Француската крајнодесничарска партија Национален собир, предводена од Марин Ле Пен, обезбеди јасна победа во првиот круг од парламентарните избори во таа земја. Доколку партијата освои апсолутно мнозинство во вториот круг од 7 јули, за прв пат по Втората светска војна, Франција ќе има екстремно десничарска влада.
Овој резултат означува уште еден голем неуспех за францускиот претседател Емануел Макрон, кој го распушти парламентот и повика на предвремени избори во обид да го запре напредокот на екстремната десница по рекордните гласови на Национален собир на изборите за Европскиот парламент кои се одржаа од 6-9 јуни.
Што ќе се случува сега?
Дури и ако вториот круг не доведе до формирање на влада на Националниот собир, ова е можеби најголемата политичка криза што ја зафати Франција во последните децении.
Клучното прашање е дали Национален собир може да обезбеди апсолутно мнозинство во вториот круг во Националното собрание со 577 места, долниот дом на францускиот парламент?
Веќе се во тек напори за формирање на „републикански фронтови“ - сојузи против Ле Пен, а нивната цел е да се спречи Национален собир да добие мнозинство. Макрон ги повика гласачите кои ја поддржаа неговата центристичка алијанса „Заедно“, која е на третото место со околу 20 отсто, да ги поддржат „јасно републиканските и демократски“ кандидати во изборните единици каде што неговата партија заврши на третото место.
Слично на тоа, Жан-Лук Меланшон, лидер на левичарската „Франција непокорна“, дел од второпласираната коалиција Нов народен фронт, објави дека неговата алијанса ќе ги повлече кандидатите кои завршија на третото место во првиот круг за да го консолидира гласот против Ле Пен.
Ерик Морис, политички аналитичар во Центарот за европска политика, рече „сè ќе зависи од тоа дали левицата и центарот ќе се согласат да ги отстранат кандидатите кои се најдоа на третото место и се квалификуваа за вториот круг. Колку повеќе се случува ова, толку помалку Нацинален собир ќе може да добие апсолутно мнозинство“.
Кои се можните резултати?
Најверојатниот исход, особено со оглед на силната кампања против Ле Пен, ќе биде победата на Национален собир, но и неможност да постигне апсолутно мнозинство, што ќе резултира со парламент без мнозинство и политички застој. Ова сценарио ќе ги спротивстави екстремната десница и левицата во парламентот, што пак ќе го отежне донесувањето на законите.
Ако Национален собир навистина добие апсолутно мнозинство, ќе има можност да ја наметне својата националистичка и конзервативна агенда и, според Морис, „може да го загрози владеењето на правото во Франција“.
Друго сценарио би можело да биде влада предводена од коалицијата „Заедно“, предводена од партијата на Макрон. Сепак, уредникот на РСЕ за Европа, Рикард Јозвиак, вели дека не е сигурен дека Макрон може „да состави некаква влада на единство со технократски премиер, како што некои се надеваат. И ако го направи тоа, тоа би била нестабилна и лесно би може да падне“.
Што би значела победата на Национален собир за Франција?
Силните изборни перформанси на Национален собир ја покажуваат ефективноста на обидот на Марин Ле Пен да ја детоксицира партијата на нејзиниот татко, Жан-Мари Ле Пен, што ја прави попривлечна за просечниот гласач во мултикултурната Франција.
По преземањето на раководството во 2011 година, Марин Ле Пен го смени името на партијата од Национален фронт и се обиде да ја исчисти од нејзините неонацистички и антисемитски елементи. Таа дури и го протерала сопствениот татко, кој има историја на остар јазик против имигрантите, и кој еднаш рече дека нацистичките концентрациони логори се „детал од историјата“.
Сепак, дури и ако Национален собир победи во вториот круг, сепак ќе има ограничувања за партијата. Франција има полупретседателски систем, во кој претседателот и премиерот ја делат власта. Премиерот и кабинетот се одговорни за управување со секојдневните владини операции и внатрешната политика, додека претседателот доминира со националната безбедност и надворешната политика и ја претставува земјата на светската сцена.
Ко-лидерот на Национален собир, Џордан Бардела би станал премиер, кој „неприродно и неефикасно“ би ја споделувал власта со Макрон.
Што би значело тоа за Европската Унија?
За крајната десница, тоа би можело да биде погоден момент да влијае на Европската Унија. Унгарија, предводена од национал-конзервативната партија Фидес на Виктор Орбан повеќе од една деценија, штотуку го започна својот шестмесечен мандат како претседавач со блокот. Дополнително, екстремно десничарските партии остварија значителни резултати на изборите за Европскиот парламент од 6-9 јуни, што е знак на растечките националистички и популистички чувства во 27-те земји членки на ЕУ.
Влијанието на Национален собир може да ги тестира аспектите на Зелениот договор на ЕУ, кој има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови, да го елиминира загадувањето и да ја поддржи одржливата индустрија. Национален собир води кампања против еколошките регулативи на ЕУ, тврдејќи дека тие им штетат на работните места и на француската индустрија.
Имиграцијата останува примарен фокус на Национален собир. Партијата се залага за построги контроли и има за цел да спроведе политики кои им даваат приоритет на француските државјани за социјалните бенефиции, домувањето и работните места - мерки кои во моментов се незаконски според законот на ЕУ.
Тоа е она, според Филип Марлиер, професор по француска и европска политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде што Национален собир се разликува од другите десничарски партии во ЕУ, на пример партијата Фидес на Орбан.
„Политиколозите во Франција ја нарекуваат крајна десница затоа што навистина е крајна десница. Ако ја проучувате нејзината програма, тоа е нереконструирана крајна десница. Делумно затоа е наречена екстремна десница, бидејќи е опсесивно нативистичка, антимиграциска, а исто така е преоптоварена со дебати за тоа што значи да се биде Французин“, вели Марлиер.
Уредникот на РСЕ за Европа Јозвиак вели дека ЕУ веќе оди во насоката на Ле Пен за имиграцијата.
„Ѕидовите и бодликавата жица се секојдневие долж границата на ЕУ, а се склучуваат договори со трети земји за да се вратат барателите на азил и на прво место да се спречат да дојдат“, вели Јозвиак.
Она што е значајно, е што победата на Национален собир во првиот круг може да предизвика тактичка промена меѓу десничарските партии во ЕУ. Партијата на Ле Пен го ублажи својот став кон ЕУ во последните години. Наместо да се залага за „Frexit“, (излегување на Франција од ЕУ) сега има за цел да ја реформира ЕУ одвнатре, усогласувајќи го блокот поблиску со нејзините десничарски ставови. Со оглед на успехот на Национален собир, други десничарски партии низ ЕУ може да го следат примерот.
Како тоа може да влијае на војната во Украина?
Ле Пен е „наводен обожавател“ на рускиот претседател Владимир Путин, пофалувајќи го како бранител на традиционалните европски вредности против глобализацијата и влијанието на Соединетите Држави. Во 2014 година, Ле Пен ја поддржа руската нелегална анексија на Крим. И, ако ја освои власта, Национален собир вети дека ќе ги запре француските испораки на ракети со долг дострел за Украина.
Сепак, позицијата на Ле Пен омекна во последниве години, осудувајќи ја целосната инвазија на Украина на Украина во 2022 година и покажувајќи ја нејзината поддршка за украинскиот народ - сето тоа притоа внимавајќи да не ескалира ситуацијата со Русија.
Марк Галеоти, политички аналитичар и почесен професор на Факултетот за словенски и источноевропски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека е малку веројатно дека Франција во која доминира Ле Пен „наеднаш ќе раскине со мејнстримот и ќе каже: „Нема повеќе да ја поддржувате Украина“.
Сепак, додава тој, „сè што ќе ги скрати крилата на Емануел Макрон е добра вест за Кремљ“ во неговата војна против Украина, „бидејќи Макрон во моментот се обидува да се претстави како најголемиот јастреб меѓу јастребите во Европа, зборувајќи за испраќање војници на фронтот“.
А, во Брисел, „завлекувањето“ понекогаш може да биде исто толку ефективно како и целосното противење. Професорот Марлиер, вели дека француската екстремно десничарска влада всушност нема да има потреба директно да излезе против Украина за да има влијание врз политиката на ЕУ.
Напорот за влез на Украина во Унијата во суштина ќе биде „на мраз“.
„Само ги влечеш нозете. Го отежнуваш процесот. Губеш време. А се разбира, времето е од суштинско значење за Украина“, заклучува професорот.