Достапни линкови

Поплава на Клиниката за токсикологија, се чека решение за хаосот


Илустрација
Илустрација

Ниту е разрешен медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, како што најави министерот за здравство Илир Демири, ниту организациската директорка на која се пожали лекарскиот колегиум. Инспекторатите изрекоа мерки, вработувања не смее да има поради изборите. На лицата без договори им било кажано да не доаѓаат на работа

Ноќеска пукнало парно на третиот кат на Клиниката за токсикологија, велат за Радио Слободна Европа извори од клиниката, на која продолжува хаосот за кој алармираше лекарски колегиум на прес-конференција на 22 април.

Тогаш меѓу другото посочија дека со пациенти работат лица без важечки договор за ангажман и без соодветно образование затоа што организациската директорка Бесија Илјази форсира да се вработат 18 лица на позиции кои не се потребни на клиниката, а не дозволува вработување на двајца биолози и еден болничар.

Лекарите тогаш рекоа дека на клиниката ѝ е истечено осигурувањето и дека не е осигурана затоа што организациската директорка Илјази не сакала да потпише нов договор за осигурување. Рекоа и дека немаат никаква комуникација со неа затоа што не зборува македонски јазик.

Парното ноќеска пукнало во административни простории на третиот кат. Водата течела се до првиот кат. Нема штета на медицинската опрема и нема штета во простории во кои се згрижуваат пациенти, но мокри се таваните и ѕидовите и има штета што ќе мора да се санира, велат вработени на клиниката.

Прес-конференција на лекари од Клиника за токсикологија, Скопје, 22.4.2024 година
Прес-конференција на лекари од Клиника за токсикологија, Скопје, 22.4.2024 година

РСЕ досега не успеа да добие одговор од медицинскиот директор Данел Петровски колкава е штетата и дали клиниката е осигурана.

Поради информациите дека нема осигурување, но и поради другите случувања, следната недела ќе се свика состанок на Управниот одбор, најави д-р Ирена Јуруков, претседателка на Управниот одбор на клиниката.

На Токсикологија влегоа Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Инспекторатот за труд и издадоа решенија по кои менаџментот треба да постапи, но роковите за постапување уште течат.

„Иритира фактот што ние како персонал од никого не сме заштитени. Излеговме да ги кажеме работите за да функционира клиниката, ниокого ниту браневме ниту напаѓавме. Само сакаме да ги заштитиме пациентите. Очекуваме разрешница на ситуацијата, за доброто на пациентите, на вработените и на институцијата“, изјави Јуруков за РСЕ.

На 11 лица вчера им било кажано да не доаѓаат на клиниката

Спорен е ангажманот на 18 лица кои доаѓале на работа на Клиниката за токсикологија, претходно ангажирани со договор на дело, но договорите им истекле заклучно со 31 јануари 2023 година.

За 11 од нив, медицински персонал, ДСЗИ утврди дека бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги. Ист е случајот и со останатите седуммина.

„И медицинскиот договор и главната медицинска сестра вчера им кажаа да не доаѓаат на клиниката. Некои дојдоа, некои не. На нив им било ветено дека ќе бидат вработени по изборите и дека ретроактивно ќе им се исплати надомест за овој период. Не сме против нив, меѓу нив има прекрасни колеги, но има постапки кои треба да се почитуваат“, велат лекари од клиниката.

Станува збор за пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант. Лекари од клиниката посочуваат дека тие имале пристап до медицинските досиеја на пациентите,иако, бидејќи се без важечки договори, не требало воопшто да бидат присутни во работните простории.

Еден од овие вработени, сам потврди дека прашал дали може урина со наркотици да се замени со чиста урина. Лаборантот одбил, знаејќи дека тоа е кривично дело.

По надзорот,ДСЗИ донесе решение во кое се наведени четири точки: здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници и здравствени соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници со образование согласно закон, медицинскиот и организацискиот директор на клиниката да ги извршуваат непречено своите должности од самостојна и од заедничка надлежност согласно закон.

Клиниката треба да ги спроведе овие мерки во рок од пет дена по приемот на решението, што е следната недела. Потоа инспекторатот повторно ќе направи контрола.

За останатите седум лица, Инспекторатот за труд уште на 5 април утврдил дека исто така, по истекот на договорите, не требало да бидат ангажирани од страна на Клиниката. Станува збор за четворица администратори и тројца хигиеничари.

Инспекторатот за труд ѝ наложи на Клиниката да ги вработи или нив или други лица, но според Изборниот законик, вработувања сега не се дозволени и оваа мерка се одлага додека да завршат изборите.

Не се разрешени ниту медицинскиот ниту организациската директорка

По алармот за случувањата на клиниката, министерот за здравство, Илир Демири, најави дека ќе го разреши медицинскиот директор Данел Петровски затоа што во институцијата „има навреди и на национална основа“.

„Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите“, изјави Демири. (22 април)

За организациската директорка, Демири рече дека „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.

Досега, не е разрешен ниту Петровски, ниту Илјази.

Уште една слика за функционирањето на економските директори

Бесија Илјази за организациска директорка е назначена на 14 февруари, од страна на актуелниот министер Демири.

По назначувањето на Демири, нови организациски директори добија и клиниките за токсикологија, неврологија, ендокринологија, стоматологија и други, иако неговиот претходник Фатмир Меџити кажа дека во владата е договорено по Нова година(2024) да се укинат економските директори како непродуктивен трошок во здравствениот систем.

На клиниките има околу 30 организациски директори. Нивната задача е да ја менаџираат работата, но и парите во клиниките. Исто така и да контролираат и како работат медицинските директори, поради што има врзан потпис- не може едниот да спроведе нешто ако не потпише и другиот.

Во пракса, чести се несогласувањата меѓу првиот и вториот директор, особено ако се од различни партии.

Ако организациски директор зема по околу 1.500 евра месечна плата, само за плати годишно се трошат нешто повеќе од половина милион евра. Или, ако државата ги укинеше вторите директори во клиниките пред шест години, кога беше првата најава од тогаш на владејачката СДСМ, досега ќе заштедеше над 3 милиони евра.

Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори.

Пред да дојде на власт, СДСМ увиде дека тоа е проблем - па во програмата за вонредните парламентарни избори во 2016 година напиша дека ќе ги укине економските директори. И тоа со конкретен рок, до 1 декември 2017 година. Тоа не се случи. Арбен Таравари како министер во 2017 година, разреши неколку директори, но системот не го укина. Тоа не го направија ни неговите наследници Беким Сали, Венко Филипче и Фатмир Меџити.

XS
SM
MD
LG