Достапни линкови

Вести

Судскиот совет доби двајца нови членови додека се најавува негово распуштање

Исамедин Лимани и Александар Камбовски денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Африм Гаши, 19 јуни 2024 г.
Исамедин Лимани и Александар Камбовски денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Африм Гаши, 19 јуни 2024 г.

Судскиот совет од денеска (19 јуни) и официјално добива двајца нови членови откако пред претседателот на Собранието Африм Гаши дадоа свечени изјави.

Станува збор за судијата од редовите на Врховниот суд, Исамедин Лимани и Александар Камбовски од Апелацискиот суд во Битола.

Двајцата порачаа дека „никој не треба да се меша во судската власт“.

На прашање што мисли за распуштање на Советот, Камбовски рече дека нема што да мисли сега, бидејќи треба да се разгледаат новите предлози, а засега нив не ги знае.

„Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите потреби“, рече Камбовски.

Ниту судијата Лимани не одговори дали смета дека Судскиот совет треба да се распушти, туку кажа дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.

Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој вчера го поднесе предлогот за состав на новата влада, во досегашните негови јавни настапи реформата на ова судско тело ја посочуваше како еден од приоритетите на идната власт.

Двајцата нови членови на Судскиот совет, Лимани и Камбовски, беа избрани при непосредно гласање на 6 јуни. Лимани како судија од Врховен, доби седум гласа од неговите колеги од овој суд. За Камбовски, пак, гласаа 28 судии од судовите кои потпаѓаат под битолското апелационо подрачје.

Согласно Законот за Судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат.

види ги сите денешни вести

Белорусија стана членка на Шангајската организација за соработка

Водачите на земјите кои присуствуваат на Самитот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка во Астана, Киргистан, 4 јули 2024
Водачите на земјите кои присуствуваат на Самитот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка во Астана, Киргистан, 4 јули 2024

Белорусија стана членка на Шангајската организација за соработка (ШОС), а одлуката беше официјализирана на состанокот на Самитот на шефови на држави на ШОС во Астана.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во Астана изјави дека Минск ќе вложи максимални напори за зголемување на нејзиниот авторитет и бројот на сојузници на организацијата и забележа дека многу белоруски идеи презентирани претходно веќе добија меѓународна поддршка.

„Тоа се однесува на трансфер на технологија, безбедност на информации, транспорт и логистика, индустрија, трговија и инвестиции“, објасни белорускиот претседател.

Зборувајќи за безбедноста на храната, Лукашенко истакна дека предизвиците во таа област не доаѓаат само од традиционалните фактори, како што се природните катастрофи, туку и од „вештачките бариери“, вклучително и незаконските санкции за минералните ѓубрива, опремата, патиштата за снабдување.

„Имаме моќ да ги храниме луѓето, елиминирајќи многу противречности и конфликти поради социјалната нееднаквост, недостатокот на храна и ресурси. Ова (ШОС) е исто така взаемно збогатување на културите, што ќе доведе до неизбежно зближување на луѓето“, истакна Лукашенко.

Состанокот на Советот на членките на ШОС почна со церемонијата на потпишување на важни документи, а неколку минути подоцна претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев го објави приемот на Минск во ШОС.

Поради блокирана сметка, одржувањето на магистралните и регионални патишта во опасност

илустрација
илустрација

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска (4 јули) го објави Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.

Во извештајот се наведува дека ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, што има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста

„ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари“, соопштија од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.

Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари. Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.

Во извештајот, меѓудругото е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежните објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32,4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 проценти се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба, се додава во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата, ДЗР утврдила и дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на јавното претпријатие.

Топлотен бран ја зафати Русија

Парк во Москва, Русија, јули 2024 година
Парк во Москва, Русија, јули 2024 година

Русите се соочуваат со некои од највисоките температури во повеќе од еден век, а Москва го собори рекордот од 1917 година. Во некои руски градови температурите се искачија над 35 Целзиусови степени.

Во Москва, каде што температурите во зима може да паднат до минус 40 степени Целзиусови, живата се искачи на 32,7 степени Целзиусови на 3 јули, соборувајќи го рекордот од 1917 година за тој ден за половина степен, соопшти метеоролошкиот центар ФОБОС.

Соборени се рекорди од рускиот брег на Пацификот и дивината на Сибир до европските делови на Русија, соопшти ФОБОС.

Топлото време предизвика огромна побарувачка за клима уреди и вентилатори, рекордни количини сладолед и ладни пијалоци. На патниците во метрото и возовите им се делеше вода.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги повика жителите на московската метропола, која има повеќе од 20 милиони жители, да преземат мерки на претпазливост и да избегнуваат да излегуваат надвор во најжешките периоди од денот.

„Во текот на денот температурата на воздухот ќе ја надмине климатската норма и повторно ќе се искачи над 30 степени“, изјави Собјанин.

Тој додаде дека за утре (5 јули) се предвидуваат грмежи и дека постои можност за град.

Двајца загинати во нов руски напад во областа Запорожје

илустрација
илустрација

Две лица загинаа во руски артилериски напад во украинската област Запорожје, изјави во четврток (4 јули) регионалниот гувернер Иван Федоров.

Украинските воздухопловни сили објавија дека во текот на ноќта собориле 21 од 22 беспилотни летала Шахед лансирани во руски напад врз шест региони во северна и централна Украина.

Федоров рече дека Русија извршила 391 напад на 10 населени места во последните 24 часа.

„Маж и жена беа убиени од непријателско гранатирање“, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека уште еден маж е повреден во руски напад во текот на ноќта.

Русија тврди дека го анектирала Запорожје, но не ја контролира целосно областа.

Москва во средата ја обвини Украина дека пукала со самодетонирачки беспилотни летала во нуклеарната централа Запорожје во нападот кој погодил трафостаница и повредил осум лица.

Минатиот месец регионот прогласи ден на жалост по рускиот напад на градот Вилнус, при што седум лица загинаа, а околу 30 беа ранети.

Гувернерот на северниот регион Чернихив изјави дека еден од истреланите беспилотни летала погодил објект во неговиот регион, без да даде дополнителни детали. Тој додаде дека повеќе од 5000 потрошувачи во регионот се без струја од четвртокот утрото.

Гувернерот на регионот Днепропетровск изјави дека противвоздушната одбрана соборила два дрона над неговиот регион.

САД испраќаат нов пакет воена помош за Украина

илустрација
илустрација

Соединетите Држави и доделија на Украина нов пакет оружје и опрема за поддршка на украинската армија, вреден 150 милиони долари, соопшти Стејт департментот.

Новиот пакет, обезбеден врз основа на овластувањето на претседателот за повлекување, вклучува ракети хок (Hawk), муниција за артилериски ракетни системи со висока мобилност (HIMARS), артилериски куршуми од 155 мм и 105 мм, минофрлачки куршуми од 81 милиметри, проектили TOW, противоклопни системи „џавелин“ и АТ-4, муниција и гранати за мало оружје и друго оружје и опрема.

Поддршката, исто така, ќе помогне да се зајакне воздушната одбрана на Украина од руските напади и да се зајакнат капацитетите на Украина преку линијата на фронтот, според Стејт департментот.

„Како што јасно кажа претседателот Бајден, САД и меѓународната коалиција што ја собравме ќе продолжат да стојат со Украина“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен во изјавата.

Ова е седми пакет безбедносна помош што ќе биде испратена во Украина по овластување на американскиот претседател откако беше потпишан Амандманот за национална безбедност пред два месеци.

Стејт департментот соопшти дека ќе обезбеди нова помош што е можно поскоро за зајакнување на одбраната на Украина, нејзината територија и нејзиниот народ.

Марин Ле Пен: Ние сме единствените кои и нудат перспектива на Франција

Марин Ле Пен
Марин Ле Пен

Лидерката на француската десничарска партија „Национален собир“ (РН), Марин Ле Пен, изјави дека е „многу уверена“ во способноста на партијата да освои апсолутно мнозинство во вториот круг на парламентарни избори, и дека тоа е услов за Национален собир да формира влада.

„Не можеме да владееме ако немаме апсолутно мнозинство. Национален собир нема да преговара за формирање коалиции. Единствената партија која може да има апсолутно мнозинство е Национален собир. Ние сме единствените кои можеме да понудиме перспектива за Франција“, изјави таа за TF1.

Во врска со најавеното повлекување на околу 200 кандидати од левиот и десниот центар од вториот круг за да се спречи формирањето влада на „Националниот собир“, Ле Пен рече дека е „одвратно да се мисли дека гласачите може да се манипулираат како да се деца“.

„На Французите им е доста од тоа да не бидат третирани како одговорни возрасни лица. Тие се совршено способни сами да знаат што е добро за земјата. Французите имаат вистинска желба за промени, тие ја изразија таа желба во текот на првиот круг“, рече лидерката на Национален собир.

Таа се огради од поддршката што руското Министерство за надворешни работи денеска и ја даде на надворешната политика што ја промовира Национален собир.

„Апсолутно не се чувствувам одговорна за руските провокации против Франција и Емануел Макрон. Бевме исклучително јасни, ќе ја задржиме нашата поддршка за Украина. Јасно ставивме до знаење кои се нашите граници, особено кога станува збор за испраќање војници на украинска територија“, рече Ле Пен.

Вториот круг од парламентарните избори во Франција ќе се одржи в недела, на 7 јули.

Парламентарни избори во Велика Британија

Лидерот на лабуристите Кир Стармер и лидерот на конзервативците премиерот Риши Сунак во телевизиска дебата, 26 јуни 2024
Лидерот на лабуристите Кир Стармер и лидерот на конзервативците премиерот Риши Сунак во телевизиска дебата, 26 јуни 2024

Во Велика Британија денеска (4 јули) се одржуваат општи избори на кои гласачите ќе изберат 650 членови на Долниот дом на парламентот, по што лидерот на партијата со најмногу гласови прво ќе стане мандатар за формирање нова влада и потоа и премиер.

Велика Британија е поделена на 650 области, наречени изборни единици. Гласачите во секоја од овие изборни единици избираат по еден пратеник во Долниот дом, долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство.

Американските медиуми анализираат дека кој и да победи на овие први национални избори во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска во последните пет години, ќе наследи голем број проблеми препознатливи во сите западни демократии - слаб економски развој, ослабени јавни услуги и проблем со мигрантите.

Конзервативната партија на Риши Сунак доживува пад на популарноста во анкетите од 2021 година.

Предизборните анкети и даваат на главната опозициска Лабуристичка партија, предводена од Кеир Стармер, двоцифрена предност пред Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак, која е на власт 14 години. Лабуристите во последните 12 месеци постојано имаат поддршка од над 40 отсто од електоратот.

На трето место во анкетите е антиимигрантската десничарска партија „Реформа во Обединетото Кралство“ на Најџел Фараж, но бидејќи нивната поддршка е рамномерно распоредена низ целата земја, може да се случи оваа стабилна поддршка тешко да се претвори во места во парламентот.

Либерал-демократите - претходно третата по големина партија во земјата - имаа прилично конзистентно просек од околу 10 проценти, но тие се надеваат дека со фокусирање на главните посакувани места, ќе можат да постигнат изборен успех.

Белата куќа: Бајден ќе остане во претседателската трка

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден „апсолутно не“ се повлекува од претседателската кампања во 2024 година. Ова го изјави портпаролката на Белата Куќа Карин Жан Пјер на 3 јули.

Во меѓувреме, прашањата за способноста на 81-годишниот актуелен претседател и кандидат за втор мандат продолжуваат да се дебатираат во јавноста по неговиот лош настап на претседателската дебата.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека Бајден „останува во трката.

"Тоа е она што претседателот вети дека ќе го направи... тој сака да продолжи да работи на успесите што ги постигнал“, изјави таа.

Најмалку еден актуелен демократ во Конгресот го повика Бајден да се повлече од трката, а партиските лидери се размислуваат како да се справат со последиците од дебатата, јавува новинската агенција Франс прес.

Бајден закажа средба со сите 23 демократски гувернери на 3 јули и најави дека ќе одговара на прашања на интервју за ABC News на 5 јули.

Туркменистан преку Иран ќе го снабдува Ирак со природен гас

Илустрација
Илустрација

Туркменистан и Иран на 3 јули потпишаа договор за испорака на 10 милијарди кубни метри туркменистански природен гас годишно, кој Иран потоа ќе го испраќа во Ирак.

Министерството за надворешни работи на Туркменистан го објави договорот, но не соопшти колку вреди договорот.

Во соопштението на Министерството се вели дека иранските компании ќе изградат нов гасовод од 125 километри меѓу Иран и Туркменистан за да го прошират капацитетот за испорака на оваа централноазиска земја.

Министерството соопшти дека Туркменистан, кој во голема мера се потпира на продажбата на своите огромни резерви на природен гас, исто така планира да ги зголеми своите испораки на гас за Иран на 40 милијарди кубни метри годишно.

Руското МНР прогласи романскиот дипломат за персона нон грата

Илустрација
Илустрација

Руското Министерство за надворешни работи прогласи за персона нон грата вработен во романската амбасада во Москва. Ова е објавено на веб-страницата на руското МНР.

Во кусото соопштение е посочено дека руското министерство за надворешни работи го повикал на разговор романскиот амбасадор Кристијан Истрате кому му била врачена нота. Романскиот дипломат, чие име не се соопштува, ќе биде протеран од Русија.

Руското Министерство објасни дека ваквите постапки се одговор на романските власти кои прогласија за персона нон грата вработен во руската амбасада во Букурешт. Руското МНР смета дека тоа е „немотивирана одлука“.

Романското Министерство за надворешни работи на крајот на мај прогласи за персона нон грата дипломат од руската амбасада во Букурешт. Тој беше осомничен за „активности што се во спротивност со нормите на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Претходно, полицијата во Романија соопшти дека бил уапсен локален жител кој е осомничен за шпионирање за Русија. Според истражителите, тој од почетокот на 2022 година, ги надгледувал воените објекти на Романија и на НАТО лоцирани на границата со Украина. Според соопштението уапсениот, наводно, ги пренел информациите што ги собирал на руските дипломати.

Во април 2024 година, Врховниот совет за национална одбрана на Романија објави дека руски шпиони влегле во земјата под маската на украинските бегалци. Тие, наводно, се вклучиле во дезинформации, обидувајќи се да добијат информации за помош за Украина, воени вежби и војници стационирани во земјата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG