Достапни линкови

Од понеделник во аптеките новите лекови од позитивната листа


Илустрација
Илустрација

На листата се додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. Таравари најави следно проширување по Нова година. Висок е процентот на граѓаните во Северна Македонија кои за лекови плаќаат приватно, покажале податоците на СЗО.  

Од понеделник, 16 септември, граѓаните ќе можат од аптеките бесплатно да ги земат новите лекови кои сега се ставени на позитивната листа на лекови, по 10 години од последното ажурирање на листата во 2014 година, кога беше „збогатена“ со само еден нов лек.

На листата се додадени девет нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Тоа се лекови за висок крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција, односно - за некои од најчестите болести меѓу населението, како што претходно информираа од Фондот за здравствено осигурување(ФЗОРСМ).

„Тоа се лекови што ги користи секој втор човек над 60 години. Мислам дека тоа ќе биде значително намалување на процентот на пациенти кои приватно плаќаат за лекови“, рече министерот за здравство, Арбен Таравари.

Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.

Конкретно, на товар на ФЗО ќе бидат антикоангулансите Prasugrel и Ticagrelor, Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate, лекови против висок притисок и високи масти, како и Escitalopram, Memantine, Duloxetine, кои се антидепресиви и лекови за третирање деменција.

Околу еден милион евра е проценетото влијание врз буџетот на Фондот за здравство за овие лекови, на годишно ниво.

Здруженија на пациенти реагираа дека и оваа листа, и кога ќе има нови лекови на неа, нема да ги опфати сите пациенти. Посовремени лекови очекуваат и болните од канцер, чиј број секоја година се зголемува, како и пациентите со хемофилија, леукемија, дијабетес...

Од џеб плаќаме за терапијата препишана од лекар

Висок е процентот на граѓаните во Северна Македонија кои за лекови плаќаат од џеб, приватно, покажале податоците на Светската здравствена организација. Според СЗО, Северна Македонија е меѓу земјите кои имаат големи приватни плаќања за здравствена заштита мерено според капацитетот на домаќинството да плати за истата. Тоа најмногу ги погодува посиромашните.

„Еден од нашите најнови извештаи за фиансиска заштита, направен од нашата канцеларија во Барцелона, покажа дека иако покриеноста драстично се подобри во вашата земја во последните години, катастрофалните здравствени трошоци се уште се вистинска грижа, особено за посиримашните семејства. Во 2018 година, 80 проценти од плаќањата од џеб беа за амбулантски лекови. А овие плаќања сочинуваат 42 отсто од вкупните здравствени трошоци, што е далеку над просекот на ЕУ од 22 проценти“, рече Наташа Азопарди Мускат, директорката за здравствени политики и системи во регионалната канцеларија на СЗО за Европа, во обраќањето на настанот „Политички дијалог на високо ниво - предизвици и можности во процесот на проширување на листата на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување“ што денеска се одржа во владата.

Извештајот на СЗО насловен „Дали луѓето можат да платат за здравствена заштита“, кој се однесува на Северна Македонија, покажува дека приватни плаќања, главно, се вршат за лековите што ги издаваат аптеките. Зад нив е амбулантното лекување.

„Уделот на лековите што ги издаваат аптеките е пораснат од 67 отсто во 2006 година, на 80 отсто во 2018 година, додека уделот на амбулантното лекување е намален од 15 отсто на 12 отсто“, пишува во извештајот.

„Јасно ми е дека повеќе од една деценија нередовното ажурирање на листата го спречува вклучувањето на веќе воспоставените но и на нови терапии кои станаа стандардни во клиничката пракса на други места и се достапни во многу други земји во европскиот регион. Ова влијае врз луѓето и резултира со трошоци. Потребите и барањата секогаш ги надминуваат ресурсите што ни се достапни. Со вакви проблеми не се соочуваат само малите земји. Првата држава која ни се обрати беше Норвешка, богата земја, која побара од нашиот регионален директор да ја стави на агендата темата за пристап до нови лекови“, рече Азопарди Мускат.

Мицкоски: Секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни

Од Владата велат дека проширената позитивна листа по пауза од десет години покажува „непоколеблива заложба на Владата за заштита на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин“.

„Секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни за квалитетен живот. Приоритет е да се обезбеди секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни без да се соочи со финансиски потешкотии“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Таравари најави дека следното проширување на позитивната листа на лекови би требало да биде веднаш после Нова година.

„Би сакале тоа да биде што посеопфатно проширување за да ги намалат трошоците на граѓаните. Ќе се обидеме да ги избереме тие лекови што се најпотребни за граѓаните. Не можам да ветам уште десет нови лекови, но ви гарантирам дека секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус три, четири нови лекови“, рече Таравари.

Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), пак, велат дека е нивна заслугата за проширената позитивна листа на лекови.

„Целата процедура како и исполнувањето на потребните предуслови за проширувањето на позитивната листата на лекови беше започната и завршена во време на мандатот на СДСМ. Актуелната власт само го заврши процесот во оваа фаза. За жал процесот не е комплетиран до крај. За да биде целосно комплетиран целиот процес потребно е оваа листа да се интегрира и да се дополни заедно со болничките лекови“,соопштија од СДСМ пред неполн месец.

На дијалогот денеска во Владата, присуствуваат и лекари, претставници на владини институции и други лица кои ќе бидат вклучени во процедурата со која треба да се обезбедат нови лекови на државен трошок. Следен чекор за кој се дискутира е да се испитаат можностите за финансирање, како гаранција дека листата редовно ќе се ажурира, во чекор со потребите на граѓаните и со напредокот на технологијата во производството на лекови.

Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо -често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.

XS
SM
MD
LG