Достапни линкови

Вести

Изборите за европските пратеници ќе се одржат од 6-ти до 9-ти јуни

Илустрација
Илустрација

Граѓаните од земјите членки од Европската унија од 6 до 9 јуни ќе може да го искористат своето право на глас и да изберат претставници во Европскиот парламент. Изборните правила за европратеник се разликуваат од една до друга земја членка на Унијата, со тоа што во некои места изборниот праг е 5 отсто, а во други нема, додека во некои земји право на глас имаат и малолетници со наполнети 16 години.

Во повеќето европски земји гласањето ќе се одржи на 9 јули. Во Холандија изборите се закажани за 6 јуни, а ден подоцна ќе гласат и Ирците и Чесите, додека на 8 јуни избори за Европскиот парламент се одржуваат во Летонија, Малта, Словачка и Италија. Во Чешка и Италија изборите ќе се одржуваат во текот на два дена.

Новиот парламентарен состав на Европскиот парламент ќе има повеќе пратениц од досегашниот, односно од 705 ќе порасне на 720 пратеници.


Минималниот број на европретставници по земја е шест. Најмалите европски земји - Малта, Кипар и Луксембург - имаат толку европратеници. Германија има најмногу европратеници, 96.

Граѓаните на 14 земји од ЕУ можат, доколку живеат во странство, да гласаат по пошта.

Хрватска е меѓу осумте земји чии граѓани своето право на глас можат да го остварат само со гласање во дипломатските претставништва на земјата. Во четири земји (Чешка, Ирска, Малта и Словачка) нема можност за гласање надвор од државата, додека само една (Естонија) има можност за електронско гласање.

Гласањето на изборите за Европскиот парламент е задолжително во Белгија, Бугарија, Луксембург и Грција.

Во повеќето земји, вклучително и во Хрватска, на изборите за Европскиот парламент има само една изборна единица. Исклучок во овој поглед се Белгија, Ирска, Италија и Полска.

Изборен праг од пет проценти постои во девет земји. Сепак, повеќето земји, поточно 13 од нив, немаат одреден изборен праг. Изборниот праг е четири отсто во Италија, Австрија и Шведска, три отсто во Грција и 1,8 отсто во Кипар.

Возраста за гласање е иста како и полнолетството во повеќето земји-членки. Во Грција може да гласаат и седумнаесетгодишници, додека во Белгија, Германија, Малта и Австрија може да гласаат со наполнети 16 години.

Минималната возраст на кандидатите на изборите варира од 18 до 25 години. Во 15 држави минималната возраст на кандидатите е 18 години.

Три години постар од минималната возраст е правило во дури девет земји, додека во Романија кандидатот мора да има најмалку 23 години, а во Грција и Италија 25 години.

види ги сите денешни вести

Врховниот суд олучува за имунитетот на Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Во понеделник, 1 јули, американскиот Врховен суд ќе одлучи дали поранешниот американски претседател Доналд Трамп има имунитет од гонење за неговите постапки поврзани со немирите во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

Како што пишува АП, судот одлучува дали на Трамп, првиот поранешен претседател кој се соочи со кривична пријава, ќе му се суди во Вашингтон.

Немири во зградата на Капитол, седиштето на американскиот Конгрес, избувнаа откако околу 2.000 поддржувачи на Трамп се собраа во центарот на главниот град на САД на протест за време на кој поранешниот претседател ги повтори неоснованите тврдења дека претседателските избори во 2020 година биле обележани со нерегуларности и кражби.

Протестот кулминираше со насилно упад во зградата на Конгресот, напади врз полицијата и членовите на највисокото американско законодавно тело, кои беа принудени да се скријат и да побегнат.

Тоа беше и единствениот случај во американската историја да не беше извршена мирна транзиција на власта меѓу поразениот и победникот на претседателските избори. Судските постапки во врска со имунитетот на Трамп веќе предизвикаа критики. Сомнително е и дали воопшто било потребно да се покрене ова прашање, бидејќи федералниот апелационен суд го одбил.


Трамп тврди дека без имунитет, претседателите би биле спречени да ги извршуваат своите должности, секогаш во страв дека обвинителот ќе ги осуди откако ќе ја напуштат Белата куќа.

Одговорот на Врховниот суд може да има длабоки импликации и за Трамп и за идните претседатели.

Како што пишува Си-Ен-Ен, се чини дека случајот со имунитетот најверојатно ќе се сведе на тоа дали постапките на Трамп по изборите биле „официјални“, односно во согласност со неговите претседателски должности или биле „приватни“, поради што тој не би имаат право на имунитет.

Дури и ако судот пресуди против Трамп, тој најверојатно нема да биде суден пред претседателските избори во 2024 година.

Доколку биде избран за претседател, тој може да назначи нов јавен обвинител, кој би можел да го отфрли случајот.

Коњувца: Во Србија се подготвуваат за можен напад на Косово

Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца 
Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца 

Претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца изјави дека косовските институции имаат информации дека група од стотина луѓе во Србија се подготвува за можен напад на Косово.

„Нашите безбедносни институции се во највисока подготвеност да се соочат со било што - напад или провокација од Србија“, рече тој на прес-конференција во Приштина, по средбата со претседателката на словенечкиот парламент, Уршка Клакочар Жупанчич.

Тој не соопшти повеќе детали, но истакна дека косовските институции „се во целосна координација со меѓународните безбедносни институции кои работат на Косово“.

Претходно, косовскиот премиер Аљбин (Албин) Курти изјави дека Милан Радоичиќ „продолжува со обука во Србија за нови напади Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември минатата година“. година во Бањска на северот на Косово. Тогаш беше убиен еден косовски полицаец, додека во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи.

Косово ја обвини Србија дека стои зад нападот, што официјален Белград го негираше Нападот предизвика загриженост за регионалната безбедност и меѓународната заедница повика сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан викендов изјави дека Србија ветила дека Радоичиќ ќе се соочи со законот кога станува збор за нападот во Банска.

Премиерот Курти во меѓувреме изнесе неколку услови за продолжување на дијалогот со Србија, меѓу кои е и барањето Радочиќ да му биде предаден на Косово.

Се верува дека Радоичиќ моментално се наоѓа во Србија, а во декември минатата година Меѓународната полициска агенција (ИНТЕРПОЛ) издаде налог за негово апсење по барање на Косово.

Мицкоски: Не гледам зошто да не се додаде уште некој предлог кон Договорот со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина да не се додаде уште еден предлог кон Договорот за добрососедство со Бугарија.

Мицкоски појасни дека т.н. француски предлог од кој прозилегоа уставните измени е всушност репреговарање на Договорот за добрососедство. Неговиот коментар следува откако американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за Радио Слободна Европа рече дека преговори нема да има ниту за Преспа, ниту со Бугарија за влез во ЕУ.

„Што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој што е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не прифаќаме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“, изјави Мицкоски.

Тој повтори дека ако се бара промена во Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да се види што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница.

Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани, кои велат дека се дел од бугарската заедница, рече Мицкоски, но бараме од претедателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница таму.

Во неделното интервју за радио Слободна Европа, американската амбасадорка Агелер порача дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ, зошто тие договори се веќе направени“, додавајќи дека „нема одново преговарање за напредок кон ЕУ“.

Објавен тендер за нови компресори во хируршките сали

Министерот за здравство Арбен Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска (1 јули) изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите кои не работат во хируршките сали и најави брзо решавање на проблемот со салите.

„Се надевам дека до крајот на декември ќе се завршат и комплетно и ќе се вратат во функционална состојба хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Во меѓувреме ќе инсистираме ако може што поскоро да се случи тоа“, рече Таравари на средба со новинарите.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот истакна дека од она што можел да го види, состојбата со салите на Клиничкиот центар не била добра, а според кажувањата исто е и на Клиниката „8 септември“.

Тој најави дека по консултација со Министерството за финансии ако добие дозвола, и се изнајде начин плаќањето да се одвива во неколку години, ќе инсистира да почнат со реновирање.

Дел од хируршките сали беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород. Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Сите останати операции се одложени на неодредено време.

Таравари, меѓу другото, најави дека за најмногу две недели ќе има нова Позитивна листа, но и модернизирање на јавното здравство, мобилни екипи за граѓаните да пријавуваат директно проблеми во здравството, преговори со доктори за работа во периферијата и друго.

Пашинјан смета дека не е неопходен референдум за членство на Ерменија во ЕУ

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан смета дека не е неопходен референдум за пристапување на Ерменија во Европската Унија.

„Да се одржи референдум за да се дознае мислењето на народот (за влез на Ерменија во ЕУ)? Жал ми е, но како ерменски функционер, го знам мислењето на народот на Ерменија, рече Пашинјан на Ерменскиот демократски форум во Ереван, додавајќи дека земјата е подготвена да биде што е можно поблиску до ЕУ“, пренесуваат руските медиуми.

Според него, Ерменија на највисоко ниво веќе ја изразила својата политичка волја да биде што е можно поблиску до ЕУ.

„Доколку верував дека народот на Ерменија не го дели ова мислење немаше да давам такви изјави, а доколку народот на Ерменија беше против тоа тогаш во контекст на изјавата што ја дадов јас, повеќе немаше да бидам премиер“, рече Пашинјан.

Веќе некое време, Ерменија, која важеше за блиска до Русија, ги зајакнува врските со западните земји. Таа ги поздрави граничните набљудувачи на Европската Унија (ЕУ), бидејќи ЕУ го презеде водството во преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за решавање на нивниот конфликт.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ерменците се чувствуваат предадени од нивниот сојузник, бидејќи руските мировници не покажаа ниту волја, ниту способност да се спротивстават на постојаните напори на Азербејџан да заземе нови територии или да ги подобри постојните позиции.

Разузнавачките служби ќе функционираат како една агенција

илустрација
илустрација

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е планот на новата Влада за разузнавачките служби.

„Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во Парламентот“, изјави Мицкоски.

Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји - членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум.

Мицкоски најави дека тоа е дел од Програмата на Владата и оти тоа ќе биде направено во месеците коишто следат.

Пред неколку дена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги разреши досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и заменичката директорка во Агенцијата, Александра Бакреска-Додовска. На место на Муслиу е назначена Габриела Јаковлева, која, според соопштението од Кабинетот, доаѓа од редовите на Агенцијата.

Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН

илустрација
илустрација

Русија денеска (1 јули) го презеде едномесечното претседавање со Советот за безбедност на Обединетите Нации. Постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензја претходно изјави дека за овој месец се планирани три клучни настани.

Првата седница на Советот за безбедност под раководство на Русија ќе се одржи денеска во првата половина од денот по њујоршко време, а на неа ќе биде одобрена и работната програма за наредниот месец.

По неа Небензја ќе одржи прес-конференција и затворен брифинг за членовите на Генералното собрание на ОН.

Се очекува главните настани на руското претседателство да се одржат кон средината на месецот и ќе бидат посветени на градење поправеден, подемократски и поодржлив светски поредфок, регулирање на блискоисточното прашање, како и соработката на ОН со Организацијата на Договорот за колективна безбедност, Заедницата на независни држави и Шангајската организација за соработка.

Дополнително, како што претходно најави Небензја, ќе биде покрената и темата за украинскиот напад на Севастопол со тактички ракети „ATACMS“ опремени со касетни боеви глави. СБ на ОН овој месец ќе одржи дваесетина отворени седници и затворени консултации.

Почина писателот Исмаил Кадаре

Исмаил Кадаре
Исмаил Кадаре

Познатиот албански писател Исмаил Кадаре почина денеска (1 јули) во болница во Тирана од срцев удар на 88-годишна возраст.

Кадаре е роден во Ѓирокастро, на 28 јануари 1936 година. Бил академик, политичар, поранешен пратеник на Народното собрание (1970-82), потпретседател на Демократскиот фронт и еден од најголемите современи писатели.

Пишуваше главно проза, но неговиот придонес се прошири и на драматургијата, поезијата и преводите.

Започнал да пишува уште кога бил млад, прво поезија, со која станал познат, а потоа проза, станувајќи главен албански прозаист. Неговите дела се преведени на околу 45 различни јазици, со што е главен претставник на албанската литература ширум светот.

Тој е еден од најбрилијантните современи писатели, неколкупати номиниран за „Нобеловата“ награда за литература. Најпознато негово дело е "Генералот на мртвата војска".

Во есента 1990 година, Исмаил Кадаре решил да ја напушти Албанија и да остане во Париз. Писателот во тоа време ваквото заминување го оправдувал со „недостигот на демократски промени“.

Во 1996 година Кадаре стана постојан член на Академијата за морални и политички науки во Франција. Тој е добитник на многу меѓународни награди, вклучувајќи ја и меѓународната награда "Ман Букер"во 2005 година, наградата за уметност Принцот од Астуриас во 2009 година и наградата Ерусалим во 2015 година. Во последните години, тој со сопругата Елена живееа на релација Франција - Албанија.

Едно лице загина, а едно е повредено во пукање во скопско Батинци

илустрација
илустрација

Едно лице починало, а едно е поврдено и пренесено во Ургентниот центар во Скопје откако денеска во село Батинци во нив било пукано од автомобил, соопшти МВР.

Полицијата работи на пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот.

„На 01.07.2024 во 09:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Батинци, скопско, две лица со патничко возило „мерцедес“ пукале кон патничко возило „форд“ во кое биле А.Б.И.(34) и З.И.(31), двајцата од с. Црн врв. На местото на настанот починал А.Б.И., а З.И. се здобил со повреди и е пренесен за укажување лекарска помош во Ургентен центар-Скопје,“ се посочува во информацијата од МВР.

СВР Скопје во координација со Одделот за специјални полициски операции и Одделот за воздухопловни единици преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот.

Најмалку седум повредени во рускиот напад на Днепар

Последици од рускиот напад на Днепар
Последици од рускиот напад на Днепар

Најмалку седум цивили се повредени за време на ноќен напад на руски беспилотни летала во градот Днепар на истокот на земјата, објави локалната воена администрација на 1 јули.

Во инцидентот наводно биле оштетени продавница и станбени згради.

Неколку дена претходно, руски напад оштети висока зграда во Днепар, при што загина едно лице, а 12 беа повредени.

Три лица, меѓу кои и едно дете, наводно биле повредени во ракетен напад во регионот на Киев, во кој биле оштетени три приватни куќи и неколку возила, соопштија властите доцна на 30 јуни.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека 36 украински беспилотни летала биле пресретнати во шест руски региони во текот на ноќта.

Министерството објави дека одбранбените сили собориле 15 беспилотни летала над регионот Курск, девет над регионот Липецк, по четири во регионите Воронеж и Брјанск и по два во регионите Орел и Белгород.

Официјални лица во сите региони ги потврдија инцидентите и рекоа дека нема жртви и само мала материјална штета. Во регионот Липецк, металуршката фабрика Новолипецк пријавила мала штета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG