Достапни линкови

Вести

О`Брајан најавува поактивна улога на САД во дијалогот меѓу Скопје и Софија

Џемс О Брајан
Џемс О Брајан

САД се очекува да бидат многу активни во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада, најави помошник - државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан.

О`Брајан, како што јави Гласот на Америка на македонски јазик, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, рекол дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано.

Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, што САД можат да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.

„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, одговори О`Брајан.

Бугарија вели дека нема намера да поставува нови услови на патот кон ЕУ, но оти нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои првиот е вклучување на Бугарите во македонскиот Устав.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, рече дека нема да преговара со диктати и ултиматуми, и оти Бугарија треба да ги почитува правата на македонската заедница, за чие прекршување има 14 пресуди од Меѓународниот суд за човекови права.

САД работат да се одржи и договорот со Грција, кажа О`Брајан.

„Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да го одржи договорот што го има со Грција, и мислам дека вашата средба и другите помогнаа да се задржи тоа Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред, наместо критичар. Исто и со Албанија“, изјави О`Брајан.

Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рекоа дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, но оти ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на Самитот на НАТО во Вашингтон на почетокот на овој месец, кажа дека еден од најважните аспекти од Преспанскиот договор е името Северна Македонија да се употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата. Тој рече дека во овој момент Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на лидерството на соседната земја“.

Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер изјави дека договорите со Грција и со Бугарија нема одново да се преговараат.

види ги сите денешни вести

Грузија ризикува санкции доколку се откаже од демократијата, предупредува ЕУ

Амбасадорот на ЕУ во Тбилиси, Павел Херчински.
Амбасадорот на ЕУ во Тбилиси, Павел Херчински.

Врските на Грузија со Европската унија ќе настрадаат, па дури и може да се соочи со санкции ако се оддалечи од демократијата, рече на 4 октомври амбасадорот на Европската унија во Тбилиси, Павел Херчински.

Херчински рече дека ЕУ е подготвена да соработува со секоја демократски избрана влада во Грузија, по што ќе следат парламентарни избори на 26 октомври.

Сепак, тој додаде дека нема да ја прифати оваа земја за членка доколку стане „еднопартиска држава“ без политичка опозиција.

„Во моментов постои можност за санкции во иднина во случај работите навистина да тргнат наопаку со изборите“, рече Херчински пред новинарите во Тбилиси.

ЕУ и додели кандидатски статус на Грузија минатата година, што е првиот чекор кон евентуалното членство.

Сепак, односите значително се влошија откако владејачката партија Грузиски сон во мај усвои закон за „странски агенти“, што според критичарите е доказ дека таа му врти грб на Западот и се приклонува кон Русија.

Херчински рече дека претставниците на ЕУ не се сретнале со грузиската влада од јуни, наведувајќи го како што го нарече „непријателски“ однос кон блокот.

Тој рече дека прекинот на дијалогот уследи по внатрешна дискусија со членките на ЕУ за тоа како да се пристапи кон „антизападните и антиевропските наративи“ промовирани од грузиската влада.

Минатиот месец беше кажано дека ЕУ може да размисли за привремено суспендирање на безвизниот режим со Грузија доколку изборите не се сметаат за слободни, фер и мирни.

Земјата со околу 3 милиони жители оваа година е погодена од политичка криза поради усвојувањето на Законот за странски агенти, кој бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“.

Грузискиот сон го бранеше законот како неопходен за заштита на суверенитетот на земјата, но противниците го критикуваа како авторитарен и инспириран од руското влијание.

Два месеци, противниците на законот организираа некои од најголемите протести во Грузија од независноста од Советскиот Сојуз во 1991 година, во неуспешен обид да го исфрлат законот од процесот.

Неговото усвојување ги влоши односите со Брисел и Вашингтон.

Процесот на пристапување на Грузија во ЕУ во суштина е закочен ова лето, додека Соединетите Држави минатиот месец ја повлекоа поканата до грузискиот премиер Иракли Кобахидзе да присуствува на приемот организиран од претседателот Џо Бајден за време на Генералното собрание на Обединетите Нации.

Во Австрија почнаа разговорите за формирање влада, протести на противниците на крајната десница

Лидерот на Партијата на слободата на Австрија Херберт Кикл по состанокот со австрискиот претседател Александар ван дер Белен, 4 октомври 2024 година.
Лидерот на Партијата на слободата на Австрија Херберт Кикл по состанокот со австрискиот претседател Александар ван дер Белен, 4 октомври 2024 година.

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен започна консултации за составот на новата влада, најпрво со Херберт Кикл, лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО), која освои најмногу гласови на изборите.

Уставот не го обврзува шефот на државата да му го довери мандатот на кандидатот на најсилната партија.

Австриското Министерство за внатрешни работи вечерта на 3 октомври ги објави конечните изборни резултати, според кои ФПО освои 28,8 отсто од гласовите.

Оваа партија, позната по исламофобија и заговара поостра мигрантска политика, ја предводи Херберт Кикл. Иако освои најмногу гласови, таа не може сама да формира влада.

Партиите од политичкиот центар, конзервативната Народна партија на Австрија (ОВП) освоија 26,3 отсто, а социјалдемократската СПО 21,1 отсто.

Либералната НЕОС ги освои гласовите на 9,1 отсто од гласачите, а Зелените 8,2 отсто.

Сепак, повеќето партии ја отфрлаат можноста за коалицирање со Партијата на слободата, со исклучок на Народната партија на Австрија, која покажа подготвеност за соработка, под услов Кикл да ја ублажи својата екстремно десничарска реторика.

Коалицијата на Народната партија и Социјалдемократите со вкупно 92 мандати би имала исклучително тенко мнозинство во парламентот, кој во сегашното свикување има 183 пратеници.

Според медиумите, затоа во Австрија е можна тричлена коалиција, која покрај конзервативците и социјалдемократите би ја зајакнала и НЕОС.

Влегувањето на Зелените во коалицијата се смета за неверојатно, бидејќи сегашната владејачка коалиција на Народната партија на Австрија и Зелените доведе до непомирливи разлики меѓу двете партии.

Претседателот Ван дер Белен по изборите рече „дека мора да се почитуваат основите на австриската либерална демократија при формирањето влада“.

Оптимизам, сепак, покажа и Кикл, кој за Афенцијата Франс Прес изјави дека демократијата, човековите права и слободи се исто толку важни за него како и за претседателот.

Вечерта на 3 октомври, на покана на Зелените и жените на Социјалдемократската партија, во центарот на Виена се одржаа масовни протести против екстремната десница.

Организаторите очекуваа пет до десет илјади луѓе, но според нивните подоцнежни проценки, се собраа дури 25.000, од многу различни групи и невладини организации, како што се, на пример, „Бабите против десницата“, Левата партија или Социјалистичка младина, објави австриската АПА.

Целта на протестот беше да се демонстрира противење на власта, во која ќе бидат вклучени и либертаријанци, уште пред почетокот на консултациите.

Демонстрантите потоа мирно тргнаа од зградата на универзитетот до парламентот.

Тие носеа транспаренти со натписи како „Да ја заштитиме демократијата“ и „Нема коалиција со нацистите“.

Според медиумите на германски јазик, на еден плакат била прикажана и карикатура на Херберт Кикл како марионета на рускиот претседател Владимир Путин, што е алузија на пријателскиот однос со политиката на Кремљ.

Кикл ги критикуваше санкциите на Европската унија против Владимир Путин и неговите соработници поради инвазијата на Москва во Украина.

Демонстрантите планираат да маршираат секој четврток, како што направија откако екстремната десница беше дел од краткотрајните коалициски влади во 2000 и 2017 година.

ЦУК: Ако врнежите бидат поројни, можни се излевања на помалите водотеци и проблеми во градовите

Илустрација
Илустрација

Доколку се остварат прогнозите и врнежите бидат интензивни, на мали теритотии и за кратко времетраење, можни се локални проблеми и локални излевања на помалите водотеци и суводолици во крајните западни и северо-западни делови од државата, пред се на оние кои доаѓаат од планинските масиви Шар Планина, Кораб и Дешат, Стогово и Караорман, Бистра и Јабланица, предупредува Центарот за управување со кризи.

ЦУК нагласува и дека ако врнежите бидат поројни и сконцентрирани во градските населени места, Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид, можни се локални урбани проблеми поради недоволен капацитет на атмосферската одведителна мрежа.

„Кај поголемите реки се очекува зголемување на водостојот но нема опасност од излевање на водата од нивните речни корита. Предупредуваме на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците, пред се во западните и северо-западните делови на земјата во текот на вечерните часови, како и за време на претстојната ноќ. УХМР информира дека под влијание на циклонска активност, почнувајќи од вечерните часови, како и во текот на ноќта, се очекуваат врнежи од дожд на цела територија на земјата. Пообилни се очекува да бидат врнежите во западните и северо-западните делови каде за време на престојната ноќ локално според прогностичките модели се очекува да паднат над 40 литри на метар квадратен дожд“, наведува ЦУК.

Брисел дава зелено светло за царини на електричните автомобили од Кина

Работник покрај автомобил Ора од кинеско производство за време на саемот во Шангај 2023 година.
Работник покрај автомобил Ора од кинеско производство за време на саемот во Шангај 2023 година.

Европската комисија (ЕК) на 4 октомври објави дека добила доволно гласови за поддршка од членките на Европската унија (ЕУ) за воведување царини до 45 отсто за увоз на електрични возила од Кина, но дека ќе продолжат преговорите со Пекинг за изнаоѓање алтернативно решение.

Противниците на царините изразија загриженост дека тие би можеле да предизвикаат силни контрамерки од Кина.

Истиот ден, од Пекинг пристигна покана до Унијата за одложување на воведувањето царини и избегнување на ескалација на трговските тензии, објавија кинеските државни медиуми. Кинеската стопанска комора во ЕУ преку соопштение го изрази своето силно незадоволство од фактот што ЕУ промовира „трговски протекционистички“ мерки.

Предлогот на Комисијата беше поддржан од десет членки на ЕУ

Европската комисија, која ја надгледува трговската политика на блокот, предложи тарифи за електричните возила произведени во Кина во следните пет години.

Комисијата сега има одврзани раце да додаде до 35 отсто на царината од 10 отсто, која е веќе на сила за електричните возила од кинеско производство. Тие компензаторни давачки треба да стапат на сила на крајот на октомври.

Целта на одлуката, според агенцијата Агенцијата Франс Прес е повторно да се воспостават фер услови на конкуренција со кинеските производители кои добиваат субвенции од државата. На предлогот му претходеше едногодишна истрага.

На 4 октомври десет членки на ЕУ гласаа за воведување царини, пет гласаа против, додека 12 беа воздржани, наведува Ројтерс, повикувајќи се на извори од ЕУ.

За да се блокира предлогот, неопходно беше квалификуваното мнозинство од 15-те членки на ЕУ, кои претставуваат 65 отсто од населението на блокот да гласаат против тарифите.

Германија, заедно со Унгарија, Словачка, Словенија и Малта, гласаа против даночниот план на Комисијата, но, не успеаја да го соберат потребното мнозинство за негово откажување, пишува Агенцијата Франс Прес.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот изјави дека ЕУ се движи кон „економска студена војна“ со Кина.

Царините беа поддржани од Франција, Италија и Полска и седум други земји, додека Шпанија и Шведска беа меѓу 12-те воздржани за време на гласањето.

Германската автомобилска индустрија против

Најголемата економија и голем производител на автомобили, Германија, гласаше против предлогот, пошува Ројтерс, повикувајќи се на свои извори.

„Европската комисија на Урсула фон дер Лајен не треба да предизвикува трговска војна и покрај гласањето за тарифи“, напиша министерот за финансии Кристијан Линднер на социјалната мрежа Х. Тој додаде дека е потребно решение преку преговори.

Своето противење на царините го изразија и германските производители на автомобили. Извршниот директор на Бе-Ем-Ве (BMW), Оливер Зипсе, го опиша гласањето како „фатален сигнал за европската автомобилска индустрија“.

„Фактот што Германија гласаше против царините е важен сигнал и ги зголемува шансите за решение преку преговори“, рече тој.

Тој додаде дека е потребен брз договор меѓу Брисел и Пекинг за да се спречи трговски конфликт.

Фолксваген рече дека планираните тарифи се „погрешен пристап“ и дека тие „нема да ја подобрат конкурентноста на европската автомобилска индустрија“.

Фолксваген е најголемиот европски производител на автомобили и прави околу една третина од својата продажба во Кина.

Тие ги повикаа ЕУ и Кина да продолжат со преговорите со цел „политичко решение“ пред новите царини да стапат на сила на крајот на октомври.

„Заедничката цел мора да биде да се спречат контрамерки, а со тоа и трговски конфликт“, додаваат тие.

Одмаздничките мерки на Пекинг би биле тежок удар за германските автомобилски гиганти, кои веќе се борат со економските проблеми и силната конкуренција од локалните ривали на кинескиот пазар, особено во продажбата на електрични возила.

Договорот за унгарскиот кредит ќе се потпише на 8 октомври во Будимпешта

Министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска

Следниот вторник на 8 октомври во Будимпешта ќе биде потпишан договорот за унгарскиот кредит во висина од 500 милиони евра. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.

„Очекувам до крајот на следната недела парите да легнат на буџетските сметки“, изјави Димитриевска-Кочовска.

Заемот од Унгарија, премиерот Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. Мицкоски соопшти дека „условите под кои е земен кредитот, се поволни - 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата“.

Законот за унгарскиот кредит беше донесен во македонското Собрание на 17 септември. Половина од парите од кредитот ќе одат за бизнис секторот, додека другата половина ќе биде наменета за проекти на општините. На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.

На 30 септември РСЕ објави дека Стопанската комора и Комората на Северозападна Македонија немаат никакви детали за начинот на кој ќе се делат 250 милиони евра кои Владата ги најавува како заем од Унгарија, а ќе бидат наменети за развој на бизнисите. Неофицијално од коморите велат дека се уште не ги знаат критериумите, ниту пак дали тие ќе бидат заем за фирмите или нешто друго. Чекаат да бидат информирани па потоа да одлучат дали ќе аплицираат.

Опозицискиот СДСМ обвинува дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а нивните сомжени се дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.

Во договорот уште има низа забранети активности за кои не би смеело да се користат парите без разлика дали се за општините или за бизнисите. Забранети се трансакции поврзани со перење пари, финансирање тероризам, кои се спротивни на одредбите во унгарското законодавство на ЕУ, финансирање производи и услуги коишто се етички или морално неприфатливи како на пример сексуални помагала или медиумски производи, експериментирање врз животни.

Кривична против шест затворски полицајци од Идризово

Јавно обвинителство (илустрација)
Јавно обвинителство (илустрација)

По кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, Обвинителството започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во казнено поправната установа - затвор Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода.

„Според наводите во кривичната пријава, осомничените затворски полицајци вработени во Идризово, додека биле на смена и постапувале по Наредба за извршување на работните задачи за наведениот ден, како соизвршители, спротивно на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за овластувањата на затворската полиција и начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во КПУ-КПД Идризово“, пишува во соопштението на обвинителството.

Од ОЈО информираат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство.

И тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.

За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него. За ова кривично дело согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од од три месеци до пет години.

Агелер: Ќе се прошири соработката која што ја имаме, немате поголем партнер од САД

Американската амбасадорка Анџела Агелер
Американската амбасадорка Анџела Агелер

Нема поголем поддржувач и партнер во остварување на вашите цели од САД и знам дека тоа беше повторено и на средбата меѓу претседателот Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.

Прашана каква и во која насока ќе биде најавената зголемена поддршка на САД за Северна Македонија, на средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, Агелер рече дека тие навистина имале одличен состанок, но нема некоја конкретна сума за која што е дискутирано.

„Како што веќе кажа и министерот за одбрана и премиерот има повеќе потреби коишто треба да се решат, а бидејќи ние веќе соработуваме во голема мера најверојатно ќе се работи на тоа да се прошири соработката која што веќе ја имаме. Во годината што следи има навистина повеќе важни цели и предизвици и за Армијата и за министерството. Како што имаме кажано и претходно, нема да имате поголем поддржувач и партнер во остварување на овие цели од САД и знам дека претседателот, тоа го повтори на средбата со вашата претседателка, изјави Агелер.

Таа заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и генералите во Армијата, присуствуваа на методско-показна вежба на Армискиот полигон „Криволак“.

По реализација на вежбата беше претставена дел од новопримената опрема, како дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Пакистанските власти ги спречуваат поддржувачите на поранешниот премиер да одржат протест

Пакистанските власти поставија контејнери за транспорт на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата за мобилни телефони во Исламабад, 4 октомври 2024 година.
Пакистанските власти поставија контејнери за транспорт на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата за мобилни телефони во Исламабад, 4 октомври 2024 година.

Пакистанските власти поставија бродски контејнери на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата мобилна телефонија во Исламабад во обид да ги спречат поддржувачите на поранешниот премиер Имран Кан да одржат митинг за да побараат негово ослободување.

Владата на Шехбаз Шариф, исто така, распореди безбедносни сили и дополнителни полициски сили и ги затвори училиштата во Исламабад и блискиот град Равалпинди, откако пакистанската партија Техрик-е-Инсаф на Кан одби да го прекине протестот.

Видеата објавени на социјалните мрежи покажаа дека полицијата поставува бродски контејнери на мостови и патишта во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, каде што партијата на Кан ја држи власта.

Поддржувачите на Кан планираат да маршираат од провинцијата до Исламабад, пркосејќи им на забраната за собири воведена оваа недела.

Полицијата наводно уапсила дел од поддржувачите на партијата, пренесува АП.

Кан, главниот политички ривал на Шариф, е во затвор повеќе од една година.

Тој останува популарен и покрај пресудите за корупција, за кои неговата партија вели дека се политички мотивирани.

Тој беше соборен од власт во 2022 година со гласање недоверба на парламентот и уапсен во 2023 година, откако судот го осуди на три години затвор за корупција.

Прекинот на услугата мобилна телефонија во Исламабад и Равалпинди на 4 октомври ги прекина комуникациите и влијаеше на основните услуги како што се онлајн банкарството, услугите за превоз и испорака на храна.

Министерот за внатрешни работи Мошин Накви побара од партијата на Кан еден ден претходно да го откаже планираниот протест и предупреди дека нема да има „попустливост“ доколку се прекрши забраната за протести.

Во пораката на профилот на Кан на социјалните мрежи се повикуваат приврзаниците да се приклучат на протестот.

Владата на Шариф тврди дека партијата на Кан сака да ја ослабне економијата на земјата со организирање на насилни протести и покрај заканата од напади од пакистанските талибанци.

Лавров го повика Западот да ги укине санкциите кон Авганистан

Сергеј Лавров
Сергеј Лавров

На 4 октомври рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика Западот да ги укине санкциите за Авганистан предводени од Талибанците и да преземе „одговорност“ за напорите за обнова на земјата.

Москва планира да ги отстрани Талибанците, кои ја предводат меѓународно непризнаената влада во Авганистан, од листата на терористички организации, што пак би можело да ја подобри соработката меѓу Москва и Кабул, пренесува АФП.

„Ги повикуваме западните земји да ја признаат својата одговорност за постконфликтната обнова на Авганистан, да ги укинат ограничувањата и да ги вратат конфискуваните средства во Кабул“, рече Лавров.

Талибанците се под санкции од Запад повеќе од две децении, а мерките првично беа наметнати за да се ограничи финансирањето на Ал Каеда и другите означени терористички организации.

Претставникот на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, рече дека се надева оти „конечната одлука“ за бришење на групата од списокот на руски терористички организации „ќе биде објавена во многу блиска иднина“, пренесоа руските државни новински агенции, повикувајќи се на АФП.

Лавров и Кабулов ги дадоа изјавите на годишниот дипломатски форум за Авганистан, чиј домаќин беше Русија, на кој учествуваа претставници на Талибанците и соседните земји од Блискиот Исток и Централна Азија.

Советскиот Сојуз водеше 10-годишна војна во земјата во 1980-тите, во конфликт што доведе до појава на муџахедински борци на отпорот, од кои подоцна многу од нив станаа талибански лидери. Историчарите исто така веруваат дека оваа војна придонела за распадот на Советскиот Сојуз.

Шефот на руската безбедносна служба ФСБ, Александар Бортников, на 4 октомври изјави дека сака да види „заемна корисна“ соработка со авганистанските специјални служби, објавија руските државни новински агенции.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, рече дека Русија нема да прифати „трети земји“ да поставуваат воени бази во Авганистан или да основаат нови воени објекти во соседните земји „под никаков изговор“.

Русија има голема воена база во својот сојузник Таџикистан, кој граничи со Авганистан.

Божиновска: Ќе набавуваме струја на подолг рок

Министерската за енергетика Сања Божиновска
Министерската за енергетика Сања Божиновска

Министерската за енергетика Сања Божиновска вели дека државата ќе набавува електрична енергија на подолг рок, зошто како што вели, купувањето струја недела однапред, е многу скапо.

„Капацитетите на РЕК Битола не се во најдобра кондиција и не можеме да сметаме на сите три блока, тоа го наследивме и свесни сме дека е од 1984 година. Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година. Цените сега на берза се околу 100 евра за мегават час што значи дека иако има војна, нема некои енормни поместувања на цените на електрична енергија досега“, рече Божиновска во одговор на прашање на прес конференција на тема 100 дена Влада.

Таа вели дека во следните седум дена ќе се направи точен енергетски биланс. Прашана дали ќе поскапи производната цена на електричната енергија на ЕСМ од 1 јануари идната година, а со тоа и цената што ја плаќаат граѓаните, рече дека финалната цена се состои од повеќе импути, меѓу кои и цената на електрична енергија од ЕСМ.

„Ќе работиме за најдобар интерес за граѓаните. Никој не би сакал да види поскапување на електричната цена, меѓутоа тука влегуваат и трошоците од МЕПСО, значи не е само цената на ЕСМ. Ние ќе ја дискутираме цената и ќе видиме колку проценти ќе се понудат. Како што знаете минатиот пат претходната влада понуди 85 проценти, па потоа ние понудивме уште 15 проценти на универзалниот снабдувач, така што во ноември би требало да се разјаснат овие работи. Има време уште за тоа“, изјави Божиновска.

Инаку цените на електричната енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок остана иста, во вториот блок се зголеми за 0,85 проценти, во третиот блок за 1,92 проценти, а во четвртиот блок зголемувањето е 1,88 проценти. Евтината струја се зголеми за 0,65 проценти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG