандат како претседател на САД доминираа предизвиците во надворешната политика – од руската инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година до нападот во јужен Израел на 7 октомври и земањето заложници од страна на палестинската милитантна група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, како и до последователните напади што Израел ги започна врз Газа.

Спротивставувањето на Кина и Иран, кои ги поддржуваат Хамас и Хезболах, се исто така некои од предизвиците со кои се соочува Бајден.

Во говорот пред ОН, тој рече дека во текот на неговото време поминато како американски сенатор, потпретседател и претседател видел многу очај во светот, но светот има капацитет за помирување.

„Секогаш ќе има сили кои нè раздвојуваат. Нашиот текст е дали оние сили што нè држат заедно се посилни од тие што нè разделуваат“, рече Бајден.

Неговиот говор во ОН е централниот дел од дводневната посета на светските лидери на Њујорк за Генералното собрание на ОН, на кое ќе се разговара и за климатските промени, а ќе има и средба помеѓу Бајден и претседателот на Виетнам.

Најмалку тројца загинати и 22 ранети во руски напад на Харкив

Последици од нападот на 24 септември 2024 г.
Последици од нападот на 24 септември 2024 г.

Најмалку три лица загинаа, а 22 се ранети при руски напад на облакодер во украинскиот град Харкив.

Според информациите од локалните власти, се стравува дека под урнатините има уште луѓе.

„Русија неказнето го тероризира регионот Харкив… Директен удар врз станбена зграда“, вели народниот правобранител на Украина, Дмитро Лубинец, во објава на Телеграм.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, вели дека истата зграда веќе била под руски напад на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.

„Беше речиси поправена, поставени беа прозорците, изолирана и подготвена за грејната сезона. Непријателот ја погоди по втор пат“, наведе Терехов на Телеграм.

Според него, Русија нападнала најмалку четири области во попладневните часови, вклучувајќи го и најгусто населениот дел од градот.

Регионалниот гувернер Олех Синиехубов на Телеграм додаде дека се оштетени неколку станбени блокови.

Харкив, кој е втор град по големина во Украина, и околниот регион постојано се мета на руски напади.

Шест лица загинаа во нападот на израелската војска во Бејрут

Либански војници на местото на израелскиот напад во Бејрут, 24 септември 2024 г.
Либански војници на местото на израелскиот напад во Бејрут, 24 септември 2024 г.

Израелската армија соопшти дека извршила „целни“ напади врз Бејрут, а во нив, според либанското Министерство за здравство, загинале шест лица, а 15 биле ранети.

Според информациите од два либански безбедносни извори, пренесува Ројтерс, во нападот е убиен командант на Хезболах.

Либан претходно соопшти дека во израелските напади што започнаа во понеделникот, убиени се повеќе од 550 лица.

Во меѓувреме, поради нападите од северот на земјата бегаат илјадници луѓе.

Нападот врз Либан на 23 септември е најсмртоносниот по граѓанската војна во 1990 година.

Израелската војска најави дека ќе стори „сè што е потребно“ за да го оттурне Хезболах од границата на Либан со Израел.

Израелските напади врз областите во Либан кои се под контрола на Хезболах продолжија и денеска.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах се интензивираше по смртоносниот напад што на 7 октомври во Израел го изврши палестинската милитантна група Хамас, која од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација. По ова почна израелската офанзива во Појасот Газа.

Групата Хезболах, поддржана од Иран, го напаѓа Израел и уверува дека ќе го прави тоа додека не дојде до прекин на огнот во Газа.

Сега, една година откако започнаа нападите врз Газа, Израел го префрла својот фокус на северната граница каде се соочува со напади на Хезболах.

Началникот на израелската армија рече дека нападите врз Хезболах во Либан ќе бидат засилени.

„Ситуацијата бара постојана, интензивна акција во сите области“, рече началникот на Воениот генералштаб, Херзи Халеви.

Либанските власти соопштија дека во нападите загинале 558 лица, од кои 50 деца и 94 жени, а ранети се 1.835 лица.

Орбан доаѓа во официјална посета на Северна Македонија

Виктор Орбан, премиер на Унгарија (фотоархива).
Виктор Орбан, премиер на Унгарија (фотоархива).

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација на унгарската Влада, на 26 и 27 септември, ќе биде во официјална посета на Северна Македонија.

Орбан и членовите на неговата влада ќе престојуваат во Охрид, каде во премиерската вила ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Во еден од охридските хотели, според најавата, владите на Северна Македонија и на Унгарија ќе одржат и заедничката седница.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.

Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра.

На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.

Инаку, во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 избега во Будимпешта каде доби политички азил.

Меџити: Владата донесе одлука да го запре онлајн коцкањето

Одлуката е донесена на денешната владина седница.
Одлуката е донесена на денешната владина седница.

Владата донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во Република Северна Македонија, објави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Одлуката била донесе на денешната владина седница, објавија на социјалните мрежи и дел од останатите министри во Влада.

„Се донесе одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за онлајн коцкарници издадени од Владата на ДУИ, а со тоа и запирање на онлајн коцкањето во државата. Ги стопиравме штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделија на српски, црногорски и други фирми. Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште“, рече Меџити кој ваквиот чекор го најави и во неделното интервју на Радио Слободна Европа објавено на 22 септември.

Меџити: Се очекува Владата да ги укине незаконските онлајн казина
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:38 0:00

Првиот вицепремиер обвинува дека нејасната законска процедура досега се користела за создавање нови компании за онлајн обложување, а „интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада“.

По завршувањето на владината седница, потврда стигна и од прес-службата на Владата, од каде велат дека одлуката е донесена поради „неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување“.

Владината одлука следува откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.

Тие сметаа дека овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.

Во пракса, денешниот владин чекор значи одземање на лицентите на трите компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик ги основаше заеднички со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие компании, државното акционерското друштво имаше 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.

Станува збор за компаниите „Државна лотарија – 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.

Потоа „Државна лотарија – Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија – Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.

Собранието изгласа, ќе нема предвремени избори во Аеродром, Гостивар и Сарај

Законските измени беа донесени со 83 гласа „за“.
Законските измени беа донесени со 83 гласа „за“.

Со 83 гласа „за“ и 17 „против“, пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени со кои ќе се одбегнат предвремени локални избори за градоначалници во општините Аеродром, Гостивар и Сарај.

Станува збор за измени на Законот за локална самоуправа, кој е системски закон и потребно е двотретинско мнозинство – поддршка од најмалку 80 пратеници во 120-члениот парламент.

Покрај пратениците од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди), уште од претходно, поддршка за овие измени најавија и пратениците од опозициската ДУИ.

Пратениците од власта посочија дека станува збор за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври следната година.

Досегашното законско решение предвидуваше дека една општина може да има в.д. градоначалник најмногу шест месеци, но со измените сега ќе се овозможи в.д. градоначалниците во Аеродром, Гостивар и Сарај да ги предводат општините до следните локални избори.

„Имајќи предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални, продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Трите општини останаа без градоначалник по парламентарните избори што се одржаа во на 8 мај.

Дотогашниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети од ДУИ, стана пратеник, а поранешните градоначалници на Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари, со формирањето на Владата на крајот на јуни станаа министри за надворешни работи и за здравство.

Денешното гласање не е прво за кое е потребно двотретинско мнозинство во актуелниот парламентарен состав. 80 гласа „за“ беа потребни и за реорганизацијата на Владата со која се воведоа нови министерства. И тогаш, власта ја доби поддршката од опозициската коалиција на ДУИ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG