Претставникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека не успеал да го убеди косовскиот премиер Албин Курти да ја суспендира одлуката за забрана на српската валута во Косово додека Европската унија, САД и Владата на Косово не најдат долгорочно решение, како што е електронскиот трансфер на евра преку косовскиот систем.
„Премиерот рече дека тоа е одлука на независна институција“, рече Ескобар на 15 март во интервју за Радио Слободна Европа, на крајот од неговата посета на Косово, што ја започна на 13 март.
Ескобар, сепак, рече дека се уште се надева дека решение ќе се најде до вторник, кога во Брисел ќе се сретнат главните преговарачи на Косово и Србија.
Тој додаде дека не добил никаква гаранција од премиерот на Косово во однос на подобрувањето на нацрт-статутот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Призна, дека има, како што рече, „многу разочарување од оваа Влада на Самоопределување, не само во Вашингтон, туку и во Брисел, Рим, Берлин и Париз“.
„Ние секогаш ќе бидеме близок пријател на Косово, но тоа не значи дека нема да имаме разлики во мислењата со поединци и со поединечни влади и мислам дека сега тука се наоѓаме. Влегуваме во период во кој имаме недостаток на комуникација и ние, барем од американска страна, правиме сè што можеме за да ги поправиме тие односи“, рече Ескобар, кој е и американски претставник за Западен Балкан.
Одлуката за земјиштето околу манастирот Дечани тој ја оцени како позитивна, но рече дека има два услова кои Косово мора да ги исполни за членство во Советот на Европа.
Запрашан дали САД гледаат каква било поврзаност помеѓу нападот на Бањска и државата Србија, Ескобар рече: „Мислиме дека имаше некои финансиски и организациски врски, но го истражуваме тоа како целина“.
„Не бараме Србија да го истражи 24 септември (кога се случи нападот во Бањска), бараме одговорност“, рече Ескобар.
РСЕ: Господине Ескобар, ви благодарам што зборувавте за Радио Слободна Европа овде во Приштина на крајот од вашата посета на Косово. Пред да пристигнете на Косово, рековте дека фокусот на вашата посета ќе биде можно решение за, како што наведовте, „некоординирани одлуки“ за забрана на српскиот динар. Синоќа по средбата со премиерот на Косово звучевте оптимистички. Рековте дека сте имале отворен разговор, дека премиерот Курти рекол дека ќе разгледа некои од предлозите што ги презентиравте. Дали добивте одговор од премиерот Курти?
Ескобар: Да, но дозволете ми да ви кажам зошто е ова важно. САД се многу посветени на тоа Косово да остане мултиетничка граѓанска демократија. За да се случи тоа, сите етнички заедници мора да се чувствуваат безбедно и да живеат во безбедни и достоинствени услови. Она што сега се случува со одлуката на Централната банка е дека има голем број ваши граѓани кои чувствуваат голема болка.
Тоа се луѓе кои земаат скромни плати, станува збор за лица со посебни потреби, пензионери, студенти, најзагрозени лица. И оваа одлука ги погоди многу длабоко. Од владата изјавија дека имаат многу опции, но владата не им даде опции, владата рече дека тие се одговорни да го направат тоа, а на многумина им е тешко.
Некои од постарите немаат исправни документи, документите на некои помлади не се прифаќаат, некои банки наведуваат дека во просек е потребно околу еден час за да се отвори сметка, а не сите имаат отворени сметки. Самите банки, и покрај тоа што го кажува вашиот министер за финансии, наведуваат дека треба да отворат 30 до 40 илјади банкарски сметки и дека за отварање на една сметка е потребен еден час. За ова на персоналот на банката му се потребни 40 илјади работни часови. Ако земеме предвид дека просечниот вработен работи помеѓу 1.000 и 1.500 часа годишно, можете да замислите колку време ќе биде потребно за да се отворат тие сметки.
Така, овој потег, кој е некоординиран и кој доведе до прекин, создава големи тешкотии за поединечни граѓани на Косово. Тие што не примаат социјална помош од Србија не забележуваат колку тоа влијае на дел од народот. Тие што се платени во евра и оние што се платени на други начини не препознаваат дека меѓу нив има луѓе што страдаат.
Она што е добро е што премиерот (Курти) препозна дека има луѓе кои страдаат. Но, тоа не е доволно. Ни треба решение. Затоа побарав од премиерот да ја суспендира одлуката додека ние заедно со Европската унија, односно САД и Косово работиме на долгорочно решение кое ќе ги задоволи вашите потреби. Тоа подразбира електронски трансфери во евра преку косовскиот систем. Но, сега, мора да направиме нешто итно. За жал, не можев да го обврзам на тоа.
РСЕ: Тоа е последниот одговор на премиерот Курти?
Ескобар: Тоа е најновиот (одговор).
РСЕ: Од денес?
Ескобар: Да. Она што сè уште се надевам е дека кога главните преговарачи ќе се сретнат во Брисел во вторник (26-ти март) дека ќе најдат итно решение за да дозволат трансфер на готовина во евра на овие луѓе.
РСЕ: Кои се следните чекори или каков изговор добивте од премиерот Курти?
Ескобар: Премиерот рече дека тоа е одлука на независна институција во која не сака да се меша или дека е непријатност за луѓето која лесно може да се надмине или дека може да се замени со плаќања од косовската влада. Но, ништо од тоа нема да се случи брзо. Затоа бараме запирање на примената на таа одлука. Нормално, Централната банка и Министерството за финансии прават сè за да не се создаде нестабилност или непредвидливост во економијата. И ова доведе до тоа.
Сега има некои луѓе надвор кои веруваат дека тоа е направено за да се казнат Србите. Јас не верувам во тоа. Но, бидејќи оваа Влада на Самоопределување нема долга историја на владеење, верувам дека понекогаш има луѓе кои не размислуваат за последиците. Затоа во Брисел ја окарактеризирав како донекаде неспособна.
Кога зборуваме за несакани последици, а сите препознаа дека има несакани последици, тие можеа да се предвидат и можеа да се предвидат ако беа координирани. Квинта има големо искуство во конвертирање на валути од една валута во евро, но тоа траеше долго време. Имавме само пет недели.
РСЕ: Зошто премиерот Курти одлучи да продолжи со забраната за (динарот), знаејќи дека ова прашање можеше да се реши преку Заедницата на општини со српско мнозинство?
Ескобар: Тоа е прашање за него. Но, вистината е дека она што не сакаме да го направиме е да го поткопаме потенцијалот на Заедницата на општини со српско мнозинство, што е многу важно. Ова е многу важно за иднината на Косово.
РСЕ: Како се чувствувате како американски функционер кој беше одбиен од премиерот (на Косово)?
Ескобар: Не е прв пат, да Ви кажам. Има многу фрустрации со оваа Влада на Самоопределување, не само во Вашингтон, туку и во Брисел, Рим, Берлин и Париз. Како што се приближуваме до дваесет и петгодишнината од акцијата на НАТО, важно е луѓето да разберат дека силата на односите меѓу САД и Косово е меѓу народот. Ние секогаш ќе бидеме близок пријател на Косово, но тоа не значи дека нема да имаме разлики во мислењата со поединци и со поединечни влади, и мислам дека таму сме сега. Влегуваме во период во кој имаме недостаток на комуникација и ние, барем од американска страна, правиме се што можеме за да го поправиме тој однос.
РСЕ: Како денешната одлука ќе влијае на комуникацијата, партнерството и односот на САД со Косово?
Ескобар: Нашите односи речиси секогаш се засноваат не само на заеднички интереси, туку и на заеднички вредности, а една од тие вредности што ги споделуваме е посветеноста на човековите права. Фактот дека најпрокосовската влада во светот и најпроамериканската влада, а тоа се САД и Косово, ги имаат овие потешкотии, не е поради нашата политика кон Русија или Украина или Кина, туку поради начинот на кој се постапува со малцинствата. Тоа, исто така треба да им биде показател за будење до премиерот и неговата влада за тоа каде оди овој однос.
РСЕ: Дали поради ова ќе размислите за некои мерки против Косово?
Ескобар: Не. Но, факт е дека ние се обидуваме да му помогнеме да се грижи за сопствените граѓани. Мислам дека сме речиси во моментот кога многу напорно се трудиме да работиме со него. Прашањето не е дали ќе има мерки, но последиците секако дека постојат. Влегуваме во втората, можеби третата година, во која немаше средби на високо ниво меѓу косовските претставници и американската администрација. Исто така, треба да им биде показате на луѓето за тоа до каде е односот (САД и Косово).
РСЕ: Очекувате ли дека во вторник, на 26 март, Косово сепак ќе ја преиспита одлуката? Претходно најавија дека нема да разговараат за ова прашање во Брисел. Ни кажавте синоќа дека во вторник ќе има разговори во рамките на дијалогот на ниво на главните преговарачи. Дали според вашите сознанија динарот ќе биде една од темите на разговор?
Ескобар: Да, ќе биде.
РСЕ: Ќе биде?
Ескобар: Врз основа на моите вчерашни средби, секако се надевам дека ќе ја преиспитаат одлуката. Ова не е политичко прашање, ние сакаме да го решиме ова пред да стане хуманитарно прашање. Има пат напред. Се договоривме за електронски плаќања, се договоривме за еврото, договоривме долгорочно решение кое ви овозможува транспарентност и капацитет за борба против перење пари и други видови нелегални трансфери на пари. Но, тоа треба да се направи правилно и координирано, на начин што е во согласност со европските стандарди и договори постигнати во Брисел.
РСЕ: Дали оваа одлука или ако Косово не се повлече, може да влијае на американската безбедносна поддршка за Косово, како што е купувањето на Џавелин (противтенковски ракети Џавелин)?
Ескобар: Не верувам. Нашата поддршка за независноста на Косово, неговиот суверенитет, територијален интегритет и безбедност е цврста. Сега, ова е прашање на политика, а како ќе се справиме со тоа ќе биде во доменот на политиката. Но, тоа нема да влијае на нашата посветеност на Косово.