Достапни линкови

Мицкоски ветува економски развој, за СДСМ владината програма е манипулативна


Мандатарот Христијан Мицкоски ја образложува програмата на идната влада пред пратениците на 22 јуни 2024 година.
Мандатарот Христијан Мицкоски ја образложува програмата на идната влада пред пратениците на 22 јуни 2024 година.

Во 11 часот започна собраниската седница за изборот на нова влада, а ќе продолжи на 22 јуни во недела. Мандатарот Христијан Мицкоски најави нови проекти за економско зајакнување на Северна Македонија. За СДСМ програмата на новата влада е далеку од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дало во предизборието.

Седницата на Собранието за избор на новата влада заврши денеска попладне и ќе продолжи утре во недела на 22 јуни. Гласањето ќе следува по завршување на претресот, односно најдоцна до полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.

„Оваа генерација нема опција за неуспех и ќе мора заедно да направиме големи чекори напред. Најавувам фуриозен почеток на проекти“, рече мандатарот Христијан Мицкоски на собраниската седница за избор на новата влада, образложувајќи ја предлог програмата.

Во излагањето на експозето, Мицкоски најави намалени даноци и зголемени пензии, влада на економски развој, раст од пет отсто на БДП и годишна инфлација од 2 – 2,5 отсто годишна инфлација. Од собраниската говорница, Мицкоски вети и намалување на невработеноста на 7% и зголемување на платите.

Се уште неседнат во премиерската фотелја, мандатарот Мицкоски најави за вторник на 25 јуни промоција на инвестиција од 400 милиони евра.

„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за се јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеке од 400 милиони евра“, рече Мицкоски.

Мандатарот Мицкоски најави проекти и во други сфери – завршување на децентрализацијата, посебен фонд за врвна наука, реновирања на училишта и зголемување на плати, како и инвестиции во здравството и нови болници. Во експозето напомена и поголема заштита на културното наследство, промоција на здрав начин на живот преку Министерство за спорт.

Во излагањето, Мицкоски во говорот пред пратениците се осврна и на градењето на добри односи со соседите како и усогласување на националните политики со европските стандарди.

„Продолжуваме со партнерите од ЕУ и ќе ја усогласуваме надворешната политика. Продолжува поддршката за Украина да го одбрани националниот интегритет и суверенитет“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на предложените кандидати за министри, за кои рече дека ќе „бидат предмет на ревизија и евалуација“.

„Потфрлање нема да толерирам. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани. Вашата одговорност не е пред вашите партиски штабови туку пред граѓаните, да го штитите Уставот и законите. Немаме време, треба брзи резултати, мерки чекори и проекти. Идните генерации ќе бидете горди на овој период“, посочи Мицкоски.

На идната опозиција јавно и подаде рака, ветувајќи дека разговара со нејзе за сите важни прашања.

„Ќе се однесувам со должна почит кон вас, да не очекувате политички хајки, но ќе има одговорност за секој криминал“, им порача Мицкоски.

Спасовски: Програмата е манипулативна и различна од предизборието

Прв кој се јави за збор по обраќањето на Мицкоски беше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Спасовски смета дека во владината програма „не може до крај да се види дека тоа што го ветила и ќе го реализира“.

„Факт е дека многу од ветувањата кои беа дадени пред граѓаните, прашањата кои беа отворени и на манипулативен начин успеавте да ја добиете поддршката од граѓаните ги нема во програмата за работа на владата. Првиот основен приоритет - процесот за членство во ЕУ е сосема различен концепт од времето кое го застапувавте како опозиција и во предизборието, а тоа се однесува на почитувањето на Преспанскиот догвор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Очекував дека ќе имаме поконкретни чекори за овие прашања. Од програмата на владата можам да видам дека нема конкретни чекори, освен декларации“, изјави Спасовски.

Во однос на проектите од владината програма, Спасовски посочи дека за нив нема конкретни рокови и финансиска конструкција, односно на кој начин ќе се дојде до нивна реализација.

„Не зборувате за задолжувањето од една милијарда. Многу прашања се заговараат во програмата како големи идни достигнувања, а се нешта што постојат и функционираат. Сите работи во програмата на клучните сегменти – образование, здравството, кои се сериозен интерес на граѓаните, сметам дека треба подетално да биде презентирано, а не само со декларации дека ќе се направат вистински реформи. Сето она што е доставено како предлог е нешто што е далеку од ветувањата и очекувањата кои им ги дадовте на граѓаните предизборите“, рече Спасовски.

Во текот на денешната седница за избор на нова влада, збор зедоа повеќе пратеници.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска истакна дека СДСМ е делитимирана на изборите, но, би сакала да види „силна опозиција, а не која ќе молчи“.

„Заврши времето на луксузирања со народни пари, факлсификувани лични документи, измислувавте афери, заврши времето на политички прогон, ништо не исполнивте. Заглавивте 600.000 граѓани со пасоши и треба да имате одговорност“, му порача Пешевска на Спасовски.

За пратеникот од ЗНАМ, Даниел Стојчевски, чие движење ќе биде дел од новата влада, Спасовски за осум години владеење го узурирал МВР и ќе го напушти како најнеславен министер во овој ресор.

Според пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт имаат најголема и најгломазна влада, за која како што рече е афрички стандард, а не европски.

„Кадровски и програмски вие сте плагијатори, а не реформатори. Има 10 добри работи и тие се препирашни од програмата на Левица“, рече Апасиев.

Дводневна дебата

Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласаат мнозинството од вкупниот број на пратеници.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници - 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Во владиниот кабинет, 15 членови ќе бидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG