Достапни линкови

Вести

Со осум мртви заврши заложничката драма во рускиот затвор

Руската национална гарда објави фотографија на која се гледа како војници кои стојат во близина на затворот за време на заложничката драма на 23 август.
Руската национална гарда објави фотографија на која се гледа како војници кои стојат во близина на затворот за време на заложничката драма на 23 август.

Со осум мртви заврши заложничката драма во затворот во југозападниот руски регион Волгоград.

Руската национална гарда соопшти дека откако безбедносните сили успеале да влезат во затворот нејзините снајперисти убиле четворица киднапери.

Заложничката криза конкретно се случуваше во казнената колонија бр. 19 во градот Суровикино во регионот Волгоград, кој важи за затвор со максимално ниво на безбедност.

Киднаперите, кои биле затвореници во затворот, претходно наводно со нож извршиле напад врз чуварите, а дел од службениците ги држеле како заложници.

Федералната казнено-поправна служба на Русија (ФСИН) преку соопштение објави дека во заложничката драма биле убиени четворица затворски чувари откако четворица од затворениците успеале како заложници да земат осум чувари и четворица други осуденици.

„Сторителите им нанеле убодни рани од различни видови на четворица вработени во затворот, од кои тројца починале. Останатите четворица, кои дале отпор, беа хоспитализирани, а еден од нив починал во болница“, се вели во соопштението на ФСИН, во кое се додава дека четворица други затвореници исто така се ранети во заложничката криза.

Канали на Телеграм кои се поврзуваат со ФСИН претходно објавија видео на кое се гледаат четворица затвореници, кои себеси се нарекуваат „борци на Исламската држава“, како држат ножеви и стојат до три тела во униформи на затворската служба, како и до и уште едно повредено лице во униформа.

Еден од каналите на Телеграм ги идентификуваше затворениците и наведе дека двајца се од Узбекистан, а двајца од Таџикистан. Тројца од нив отслужувале казна за недозволени наркотици, а еден за сериозно оштетување на туѓото здравје.

Во друга видеоснимка, пак, еден од затворениците вели дека затворските чувари „ги прекршиле правата на муслиманите“.

„Ги убивме оние кои ги понижуваа и мачеа муслиманите. На некои од нас зедоа книги и молитвеници. Така и ние им го направивме истото, без милост“, вели мажот на видеото.

Телеграм каналот База, кој е близок до полициските структури, објави дека управникот на затворот, Андреј Девјатов, бил хоспитализиран по повредите што ги добиле тој и уште четворица заложници (меѓу кои и еден затвореник) додека бегале.

Каналот Сапа Кавказ пишуваше дека затворениците барале два милиони долари и хеликоптер, за што немаше потврда од официјални лица.

Преку уште едно видео, еден од затворениците киднапери бараше од рускиот претседател Владимир Путин да ги исполни нивните барања, додавајќи дека му треба лекар.

Друго видео покажа четворица затвореници како стојат покрај црно знаме со натпис на арапски, извикувајќи „Алаху Акбар“ (Господ е голем), додека еден од нив држи униформиран човек.

Медиумите наведуваа дека на локацијата дошол и имамот на регионот на Волгоград за да преговара со киднаперите.

Ова е втор пат летово да има заложничка криза во рускиот поправен систем.

Во текот на јуни, неколку затвореници зедоа заложници во затвор во Ростов на Дон. Руските власти тогаш изјавија дека тие биле членови на исламски држави.

За време на оваа заложничка беа убиени пет киднапери, додека двајца заложници беа ранети.

Во претежно муслиманскиот регион Дагестан, исто така во јуни, во престрелки имаше најмалку 20 убиени.

види ги сите денешни вести

По убиството на Насрала, иранскиот врховен лидер е под засилени безбедносни мерки

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и Хасан Насрала и Гасем Сулејмани
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и Хасан Насрала и Гасем Сулејмани

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е преместен на безбедна локација во Иран поради засилени безбедносни мерки, јавува новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на двајца неименувани регионални претставници од централните власти.

Според изворите на Ројтерс, Иран е во постојан контакт со либанскиот Хезболах и другите регионални групи поддржани од Иран за да одлучи за следните чекори по израелските воздушни напади врз Бејрут на 27 септември, кога беше убиен шефот на Хезболах, Хасан Насрала.

Иранските власти засега не објавија ништо за оваа вест, ниту за убиството на Насрала.

Смртта на Хасан Насрала е значаен удар за Хезболах и клучниот спонзор на организацијата, Иран.

Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, рече дека Насрала бил убиен во израелските воздушни напади врз главниот град Бејрут на 27 септември.

Во неговите повеќе од 30 години на чело на Хезболах, Насралах ја трансформираше шиитската организација во голема политичка сила во Либан и моќен противник на соседниот Израел.

Хезболах, кој САД го сметаат за терористичка организација, иако само неговото вооружено крило е ставено на црната листа на Европската унија, исто така е водечки член на иранската таканаречена оска на отпорот, мрежа на ирански посредници и милитантни групи поддржани од Техеран против Израел и САД.

Молдавија ја обвини Москва во бранот вандализам во пресрет на изборите

Зградата на јавното радио и телевизија на Молдавија беше вандализирана ноќта меѓу 27 и 28 септември.
Зградата на јавното радио и телевизија на Молдавија беше вандализирана ноќта меѓу 27 и 28 септември.

Молдовската полиција изрази сомнеж дека Русија стои зад вандализирањето на неколку згради на државни и јавни институции. Станува збор за настан кој се случил во изминативе два дена во главниот град на Молдавија, Кишињев.

Следниот месец Молдавија одржува претседателски избори и референдум за пристапување во Европската унија. Овие процеси се клучни за општеството и би можеле да го зацврстат патот на поранешната советска република кон Запад.

Во сабота рано наутро на 28 септември, зградата на молдавската јавна радио и телевизија и зградата на Врховниот суд беа обоени со спреј, соопшти полицијата, додавајќи дека идентификувала круг на осомничени.

Претходната ноќ, на 27 септември, беа вандализирани владината зграда и зградата на Министерството за труд и социјална заштита. Молдавската полиција уапси двајца млади мажи осомничени дека стојат зад нападите.


Полицијата подоцна соопшти дека двајцата тврделе дека биле регрутирани да ги вандализираат државните институции „со цел да ја дестабилизираат Молдавија“.

Прозападната претседателка Маја Санду ќе се кандидира за реизбор на 20 октомври, истиот ден кога е закажан референдумот за пристапување во ЕУ.

Под образованиот Санду во САД, Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, цврсто се сврте кон Западот, и покрај децениското постсоветско руско влијание. Кишињев цврсто ја осуди руската инвазија на Украина и се приклучи на санкциите на ЕУ против Москва.

Најмалку седум луѓе загинаа при хеликоптерска несреќа во Пакистан

Илустрација,
Илустрација,

Најмалку седум луѓе загинаа, а седум други се повредени, при хеликоптерска несреќа во северозападниот дел на Пакистан. Несреќата настанала поради дефект на моторот, соопштија на 28 септември службите за безбедност.

Хеликоптерот бил изнајмен за превезување на вработени Мари Петролеум кога се урнал во Северен Вазиристан, провинцијата Хајбер Пахтунхва.

Во него имало тројца Руси - двајца пилоти и еден член на екипажот.

Немаше знаци на саботажа, а повредените се пренесени во воената болница во градот Тал, изјави службеник задолжен за безбедност кој побара да остане анонимен затоа што не е овластен да даде официјални информации.

„Се случи технички дефект во хеликоптерот при полетувањето. Роторот на опашката удри во земјата при итно слетување и истрагата за несреќата започна“, изјави тој.

Местото на несреќата, нафтено поле Шева, е на околу 200 километри југозападно од главниот град на провинцијата Пешавар.

ЕУ препорачува авиокомпаниите да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор

Авиокомпаниите треба да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец, соопшти Европската Унија на 28 септември, во услови на ескалација на воздушните напади и ракетните напади меѓу Израел и Хезболах.


Европската комисија и Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) предупредија во соопштението на „севкупно интензивирање на воздушните напади и деградација на безбедносната ситуација“.

Тие издадоа официјална препорака „да не се оперира во воздушните простори на Либан и Израел на сите нивоа на летови“.

Оваа препорака привремено трае до 31 октомври.

„Може да се прегледа порано и да се адаптира или повлече“, се додава во соопштението.

„ЕАСА ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата, со цел да процени дали има зголемување или намалување на ризиците за операторите на авиони на ЕУ како резултат на еволуцијата на заканата“, е наведено во билтенот за информации за конфликтната зона (CZIB)

Израелското бомбардирање на јужното предградие на Бејрут во петокот го достигна својот најголем интензитет од последната војна на државата со Хезболах во 2006 година.

Израелската армија тврдеше дека го убила водачот на милитантната група Хезболах, Хасан Насрала во воздушен напад, додека групата поддржана од Иран соопшти дека истрелала ракети кон воени цели во северен Израел.

Најмалку 12 луѓе загинаа, меѓу кои и деца, при експлозија на бензинска пумпа во рускиот Дагестан

Архивска фотографија, експлозија на бензиска пумпа во Дагестан
Архивска фотографија, експлозија на бензиска пумпа во Дагестан

Во експлозија и пожар на бензинска пумпа во рускиот регион Дагестан загинаа 12 луѓе, меѓу кои 2 деца, а други 11 беа ранети, објави руското Министерство за вонредни состојби на 28 септември.

Осум жртви се хоспитализирани, изјави рускиот заменик министер за здравство Алексеј Кузњецов за руските медиуми. Пожарот подоцна бил изгаснат.


Експлозијата се случила на бензинска пумпа на периферијата на регионалниот главен град Махачкала, во близина на селото Нови Кушет, соопшти Министерството за вонредни состојби.

Махачкала се наоѓа на околу 1.600 километри јужно од Москва.

Министерството соопшти дека бензинската пумпа е целосно уништена.

Регионалните служби за итни случаи изјавија за агенцијата претходно дека расчистувањето на урнатините на местото продолжува.

Истражниот комитет во Дагестан отвори истрага за криминална небрежност и за тоа како безбедносните правила биле почитувани во станицата.

Властите го прогласија 28 септември за ден на жалост во спомен на жртвите од експлозијата.

Во август минатата година, во голема експлозија на бензинска пумпа загинаа 35 луѓе, а други 113 беа повредени.

Најмалку шест луѓе загинаа при рускиот напад врз болница во украинскиот регион Суми

Последици од рускиот напад врз украинскиот пограничниот регион Суми
Последици од рускиот напад врз украинскиот пограничниот регион Суми

Русија на 28 септември изврши два напада врз болница во пограничниот регион Суми со Украина, при што загинаа најмалку шест лица, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко.

„Како резултат на првиот удар, едно лице загина, а неколку ката од болницата се уништени“, напиша Клименко на социјалната платформа Телеграм, додавајќи дека додека спасувачите ги евакуирале пациентите и персоналот, Русија започнала втор удар.

„Засега знаеме за шест загинати, меѓу кои и еден полицаец. Повреден е уште еден полицаец“, напиша Клименко. Полицијата подоцна додаде дека според првичните информации од терен, ранети се 10 лица.

Претходно, украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила 69 од 73 беспилотни летала лансирани од Русија во украинските региони рано на 28 септември.


Воената администрација на Киев одделно соопшти дека 15 дронови кои доаѓале биле соборени на периферијата на главниот град на Украина, при што паднале остатоци во еден од градските области.

Последната рунда руски напади дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп во услови на тензии поради, како што критичарите го нарекуваат прорускиот став на поранешниот претседател.

„Многу значаен состанок со Доналд Трамп“, напиша Зеленски на Телеграм по разговорите на 27 септември во кулата Трамп во Њујорк.

„Му го претставив Планот за победа. Тој детално ја изложи ситуацијата во Украина и последиците од војната за нашиот народ. Разговаравме за многу детали. Имаме заеднички став дека војната во Украина мора да се прекине. [Рускиот претседател Владимир] Путин не може да победи. Украинците мора да победат“, додаде Зеленски.

Стоејќи до Зеленски пред разговорите, Трамп рече дека доколку биде избран во ноември, „ќе работиме со двете страни“ за да ја завршиме војната во Украина.

„[Јас] имам многу добри односи [со Зеленски], а исто така имам многу добри односи, како што знаете, со претседателот Путин“, рече Трамп.

„Мислам дека ако победиме [во ноември], мислам дека ќе го решиме многу брзо“, додаде тој без при тоа да ја објасни својата стратегија за ставање крај на конфликтот.

Зеленски се сретна со Трамп по разговорите со американскиот актуелен претседателот Џо Бајден и потпретседателот и демократски претседателски кандидат Камала Харис во Вашингтон на 26 септември.

Зеленски им ги претстави на Бајден и Харис неговиот „План за победа“, стратегија за ставање крај на војната за која се познати малку детали.

Бајден претходно на 26 септември најави повеќе од 8 милијарди долари воена помош за Киев и повтори во изјавата дека Соединетите Држави „ќе ѝ дадат на Украина потребната поддршка за да победи во оваа војна“.

Пакетот за прв пат вклучува систем наречен Joint Standoff Weapon -- прецизно наведувана бомба со дострел до 130 километри лансирана од борбени авиони, како и дополнителна батерија за воздушна одбрана „Патриот“ и уште стотици ракети „Патриот“ и AMRAAM (напредни ракети воздух-воздух со среден дострел).

Соединетите Држави, главниот поддржувач на Украина и западните сојузници му дадоа на Киев милијарди долари воена помош и друга помош, а исто така и воведоа неколку санкции на Москва.

Израел: Лидерот на Хезболах, Насрала е убиен при нападите во Бејрут

Архивска фотографија, сликата е направена од последното видео обраќање на шефот на либанската милитантна група Хасан Насрала објавено на телевизијата Ал-Манар на Хезболах.
Архивска фотографија, сликата е направена од последното видео обраќање на шефот на либанската милитантна група Хасан Насрала објавено на телевизијата Ал-Манар на Хезболах.

Израелските сили го убиле шефот на либанскиот Хезболах, Саид Хасан Насрала, изјави на 28 септември еден од портпаролите на израелската армија, Авичаи Адраи. Тој посочи дека покрај Насрала, се убиени и Али Карки кој бил командантот на јужниот фронт на Хезболах и голем број други команданти.

„Хасан Насрала повеќе нема да може да го тероризира светот“, напишаа израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Хезболах не ја потврди смртта на Насрала. Претходно, израелската војска соопшти само дека „централниот штаб“ на Хезболах бил цел на нападот извршен на 27 септември.

Насрала беше долгогодишен лидер на Хезболах, вооружената група и политичка партија поддржана од Иран која контролира голем дел од јужен Либан. Хезболах се смета за терористичка организација од САД, иако Европската унија го стави само на црната листа вооруженото крило, не и политичката партија.

Од избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година, Хезболах и Израел разменуваат постојани прекугранични напади. Хезболах рече дека дејствува во солидарност со Палестинците.

Хезболах е обвинет за организирање на смртоносниот бомбашки напад во 1994 година во центарот на еврејската заедница во аргентинскиот главен град Буенос Аирес.

Нови напади од Израел врз цели на Хезболах во Либан

Lebanon Israel
Lebanon Israel

Израелската војска започна нова рунда напади рано на 28 септември против, како што рече, цели на Хезболах во јужен Бејрут и во долината Бека во источниот дел на Либан, еден ден по серијата масовни бомбардирања на предградие на Бејрут, чија цел беа лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и други високи претставници.

Засега нема потврда за судбината на Насрала по нападите. Од милитантната група нема коментар.

Меѓутоа, израелските медиуми рано на 28 септември објавија дека ќерката на Насрала, Заинаб Насрала, била убиена. Хезболах не ја потврди оваа информација. Синот на Насрала, Хади, беше убиен во борбите против израелските војници во 1997 година.

Израелската војска соопшти само дека „централниот штаб“ на Хезболах бил цел на нападот, без официјално да го спомене Насрала по име како таргет.

Висок израелски функционер изјави за дел од медиумите дека мета биле највисоките команданти на Хезболах.

„Мислам дека е премногу рано да се каже... Понекогаш го кријат фактот кога ќе успееме“, изјави израелскиот функционер на новинарите на прашањето дали при нападите загинал Насрала.

Сојузникот на Иран, Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го стави на црната листа само вооружено крило, но не и политичката партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Портпарол на израелската армија, адмиралот Даниел Хагари, рече дека силите на земјата го нападнале главниот штаб на Хезболах, сместен под станбени згради. Аматерска снимка покажа масивни експлозии кои го погодија квартот.

Аналитичар од Меѓународната кризна група, Хајко Вимен, за РСЕ изјави дека повторените удари на Израел, иако не можат целосно да го уништат Хезболах, во голема мера го деградирале. Тој рече дека најновите напади ќе ја натераат групата да покаже дека сè уште може жестоко да реагира.

„Очигледен е уште еден драматичен удар. Многу драматични удари може да се додадат до [го да направат последниот] фундаментален. Општо земено, Хамас е премногу институционализиран за да биде обезглавен, но [Израелците] збришаа толку многу од кадрите што нешто ќе покаже на крајот. Постои недостаток на нивниот кредибилитет. Ако денешниот ден не им е доволен да возвратат кон Израел со се што имаат, тогаш се продлабочува впечатокот дека едноставно не можат да го направат тоа“, изјави Вимен.

Аналитичарот Норман Руле од Институтот за национална безбедност со седиште во Вашингтон рече дека Израел го ослабнал Хезболах до тој степен што либанската влада всушност би можела да ја протера групата.

„Израелските одбранбени сили искоренија цела генерација на раководство на Хезболах кои со себе носат колективно искуство кое е колективно незаменливо... Во совршен свет, либанската влада би го искористила овој момент за да го потврди својот авторитет и да го ослободи Либан од ова. Вооружена група [Сепак] е премногу рано да се каже дали тоа ќе се случи“, изјави Руле за РСЕ.

Набргу по полноќ, израелската војска соопшти дека извршила нови напади врз три дополнителни згради во јужен Бејрут, тврдејќи дека Хезболах складирал оружје на местата, откако ги повика жителите да ги евакуираат. Исто така, објави информациии и за новите напади врз античкиот град Тир рано на 28 септември.

Хезболах, во соопштението, негираше дека имало складирано оружје на локациите кои беа цел на Израел, главно во предградијата на Бејрут.

Сончева и топла сабота, врнежлива недела

Илустрација
Илустрација

Времето денеска се очекува да биде претежно сончево и топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени, најавија од УХМР.

Во Скопје се очекува да биде сончево и топло со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 32 степена.


Во недела под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север ќе настапи позначителна промена на времето. Ќе има повремени врнежи од дожд со локална појава на грмежи и силен ветер.

Во понеделник времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура значително ќе се намали (за 8 до 10 степени).

Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.

Експлозии во Бејрут, Израел нападна штаб на Хезболах

Урната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, 27 септември 2024 година.
Урната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, 27 септември 2024 година.

Израелската војска објави дека на 27 септември го нападнала штабот на либанската милитантна група Хезболах во јужното предградие на Бејрут, а израелската телевизија извести дека водачот Хасан Насралах бил цел на нападот.

„ИДФ(војската) изврши прецизен напад врз централниот штаб на терористичката организација Хезболах“, рече портпаролот на армијата, Даниел Хагари во телевизиска изјава.

Хезболах е милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. Соединетите Американски Држави(САД) ја прогласија за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија.

Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Штабот, рече Хагари, „служел како епицентар на теророт на Хезболах“ и „се наоѓа под станбени згради во Бејрут“.

Висок израелски функционер изјави за Ројтерс дека „е премногу рано“ да се каже дали Насралах бил погоден во нападот.

Обединетите нации(ОН) соопштија дека се вознемирени од израелските напади врз „густо населената“ област во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут.

„ОН со голема тревога ги следат нападите на Бејрут“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека САД претходно не биле запознати со овој израелски напад.

„САД не беа вклучени во оваа операција и немавме претходно предупредување“, рече Синг.

Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, рече дека израелските напади врз јужните предградија на Бејрут покажуваат дека Израел „не се грижи“ за напорите да се постигне прекин на огнот.

Нападот врз седиштето на Хезболах следуваше набргу откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе продолжи да ја напаѓа милитантната група во Либан.

„Ќе продолжиме да го деградираме Хезболах додека не се исполнат сите наши цели“, им рече тој на светските лидери во ОН.

Нетанјаху, исто така, го обвини Иран за насилството на Блискиот Исток.

„Имам порака до тираните во Техеран: Ако не удрите нас, ние ќе ве удриме вас. Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре, а тоа важи за целиот Блиски Исток“, рече Нетанјаху во Генералното собрание на ОН.

Речиси 700 луѓе беа убиени во Либан оваа недела во израелски напади, според либанското Министерство за здравство.

САД, Франција и другите сојузници на 25 септември објавија повик за 21-дневен прекин на откако претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Израел ќе продолжи да разговара за предлозите за прекин на огнот во Либан во наредните денови, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 27 септември.

Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на палестинската група Хамас.

Хамас е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Групата Хезболах објави дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG