Уставниот суд реши да го замрзне „балансерот“ додека да одлучи дали тој е уставен или не. Вие најавивте дека подготвувате нов Закон за правична застапеност. До каде е таа постапка и што ќе биде различно од она што го имавме досега за утре да не биде оспорен пред Уставен?
Во принцип „балансерот“ беше во функција на спроведување на Рамковниот договор и правична застапеност на помалите заедници во државната и јавната администрација. За волја на вистината, првите години даде придонес во тоа и се подобри сликата на етничката припадност во јавна и државна администрација. Но, во последните години не беше во функција туку имаше контраефект бидејќи имаше многу случаи каде иако „балансерот“ ќе кажеше дека треба да се вработи Албанец, Турчин или Македонец, луѓето за да се вработат се изјаснуваа лажно. На централно ниво можеа Македонците да се изјаснат како Албанци, на локално ниво Албанците како Македонци. Така што, „балансерот“ е надвор од својата функција. Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и квалитет.
По што ќе се разликува?
Ако треба да се вработи Македонец, да ќе се вработи, но најквалитетниот. Ако треба да се вработи Албанец – да, но најквалитетниот, најобразованиот, најспремниот и утре, задутре подобро ќе им служи на граѓаните за нивните потреби.
Имате ли усогласеност на ниво на Влада со коалициските партнери за ваков закон?
Да, имаме и мислам дека тоа е најдоброто за државата. Само треба да најдеме начин евентуално да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се косиме со приватноста на информациите.
Велите „одлуката на Уставен суд е инспирирана од криминални структури за дестабилизација и внатрешни судии“. На што точно мислите?
Прво, тоа се судии избрани од претходната власт, без разлика кои се. Второ, чудно е што овие прашања кои не се од вчера туку ги тангираат граѓаните најмалку една деценија, одеднаш испливуваат на површина баш сега, на почеток на новата Влада. Ова не може да биде случајност, истото се случи со Закон за јазиците, со „балансерот“ и други појави што симптоматично е што баш сега се отвораат предмети кои со години стоеле во фиока.
Токму „балансерот“ беше една од причините за јавно да се конфронтирате со ЗНАМ. Стабилна ли е владината коалиција?
Стабилна е. Ние сме една Влада, но не сме едно. Тука се различни политички субјекти, има моменти каде не се согласуваме, дебатираме „про“ и „контра“. Околу „балансерот“ имаше дилема дали да бидат 24-25 отсто Албанците како резидентно население или вкупните 30 проценти. Но, и ова е останато од поранешната влада, од ДУИ кои на времето сакаа да не убедат дека нема врска дали 24 или 30 отсто. Тоа е апсолвирано, но со време се покажа дека тоа отвора проблеми и дилеми во општеството. Како и да е, мислам дека новата влада има политички капацитет демократски да се дебатираат работите и да се најдат најдобрите заеднички решенија.
И вие и премиерот најавувате зголемување на парламентарното мнозинство, но ниту еден пратеник не премина од другата страна. Се откажавте од идејата да убедувате пратеници?
Не, има комуникација. Повеќе пратеници од опозицијата комуницираат и сакаат да бидат дел од новото мнозинство. Мислам дека тоа, не знам датумот, но ќе се случи.
За двотретинските закони како лесно да наоѓате поддршка кај ДУИ. Постои ли тајна коалицијата или соработка со интегративците?
Не, мислам тоа беше и јавно дека за Законот за локална самоуправа за да се избегнат избори пред редовните во три општини има поддршка и од Европскиот фронт т.е. од ДУИ што е во интерес на граѓаните и мислам дека се штеди буџетот на државата.
Како коалиција постојано ги обвинувате ДУИ за криминал. Дали пријавивте нешто конкретно во обвинителството?
Мислам дека се работи во оваа насока. Ние се договоривме еден од принципите на новата Влада да биде борба против корупцијата и тоа бескомпромисно, но тоа да не биде ни моноетнички ни да се реваншираме туку секој кој го прегазил законот да одговара за тоа. Работат институциите и веќе има први ефекти од тоа, како што беше одлуката да се поништи договорот на Државна лотарија со сомнителна фирма за наем од милионски суми. Исто така, се очекува на наредната седница да се укинат онлајн казината дадени на незаконски начин со што ќе ги повлечеме казината од нашите деца, нашите домови. Друга точка, исто така, е борбата против казината кои работат на црно, не само во државата туку и во регионот. Во однос на коруптивните зделки има најави, но тоа треба да оставиме на институциите да ги работат предметите.
Велите борбата против корупцијата и непотизмот се ваш приоритет како Влада. Но, во јавноста ве обвинуваат дека ваши роднини се поставуваат на високи позиции. Точно ли е дека новиот директор на МЕПСО (Бурим Љатифи) е ваш братучед?
Да. Тој беше во основачите на Демократското движење, дел од важните структури од помладата генерација. Но, не се точни другите обвинувања на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од уставни измени со одложено дејство. Вие го поддржувате овој став?
Ние како Албанци знаеме што значи некој да ти оспори идентитет, знаме. Но, во исто време знаеме дека тоа е единствен пат за интеграција на државата во ЕУ. Значи, ги разбираме нашите сограѓани, ги поддржуваме, но сакаме и да помогнеме да го најдеме најкраткиот и најсигурниот пат да почне интеграцијата на државата, што е единствена опција и алтернатива за државата. Ние како пратеници Албанци, без разлика позиција или опозиција, сме спремни и утре да не повикаат да ги изгласаме. Но, клучот е во поголемата заедница и ние сакаме да помагаме заедно сос стратешките партнери.
Пред формирањето на Владата се споменуваше дека давате рок од шест месеци за уставни измени. Сега имате рок или немате?
За ВЛЕН (Вреди) останува врвен приоритет да се отвори патот кон интеграциите, но ние може да придонесеме колку ние тежиме и можеме. Сме во секојдневна комуникација со нашите стратешки партнери, на ниво на Влада го креваме како прашање, деновиве таму се и премиерот и министерот за евроинтеграции кој е од ВЛЕН, токму во функција на забрзување и наоѓање решенија за ова.
Се противите на законот за бранителите и условувате паралелно да се донесе и закон за привилегии на припадниците на ОНА. Сте разговарале со премиерот Христијан Мицкоски за ова? Имате усогласеност?
Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат.
Со Мицкоски сте разговараме како да се излезе од ситуацијата, во однос на бранителите?
Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане.
Заврши повикот на Владата за проекти од општините. Колку од општините за заинтересирани за еколошки проекти?
Сите општини имаат аплицирано со повеќе проекти. Прво, треба пофалби околу тоа дека не се привилегирани во зависност од тоа од која политичка провиниенција доаѓаат туку според методологија и утврдени критериуми, значи по број на жители им се определени средства. За тие средства треба да аплицираат со проекти. Досега сите општини имаат аплицирано. Имајќи предвид дека се работи за предизборна година, за жал повеќето се фокусирани на нешта што се гледаат и се опипливи за граѓаните т.е. на асфалтирање и проекти надземно. Но, мислам дека добро е што некаде околу 30 отсто од општините имаат аплицирано токму во Министерството за животна средина за прашања кои ги тангираат од оваа природа општините и граѓаните.
Се наближува грејната сезона, период кога воздухот во Скопје и неколку градови бележат енормни загадувања. Што како Министерство за животна средина преземавте досега?
Прво, се менува систематизацијата и се формира посебен сектор во рамки на Министерството за животна средина за декарбонизација и за чист воздух. Ова првото е важно бидејќи ако не преземеме мерки нашите произведувачи ќе плаќаат огромни давачки во иднина ако сакаат да извезат нешто во ЕУ. Второ, во однос на загадувањето според анализите најголеми загадувачи се домаќинствата бидејќи користат секакви средства кои се штетни за здравјето и воздухот.
Така што, долгорочно работиме да се интензивира процесот на гасификација, прво на урбаните средини, но и на целата држава што видно ќе придонесе за тоа. Има формирано ад хок комисија која ќе се занимава со големите загадувачи да се проверат дали имаат преземено мерки, инвестирано во филтри и што помалку да ја загадат околината и ред други активности кои ќе бидат секојдневни.
Државата одвојува помалку од еден отсто од Буџетот за животна средина. Доволно ли е тоа?
Мислам дека со тоа што се нафатив како прв вицепремиер и да го водам овој ресор, сакам да дадам на значење на овој ресор токму во однос на промена на законски одредби, се во прилог да го фатиме чекорот со европските држави каде претендираме да бидеме.