Достапни линкови

Вести

САД за обвинението за Бањска: Почитувајте го судскиот процес

Илустрација
Илустрација

Соединетите Држави соопштија дека го охрабруваат почитувањето на судскиот процес и владеењето на правото, по обвинението на Косово во врска со вооружениот напад на 24 септември во Бањска и Звечани.

„Во однос на обвинението за Косово, го охрабруваме почитувањето на судскиот процес и владеењето на правото и трпение додека овој комплициран случај се одвива низ судовите. САД продолжуваат силно да го поддржуваат владеењето на правото, еднаквата правда и доброто владеење на Косово“, Портпаролот на американскиот Стејт департмент изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ).

САД, како што е наведено, очекуваат Србија да побара целосна одговорност за лицата вклучени во нападот во септември минатата година.

Во текот на оваа недела, Специјалното обвинителство на Косово покрена обвинение против 45 лица за овој напад.

Косово смета дека овој напад е терористички, додека државниот врв ја обвинува Србија дека го организирала нападот.
На 24 септември минатата година, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во северно Косово, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку. Во судирите што следеа беа убиени и тројца српски напаѓачи.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на водечката партија на Србите на северот на Косово, Српската листа. Во обвинението тој е опишан како „шеф на терористичка група“.
Обвинението за вооружениот напад на Бањска го поздрави и Европската унија која посредува во дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил, во врска со обвинението во Косово за вооружениот напад во Бањска, претходно изјави дека САД се залагаат напаѓачите да одговараат, а американската позиција е одамна позната.

види ги сите денешни вести

Орбан доаѓа во официјална посета на Северна Македонија

Виктор Орбан, премиер на Унгарија (фотоархива).
Виктор Орбан, премиер на Унгарија (фотоархива).

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација на унгарската Влада, на 26 и 27 септември, ќе биде во официјална посета на Северна Македонија.

Орбан и членовите на неговата влада ќе престојуваат во Охрид, каде во премиерската вила ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Во еден од охридските хотели, според најавата, владите на Северна Македонија и на Унгарија ќе одржат и заедничката седница.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.

Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра.

На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.

Инаку, во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 избега во Будимпешта каде доби политички азил.

Меџити: Владата донесе одлука да го запре онлајн коцкањето

Одлуката е донесена на денешната владина седница.
Одлуката е донесена на денешната владина седница.

Владата донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во Република Северна Македонија, објави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Одлуката била донесе на денешната владина седница, објавија на социјалните мрежи и дел од останатите министри во Влада.

„Се донесе одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за онлајн коцкарници издадени од Владата на ДУИ, а со тоа и запирање на онлајн коцкањето во државата. Ги стопиравме штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделија на српски, црногорски и други фирми. Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште“, рече Меџити кој ваквиот чекор го најави и во неделното интервју на Радио Слободна Европа објавено на 22 септември.

Меџити: Се очекува Владата да ги укине незаконските онлајн казина
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:38 0:00

Првиот вицепремиер обвинува дека нејасната законска процедура досега се користела за создавање нови компании за онлајн обложување, а „интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада“.

По завршувањето на владината седница, потврда стигна и од прес-службата на Владата, од каде велат дека одлуката е донесена поради „неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување“.

Владината одлука следува откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.

Тие сметаа дека овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.

Во пракса, денешниот владин чекор значи одземање на лицентите на трите компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик ги основаше заеднички со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие компании, државното акционерското друштво имаше 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.

Станува збор за компаниите „Државна лотарија – 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.

Потоа „Државна лотарија – Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија – Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.

Собранието изгласа, ќе нема предвремени избори во Аеродром, Гостивар и Сарај

Законските измени беа донесени со 83 гласа „за“.
Законските измени беа донесени со 83 гласа „за“.

Со 83 гласа „за“ и 17 „против“, пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени со кои ќе се одбегнат предвремени локални избори за градоначалници во општините Аеродром, Гостивар и Сарај.

Станува збор за измени на Законот за локална самоуправа, кој е системски закон и потребно е двотретинско мнозинство – поддршка од најмалку 80 пратеници во 120-члениот парламент.

Покрај пратениците од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди), уште од претходно, поддршка за овие измени најавија и пратениците од опозициската ДУИ.

Пратениците од власта посочија дека станува збор за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври следната година.

Досегашното законско решение предвидуваше дека една општина може да има в.д. градоначалник најмногу шест месеци, но со измените сега ќе се овозможи в.д. градоначалниците во Аеродром, Гостивар и Сарај да ги предводат општините до следните локални избори.

„Имајќи предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални, продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Трите општини останаа без градоначалник по парламентарните избори што се одржаа во на 8 мај.

Дотогашниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети од ДУИ, стана пратеник, а поранешните градоначалници на Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари, со формирањето на Владата на крајот на јуни станаа министри за надворешни работи и за здравство.

Денешното гласање не е прво за кое е потребно двотретинско мнозинство во актуелниот парламентарен состав. 80 гласа „за“ беа потребни и за реорганизацијата на Владата со која се воведоа нови министерства. И тогаш, власта ја доби поддршката од опозициската коалиција на ДУИ.

Саливан: Бајден не се откажува од примирје во Газа

Џо Бајден, претседатал на САД.
Џо Бајден, претседатал на САД.

Американскиот претседател Џо Бајден е решен да постигне прекин на огнот во Газа и договор за заложници со Хамас, кој ЕУ и САД го прогласија за терористичка организација. Во исто време, Бајден се обидува да ги намали тензиите на границата на Израел со Либан, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

„Тој апсолутно не се откажа“, рече Саливан во интервју за MSNBC неколку часа пред Бајден да одржи говор пред Генералното собрание на Обединетите, што ќе биде негово последно обраќање таму како американски претседател.

Во Њујорк Бајден ќе се состане со други светски лидери за да работат на договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, како и на спречување сеопфатна војна на Блискиот Исток, рече Саливан.

Исто така, тој посочи дека има предизвици да се постигне договор меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на Хамас, Јахја Синвар, додавајќи дека особено Хамас и Синвар „не сакаат да склучат договор“.

„Но, ние сме решени да продолжиме“, рече Саливан.

САД работат на смирување на тензиите во регионот по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври што доведе до напади врз Појасот Газа кои траат речиси една година.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, исто така, рече дека расте и конфликт што Израел го има на северната граница со Хезболах.

„Верувам дека можеме да најдеме начин да ги намалиме тензиите и преку таа северна граница меѓу Израел и Либан и да дојдеме до дипломатско решение што ќе им овозможи на луѓето да се вратат во своите домови“, рече Саливан.

Израелските воздушни напади врз цели на Хезболах продолжија во текот на ноќта поради што илјадници луѓе ги напуштаат своите домови во јужен Либан.

Либанските власти известија за најмалку 558 загинати и уште 1.835 ранети во нападите.

Израел објави дека извршил повеќе од 1.300 напади врз цели во Либан, вклучително и еден на главниот град Бејрут.

По одлуката за намалување на маржата, се менуваат цените на производите

илустрација
илустрација

Од денеска (24 септември), трговците на големо и на мало треба да ја намалат до 10 отсто маржата на основните прехранбени производи. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за десет отсто.

„Оваа мерка ќе трае некаде таму до крајот на октомври месец. Седумдесетина производи се практично производи коишто како резултат на овој закон се со намалени цени. Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, во зависност на потребите на граѓаните. Ќе потсетам, производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на една анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи се најкористени во овој период од годината. Така ќе биде можеби и пред новогодишните празници, така ќе биде на пролет и цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, рече денеска одговарајќи на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски, на поставување камен темелник на спортска сала во Општина Ѓорче Петров.

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

На листата на таканаречената есенска кошничка се 73 производи меѓу кои - леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од прибавените количини во месец август 2024 од овие производи на листата.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.

Нова група волонтери од американскиот Мировен корпус пристигна во Скопје

илустрација
илустрација

Триесет и осум Американци вчера пристигнале во земјава за да служат како волонтери во Мировниот корпус. Тие ќе волонтираат во различни институции и организации низ земјата, каде што ќе го споделат своето знаење и искуство. Во државата ќе останат две години.

„Мировниот корпус го поздравува пристигнувањето на 38 Американци во државата кои ја претставуваат 27-та група волонтери на Мировниот корпус која ќе служи во Северна Македонија. Овие 38 Американци ќе бидат распределени да живеат и работат во различни заедници низ целата земја. Мировниот корпус е благодарен за соработката со Владата и нашите партнери, со која успеавме да поддржиме речиси 900 волонтери да служат овде од 1996 година па сè до денес“, истакна директорот на Мировниот корпус Дејвид Рисајд.

За време на нивниот двегодишен престој, волонтерите ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во полето на развој на заедницата во невладините организации и општините.

„Мировниот корпус има одлична соработка со своите локални и национални партнери и ги спроведува своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука и Министерството за локална самоуправа“, велат од Мировниот корпус.

Ова е 27-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Северна Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе ја запознаат македонската култура.

Својата служба во земјата ќе ја започнат официјално во декември. Мировниот корпус својата мисија во државата ја почна во 1996 година и досега волонтирале над 800 Американци.

ЕУ на годишнината од нападот во Бањска: Сите одговорни мора да одговараат

илустрација
илустрација

Европската Унија очекува властите во Србија навремено да ги преземат сите неопходни чекори со цел да се обезбеди целосна одговорност на сите лица одговорни за нападот на 24 септември 2023 година во Бањска на северот на Косово.

Ова го изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано за Радио Слободна Европа по повод првата годишнина од овој напад.

Пред точно една година, во селото Бањска кај Звечан, вооружена група предводена од поранешниот српски политичар и бизнисмен од Косово Милан Радоичиќ, ја нападна косовската полиција.

„Европската Унија постојано изразува очекување дека Србија треба целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни мерки за да ги уапси и брзо да ги изведе пред лицето на правдата сторителите на насилните дејствија од страна на демонстрантите на косовските Срби против граѓаните, војниците на КФОР (Мисија на НАТО во Косово), органите за спроведување на законот и медиумите на 29 мај 2023 година и насилниот напад на 24 септември 2023 година на северот на Косово“, посочува Стано во писмената реакција.

Тој го повтори повикот на Брисел дека е неопходно Србија целосно да соработува со Косово во сите претстојни судски постапки „за оние случаи кога наводните сторители се на Косово“.

ЕУ претходно го поздрави обвинението за нападот во Бањска.

И лидерите на Косово, претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, во вторник (24 септември) ја одбележаа годишнината од вооружениот напад врз косовската полиција во Бањска на северот на земјата и ја пофалија „жртвата на полицаецот Африм Буњаку за заштита на суверенитет на земјата“.

„Пред точно една година, наредникот Африм Буњаку стана жртва, за да докажеме уште еднаш, како што тоа го правевме низ вековите, дека оваа земја е нашиот вечен дом“, напиша Вјоса Османи на Фејсбук.

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Косовскиот премиер Курти, откако му оддаде почит на гробот на Буњаку, рече дека „Србија мора да сноси одговорност“ и дека Косово бара меѓународната заедница да ја смета за одговорна за нападот во Бањска.

Курти оцени дека настаните во Бањска од 24 септември минатата година претставуваат „план за напад на Косово“ зад кој, според неговите зборови, стојат паравоени, терористички формации финансирани и раководени од Србија.

Во нападот во Бањска вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи. Владата во Приштина овој напад го означи како терористички.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ. Тој е под истрага и во Белград и во Приштина. Радоичиќ се соочува со обвиненија за тероризам во Косово, заедно со уште 44 лица.

Кремљ стравува од целосна дестабилизација на Блискиот Исток

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков

Кремљ објави дека стравува од „целосна дестабилизација“ на Блискиот Исток поради воената ескалација меѓу Израел и Хезболах во Либан.

„Се разбира, ова е потенцијално исклучително опасен настан со проширување на зоната на конфликтот и целосна дестабилизација на регионот“, изјави за новинарите портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Израелската армија соопшти дека утрово над 50 проектили биле истрелани кон северен Израел од Либан, каде што во последните денови се интензивираа прекуграничните борби против проиранското исламистичко движење Хезболах.

„Во понеделникот (23 септември) загинаа 492 лица, од кои 35 деца и 58 жени, а 1645 се ранети“, соопшти либанското Министерство за здравство.

Израелската војска објави „голем број“ на членови на Хезболах убиени во Појасот Газа, движењето кое го поддржува палестинскиот Хамас (организција која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка) во неговата војна против Израел.

Во последните напади врз Газа 7 лица загинаа, повеќе од 15 се повредени

Палестинците ја проверуваат штетата на местото на израелски напад врз училиште во кое се сместени раселените Палестинци во населбата Зајтун во градот Газа, 21 септември 2024
Палестинците ја проверуваат штетата на местото на израелски напад врз училиште во кое се сместени раселените Палестинци во населбата Зајтун во градот Газа, 21 септември 2024

Палестинските власти соопштија дека во израелските напади рано во вторник (24 септември) загинале најмалку седум лица во јужниот град Кан Јунис во Газа. Најмалку 15 други, меѓу кои жени и деца, се повредени во нападите, додаваат властите.

Израелската војска соопшти дека ќе стори „сè што е потребно“ за да го оддалечи Хезболах од границата на Либан со Израел. Израел и Хезболах разменуваат оган од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, организација која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка.

Болницата во центарот на Газа соопшти дека таму биле донесени телата на две деца убиени во израелски воздушен напад во вторникот.

Болницата Авда во бегалскиот камп Нусејрат соопшти дека нападот погодил група луѓе во блискиот камп Буреиј, а исто така биле ранети уште шест Палестинци.

Во меѓувреме, Министерството за здравство на крајбрежната територија соопшти дека болниците во Газа примиле 12 мртви и 43 ранети Палестинци во последните 24 часа.

Вкупниот број на загинати во Газа од почетокот на војната на 7 октомври изнесува 41 467 лица и 95 921 ранети, соопштија здравствените власти.

Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Појасот Газа во војната започната откако палестинската милитантна група Хамас, започна напади врз Израел, на 7 октомври 2023 година, во кои загинаа повеќе од 1200 луѓе.

Зеленски повика на „одлучна“ акција на САД за ставање крај на војната

Володомир Зеленски, претседател на Украина
Володомир Зеленски, претседател на Украина

Пред претстојниот говор на Генералното собрание на Обединетите Нации, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на решителни чекори на Соединетите Држави пред крајот на агресивната војна на Москва против неговата земја.

Зеленски ги даде овие коментари додека се подготвува за своето обраќање подоцна неделава во Обединетите Нации во услови на континуирани руски воздушни напади во кои загинаа и беа ранети повеќе украински цивили и оштетена критична инфраструктура.

Украинскиот лидер, кој е во Соединетите Држави на годишното Генерално собрание на Обединетите Нации (ОНГА), се сретна со двопартиска делегација на американски пратеници, изразувајќи ја благодарноста на Киев за, како што ја нарече, непоколебливата американска поддршка за Киев и меѓудругото, ја истакна критичната улога на САД бранејќи ја слободата на Украина.

Соединетите Држави, главниот поддржувач на Украина и западните сојузници му дадоа на Киев воена и друга помош од повеќе милијарди долари, а исто така и воведоа неколку рунди санкции кон Русија.

За време на неговиот состанок со сенаторите Бен Кардин (Демократ-Мериленд), претседател на влијателниот Комитет за надворешни односи на Сенатот, Ден Саливан (републиканец-Алјаска), Кристофер Марфи (демократ-Конектикат) и претставникот Грегори Микс (демократ од Њујорк), Зеленски рече дека ги информирал американските пратеници за моменталната ситуација на конфликтот и за потезите на Русија.

„Одлучувачка акција сега би можела да го забрза праведниот крај на руската агресија против Украина следната година. Нашиот план за победа ќе помогне да се доведе Русија до мир во пракса. Сега, на крајот на годината, имаме вистинска можност да ја зајакнеме соработката меѓу Украина и САД“, соопшти Зеленски на Телеграм по состанокот.

Зеленски, кој треба да зборува на Генералното Собрание на ОН на 25 септември, а потоа да разговара со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа на 26 септември, имаше билатерални средби на маргините со германскиот канцелар Олаф Шолц, индискиот премиер Нарендра Моди и Јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Во интервју за ABC News што треба целосно да биде објавено на 24 септември, Зеленски рече дека само „силната позиција“ ќе и овозможи на Украина да го доведе рускиот претседател Владимир Путин „да ја запре војната“.

„Мислам дека сме поблиску до мирот отколку што мислиме. Поблиску сме до крајот на војната“, рече Зеленски во делови од интервјуто.

Иако Русија окупира околу 20 отсто од територијата на Украина и напредува кон стратешки важниот центар Покровск во источниот регион Доњецк, Киев ја изненади Москва, започнувајќи упад во западниот руски регион Курск минатиот месец и заземајќи десетици села на руска почва.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG