Достапни линкови

Политичкиот пејзаж на Германија во опасност од подемот на екстремните десничарските и леви сили


Еден од главните кандидати на АФД, Бјорн Хоке (во средина) е осуден за употреба на нацистички слогани (фотоархива)
Еден од главните кандидати на АФД, Бјорн Хоке (во средина) е осуден за употреба на нацистички слогани (фотоархива)

Екстремната десница може да избие прва на изборите во трите покраини. Но, тоа не е сè. Паралелно во подем е и крајната левица. Она што не може да се занемари е потенцијалниот застрашувачки ефект што ќе го имаат овие гласови во Берлин.

Додека повеќето луѓе се фокусираат на изборите во САД во ноември, пред нив оваа есен има уште едно гласање на кое вреди да се обрне внимание. Тоа нема да биде толку значајно како американското, но регионалните избори во трите поранешни источногермански покраини - Бранденбург, Саксонија и Тирингија, може да имаат сериозно влијание врз најголемата и најважната земја-членка на ЕУ во која владее непопуларна национална коалициска влада која станува се послаба и со се повеќе прашалници околу идната поддршка на Берлин за Украина.

Тирингија и Саксонија излегуваат на гласање утре, 1 септември, а Бранденбург три недели подоцна, на 22 септември.

И додека постојат некои регионални разлики меѓу трите покраини, кои заедно сочинуваат приближно 10% од населението на Германија, трендот е ист: екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) е во подем и може да заврши на првото место во сите три. Очекувањата се дека може да освои од 25 до 30% од гласовите во секоја од трите покраини. Тука, вреди да се спомене дека во Германија никогаш по Втората светска војна екстремно десничарска партија не завршила на првото место во ниту една покраина.

Додека во поголемиот дел од Западна Европа се забележува дека екстремно десничарските популисти завршуваат први на избори, па дури и формираа влади во последната деценија, симболиката на ова што се случува во Германија, имајќи го предвид нејзиното наследство од 20. век, е впечатлива.

Пред европските избори во мај, АФД беше исфрлена од своето европско политичко партиско семејство Идентитет и демократија (ИД) од други фракции, како што се Националниот собир на Марин Ле Пен и италијанската Лега, поради тоа што беше премногу контроверзна и радикална. Подоцна АФД формираше своја група во Европскиот парламент, наречена „Европа на суверени нации“. Партијата е класифицирана и како „потврден десничарски екстремист“ од Федералната канцеларија за заштита на Уставот, германската безбедносна служба ја надгледува и во Саксонија и во Тирингија, а во втората, нејзиниот главен кандидат Бјорн Хоке е осуден за употреба на нацистички слогани.

Но, тоа не е сè. Паралелно, цвета и крајната левица. Новоформираната партија, отцепена од крајно левичарска партија Линке, наречена „Сојузот на Сахра Вагенкнехт“ (БСВ) исто така котира добро – анкетите покажуваат дека може да добие помеѓу 15-20% гласови во трите покраини, што значи може да заврши втора или трета во секоја од нив. Партијата е концентрирана околу популарната, но сепак контроверзна Сахра Вагенкнехт, која долго време е приврзаник на крајната левица. Некогашната членка на Партијата за социјалистичко единство на Германија (СЕД) во комунистичката источногерманска диктатура, сега се обидува да ја реструктурира политичката карта на земјата.

Но, она што е поинтересно се нејзините политички позиции. Таа е значаен критичар на имиграцијата и се спротивстави на зелените политики. На многу начини, нејзините ставови се прилично слични на оние на АфД. Двете страни се евроскептични, против НАТО, критични кон повеќе новодојденци во Германија, негуваат меки ставови за Русија и се против воената поддршка за Украина. Заедно, АФД и БСВ можат да добијат близу 50% од гласовите во трите покраини.

Сепак, тука има и олеснителни околности. Првата е дека БСВ, како и сите други политички партии, ветија дека нема да влегуваат во никаков сојуз со АФД, познат во Германија како „Брандмауер“. Така, дури и ако АФД заврши на врвот во сите или некои покраини, што ќе и даде шанса прва да номинира претседател на парламентот, веројатно нема да успее да добие доволно поддршка. Од друга страна, доколку добие повеќе од една третина од местата во законодавниот дом, партијата ќе може да блокира одредени клучни одлуки како што се именувања на судии и измени на Уставот.

Исто така, вреди да се спомене дека сите овие три покраини се во поранешна Источна Германија. И иако не се хомогена целина, покраините во поранешната германска Демократска Република се повеќе склони да гласаат за популистичките партии бидејќи сè уште закрепнуваат од економскиот шок на германското обединување. Многу гласачи таму сè уште имаат антизападни и антиамерикански чувства и желба за поблиски односи со Москва. Така, иако изборите во трите покраини ја покажуваат сликата за тоа колку, и по повеќе 30 години од обединувањето, Германија е сè уште поделена помеѓу нејзиниот поранешен западен и источен дел, тоа не го одразува расположението во цела земја бидејќи АФД и БСВ се значително помалку популарни на национално ниво.

Но, она што не може да се занемари е потенцијалниот застрашувачки ефект што ќе го имаат овие гласови во Берлин. Следните федерални избори следуваат за дванаесет месеци. Но, дали една и онака веќе распадната коалиција на социјалдемократите (СПД), зелените и либералната ФДП може да се одржи заедно толку долго? Последните две партии се чини дека ќе бидат избришани во сите три трки бидејќи нема да го надминат прагот од 5% освоени гласови.

А, социјалдемократите, кои толку долго беа вистинска моќ во германската политика, моментално котираат едноцифрено во Саксонија и Тирингија. Само во Бранденбург работите изгледаат малку подобро – се предвидува дека ќе завршат на второто место по АфД со околу 20 отсто од гласовите. Од главните партии, пак, се чини дека централно-десничарската ЦДУ (која барем според анкетите извесен период има корист од тоа што е опозиција на федерално ниво) навистина ги предизвикува популистичките сили. Потенцијално ЦДУ може да ја однесе победата на АфД во Саксонија и да заврши како второпласирана во двете други држави.

Сепак, се наметнува двојно прашање за во иднина. Со оглед на тоа што сите други партии навидум (сè уште) исклучуваат политичка алијанса со АФД, ќе мора да изградат некоја непријатна коалиција. Не е невозможно ЦДУ и БСВ да бидат приморани да се поврзат иако се чини дека не се согласуваат за повеќето прашања. Но, колку долго АФД може да биде изолирана? И тука, се поставува прашањето колку од агендите и позициите на АФД и БСВ ќе бидат усвоени од главните партии во пресрет на изборите следната година? Ова е важно за Европа исто како и Германија. Позициите за сè, од поддршката за Украина до имиграцијата може да се зацврстат – и тоа ќе одекне многу подалеку од Берлин.

XS
SM
MD
LG