Достапни линкови

Како кинеската традиционална медицина навлезе во романските универзитети


илустрација
илустрација

За кинескиот амбасадор во Романија овие беа напорни шест месеци.

Меѓу институциите што Хан Чунлин ги посети за време на неговите патувања низ Романија, амбасадорот застана на два од врвните романски медицински универзитети за да го промовира еден од поскромните начини на неговата влада за градење на културно влијание во странство: традиционалната кинеска медицина.

Додека деталите од дискусиите зад затворени врати меѓу амбасадорот и претставниците на овие универзитети не се целосно познати, дипломатскиот „допир“ на Хан и кинеската амбасада во Букурешт веќе постигнува резултати во Романија.

И Универзитетот за медицина и фармација Керол Давила во Букурешт (УМФ Букурешт) и Универзитетот за медицина и фармација Григоре Т. Попа во Јаси (УМФ Јаси), кои се дом на некои од најпочитуваните медицински програми во Романија, со години организираат традиционални настани за кинеска медицина за персоналот и студентите, како и платени студиски патувања во Кина, а двата универзитета нудат курсеви за тоа, додека УМФ Јаси ќе започне со такви часови на есен.

Други медицински катедри на романските универзитети, како што се Универзитетот во Трансилванија во Брашов и Универзитетот Василе Голдис Западен Арад, исто така, ја прифатија традиционалната кинеска медицина во нивната наставна програма, при што Брашов нуди специјализирана магистерска диплома, а во Арад веќе работи центар за традиционална кинеска медицина на кампусот.

Навлегувањето на кинеската медицина направено со постојаниот ангажман на кинеските официјални лица означува успешна приказна за напорите на Пекинг да ја зајакне својата „мека моќ“ во странство и да ја промовира традиционалната кинеска медицина, која се фокусира на практики како акупунктура, таи чи и употреба на хербални лекови за лекување на здравствени проблеми.

Во Романија, овој притисок за влијание во медицинското поле, исто така, најде плодна почва во услови на децениски кратења на финансиските средства, ниски плати за лекарите и други проблеми кои ја поткопаа довербата на јавноста во националната здравствена служба и ја вброија земјата во една од најниско рангираните системи на Европската Унија.

„Здравствениот систем е дискредитиран и кога имате одредена недоверба, односот на јавноста кон општоприфатените медицински третмани станува врзан за недостатоците на поширокиот медицински систем“, изјави за РСЕ Стефан Попеску, поранешен државен секретар во романското Министерство за надворешни работи.

„Кинеската промоција на традиционалната кинеска медицина треба да се гледа како дел од пошироката констелација на иницијативи што Пекинг ги користи за продлабочување на соработката со земјите. Исто така, ги истакнува кинеските традиции на начин што ги става во опозиција со Западот“, рече Попеску.

Во април, УМФ Јаси стана првиот романски медицински универзитет кој е домаќин на Институт Конфучие, кинески културно-образовен центар кој е управуван од организација под надлежност на кинеското Министерство за образование.

Наведената цел на центрите е да го промовираат кинескиот јазик и култура, но тие исто така се соочија со критики поради обидите да се задуши академската слобода и користењето на несоодветно влијание врз наставата и истражувањето.

Говорејќи на отворањето на Институтот Конфучие во април, ректорот на УМФ Јаси, Виорел Скрипцариу, рече дека покрај предавањето кинески, центарот може да помогне и во интегрирањето и проширувањето на „активностите за обука на професионални вештини во областа на традиционалната кинеска медицина“, чувство што го сподели и Хан во неговите јавни коментари.

По инаугурацијата на институтот, Хан истиот месец се сретна со Виорел Џинга, ректорот на УМФ Букурешт, каде што според писмениот одговор доставен до РСЕ од канцеларијата на Џинга, двајцата разговарале за „иднината на соработката во традиционалната кинеска медицина“.

Кинеската амбасада во Букурешт не одговори на барањето на РСЕ за коментар за состаноците или нејзините напори за промовирање на традиционалната кинеска медицина во земјата.

„Национално богатство“

И додека напорите на кинеските дипломати во Романија ги покажуваат некои од најновите обиди за промовирање на традиционалната медицина во странство, нејзината важност за кинеската надворешна политика беше откриена во Пекинг пред речиси осум години.

Традиционалната кинеска медицина е дел од странската медицинска помош на земјата со децении, но нејзината позиција е зајакната за време на мандатот на кинескиот лидер Си Џинпинг, кој честопати во своите говори ја нарекува колекцијата на практики кои датираат од пред илјадници години како „национално богатство“.

За време на мандатот на Си, Пекинг започна глобална кампања во 2016 година, која оттогаш стана и официјална со закон за традиционална кинеска медицина, чија цел е да ја промовира оваа медицина низ целиот свет.

Овој напор доби голем поттик во 2019 година кога Светската здравствена организација (СЗО) ја вклучи традиционалната кинеска медицина во својот влијателен глобален дијагностички збир, Меѓународната класификација на болести - потег што беше критикуван како антинаучен и потенцијално штетен од многумина, вклучително и влијателни публикации во индустријата, како што се Scientific American и Nature, кои рекоа дека има малку докази дека овие практики обезбедуваат ефикасен третман.

Традиционалната кинеска медицина е обединета со важни кинески глобални проекти како што е иницијативата „Појас и пат“, а Пекинг започна серија стипендии за спонзорирање на странски студенти да ја проучуваат оваа дисциплина во Кина. Исто така, таа нагласено се појави во одговорот на Кина на пандемијата со Ковид-19, со нејзините практики препорачани дома како дел од планот за лекување на вирусот и традиционалните кинески фармацевтски производи кои беа вклучени во странската помош обезбедена за време на пандемијата.

Промоцијата на традиционалната кинеска медицина има и комерцијална димензија - вклучително и растечки пазар од повеќе милијарди долари во Кина и растечки меѓународен, што додава дополнителен поттик на нејзината тековна здравствена дипломатија ширум светот.

„Кинеската стратегија со традиционалната кинеска медицина има потенцијал да биде многу поефикасна од другите напори за мека моќ, бидејќи е со висока видливост и медицината е потребна насекаде во светот“, рече Попеску.

Влез во УМФ во Јаси

Новиот институт Конфучие во Јаси е петти ваков центар во Романија и има за цел да стане платформа за промоција на кинеската култура во источниот романски град и низ целата земја.

Достигнувањето на оваа точка е резултат на долгогодишната работа на Скрипкару, ректорот на УМФ Јаси, кој се додворуваше на кинеската соработка уште во 2019 година кога објави договор за партнерство со Универзитетот за кинеска медицина Шанкси, за кој рече дека ќе биде почеток.

„Се надеваме дека во УМФ Јаси ќе го донесеме духот на традиционалната кинеска медицина, која не само што вклучува медицина, туку и разбирање на културата на една од највредните цивилизации во светот“, рече Скрипкару во тогашната изјава.

Скрипкару тесно соработуваше со кинеските власти во текот на годините. Неколку дена пред отворањето на Институтот Конфучие во април, УМФ Јаси склучи уште еден договор со Медицинскиот универзитет Кунмин во јужна Кина, кој предвидува „билатерална соработка во областа на образованието и истражувањето“.

Како одговор на прашањата на РСЕ, Скрипкару рече дека Институтот Конфучие е дел од процесот на „интернационализација на универзитетот“ и дека проширувањето на новите курсеви за традиционалната кинеска медицина се резултат на насоките од Светската федерација за медицинско образование. Невладината организација се фокусираше на обуката и едукацијата на лекарите ширум светот, што го советуваше универзитетот да ја усвои дисциплината како дел од својата програма за алтернативна медицина.

„Со интегрирање на традиционалната кинеска медицина во наставната програма, УМФ Јаси може да им понуди на студентите поразновидно знаење за глобалните медицински практики. Исто така, со текот на времето, повеќе од 250 студенти го изразија својот интерес да го научат кинескиот јазик и да научат за кинеската култура“, се вели во писмената изјава на канцеларијата на Скрипкару за РСЕ.

„Одлуката да се отвори Институтот „Конфучие“ и да се воведе изборен курс по традиционална кинеска медицина беше донесена исклучиво од желбата да се збогати образовната понуда и да се прошират академските хоризонти на нашите студенти и истражувачи“, се додава во соопштението.

Кампањата за промовирање на традиционалната кинеска медицина од страна на УМФ Јаси продолжи во јуни 2024 година кога на универзитетот се одржа конференција - првиот голем настан под покровителство на новиот институт Конфучие.

Но, со вистинската организација на настанот се занимаваше Романското друштво за традиционална кинеска медицина (СРМТЦ). СРМТЦ, кој е основан во 2008 година и тврди дека има 83 членови, од 2018 година повеќе нема законско право да организира едукативни настани како што е јунскиот конгрес во Јаси.

Според романскиот закон, медицинската конференција спаѓа во категоријата „континуирано медицинско образование“ и само даватели на услуги акредитирани од Колеџот за лекари можат да организираат такви настани. Романското друштво за традиционална кинеска медицина не е на оваа листа од 2018 година кога Колеџот за лекари одлучи драстично да го ограничи начинот на кој „практичарите од алтернативна медицина“ можат да ги понудат своите услуги.

Како одговор на прашањата на РСЕ, претседателката на СРМТЦ Ангела Тудор го бранеше настанот, велејќи дека УМФ Јаси е главниот организатор на конференцијата.

Тудор додаде дека на конференцијата присуствувале професори од универзитети во Франција, Италија и САД каде што се изучува и традиционалната кинеска медицина како дел од наставната програма.

„Традиционалната кинеска медицина нема никаква врска со политиката. Се практикува и се изучува на сите континенти како важен дел од медицината“, рече Тудор.

„Ние сме лекари и проучуваме сè што може да не направи покомпетентни во борбата против болестите“, додаде Тудор.

Предводник во Букурешт и пошироко

Додека програмата во УМФ Јаси е од неодамна таму, курсевите за традиционалната кинеска медицина постојат на изборна основа во УМФ Букурешт со години.

Во изјавата дадена за РСЕ, портпаролот на ректорската управа рече дека нивната програма за алтернативна медицина е во согласност со меѓународните упатства и се разгледува и оценува секоја година.

Сепак, кинеската амбасада во Букурешт е активно вклучена во универзитетот. На 16 мај, Хан го посети кампусот и се сретна со Џинга, ректорот на УМФ Букурешт, каде што разговараа за „идната соработка во областа на традиционалната кинеска медицина“, се вели во соопштението за печатот.

Портпаролот на ректорската канцеларија за РСЕ изјави дека разговорите меѓу Хан и Џинга во април веќе доведоа до нова програма за размена спонзорирана од кинеското Министерство за трговија која испрати двајца лекари од УМФ Букурешт во Кина на специјализиран курс за традиционална кинеска медицина во јули.

„Целта на овој курс беше да им обезбеди на учесниците темелно разбирање на основните принципи на традиционалната кинеска медицина“, соопшти канцеларијата на ректорот.

Во последните неколку години и други медицински универзитети низ земјата, исто така, ја прифатија традиционалната кинеска медицина.

Централниот романски универзитет Трансилванија во Брашов нуди, како што вели, единствена магистерска диплома за традиционална кинеска медицина во Централна и Источна Европа и дури почна да нуди курсеви по англиски јазик преку партнерство со Универзитетот за традиционална кинеска медицина во Пекинг.

Западниот универзитет Василе Голдис во Арад, во западниот дел на земјата, е приватна институција која е домаќин на првиот романски центар за традиционална кинеска медицина, каде студентите можат да вежбаат под надзор на лекари од Кина, да посетуваат курсеви по кинески јазик и да добијат диплома признаена од кинеската влада.

Канцелариите за односи со јавноста на Универзитетот Трансилванија и Универзитетот Василе Голдис Вестерн не одговорија на прашањата на РСЕ во врска со нивните програми за традиционална кинеска медицина.

Напишано од Рид Стандиш во Прага, врз основа на известувањето на уредникот на романскиот сервис на РСЕ, Јонут Бенеа во Букурешт.

XS
SM
MD
LG