Достапни линкови

Вести

Протести во Франција по победата на екстремната десница на првиот круг од изборите

Протести во Франција по објавувањето на резултатите од првиот круг на изборите
Протести во Франција по објавувањето на резултатите од првиот круг на изборите

Демонстрации против француската крајнодесничарска партија Национален собир, повикани од крајната левица, доцна синоќа се претвориле во судири со полицијата и немири во центарот на Лион, јавија француските медиуми.

Левицата повика на демонстрации откако беше обjавено дека Националниот собир води во првиот круг од парламентарните избори со околу 34 отсто освоени гласови.

Демонстрации имало и во Рен и Рије-ле-Папу, а се известува и дека имало немири во париското предградие Бобињи.

Вториот круг од вонредните парламентарни избори ќе се одржи на 7 јули.

Предвремените избори, кои францускиот претседател Емануел Макрон ги распиша по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, се сметаат за едни од најзначајните во последните децении за Франција и може да има големи последици за нејзината водечка улога во Европската Унија и НАТО.

види ги сите денешни вести

Убиен 40-годишен маж во Тетово, обвинителството бара снимки од видеонадзор

Убиство во Тетово.
Убиство во Тетово.

40-годишен маж синоќа бил убиен во Тетово, откако кон него било пукано од возило, соопшти СВР Тетово.

Убиството во полицијата во Тетово било пријавено во 20 часот и 35 минути.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека е извршен увид на местото на синоќешното убиство во Тетово.

Јавниот обвинител ги издал наредби, меѓу кои за обдукција и наредба за обезбедување на снимки од видеонадзор.

„Возилото и други траги се подигнати за вештачење. МВР постапува за откривање на сторител“, наведува Обвинителството.

Портпаролот на СВР Тетово наведе дека во било пријавено вечерта дека на улица „Штипска“ во Тетово едно лице кое било со возило „Мерцедес“ пукало кон возило „БМВ“ во кое било лицето со иницијали Р.Т., кое од добиените повреди починало.

Полициски службеници од СВР Тетово преземаат интензивни мерки и активности за расчистување на случајот, информираше синоќа Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.


Жена загина во судир на брод и чамец во Белград

Илустрација, фото архива: Реката Сава помеѓу Стар и Нов Белград.
Илустрација, фото архива: Реката Сава помеѓу Стар и Нов Белград.

Во судир на товарен брод и чамец на Сава кај Нов Белград, едно лице загина, а по друго се трага, соопшти белградската Служба за итни случаи.

Се наведува дека мобилната медицинска екипа помогнала да се извлече телото на жената што на 6 јули околу три часот наутро беше пронајдено во реката.

Српската радио-телевизија (РТС) објави дека по судирот, маж од чамецот допливал до сплав во Нов Белград, каде што бил извлечен од припадници на речната полиција, а дека по две лица се трага.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија засега не соопштуваат ништо за овој случај.

Лајчак останува посредник на ЕУ во дијалогот меѓу Косово и Србија

Мирослав Лајчак.
Мирослав Лајчак.

Советот на Европската унија му го продолжи мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косовo, Мирослав Лајчак, до јануари 2025 година.

Одлуката беше донесена на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на 4 јули.

Продолжувањето на мандатот на Мирослав Лајчак доаѓа на барање на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Неколку месеци претходно беше потврдено дека Лајчак ќе ја преземе функцијата амбасадор на ЕУ во Швајцарија од 1 септември, веднаш по завршувањето на неговиот мандат како специјален европски претставник за дијалог.

Со одлуката за продолжување на мандатот, ЕУ се обидува да обезбеди да нема вакуум на оваа позиција додека не се најде неговиот наследник.

За наследникот на Лајчек ќе одлучува наследникот на Борел, а за таа функција е предложена естонската премиерка Каја Калас.

За да се потврди нејзината позиција, потребна е согласност од Европскиот парламент, кој гласа за структурата на новата Европска комисија.

Масуд Пезешкијан победи на претседателските избори во Иран

Масуд Пезешкијан е пречекан од неговите поддржувачи додека пристигнува да гласа на избирачкото место во Шахр-е-Кодс во близина на Техеран, Иран, петок, 5 јули 2024 година.
Масуд Пезешкијан е пречекан од неговите поддржувачи додека пристигнува да гласа на избирачкото место во Шахр-е-Кодс во близина на Техеран, Иран, петок, 5 јули 2024 година.

Пратеникот и поранешен кардиохирург Масуд Пезешкијан победи во вториот круг од претседателските избори во Иран.

Како што објави портпаролот на изборните органи Мохсен Еслами на државната телевизија на 6 јули, Пезешкијан освоил 53,7 отсто (16.384.403 гласови), додека Саид Џалили добил 44,3 отсто (13.538.179).

Излезноста во вториот круг беше 49,8 отсто, по рекордно ниските 40 отсто во првиот.

„Ќе ја подадеме раката на пријателство на сите. Треба да го искористиме целиот народ на Иран за напредокот на земјата“, рече Пезешкијан во своето прво обраќање по победата.

Пезешкијан беше член на иранскиот парламент од 2008 година и потпретседател меѓу 2016 и 2020 година, кога мнозинството го имаа умерените реформисти.

Изборите, на кои учествуваа околу 30 милиони Иранци, не беа набљудувани од ниту една меѓународно призната набљудувачка организација.

Умерениот реформист Пезешкијан водеше кампања за помалку конзервативен став за носење хиџаб, по масовните протести во Иран поради смртта на Махса Амини во 2022 година додека беше притворана на иранската полиција за морал.

Тој изјави дека сака подобри односи со Западот и да постигне нов нуклеарен договор со него.

Пезешкијан не оспорува дека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи е на врвот на иранската влада.

Тој претходно со децении ги поддржуваше Хамнеи и воената единица на Корпусот на гардата на Исламската револуција.

Поддржувачите на Пезешкијан за време на кампањата тврдеа дека победата на тврдокорниот Саид Џалили би значела воспоставување на влада слична на Талибанците во Авганистан.

Џалили, поранешен преговарач со Западот за иранската нуклеарна програма, се смета за тврдокорен политичар кој, меѓу другото, се залага за задолжително носење хиџаб.

Изборите во Иран се одржаа една година порано поради смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај.

Вториот круг од изборите се одржа бидејќи повеќе од 60 отсто од гласачите не излегоа на гласање на 28 јуни.

Во првиот круг од изборите Пезешкијан освои 44 отсто од гласовите, додека Џалили 40 отсто.

Иранското Министерство за внатрешни работи беше задолжено за надзор на изборниот процес.

Европските лидери го криткуваа Орбан дека се ракува со „крвав диктатор“

Унгарскиот премиер Орбан и рускиот претседател Путин присуствуваа на прес-конференција во Москва.
Унгарскиот премиер Орбан и рускиот претседател Путин присуствуваа на прес-конференција во Москва.

Европските лидери на 5 јули остро го критикуваа унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата посета на Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин, обвинувајќи го дека се ракува со „крвав диктатор“ и дека „ја искористил позицијата на претседателството на ЕУ за да сее конфузија“.

Орбан, кој ги налути претставниците на ЕУ и Украина со неговите редовни проруски коментари и политики, тврдеше дека бил во Москва за да помогне во решавањето на војната меѓу Русија и Украина, но западните и украинските власти го критикуваа, инсистирајќи дека тој не зборува за Брисел или Киев.

„Во Москва, Виктор Орбан на ниту еден начин не ја претставува ЕУ или позициите на ЕУ“, рече естонската премиерка Каја Калас, која е назначена да стане следниот претставник на ЕУ за надворешни работи.

„Тој ја користи позицијата на претседателство со ЕУ за да сее конфузија. ЕУ е обединета, јасно зад Украина и против руската агресија“, рече таа.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа ги повтори нејзините коментари.

Балтичките земји Летонија, Литванија и Естонија изразија силна поддршка за Украина по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

„Ако навистина барате мир, не се ракувате со крвав диктатор, вложете ги сите ваши напори да ја поддржите Украина“, напиша Наузеда на X.

Белата куќа се приклучи на критиките, а прес-секретарот Карин Жан-Пјер рече дека посетата „нема да ја унапреди каузата за мир и е контрапродуктивна за промовирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Украина“.

По неговите разговори со Путин во Кремљ, Орбан на прес-конференција рече дека неговото патување претставува „прв чекор за обновување на дијалогот“ меѓу завојуваните страни, но тој призна дека гледиштата на Киев и Москва остануваат „далеку едно од друго“.

„Открив дека позициите се далеку. Бројот на чекори потребни за да се стави крај на војната и да се постигне мир се многу“, рече Орбан, кој вети дека „ќе продолжи со оваа работа“.

Сончево и топло, температура до 36

Високи температури - Скопје.
Високи температури - Скопје.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 36 степени. УВ-индексот ќе има вредност 9.

Во Скопје ќе биде претежно сончево и топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне 35 степени.

Според прогнозата на УХМР, следува период на претежно сончево и многу топло време, со пораст на дневната температура која насекаде ќе биде над 30 степени.

Столтенберг го потврди пакетот помош од 40 милијарди евра од НАТО за Украина

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, Вашингтон, 17 јуни 2024 година.
Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, Вашингтон, 17 јуни 2024 година.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека Алијансата ќе обезбеди воена помош од 40 милијарди евра (43 милијарди долари) за Украина во 2025 година.

Столтенберг на прес-конференција во Брисел рече дека лидерите на НАТО „ќе ја потврдат својата решеност да ја поддржат Украина“ на Самитот што ќе се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон.

Коментарите на Столтенберг го потврдуваат извештајот на Ројтерс претходно оваа недела дека западноевропскиот дипломат рекол дека е планиран пакет помош.

Столтенберг побара повеќегодишна посветеност од Алијансата за помош на Украина, но сегашниот пакет ќе биде преоценет следната година, изјавија официјални лица.

Финансиското ветување е дел од поширокиот пакет за Украина за кој ќе се договорат лидерите на НАТО кога ќе се соберат на Самитот во Вашингтон.

Во јуни, сојузниците одлучија дека НАТО ќе преземе поголема улога во координирањето на испораката на оружје за Украина.

Сепак, сојузниците се уште не постигнаа согласност околу тоа дали и како да се зајакне формулацијата на НАТО за идното членство на Украина во Алијансата.

Официјалниот став на НАТО е дека Украина ќе се приклучи еден ден, но не додека земјата е во војна.

На Самитот на НАТО во Вашингтон се очекува лидерите официјално да го усвојат планот на Алијансата за воена координација на помошта за Украина во рамките на формалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.


Шпанија е прв полуфиналист на Европското првенство 2024

Германија - Фудбалски натпревар меѓу Шпанија и Германија, Дортмунд, 5 јули 2024 година.
Германија - Фудбалски натпревар меѓу Шпанија и Германија, Дортмунд, 5 јули 2024 година.

Шпанската фудбалска репрезентација славеше со 2:1 против домаќинот Германија во четвртфиналето на Европското првенство (ЕП) 2024, по натпреварот на 5 јули.

Фудбалерите на Шпанија се првите полуфиналисти на ЕП откако во продолженијата ја победија репрезентацијата на Германија.

Шпанците поведоа на почетокот на вториот дел со голот на играчот Дани Олм, а во 89 минута Флоријан Виртц постигна гол за продолжение.

Сепак, откако прими гол во последните минути од регуларниот дел, Шпанија се пласираше во полуфиналето дури во 119 минута благодарение на Микел Мерино. Помош на вториот гол беше Олмо, а со гол и асистенција стана херој на шпанската победа.

Германија претходно се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство откако ја победи Данска со 2:0 во осминафиналето меѓу двете селекции по прилично бурната ноќ во Дортмунд.

Продолжено гласањето на претседателските избори во Иран

Иран - Претседателскиот кандидат Саид Џалили (лево) и противкандидатот Масуд Пезешкијан по телевизиска дебата на 1 јули 2024 година.
Иран - Претседателскиот кандидат Саид Џалили (лево) и противкандидатот Масуд Пезешкијан по телевизиска дебата на 1 јули 2024 година.

Времето за гласање во вториот круг од иранските претседателски избори е продолжено за два часа, објави државната телевизија на Иран. Вториот круг се одржува откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови за победа во првиот круг, каде излезноста беше рекордно ниска.

Гласањето е продолжено до 20 часот по локално време, а имајќи предвид дека на изборите во Иран често се продолжува гласањето, можно е да се очекуваат дополнителни одложувања.

Првите резултати се очекуваат веднаш по затворањето на избирачките места, а конечните резултати треба да бидат објавени на 6 јули.

Во вториот круг од изборите се соочуваат реформскиот ветеран Масуд Пезешкијан и поранешниот тврдокорен нуклеарен преговарач Саид Џалили.

Вториот круг од изборите, поттикнати од смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа минатиот месец, се одржува бидејќи Иранците се соочуваат со недостаток на слободи, пад на животниот стандард и пропадната економија, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Џалили е претставник на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи во Врховниот совет за национална безбедност. Тој беше секретар на овој совет меѓу 2007 и 2013 година, а во тој период ја предводеше иранската делегација во неуспешните преговори со Западот за нуклеарната програма на Техеран.

Тој ја претставува тврдата линија на конзервативниот табор и никогаш не бил избран на функција.

Пезешкијан е член на парламентот од 2008 година и беше потпретседател меѓу 2016 и 2020 година, кога умерените и реформистите имаа мнозинство во законодавниот дом.

Тој ги доведе во прашање методите на Иран за спроведување на хиџаб - исламската марама за жени - и се залагаше за преговори со Западот.

Првиот круг на гласање забележа рекордно низок одѕив од 39,9 отсто, и покрај повиците на Хамнеи за висок одѕив на гласачите за да се проектира имиџ на силен Иран каде народот го поддржува политичкиот естаблишмент.

Владата именуваше нови директори и ги разреши националните координатори

Северна Македонија - седница на Владата на Република Северна Македонија, јуни 2024 година.
Северна Македонија - седница на Владата на Република Северна Македонија, јуни 2024 година.

Владата именуваше повеќе вршители на должност - директори и ги разреши досегашните национални координатори, соопштија од Владата по денешната, трета седница на новиот владин состав.

како ѓто соопшти владината прес-служба, Васе Анакиев ќе биде вршител на должност директор на Државниот инспекторатот за земјоделство, а Весела Честоева е именувана за вршител на должноста директорка на Управата за заштита на културното наследство.

Иван Живковски ќе биде в.д. директор на Агенцијата за катастар на недвижности, а Данијел Апостолоски ќе биде управител на Друштво за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Владата го именува Амет Зибери за в.д. заменик на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, а Даут Мемеши за в.д. директор на Бирото за регионален развој.

Рефик Џемаили е именуван за за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, додека Александар Донев се именува за в.д. директор на Управа за сигурност во железничкиот систем.

Диме Ратајкоски, на предлог на министерот за култура се именува за директор на Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Истанбул, Република Турција. Оваа функција во Загреб ќе ја врши Мими Ѓоргоска Илиевска, а Васко Шутаров во Белград.

Владата ги разреши националните координатори Владимир Пивоваров од должноста в.д. координатор на Националниот координативен центар за гранично управување, Неби Бејадин се разрешува од должноста в.д. заменик координатор на Националниот координативен центар за гранично управување, а Борче Мирчески се разрешува од должноста в.д. Национален координатор за медијација.

На владината седница Фатмир Ејупи е разрешен од должноста Национален координатор за социјална заштита и процес на деинституционализација, Бедри Бехадини се разрешува од должноста Национален координатор за информатика и енергетика, Фатон Асани се разрешува од должноста Национален координатор за соработка со дијаспора, додека Рамадан Рамадани се разрешува од должноста Национален координатор за кохезија.

Во соопштението се додава дека Владимир Симоновски се разрешува од должноста Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Златко Апостолоски се разрешува од должноста Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Џеладин Тефик Ајвази се разрешува од должноста заменик национален координатор за спречување на насилен екстремизам, а Златко Арсов се разрешува од должноста заменик национален координатор за борба против тероризам.

Роберт Алаѓозовски денеска е разрешен од должноста Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Магбуле Амети се разрешува од должноста Национален координатор за здравство, Маја Мосјова Мијовска, на предлог на министерот за здравство се разрешува од должноста Национален координатор за трансплантација, а Билјана Андоновска се разрешува од должноста заменик на националниот координатор за трансплантација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG