Достапни линкови

Наместо милијарда евра од туризмот се собираат само трошки


Туристи во Скопје.
Туристи во Скопје.

Странските туристи се помалку денови поминуваат во земјава, иако бројот на посетители се зголемува. Тоа значи дека надлежните не ги искористуваат потенцијалите на туризмот, кои според туристичките работници може да донесат приход од милијарда евра годишно. Државата туризмот го промовира со буџет од 30.000 евра.

Лара од Шпанија е во тридневна посета на Северна Македонија заедно со група од десетина нејзини пријатели. Во центарот на Скопје таа ни раскажа дека прво биле во Охрид, а потоа и на тура во Кањонот Матка.

„Природата е прерасна и времето исто така. Единствено не ми се допаѓа тоа што гледам улични кучиња на улиците, бидејќи ми е жал за нив. Другите работи навистина се убави“, вели Лара.

На плоштадот Македонија во Скопје се разминуваат повеќе групи туристи од различни делови во светот - Австрија, Германија, Шпанија, Швајцарија, од и од азиските земји како Кина или Јапонија.

Дел од групите со туристички водичи беше и Зерван од Берлин, кој дошол со неговата сопруга на едномесечен престој во Скопје и вели дека е импресиониран од убавите планини околу градот, а му се допаѓа и архитектурата и бројните велосипедски патеки во Скопје.

„Мислам дека понекогаш квалитетот на воздухот не е добар, но не знам како можете тоа да го подобрите. Исто така мислам дека за странците треба да биде полесно да дојдат до картички за јавниот транспорт “, вели Зерван.

Што им се допаѓа, а што не, на туристите што го посетуваат Скопје?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Повеќе туристи, помалку ноќевања

Северна Македонија има огромен туристички потенцијал. Тој впечаток го делат туристичките работници со кои разговаравме, но тие посочуваат дека туристичките капацитети на земјата се далеку од искористени.

Иако официјалната статистика покажува дека бројот на туристи расте, тие велат дека има недостаток на сместувачки капацитети, авионски линии на македонските аеродроми кои се значително помалку споредено со соседните земји, но и автобуски линии. Железнички сообраќај скоро и не постои, а на атрактивните туристички локации нема доволно инфраструктира да примат повеќе туристи, а често се запуштени во однос на хигиена и одржување, каде нема ниту јавни тоалети.

Кањон Матка, туристи и посетители.
Кањон Матка, туристи и посетители.

Државата во моментов промовира различни видови на туризам, од селски до вински, но нови дестинации не се промовираат, како што вели туристичкиот водич Зоран Ставревски.

„Имам впечаток дека државата се фокусира на странски оператори кои носат организирани групи туристи од нивните држави, а дека свесно или не запоставува една голема група на индивидуални гости, кои посетата на државата сакаат да си ја организираат сами, во вид на краток престој или пропатување низ државата, притоа не користејќи организирани групни и однапред договорени аранжмани“, вели Ставревски.

Ставревски вели дека потенцијалот на соседните држави е поголем, бидјеќи бројот на авионските линии на македонските аеродроми се редуцира. Во моментов од Тирана со „WizzAir“ и „RyanAir“ може да се лета на 85 дестинации, од Софија на 74, а од Скопје на само 38, вели тој.

„Ние како да сме си задоволни што ги “собираме трошките”, бидејќи поради релативното кратко растојание, понекогаш гостите кои ги посетуваат нашите соседни држави се одлучуваат да не посетат и нас“, вели Ставревски.

Новите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на туристи расте. Во јануари 2024 година бројот е зголемен за над 10 проценти во однос на јануари 2023 година, додека бројот на ноќевања пораснал за 15.2 отсто. Бројот на домашните туристи е зголемен за три проценти, а бројот на странските туристи за 15.5 отсто.

Поглед на Охридското Езеро.
Поглед на Охридското Езеро.

Атрактивни локации без инфраструктура

Но, како да се зголеми бројот на туристи кога на голем број туристички локации нема инфраструктира.

Државата во досегашните стратегии наведува дека се потребни културни атракции во градовите Охрид, Струга и Скопје, како и промоција на археологијата и гастрономијата во државата, но реалната состојба е поинаква.

На пример во археолошкиот локалитет Стоби кој може да биде туристичка атракција, нема основна инфраструктура за развој на туризмот, како што ни кажа Спасе Перовски – директор на Националната установа Стоби.

„Има туристи, може да работиме на тоа, но немаме инфраструктура за да примиме поголем број. Треба да се донесе Генерален урбанистички план, детален урбанистички план, да се испланира просторот, да се направат хотели, музеи и се што треба како сите светски локалитети. Треба да се направи валоризација на културното наследство за сето тоа биде во ред. Ние малку доцниме во тоа“, вели Перовски.

Ова се случува и покрај тоа што на туризмот се гледа како приоритетна дејност во развојот на државата, според напишаното во официјалните стратегии.

Државата промовира туризам со 30.000 евра

Официјалните податоци на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) покажуваат дека престојот на странските туристи во земјава во просек изнесува 1,9 ноќевања, што е надолен тренд во однос на 2021 година кога во просек имале 2,3 ноќевања.

Тоа е многу малку, вели за Радио Слободна Европа директорката на Агенцијата, Јасмина Ласкаровска која додава дека за да се задржат туристите треба државата да понуди поголема лепеза на туристички производи.

„Во последниве години многу малку имаме сработено дома. Во следните години треба да се работи на развој на дестинации, на нови продукти и со тоа да се зголеми атрактивноста на нашата дестинација. Треба да има повеќе сместувачки капацитети, а особено преку промоцијата значајно е да се зголеми и конкуренцијата помеѓу побарувачката, а со тоа ќе се зголеми процентуално окупираност на хотелите“, вели Ласкаровска.

Кањон Матка, туристи и посетители.
Кањон Матка, туристи и посетители.

За повеќе туристи потребна е и поголема промоција, но Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во моментов има на располагање два милиони денари годишно (30.000 евра). Според Ласкаровска, буџетот за промоција од година во година се намалува за 25 проценти.

Агенцијата за промоција за туризмот скоро и да нема никаква соработка со општините во земјава, додава Ласкаровска.

Приходите од туризмот може да бидат преку милијарда евра

Во 2023 година државата имала приход од 598,54 милиони долари од туристички промет, што е зголемување од 25 проценти во однос на периодот од претходната година, според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Но, ако државата добро ја менаџира дестинацијата, има потенцијал да добива приход од над една милијарда годишно, вели Аркан Керим - претседател на Туристичко – угостителската комора (ТУК) во Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Луѓето кои работат во угостителството, заедно со сопствениците, масовно се селат на подобри дестинации. За ние да имаме доволно развој треба да имаме политичка волја. Прво идниот премиер да го познава туризмот. Треба да се направи Министерство за туризам, да му се дадат ингеренции и да се направат фер односи, за да се инвестира во туризмот“, вели Керим.

Во 2028 година Скопје ќе биде град домаќин на европската култура, кога може да очекува два до три милиони гости, што прашање е каде ќе ги сместиме, додава Керим.

„Дали сме ние инфраструктурно спремни со културните објекти за тој настан? Дали сме спремни со авио летови да ги примиме тие гости? Ние треба на тоа да работиме, отсега да ставиме аларм дека може да се направи многу убава приказна. Дека со два до три милиони гости се околу 700 до 800 милиони евра директен приход само за Скопје. А ние каде ќе ги сместиме тие гости, бидејќи и сега кубуриме со сместување, но нема инвеститори бидејќи има 3.500 станови кои се издаваат, а никаде не го пријавуваат приходот“, вели Керим.

Нема нова стратегија за туризам

Државата засега нема изработено ниту нова стратегија за развој на туризмот. Последната стратегија е за 2021 година. На нова стратегија се работи во Министерството за економија и се очекува да биде готова до крајот на годината.

Стратегија за развој на туризмот ќе биде периодот 2024 - 2029 година, како што ни одговорија од Министерството за економија.

За изработка на стратегијата формирана е работна група од претставници од Факултетите за туризам во Скопје, Охрид, Штип и Тетово. Учествуваат и претставници од Стопанските комори и здруженија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Главен фокус за развојот на туризмот во новата стратегија ќе биде руралниот туризам, еко и активен туризам, дигитализација во туризмот, спа и бањски туризам и културен туризам, велат од Министерството за економија.

Во моментов, најголемиот број туристи сепак доаѓаат од соседството - Турција, Србија, Албанија, Бугарија и Косово, според податоците на Државниот завод за статистика.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG