Достапни линкови

Вести

Макрон - на Украина треба да и се дозволи да гаѓа цели во Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се залага да ѝ се дозволи на Украина да ги напаѓа воените бази внатре во Русија со оружје со долг дострел обезбедено од западните партнери.

На 29 мај Макрон се приклучи на претходните изјави на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој исто така повика на промена на таа позиција поради сложеноста на војната во Украина.

Прашањето дали да ѝ се дозволи на Украина да гаѓа цели на руска територија со оружје испорачано од Запад е деликатно откако Москва ја започна својата инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, пишува АП.

Украина ги притиска своите западни поддржувачи да ѝ дозволат да гаѓа цели во Русија користејќи оружје со поголем дострел што Киев го добива од Западот.

Клучните поддржувачи на Украина, вклучително и САД и Германија, не сакаа да дозволат Киев да изврши напади преку границата поради стравот дека би можело да ги доближи до директен конфликт со Москва.

Макрон рече дека позицијата на Франција е дека на Украина мора да ѝ се дозволи да ги неутрализира руските воени локации од кои истрелува проектили.

„Ако им кажеме на Украинците дека немаат право да ги таргетираат местата од кои се испукани проектили кон нив, ние всушност им кажуваме дека ќе ве снабдуваме со оружје, но дека не можете да се браните со него“, рече Макрон на прес-конференци за време на неговата официјалната посета на Германија.

И шефот за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, ги повика земјите да ги балансираат стравувањата од ескалација со потребата на Украина да се брани, велејќи дека Киев има право да користи западно оружје за да нападне внатре во Русија.

види ги сите денешни вести

Протести во Израел: блокирани патишта, се бара договор за заложниците во Газа

Протести во Ерусалим 7.7.2024.
Протести во Ерусалим 7.7.2024.

Низ Израел денеска започнаа протести со цел да се изврши притисок врз израелската влада да постигне договор за заложниците кои се земени во Газа.

Демонстрантите ги блокираа патиштата и протестираа пред домовите на владините министри, објави Ројтерс.

Демонстрациите започнаа во 6:29 часот (4:29 часот по средноевропско време), исто време со нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, кој меѓу другите САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

Горат гуми на автопатот Тел Авив-Ерусалим.
Горат гуми на автопатот Тел Авив-Ерусалим.

Демонстрантите излегоа на улиците, блокирајќи го сообраќајот на главните раскрсници низ земјата. Тие накратко запалија гуми на главниот автопат Тел Авив-Ерусалим пред полицијата да го расчисти патот.

Мали групи со мегафони и транспаренти демонстрираа и пред домовите на голем број министри и коалициски претставници.

"Тотален неуспех! Тотален неуспех!" извикуваше толпата пред домот на министерот за стратешки прашања Рон Дермер, член на потесниот круг на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во населбата Ор Ханер, во близина на границата со Газа, демонстрантите закачија црн балон за секој убиен во нападот и жолт балон за секој заложник што сè уште се држи во Газа.

Oгaн запален од антивладините демонстранти на протестите по повод 9 месеци од смртоносниот напад на 7 октомври, под слоганот „Израел е во застој“, во близина на Шореш, Израел, 7 јули 2024 година.
Oгaн запален од антивладините демонстранти на протестите по повод 9 месеци од смртоносниот напад на 7 октомври, под слоганот „Израел е во застој“, во близина на Шореш, Израел, 7 јули 2024 година.

Некои Израелци не се согласуваат со целите на демонстрантите и вршат притисок врз владата на премиерот Нетанјаху да го отфрли договорот и да ја продолжи борбата „додека не се исполнат сите цели на земјата“, пишува новинската агенција Ројтерс.

Напорите за обезбедување договор за заложниците меѓу Израел и Хамас во Газа по девет месеци војна добија замав во последниве денови, при што официјални лица изразија оптимизам, но рекоа дека разликите и понатаму постојат на кои двете страни инсистираат.

Здравствените власти на Хамас во Газа соопштија дека повеќе од 38.000 Палестинци се убиени во офанзивата започната како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници.

Кинески војници пристигнаа во Белорусија на „антитерористички вежби“

Лидерите на Белорусија и Кина Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 04.12.2023.
Лидерите на Белорусија и Кина Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 04.12.2023.

Кинеските војници пристигнаа во Белорусија на заедничка „антитерористичка вежба“, објави белоруското Министерство за одбрана на Телеграм.

Се вели дека маневрите ќе се одржат од 8 до 19 јули.

Заедничката обука „ќе овозможи да се постават темелите за понатамошен развој на белоруско-кинеските односи на полето на заедничка обука на војниците“, се вели во соопштението.

На 4 јули, Белорусија се приклучи на Шангајската организација за соработка (SCO), регионална група промовирана од Пекинг и Москва како алтернатива на западното влијание.

Авторитарниот лидер Александар Лукашенко го нарече влезот на Белорусија во SCO „историски“ и додаде дека „деценија и пол се борел за членство“.

Со својот познат тон, Лукашенко рече дека е неопходно да се „уништи униполарниот свет“ и да се преземе одговорност за „глобалната безбедност“ бидејќи „нарцисоидичниот, себичен Запад се покажа неспособен за тоа“.

Во последниве години, Кина презема чекори за зголемување на врските со земјите од Источна Европа и Централна Азија.

Украина соопшти дека одбила руски напади врз четири региони

Полицаец проверува место каде станбена зграда е тешко оштетена од руски воздушен напад врз Украина, Харкив. 3 јули 2024 година.
Полицаец проверува место каде станбена зграда е тешко оштетена од руски воздушен напад врз Украина, Харкив. 3 јули 2024 година.

Украинските системи за противвоздушна одбрана одбија нов руски ракетен и беспилотен напад врз неколку региони рано на 7 јули, објавија украинските воздухопловни сили.

„Непријателот нападна со две балистички ракети „Искандер-М“ и со 13 беспилотни летала „Шахед“, соопштија од воздухопловните сили на Телеграм.

Во соопштението се додава дека 13 беспилотни летала биле соборени во регионите Кироворад, Харкив, Суми и Полтава.

Одделно, руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека неговите ракети Искандер уништиле два украински фрлачи за ракетни системи земја-воздух Патриот и радарска станица Жирафа во селото Јужне во областа Одеса.

Тврдењето не можеше веднаш да се потврди независно.

Борел: На самитот на туркофонски земји Орбан ја претставува Унгарија, а не и ЕУ

Виктор Орбан и Жосеп Борел во Гранада, Шпанија, 06.10.2023.
Виктор Орбан и Жосеп Борел во Гранада, Шпанија, 06.10.2023.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел го „потсети“ унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој учествува на самитот на Организацијата на земји од турско говорно подрачје, дека тој на состанокот ја претставува својата земја, а не и ЕУ со која
во моментов претседава Унгарија.

Борел во соопштението нагласи дека учеството на Орбан на неформалниот самит на Организацијата на туркофонските земји во азербејџанскиот град Шуша на 5 и 6 јули е исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и таа организација.

Организацијата на земји од турско говорно подрачје е меѓународна организација која ги обединува земјите од турско говорно подрачје.

Основана е од Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Турција како Совет на туркофонски држави во 2009 година. Унгарија стана членка набљудувач во 2018 година.

Според Орбан, таа организација, блиска до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претставува важен столб на соработката Исток-Запад, изјави еден од соработниците на Орбан на мрежата Х, пишува Франс прес.

Во 2022 година, ЕУ ги отфрли изјавите на Турција за пристапување на Турската Република Северен Кипар, која ЕУ не ја признава, како членка набљудувач на таа организација.

Борел го повтори тоа во својата изјава.

„Европската унија ги отфрла обидите на Организацијата на државите што зборуваат турски да го легитимира како набљудувач сецесионистичкиот ентитет на кипарските Турци, таканаречената „Турска Република Северен Кипар“ која не е призната на меѓународно ниво“, напиша тој.

Предупредувањето уследи по сличното предупредување издадено во петокот за посетата на Орбан на Москва, во која Борел рече дека Орбан, чија земја претседава со ЕУ, не добил мандат од Унијата да ја посети Русија, нагласувајќи дека Брисел ја исклучува можноста за официјални контакти со Москва.

Неколку дена претходно, Орбан се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Унгарија, самопрогласена „нелиберална демократија“, е казнета поради она што властите во Брисел го гледаат како пад на демократијата, при што ЕУ замрзна шест милијарди евра средства наменети за земјата.

Хамас се согласи на разговори за ослободување на израелските заложници

Момче трча со вреќа додека луѓето ги пребаруваат урнатините на урнатата зграда како последица на израелското бомбардирање во училиштето Џауни, управувано од Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци.
Момче трча со вреќа додека луѓето ги пребаруваат урнатините на урнатата зграда како последица на израелското бомбардирање во училиштето Џауни, управувано од Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци.

Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, го прифати предлогот на САД за почеток на разговори за ослободување на израелските заложници.

Предлогот вклучува и ослободување на војници и мажи.

Предлогот доаѓа 16 дена по првата фаза од договорот со цел да се стави крај на војната во Газа, изјави висок извор на Хамас на 6 јули.

Хамас се откажа од барањето Израел прво да се обврзе на траен да го прекине огнот пред да го потпише договорот.

Хамас ќе дозволи тоа да го постигнат во текот на првата шестнеделна фаза од преговорите, изјави изворот за Ројтерс под услов да остане анонимен, бидејќи разговорите се приватни.

Топлотниот бран е закана за повеќе од 130 милиони луѓе во САД

Детали од плажата Аламеда во заливот Сан Франциско, Калифорнија, САД на 3 јули 2024 година.
Детали од плажата Аламеда во заливот Сан Франциско, Калифорнија, САД на 3 јули 2024 година.

Речиси 130 милиони луѓе ширум САД ќе се соочат со екстремно високи температури во текот на следната недела, по продолжувањето на долготрајниот топлотен бран кој веќе собори рекорди за опасно високи температури, пишува АП.

Според Националната метеоролошка служба, температурите би можеле да достигнат повеќе од 38 степени Целзиусови во делови од северозападниот дел на Тихиот Океан, средно-атлантскиот и североисточниот регион на САД, а во поголемиот дел од западот, температурите најверојатно ќе бидат од 8 до 16 степени Целзиусови над просекот за ова време од годината.

Десетици температурни рекорди низ САД би можеле да бидат срушени, што ќе поттикне милиони да побараат засолниште од топлината во центрите за ладење од Орегон, до Булхед Сити, Аризона, до Норфолк, Вирџинија.

Источниот дел на САД, исто така, се подготвува за уште повисоки температури. Балтимор и другите делови на Мериленд беа под предупредување за горештини, а температурите се очекува да достигнат до 43 Целзиусови степени.

Во петокот беше поставен нов рекорд на топлина во долината на смртта во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, при што температурата достигна 52,8 степени Целзиусови.

Во Недлс, град во близина на државната граница на Калифорнија со Аризона и Невада, е забележана температура од 50 степени Целзиусови, со што е соборен рекордот поставен во 2007 година кога биле регистрирани 49,4 степени Целзиусови. Во Палм Спрингс, Калифорнија, живата во термометарот покажа 51,1 степени.

Рекордна температура е забележана и во Феникс во американската сојузна држава Аризона, каде се измерени 47,7 степени Целзиусови и каде до среда се предвидуваат највисоки температури над 46 степени.

Округот Марикопа во Аризона, кој го опфаќа градот Феникс, имаше најмалку 13 потврдени смртни случаи поврзани со топлина оваа година, заедно со повеќе од 160 други сомнителни смртни случаи кои сè уште се под истрага, соопштија локалните власти.

Новиот британски премиер ја поништи одлуката за депортирање мигранти во Руанда

Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер
Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер

Новиот премиер на Обединетото Кралство Кир Стармер изјави дека контроверзната мерка за депортирање мигранти и баратели на работа, воведена од претходната конзервативна влада е „мртва и закопана“.

Конзервативците на поранешниот премиер Риши Сунак објавија план вреден повеќе милиони фунти за испраќање мигранти и баратели на азил во Руанда.

Сунак и неговите министри најавија дека првите депортации во таа африканска земја ќе започнат во јули.

Новиот лабуристички премиер рече дека „не е подготвен да ги продолжи овие трикови“ и потврди дека мерката се укинува, пишува Ројтерс.

Лабуристите уште пред изборите ветија дека ќе се откажат од планот „на првиот ден“ по преземањето на власта.

На првата прес-конференција откако влезе во Даунинг стрит, Стармер рече дека „планот за Руанда е мртов и закопан уште пред да започне“.

„Погледнете ги бројките на оние кои дојдоа во првите шест и пол месеци од оваа година, тие се рекордни, тоа е проблем што го наследивме“, посочи Стармер и додаде дека мерката со Руанда не може да биде решение за тоа прашање. .

Тој најави дека ќе го намали бројот на пристигнувања во Обединетото Кралство со ангажирање специјални истражители и капацитети за борба против тероризмот за да ги запрат криминалните групи кои стојат зад приливот на мигранти на островот.

Како точно ќе функционира и колку ќе чини откажувањето од планот со Руанда се уште не е јасно.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, претходно оваа година навести дека британските даночни обврзници ќе мора да го надоместат пропаѓањето на договорот.

Портпаролката на Кагаме, Јоланд Маколо, подоцна изјави дека Руанда „нема обврска“ да ги врати средствата, но доколку Лондон го побара тоа „ќе го разгледаат“, но само мал дел од вкупната сума.

Делегација предводена од Мицкоски на НАТО Самитот во Вашингтон

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на 6 јули отпатува за САД, каде ќе учествува на НАТО Самитот во Вашингтон.

Дел од делегацијата со Мицкоски се министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Инаку, Алијансата во Вашингтон ќе одбележи 75 години од формирањето.

Муцунски, во видео објавено на својот Фејсбук порача дека настанот е прилика да го „демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“.

„Во оваа прилика упатувам благодарност до нашите стратешки партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење. Настанот е одлична прилика да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“, рече Муцунски.

Тој додаде дека и понатаму земјата ќе продолжи да биде кредибилен НАТО сојузник, со повеќе од 2% од БДП инвестиции во одбраната како и дека со поддршката која ја земјата ја дава на Украина, порача Муцунски.

Лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон од 9 до 11 јули.

Англија и Холандија во полуфиналето на ЕП 2024

Евро 2024 - четвртфинале - Холандија против Турција.
Евро 2024 - четвртфинале - Холандија против Турција.

Фудбалските репрезентации на Англија и Холандија се пласираа во полуфиналето на Европското првенство.

Во саботата прво Англија на пенали ја совлада Швајцарија, откако резултатот на крајот од регуларниот дел од натпреварот беше 1:1 (Сака 80' / Емболо 75'), па бидејќи ниту една екипа не постигна гол во продолжението, беа изведувани пенали.

Благодарение на промашениот пенал на Швајцарците, Англичаните славеа во Дизелдорф Арената, во истоимениот германски град.

Во вториот четвртфинален натпревар на ЕП 2024 Холандија ја победи Турција со резултат 2:1. Иако Турцја поведе во 35 минута со голот на Акајдин, во второто полувреме резултатот го израмни Де Вриј, а шест минути подоцна Мулдур си постигна автогол.

Претходно во полуфиналето се пласираа селекциите на Шпанија и Франција.

update

Вонреден конгрес на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими избран за нов претседател

Конгрес на Алтернатива во Куманово.
Конгрес на Алтернатива во Куманово.

Партијата Алтернатива од албанскиот блок денеска во Куманово одржа вонреден изборен конгрес, на кој делегатите го избраа Зеќирија Ибрахими - досегашниот генерален секретар, за нов претседател.

Околу 500 делегати беа на Конгресот за нов претседател, откако досегашниот Африм Гаши поднесе оставка од лидерската позиција и беше назначен за претседател на Собранието.

„Секој делегат има право да предложи, потребно е да има поддршка од десет отсто од вкупниот број на делегати и секој е потенцијален кандидат за претседател на партијата, изјави потпретседателот на партијата, Амир Елези пред почнувањето на конгресот.

На конгресот присуствуваат претставници од политички партии кои се дел од владиното мнозинство.

Партијата Алијанса за Албанците - Алтернатива се подели на две крила – едното на Арбен Таравари, кој сега е во владината коалиција и другото на Зијадин Села кое е дел од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

Ваквиот раскол настана во пресрет на парламентарните и претседателските избори закажани за 24 април (прв круг претседателски) и 8 мај 2024 (втор круг претседателски и парламентарни).

Јавноста сведочеше на јавни конфронтирања, паралелни конгреси, партиски одлуки од двата табори.

Таборот на Таравари потоа се приклучи на опозицскиот блок во кој се Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Демократското движење на Изет Меџити. Тие ја формираа коалиција „Вреди“, која е сега дел од владината коалиција со која се ВМРО-ДОМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG