Спортот во Македонија досега беше дел од Агенцијата за млади и спорт и сега доби повисок чин со новоформираното Министерство за спорт. Но, дали со подобрениот статус ќе се промени и состојбата на македонскиот спорт која во моментов е многу загрижувачка?
Формирањето на новото Министерство за спорт беше направено со законските измени со кои се воведоа неколку нови и се направи реорганизација на дел од постоечките министерства. Министер за спорт во новата влада е поранешниот ракометен голман Борко Ристовски.
Досега од независноста на државата министерство за спорт постоеше само шест месеци во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2022 година. Претходно спортот беше дел од друго министерство, а потоа како дел од агенција.
Таки Џиков, кој ја вршел функцијата заменик министер во поранешното Министерство за образование и спорт за време на техничката влада во 1991 година, вели дека новоформираното Министерство за спорт може да ја подобри состојбата во спортот, но според него потребно е прво да се направи реорганизација, особено на кадрите од досегашна Агенција.
„Некои од кадрите кои не се соодветни треба да се тргнат од таму и да се донесат квалификувани луѓе кои можат да одговорат на задачата, да се направи стратегија за развој на спортот во Македонија. Тоа треба да го донесе сегашниот министер, кој според мене сега се наоѓа на еден бришан простор и кој ќе има многу сложени задачи кои ќе треба да ги решава“, вели тој.
Џиков, кој бил и одбојкарски тренер и професор на Факултетот по физичка култура, вели дека досегашните настојувања државата само да финансира спортски објекти, како што посочува - мислејќи дека тие ќе донесат квалитетни резултати конкурентни на меѓународна сцена, е погрешен пристап.
„Треба да се свртиме кон стратегија да инвестираме во кадар што ќе бидат способни да применат стратегија во тренажен процес, кој можат на тој начин да носат нови квалитетни резултати“, вели Џиков кој додава дека ако работите се постават правилно резултати би можеле да се очекуваат во еден до два олимписки циклуси, односно 4 или 8 години.
Со формирањето на Министерство, спортот сега ќе добие буџет, за разлика од досега кога Агенцијата за млади и спорт имаше буџет од кој главно се даваа плати за вработените во агенцијата, а за спортот пари се обезбедуваа од спортските ваучери преку кои фирми даваа пари за спортските клубови и федерации, а за возврат беа ослободувани од данок. Оваа мерка се злоупотребуваше, за што Обвинителството отвори случај.
Според Владимир Богоевски - спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, но и поранешен одбојкар и тренер во реномирани европски клубови, смета дека прво треба да се промени Законот за спорт во дискусија со сите релевантни спортски организации.
Тој вели дека Министерство за спорт не може да создаде врвен спорт, ниту Олимпискиот комитет може да создаде олимпијци. Треба да се најде формула како да се помогне и да се подигне целото ниво на спортот во Македонија.
„Треба да се почне одоздола. Прво да се направи анализа на работата клубовите, на стручниот кадар и ако треба нив да им се помогне во нивното усовршување. Да се обучат, да има подобра селекција во клубовите, а со тоа и подобар тренажен процес. Тогаш може да очекуваме подобар спортски резултат“, вели Богоевски.
Богоевски исто така вели дека секој клуб и секоја федерација во управните одбори треба да вклучи луѓе кои можат да донесат финансиски средства, а не во управните одбори да седат луѓе кои само чекаат државата да го подобри спортот, вели Богоевски.
Како до подобри спортски резултати во ситуација кога Првата македонска фудбалска лига скоро и да нема никаква атрактивност и гледаност, а македонските учесници во подолг период брзо го завршуваат учеството во европските купови. Вардар во сезоната 2017/18 година беше последната екипа која се избори за групна фаза од Лигата на Европа.
Ништо не е подобра сликата ниту во кошарката, одбојката и другите екипни, но и поединечни спортови.
Какви се резултатите доволно кажува учеството на македонски спортисти на претстојните Летни олимписки игри во Париз, каде ќе учествуваат само петмина, од кои ниту еден нема постигнато А-олимписка норма. Сите ќе учествуваат со таканаречената вајлд карта.
На репрезентативен план, Македонија е на 69-то место на ФИФА листата. Најдобро рангирана беше на 46-то место во 2008 година.
Во квалификациите за Европското првенство 2024 Македонија беше 4-та во групата, нерешените 1:1 во Скопје против Италија и Англија беа „мало покритие“ за брзо загубена конкурентност во борбата за 3-то место кое водеше во баражот.
Фудбалерите учествуваа на Европското првенство во 2020 кое се играше во 2021 година поради короната). Испаднаа во групната фаза по поразите од Австрија 1:3,Украина 1:2 и Холандија 0:4.
Тие обезбедија второ место во група во квалификациите за СП 2024 во Катар зад Германија и учество во бараж, кога ја победија Италија со 1:0 во 1/2 финале, а потоа беа поразени во финалето во Лисабон од Португалија со 2:0.
Во ракомет, машката репрезентација во баражот против Фарските острови се избори за ново учество на Светското првенство во 2025 година.
На Европското првенство оваа година беше 17-та. Женската репрезентација од 2007-та година наваму нема учество на големите натпреварувања.
На клупски план Пелистер Еурофарм учествуваше во групната фаза од Евролигата, завршувајќи без победа.
Во, одбојка, минатата есен Скопје беше домаќин на група од Европското првенство (втор пат по 1975 година). Тоа беше еден од главните спортски настани во земјата. Одбојкарите обезбедија пласман на наредното Европско првенство во 2025 година.