Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме зголемување на излезноста за 2, 69 проценти“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а мала во западните.
Од ДИК велат дека сите гласачки места биле отворени навреме, а во врска со гласачките места кои имаа технички проблеми, Даштевски посочи дека на три од нив (во Кочани, Охрид и Куманово), гласањето сè уште се одвива со УВ-ламба и спреј. На другите гласачки места проблемите биле решени и гласањето се одвива непречено.
Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен, уверуваат од Министерството за внатрешни работи.
Tехничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар изјави дека Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има и дека засега се се одвива во најдобар ред.
„Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.
Тој упати порака до граѓаните во текот на денешниот ден масовно да си го остварат своето право на глас и да не дозволат, како што рече, нивната волја да биде киднапирана од страна на било кој субјект и на било каков начин.
Инаку граѓаните на Северна Македонија денеска (8 мај) гласаат на двојни избори - во втор круг од трката за претседател на државата и на парламентарни избори за нов состав на Собранието кој ќе треба да ја избере идната влада во Скопје.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина бара втор петгодишен мандат, додека досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, се обидува да стане првата жена претседател. Двајцата се соочија и на изборите во 2019 година.
Во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, се 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.
Иако во пресрет на изборите немаше многу јавни анкети, очекувањата се дека во идниот собраниски состав ќе влезат пратеници од најмалку шест политички опции.
Денеска се гласа на над 3400 избирачки места. Право на глас на овие парламентарни избори имаат 1.815.350 граѓани, додека во вториот круг од претседателските избори, пак, во Избирачкиот список се запишани 1.814.317. Разликата од 1033 гласа генерално доаѓа од бројот на граѓани кои станале полнолетни помеѓу роковите за заклучување на избирачките списоци за двата изборни циклуси.
Шеф на државата со непосредно гласање се избира по седми пат, додека парламентарните избори се 11-ти по ред 1990 година.
Изборите ќе ги следат 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.
Пендаровски и Сиљановска-Давкова со различни позиции од пред пет години
За разлика од соочувањето на претседателските избори пред пет години, кога Пендаровски првиот круг го заврши со околу 4.000 гласа предност пред Сиљановска-Давкова и во вториот ја завери победата со речиси 60.000 гласа повеќе од својата ривалка, сега позициите се поинакви.
Кандидатката поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг влезе како фаворит откако во првиот одржан на 24 април, кога имаше вкупно седум кандидати, освои двојно повеќе гласови (околу 180.000) од кандидатот поддржан од социјалдемократите. Сиљановска-Давкова имаше 363.085, а Пендаровски 180.499 гласа.
За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список.
Кои се роковите?
По изборите, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.
Пред новите пратеници да влезат во собраниските клупи, според најавите од претходно, ќе се инаугурацијата на новата претседателка или староновиот претседател. Заклетвата тој или таа ќе ја даде пред стариот собраниски состав бидејќи новиот се уште нема да биде конституиран.
Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај кога тој ќе треба официјално да го започне и вториот мандат или да и ја предаде функцијата на Гордана Сиљановска-Давкова.
Откако ќе се конституира новото Собрание, Пендаровски или Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должен во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.
Мандатарот потоа има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.
По отцепувањето од Југославија и првата експертска влада во 1991 и 1992 предводена од Никола Кљусев, Република Северна Македонија (Република Македонија до стапувањето на сила на новото уставно име во 2019), имаше 10 премиери – некои од нив имаа повеќе мандати. Почнувајќи од Бранко Црвенковски (СДСМ), Љупчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Хари Костов (СДСМ) и Владо Бучковски (СДСМ), па до Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ) и Димитар Ковачевски (СДСМ). Тука влегуваат и тројцата премиери на чело на техничките влади што од 2016 се формираат 100 дена пред избори: Емил Димитриев (ВМРО-ДПМНЕ) и Оливер Спасовски (СДСМ), како и актуелниот Талат Џафери (ДУИ).
Во однос на претседателите, пак, државата од осамостојувањето ги имаше вкупно пет.
Првиот Киро Глигоров имаше два мандати. Првпат беше избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година, а потоа сите следни се бираа на општи и непосредни избори. Така, во 1994 Глигоров освои втор мандат, а по него на таа функција дојде Борис Трајковски – избран во 1999 година се до неговата трагична смрт во 2004 година. За трет претседател беше избран кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Потоа во 2009 година дојде Ѓорѓе Иванов кој остана два мандати како претседател, а во 2019-та, пак, за шеф на државата беше избран Стево Пендаровски.