Достапни линкови

Вести

Зеленски: Околу 40 000 руски војници се пренасочени од Украина кон Курск

Володомир Зеленски
Володомир Зеленски

Околу 40 000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави синоќа претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Веќе успеавме да пренасочиме околу 40.000 руски воен персонал во таа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст“, рече тој.

Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов.

Во последниве недели, Русија тврдеше дека вратила неколку села заземени од украинските сили за време на ненадејниот упад на руска територија што започна на почетокот на август. Се верува дека Украина контролирала околу 1300 квадратни километри во областа Курск што се граничи со североисточна Украина.

Локалните руски цивили во регионот Курск во неизвесност по упадот на украинците
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Володимир Зеленски претходно изјави дека Киев нема намера да ја задржи руската територија, но дека упадот и дава на Украина повеќе простор во можните мировни преговори и дека заробените руски војници ќе се користат за размена на затвореници.

Од почетокот на упадот на 6 август, се случија три вакви размени на руски и украински војници.

Во доцните ноќни обраќања во четвртокот (19 септември), Зеленски рече дека украинските сили ја намалиле способноста на руските трупи да вршат напади во регионот Доњецк на источниот фронт.

Зеленски рече дека руските сили го нападнаа регионот Суми во четвртокот, погодувајќи старечки дом.

Во нападот едно лице загина, а 12 се ранети, објави Државната служба за вонредни состојби на Телеграм. Во нападот делумно е уништен петтиот кат од зградата, а искршени се прозорците од приземјето. Повеќе од 140 луѓе мораа да бидат евакуирани, според службите за итни случаи.

види ги сите денешни вести

Бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградието на Бејрут се искачи на 31

Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.
Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.

Либанскиот министер за здравство на 21 септември изјави дека бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут претходниот ден се искачи на 31, меѓу кои седум жени и три деца.

Фирас Абиад изјави за новинарите дека 68 лица биле ранети, од кои 15 се во болница, во најсмртоносниот израелски воздушен напад врз Бејрут од војната Израел-Хезболах во летото 2006 година.

Меѓу загинатите е Ибрахим Акил, командант на Хезболах кој беше задолжен за елитните сили на групата Радван.

Исто така загинати се и десетина членови на милитантната група кои се состануваа во подрумот на зградата што беше уништена.

Во Белград се отстранува бомба тешка 300 килограми од Првата светска војна

Отстранување на бомба во Белград.
Отстранување на бомба во Белград.

Министерството за внатрешни работи на Србија (МУП) соопшти дека отстранува граната која останала од Првата светска војна, пронајдена на градилиште во близина на зградата на српскиот парламент во центарот на Белград.

Во јавниот оглас е наведено дека на 22 септември артилериската граната ќе биде неутрализирана и транспортирана од локацијата во Влајковиќева.

Од станарите на таа и околните улици беше побарано да ги почитуваат наредбите и упатствата на надлежните органи.

„Доколку можат да ги напуштат становите во периодот од 8 до 11 часот. Ако не можат тоа да ги отворат прозорците, да се оддалечат од нив и да ги спуштат ролетните“, велат од МУП.

Од граѓаните на Влајковиќева и две околни улици, плоштадот „Косовска“ и „Никола Пашица“ беше побарано да ги отстранат паркираните возила.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 18 септември изјави дека припадници на полицијата и на Одделот за вонредни состојби го обезбедуваат просторот каде што е пронајдена експлозивна направа на австроунгарската армија од Првата светска војна.

Тој изјави дека ископаната граната е тешка 287 килограми и долга повеќе од еден метар.

Работите на изградбата на подземната гаража при која беше пронајдена се прекинати од средата.

Израел започна истрага откако негови војници фрлaле тела на загинати Палестинци

Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.
Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.

Израелската војска започна истрага откако нејзините војници беа снимени како ги фрлаат телата на тројца загинати Палестинци од покрив за време на рација на Западниот Брег.

Како што јавува Би-Би-Си, ситуацијата е снимена во Кабатија кај Џенин, а на едно од видеата се гледа како израелски воен булдожер ги крева и ги отстранува телата.

„Ова е сериозен инцидент кој не е во согласност со нашите вредности и очекувања на нашите војници“, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) на 20 септември.

Локалните палестински власти соопштија дека израелските сили убиле најмалку седум лица во Кабатија на 19 септември.

ИДФ соопшти дека извршила контратерористичка акција во Кабатија при што во размена на оган загинале четворица милитанти, како и дека тројца биле убиени по напад со дрон врз автомобил.

Новинар од Кабатија за Би-Би-Си изјави дека во четвртокот наутро, израелските војници опколиле зграда во тој град и снајперисти пукале во четворица мажи кои побегнале на покривот.

Тој додаде дека откако борбите во градот стивнале, видел дека израелските војници се качуваат на покривот и ги спуштаат телата, кои потоа биле натоварени во булдожер.

Израелската армија објави дека еден од убиените во антитерористичката операција во Кабатија е Шади Закарне, кој според неа е одговорен за нападите во северната област на Западниот Брег.

Според меѓународното право, војниците се обврзани да гарантираат дека телата на борците се третираат со почит.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „злосторство што ја разоткри бруталноста на израелската армија“.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби ја опиша снимката како длабоко вознемирувачка.

„Ако се докаже дека е автентично, јасно би претставувало одвратно и ужасно однесување на професионалните војници“, рече Кирби.

Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од 41.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од нападот врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

Руски војници обвинети за вмешаност во убиство на Американец во Украина

Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.
Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.

Расел Бентли, човек од Тексас, кој како „Каубој од Донбас“ се прослави затоа што им се придружил на силите поддржани од Русија во источна Украина, бил мачен пред да биде убиен во украинскиот град Доњецк окупиран од Русија, соопштија руските власти.

Тие исто така рекоа дека неговите наводни грабнувачи се обиделе да ја прикријат смртта детонирајќи автомобил во кој се наоѓало неговото тело.

Во соопштението објавено на 20 септември, Истражниот комитет наведе дека четворица членови на руските вооружени сили, Виталиј Вансјацки, Владислав Агалцев, Владимир Бажин и Андреј Јорданов, биле обвинети во врска со смртта на Бентли во април.

Бентли (64) беше вклучен и во рускаиот упад на ниско ниво во Украина, која датира од 2014 година.

Нарекувајќи се себеси каубој од Донбас, Бентли стана популарна личност на руските пропагандни мрежи поради неговата критика кон американската влада.

Бентли исчезна во Доњецк во април.

Маргарита Симонјан, водечката руска про-Кремљ новинарка и главен уредник на телевизијата РТ контролирана од државата, напиша на Х во тоа време дека Бентли умре за „нашиот народ“ во Доњецк.

Командантот на баталјонот „Восток“ на сепаратистите поддржани од Русија, Александар Ходаковски, тогаш на Телеграм рече дека „оние кои го убиле Расел Бентли“ ќе се соочат со „казна“. Но, пораката беше отстранета од Телеграм набрзо откако беше објавена.

Сопругата на Бентли, Људмила, тогаш тврдеше дека руски војници од тенковски баталјон го киднапирале.

Според Истражниот комитет, Вансјацки, Агалцев и Јорданов го мачеле Бентли на 8 април, а тој умрел набргу потоа.

Вансјацки и Агалцев се осомничени дека разнеле автомобил со телото на Бентли во него и му наредиле на Бажин да се ослободи од она што останало од неговите останки.

Четворицата мажи се обвинети за злоупотреба на службената должност, тортура што довела до смрт, сквернавење на тело и заговор за криење на телото.

Истражниот комитет не прецизираше зошто четворицата мажи го мачеле Бентли до смрт, но многу негови пријатели во Доњецк сугерираат дека Тексашанецот можеби бил помешан за шпион.

Бентли се борел за баталјонот Восток помеѓу 2014 и 2017 година и добил руско државјанство во 2021 година.

Двајца мртви од руско гранатирање во регионот Харкив

Жител гледа во неговата куќа тешко оштетена за време на руски воздушен напад во Харкив, Украина, 21 септември 2024 година.
Жител гледа во неговата куќа тешко оштетена за време на руски воздушен напад во Харкив, Украина, 21 септември 2024 година.

Во руското гранатирање во украинската област Харкив на 20 септември загинаа две лица, а пет беа повредени, додека ракетен напад во Днипро предизвика најмалку една повреда, соопштија украинските власти.

Руските сили употребија минофрлачи за гранатирање села во регионот на Харкив, при што ги одзедоа животите на 43-годишен маж и 53-годишна жена, изјави гувернерот на Харкив, Олех Синјехубов.

Повредени се уште две жени. Претходниот напад врз други села остави две жени и еден маж повредени, рече тој.

Во Днипро едно лице е повредено, а зграда е делумно уништена.

Нападот во Днипро се случи вечерта на 20 септември, откако воздухопловните сили предупредија на закана од удар со балистичко оружје, изјави шефот на регионалната воена управа.

Сиљановска Давкова на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи македонската државна делегација на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, Соединетите Американски Држави.

Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Таа ќе се обрати и на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади.

Сиљановска Давкова ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“.

На покана на претседателот на САД, Џо Бајден, таа ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.

За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари повеќе билатерални средби.

Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започнува денеска во македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, каде ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица).

Попладне таа заедно со делегацијата во Фрихолд исто така во Њу Џерси ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“.

Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Сончево време, попладне услови за локален дожд

Сончево време.
Сончево време.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови во западните делови ќе има услови за локален дожд.

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Од УХМР информираат дека утре ретежно во западните делови од земјата ќе има појава на краткотраен дожд.

Потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.

Во средината на неделата се очекува преодно наоблачување проследено со локални врнежи од дожд и услови за грмежи.

Невреме во Тетово: Поплавени улици, се поставува заштита во домовите

Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.
Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.

Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината, при што има поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Во улицата спроти касарната поплавени се гаражи, дворови а сопствениците поставуваат соодветни бариери за заштита од водата да не навлезе во домовите. Поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот во овој дел од градот“, велат од ЦУК.

ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово веќе интервенираат со соодветна механизација- багери, но исто така дел од екипите на ТППЕ-Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти.

Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети изјави дека вечерва интервенирале со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде биле поплавени дворови, подруми и приземните катови од објекти.

„Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите“, вели Амети, пренесе МИА.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот.

Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација.

Десетици жени го обвинија египетскиот милијардер Ал Фајед за сексуална злоупотреба

Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.
Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.

Адвокати во Британија кои застапуваат десетици наводни жртви на Мохамед Ал Фајед, поранешен шеф на познатата стоковна куќа Хародс во Лондон, на 20 септември објавија дека нивните клиенти тврдат дека тој силувал и сексуално напаѓал млади жени.

Според нив, тоа се случувало во поголемиот дел од 25-годишното работење на Ал Фаед, од 1985 година наваму, кога бил на чело на светски познатата стоковна куќа во Лондон.

Тие зборуваа на телевизиска прес-конференција во Лондон по документарниот филм на Би-Би-Си „Ал-Фајед: Предатор во Хародс“.

Најмалку 37 жени од Австралија, Канада, Италија, Малезија, Романија и САД досега излегоа со обвинувања за злоставување против египетскиот милијардер.

Во документарецот, кој се емитуваше во четвртокот, Ал Фајед, кој е роден во Египет, а почина минатата година на 94-годишна возраст, е обвинет за силување на најмалку пет жени во неговите имоти во Лондон и Париз и дека извршил серија други физички напади и во Хародс и надвор од него.

„Ќе разјасниме: Мохамед Ал Фајед беше чудовиште. Но, тој беше чудовиште овозможено од систем, систем што продре во Хародс“, рече водечкиот адвокат Дин Армстронг.

Некои од наводните жртви на Ал Фајед биле тинејџерки во времето на злоставувањето, од кои најмалку една имала 15 години, според документарецот на Би-Би-Си.

Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека била запознаена со минатите наводи и дека го испрашала Ал Фаед во 2008 година во врска со сексуалната злоупотреба на 15-годишно девојче, но обвинителите тогаш не отвориле случај.

Семејството на Ал Фајед не ги коментираше овие наводи.

Ал Фаед се пресели во Британија во 1960-тите. На врвот на своето богатство, тој го поседуваше хотелот Риц во Париз и фудбалскиот тим Фулам од југозападен Лондон. Се движеше во високите кругови на Лондон. Тој стана истакнат теоретичар на заговори по несреќата во Париз во 1997 година во која загинаа неговиот син Доди и принцезата Дијана.

Ал Фајед го продаде Хародс во 2010 година на компанија во сопственост на државата Катар.

Во изјава за Би-Би-Си, сопствениците на Хародс рекоа дека се „апсолутно згрозени“ од наводите за злоупотреба, но додадоа дека дури минатата година биле информирани за нив.

На Дунав во Србија е воведена редовна заштита од поплави

Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)
Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)

Во Србија е воведена редовна заштита од поплави на Дунав, од Бездан до Ковиље, соопшти претпријатието „Води на Војводина“ на 20 септември.

Како што е најавено, се спроведуваат редовни мерки за одбрана од поплави во вкупна должина од над 253 километри - на делниците од насипот на Дунав, од државната граница со Унгарија до Ковил, како и на водните структури на хидросистемот Дунав-Тиса-Дунав и насипите во внатрешноста.

Редовната заштита од поплави се врши по мерењето на водостојот на Дунав, од утрото на 20 септември, на станиците Бездан, Апатин, Богојево, Бачка Паланка и Нови Сад.

„Во моментов на сила се одбранбените мерки на териториите на општините Апатин, Оџаци, Бач, Бачка Паланка, Сремски Карловци, како и во градовите Сомбор и Нови Сад. Од превентивни причини повеќето од делниците беа претходно воведени во одбранбениот режим, за надлежните служби да имаат доволно време да се подготват за евентуални интервенции“, се додава во соопштението.

Минатата недела бурен бран ги донесе најлошите поплави во последните две децении во Централна Европа, од Романија до Полска, а најмалку 24 лица загинаа, пренесува Ројтерс.

Нивото на Дунав се зголемува во Унгарија, а реката се излева од коритото во Будимпешта и уште 50 населени места. Во земјата се уште се очекува ударниот бран, а на терен се распоредени над 5.000 спасувачи и исто толку доброволци.

„Води на Војводина“ потсетува и дека, според прогнозите на Хидрометеоролошкиот завод на Србија, водостоите на Дунав во наредните денови ќе се покачат.

Врвот на брановите кај Бездан се очекува на 25 септември, а кај Нови Сад меѓу 27 и 28 септември. Прогнозите се дека нивото на водата на Дунав кај Нови Сад ќе биде под границите на вонредната заштита од поплави“, посочуваат од компанијата. надвор.

Се додава дека стручните служби се дежурни, го следат развојот на состојбите и го посетуваат теренот, следејќи ги евентуалните промени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG