Два месеца без плата, здравствено и пензиско осигурување. Неизвесноста на вработените во „Национални шуми“ влегува во нов трет месец, а конкретно решение се уште нема.
Тие досега штрајкуваа на работните места во подружниците, а од среда (17 април) исплатата на задоцнетите плати и придонеси ќе ги бараат преку порадикална форма, на протест пред Дирекцијата на „Национални шуми“, претпријатие основано од државата.
Покрај задоцнетите плати, работниците бараат и исплата на теренскиот додаток, кое им е загарантирано право согласно закон и колективниот договор.
Без оглед дали до утре (17 април) ќе ги добијат неисплатените две плати и додатоци, протестот сепак ќе се одржи, вели во разговор за РСЕ претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање при Сојузот на синдикати на Македонија, Иван Пешевски.
„Имаме штрајк веќе втора недела, луѓето одат на работа ама не извршуваат работни задачи. Ова е проблем кој тлееше, се пушти една плата, па повторно се доцнеше две плати и цело време вработените се во неизвесност. Ако немаат слух раководителите, генералниот директор и менаџментот на претпријатието ќе одиме со протести пред Влада“, вели Пешевски.
Во рамките на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање членуваат 28 од вкупно 30 подружници на ниво на Северна Македонија кои го поддржуваат протестот. Според Пешевски, необезбедувањето на плати е последица на погрешни политики на раководење на менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и неговиот директор Валентин Груевски.
„Работниците ги исполнуваа обврските кон подружниците, имаше продажба на дрва, но каде завршија парите треба да се праша во Дирекција. „Национални шуми“ години наназад се жали дека зимскиот период кога не работат луѓето е многу тежок, но тие се менаџери кои треба да обезбедат средства преку цела година. Вработените и во зимскиот период работеа. Голем дел од вработените и по 10 месеци се водат како сезонски работници, па два месеца не работат. Па повторно сега се погоди да имаме како партиски вработувања на 400 луѓе, а 1.800 луѓе да не земат плата. Ако немаше пари, не требаше да ги вработат тие луѓе“, вели Пешевски.
Национални шуми - причина е и глобалното затоплување
Од „Национални шуми“ за РСЕ велат дека доцнењето на платите се должи на намалената побарувачка на огревно дрво од граѓаните и прозиводството е намалено нба 100.000 метри кубни.
„Има повеќе причини за намаленото производство во ЈП”Национални шуми”, а меѓу останатите би ги навеле како поспецифични се субвенционирањето на електричната енергија, поради намалување на загадувањето во земјата од страна на Владата, што резултираше со преориентирање на граѓаните кои се греат со огревно дрво на електрична енергија, како и проблемите со глобалното затоплување. Сите сме сведоци дека зимите се кратки и со повисоки температури, со што граѓаните кои го користатат огревното дрво како енергенс за затоплување користат залихи од претходната година“, велат од претпријатието.
„Национални шуми“ во изминатиот период детално ги известиле и Владата и ресорното Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за проблемите со кои се соочуваат. Но, не даваат конкретен одговор до кога ќе трае голготата на вработените и ќе се реши проблемот.
„Поради започнатиот изборен процес, Владата е спречена да врши вонредни исплати и се бара начин од нивна страна како да помогнат, со оглед на новонастанатите околности, кои се тешко предвидливи и неочекувани“, одговорија од претпријатието за РСЕ.
До објавувањето на текстот, од Владата не одговорија дали за состојбата на „Национални шуми“ е разговарано на владина седница и кое би било решението за враќање во нормала на функционирање на претпријатието.
Вработувања, тендери и блокирана сметка
Освен што им должи на вработените, јавното претпријатие е должник и на државата. На 11 април, Управата за јавни приходи ја објави најновата листа на должници за доспеани долгови до крајот на 2023 година и ненаплатени до 1 април. На оваа листа со сума од 113,397,720 денари или 1,843,865 евра влегува и државното јавно претпријатие „Национални шуми“ кое има и блокирана сметка.
На почетокот на 2024 година, „Национални шуми“ беше во фокусот на јавноста поради огласот за 355 вработувања. Се бараа шумарски работници, најмногу дрвосечачи и тоа доминантно Албанци во Малешевијата каде оваа етничка заедница според пописот во 2021 година има бројност на жители што се бројат на една рака.
Покрај вработувањата, од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање реагираат и на набавката на „Национални шуми“ на теренски возила во услови кога се нема плата.
Проверката на Бирото за јавни набавки, покажува дека државното јавно претпријатие на 15 ноември 2023 склучило договор тежок 43.816.695 денари или 712,466 евра за набавка на 20 теренски возила Дачиа Дастер (Dacia Duster) произведени во 2023 година.
За претседателот на Синдикатот, Пешевски, подружниците и досега работеле со постари возила и механизација. Смета дека приоритет мора да биде обезбедување на пари за плата, а подоа за нови возила.
„Нека менаџментот и Владата си направат реорганизација и да се види со колав број вработени оптимално може претпријатието да функционира за да се обезбеди редовна плата за сите вработени“, изјави Пешевски.
На прозивките од Синдикатот, од „Национални шуми“ одговараат дека вработувањето на нови луѓе и купување на теренски возила се дел од потребите на производствениот процес. Односно дека вработувањата се согласно планот на претпријатието за тековната година, а јавните набавки се одобрени од Владата.
„Новите вработени започнаа со работа кон средината на месец февруари и воопшто не се дел од настанатиот проблем со исплата на платите. Во моментот вработени во јавното претпријатие се 1.679 лица, додека тој број до крајот на 2023 беше 1.784. Теренските возила кои се набавени во текот на 2023 година се за движење и контрола на вработените во шумите согласно нашите законски обврски за заштита на шумите од пожари и кражби, како и за одржување на производствениот процес“, велат од претпријатието.
Процесот за реформи на претпријатието веќе е започнат во 2020 година во рамки на проект на Канцеларијата на Европската унија во Северна Македонија. Проектот предвидува трансформација на „Национални шуми“ за да може да работи рентабилно.
Изготвен нов Закон за шумите на РСМ, кој е во собраниска процедура и поради изборниот процес во државава истиот во моментот е запрен до изборот на новиот собраниски состав.
„Национални шуми“ (порано „Македонски шуми“) низ годините наназад неретко го добиваше епитетот на партизирана институција преку партиските вработувања.
Пред повеќе од 10 години, во октомври 2013 година, беше спроведена и лотарија за вработување на 1.600 лица во „Македонски шуми“. Изборот се пренесуваше во живо на јавниот сервис МРТВ. Дел од нововработените останаа во претпријатието, а голем дел подоцна беа прераспределени со работа во јавната администрација.