Достапни линкови

Вести

Средба на преговарачите на Србија и Косово на 19 март

(Илустративна фотографија) - Знамињата на Европската унија се веат на ветрот додека пешаците поминуваат покрај седиштето на ЕУ во Брисел, на 20 септември 2023 година.
(Илустративна фотографија) - Знамињата на Европската унија се веат на ветрот додека пешаците поминуваат покрај седиштето на ЕУ во Брисел, на 20 септември 2023 година.

Радио Слободна Европа од дипломатски извори дознава дека на 19 март ќе се одржи рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на Србија и Косово.

Според овие извори, на средбата се очекува да се разговара за редоследот на имплементација на договорот за патот кон нормализирање на односите, како и за други прашања, вклучително, можеби и употребата на валутите за плаќање или она што сега се нарекува „прашањето за динарот".

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во посета на Приштина, веќе навести дека ќе има средба. Тој по средбата со косовскиот премиер Албин Курти рече дека се надева дека за време на состанокот следниот вторник косовската влада ќе биде флексибилна за ова прашање, без да даде дополнителни детали.

По средбата со Курти, Ескобар изјави за новинарите дека регулативите на Централната банка на Косово за динарот „нанесоа проблеми на некои граѓани на оваа земја“, додавајќи дека САД се „многу загрижени“ поради тоа.

„Премиерот го прифати ова и вети дека ќе погледне некои од предлозите што му ги презентирав денеска“, рече Ескобар.

Прашањето за динарот ги затегна односите меѓу владата на Курти и американската администрација, бидејќи американските власти претходно изјавија дека косовската извршна власт не ги третира како партнери.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото како единствена валута за плаќање во Косово.

Државата Србија им доделува милиони евра на Србите во Косово со плаќање во динари - преку паралелен систем - на плати, пензии и дополнителна помош.

Одлуката за регулирање на Централната банка на Косово наиде на критики од САД и Европската Унија, кои тврдат дека е донесена без претходна консултација и без разгледување на негативните ефекти врз српското население на Косово.

Вашингтон побара Косово да го одложи спроведувањето на одлуката, додека ЕУ побара решение за ова прашање да се најде во рамките на дијалогот во Брисел меѓу Косово и Србија, со посредство на европскиот блок.

види ги сите денешни вести

Втор ден од конклавата за избор на нов папа

Кардиналите се молат пред почетокот на конклавата за избор на нов папа, Систинска капела, 7 мај 2025 годна
Кардиналите се молат пред почетокот на конклавата за избор на нов папа, Систинска капела, 7 мај 2025 годна

Најголемата конклава во историјата на Католичката црква треба да продолжи денеска, кога би можеле да се одржат четири круга гласање, бидејќи новиот папа не беше прогласен вчера, како што се очекуваше, по едно гласање.

Папата Франциск, роден во Аргентина, кој почина во април, беше избран на крајот од вториот ден, по пет круга гласање. Осум години претходно, беа потребни два дена Германецот Бенедикт XVI да се прогласи за папа.

Кардиналите вчера (7 мај) почнаа да избираат нов водач за 1,4 милијарди католици во светот. Вечерта, од специјално поставен оџак видлив од плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан се издигаше црн чад, сигнализирајќи дека новиот папа не е избран.

За избор на папа е потребно двотретинско мнозинство, или 89 гласови. Кога од оџакот се појавува бел чад, тоа е сигнал дека е избран нов црковен водач.

Рекордни 133 кардинали од 70 земји учествуваат во тајното гласање, во споредба со 115 од 48 земји на последната конклава одржана во 2013 година. Растот ги одразува напорите на покојниот папа Франциск да го прошири досегот на Црквата за време на неговиот 12-годишен понтификат.

Нема јасни фаворити за нов папа, иако италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле се сметаат за водечки кандидати. Паролин беше државен секретар, втора највисока позиција во Ватикан, за време на речиси целиот понтификат на папата Франциск.

Неговата улога и умерените ставови за многу општествени прашања укажуваат дека доколку биде избран за папа, тој ќе ги продолжи политиките на својот претходник. Во исто време, изворите тврдат дека тој можел да помири различни фракции во Црквата.

Фаворит за нов папа од Азија, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле е харизматичен умерен човек кој често се нарекува „азиски Франциск“. Шеесет и четиригодишниот Тагл, кој со Франциск споделува историја на застапување на сиромашните, мигрантите и другите маргинализирани групи, е познат по својот мисионерски дух и пастирски фокус.

Доколку стане јасно дека ниту еден кандидат не може да го освои потребното двотретинско мнозинство, се очекува гласовите да бидат пренасочени кон други кандидати, при што гласачите потенцијално ќе ги обединат своите гласови врз основа на географска припадност, доктринарни афинитети или заеднички јазик.

Други потенцијални кандидати за папа се Французинот Жан-Марк Авелин, Унгарецот Питер Ердо, Американецот Роберт Превост и Италијанецот Пјербатиста Пицабала.

Некои посакуваат новиот папа да ја продолжи визијата на Франциск за поголема отвореност и реформи, додека други копнеат по враќање кон традицијата. Многумина посочија дека сакаат попредвидлив, измерен понтификат.

Почна тридневниот прекин на огнот, засега мирно во украинските градови

илустрација
илустрација

Мирно е во украинските градови рано изутрината на 8 мај, откако стапи на сила тридневниот прекин на огнот прогласен од Русија. Засега нема извештаи за напади со дронови со долг дострел или лансирање ракети по последователните ноќи бомбардирање.

Украинските воздухопловни сили, сепак, соопштија дека руските авиони двапати лансирале насочувачки бомби врз регионот Суми во североисточна Украина во раните утрински часови на 8 мај.

Воздухопловните сили соопштија дека првите бомби биле лансирани речиси три часа откако прекинот на огнот стапил на сила. Втората рунда бомби била лансирана во рок од два часа, соопштија на Телеграм.

Нема информации за штети.

Украина не се обврза на прекин на огнот, велејќи дека Путин го објави само за да создаде впечаток дека сака да ја заврши војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање на 7 мај рече дека сирените за воздушен напад се вклучиле низ цела Украина во текот на денот по смртоносните ноќни напади.

„Преку ноќ, имаше уште еден руски напад со ракети и беспилотни летала - балистички напади и повеќе од 140 дронови во една ноќ. Беше гласно во Киев и во другите градови. Трагично, има ранети, има убиени“, рече Зеленски.

Тој исто така, додаде дека Украина стои зад својата понуда да почитува 30-дневен прекин на огнот во војната, која започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Путин го објави примирјето по повод годишната прослава на Денот на победата во Русија на 9 мај, кога се одбележува крајот на Втората светска војна во Европа.

Украина го отфрли потегот како симболичен и, заедно со Соединетите Држави, продолжува да повикува на минимално 30-дневно примирје.

Почнува изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција

Графичка илустрација
Графичка илустрација

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, операторот на системот за пренос на гас АД „Номагас Скопје“ и избраниот изведувач „Рапид Билд“ од Куманово денеска го потпишаа договорот за изградба на гасоводниот интерконектор со Грција.

Според очекувањатана министерката за енергетика, Сања Божиновска, интерконекторот треба да биде ставен во функција во 2027 година.

„Очекуваме изградбата да трае 22 месеци, а интерконекторот да биде ставен во функција во 2027. Со тоа, ние ќе имаме алтернативен влез на природен гас, повеќе избор и сигурност во снабдувањето“, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.

Сопственикот на „Рапид Билд“, Тони Каранфиловски, рече дека неговиот оператор има веќе големо искуство од изградбата на магистралните гасоводи низ земјата. Изведувачот веднаш ќе биде воведен на терен и, како што рече тој, ги има потребните ресурси за работа во сите фази.

Компанијата „Рапид Билд“ на вториот тендер понуди најниска цена од 59,9 милиони евра, што беше за 12 милиони евра пониска од второрангираната понуда на фирма од Србија.

Русија го нападна Киев со беспилотни летала, а украинските сили Москва

илустрација
илустрација

Русија и Украина извршија меѓусебни ноќни напади со беспилотни летала врз главните градови, во кои беа повредени луѓе во пожари предизвикани во Киев, додека во Москва не се пријавени повредени или штети.

„Паѓањето остатоци од уништени дронови предизвика пожари во станови и згради во три киевски области“, соопшти украинската воена администрација на социјалните медиуми.

Нападот со беспилотни летала се случи само неколку часа откако Русија испали ракети врз украинскиот главен град.

Пет лица се повредени во киевската област Дњепар, покрај реката Днепар, соопшти на Телеграм Тимур Ткаченко, началник на киевската воена администрација.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, процени дека шест лица се повредени во ноќниот напад врз Киев.

Нејзиниот партнер бил заробеник во Украина. Сега таа им помага на другите да се вратат дома
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руските единици за воздушна одбрана уништиле најмалку 14 украински дронови по 22 часот, по локално време на 6 мај. Не е пријавена штета.

Руските власти изјавија дека уништиле украински дронови при приближувањето кон Москва, каде што главните аеродроми беа затворени поголемиот дел од ноќта.

Нападот со украински беспилотни летала врз Москва беше трет во три ноќи и тоа во време кога руската престолнина се подготвува да го прослави Денот на победата по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој ќе биде домаќин на лидерите на неколку земји на парадата по повод Денот на победата, повика на прекин на огнот од 8 до 10 мај.

Кинескиот претседател Џинпинг во четиридневна посета на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот колега Си Џинпинг
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот колега Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (7 мај) ја почнува четиридневната посета на Москва како највисок државен гостин на комеморацијата на Денот по повод победата во Втората светска војна во Русија.

Според Кремљ, средбите со рускиот претседател Владимир Путин ќе бидат фокусирани на изградбата на долго планираниот втор гасовод за извоз на гас во Кина.

Меѓународните прашања ќе ги вклучуваат војната во Украина и тековните преговори меѓу Русија и САД.

„Путин и Си треба да се сретнат утре (8 мај),“ наведе советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.

Како Русија регрутира платеници од Кина да се борат во Украина?
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Си во петок ќе биде гостин на планираната огромна воена парада во Москва.

Русија го слави Денот по повод победата, по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Се очекува руските и кинеските претставници да потпишат неколку договори на владино ниво за време на нивната посета. Според официјалните податоци, обемот на билатерална трговија меѓу Русија и Кина минатата година се зголемил на 245 милијарди долари.

Јахоски излегува од притвор, Апелација ја уважи неговата жалба

Апелационен суд Скопје
Апелационен суд Скопје

Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, кој е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра.

Истовремено на обвинетиот му се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во судот.

По жалбата на Јахоски, Апелациониот суд Скопје, како што информира, постапувал на нејавна седница одржана на 6 април годинава.

„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540 евра, во денарска противвредност од 60.672.235 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија. Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост: обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението од Апелација.

Оттаму информираат дека при одлучувањето, Судот го имал предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.

„Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан“, се вели во соопштението од Апелација.

Обвинителството на 22 април годинава го услови предлогот на Јахоски, за замена на мерката притвор за Јахиски со банкарска гаранција од 1,16 милиони евра и мерки за претпазливост, додека Кривичниот Совет нс одделението за гонење на организиран криминал и корупција при Основниот Кривичен суд Скопје го одби како неоснован.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.

Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.

Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.

Путин: Русија сака „фер“ нуклеарен договор меѓу САД и Иран

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот ирански колега Масуд Пезешкијан дека Москва сака „фер“ нуклеарен договор меѓу САД и Иран и дека е подготвена да помогне во унапредувањето на разговорите, соопшти Кремљ.

„Руската страна ја потврди својата подготвеност да придонесе за унапредување на овој дијалог со цел постигнување фер договор врз основа на принципите на меѓународното право“, соопшти Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.

Последната рунда разговори меѓу Техеран и Вашингтон, првично закажана за 3 мај, беше одложена, а медијаторот Оман наведе „логистички причини“ за одложувањето.

Двете земји одржаа три рунди од 12 април, на највисоко ниво откако САД се повлекоа од значајниот договор со Иран во 2018 година, за време на првиот мандат на Доналд Трамп како претседател.

Русија ги продлабочи своите воени и дипломатски врски со Иран откако ја започна својата офанзива врз Украина во февруари 2022 година.

Двете земји, обете под масовни западни санкции, потпишаа стратешко партнерство претходно оваа година.

Неодамна, Москва испрати два авиона за да помогне во гаснењето на пожарот по смртоносната експлозија во најголемото трговско пристаниште во Иран.

Русија претходно ја потврди својата подготвеност да помогне во наоѓањето дипломатско решение за застојот меѓу Вашингтон и Техеран и да игра каква било улога во разговорите.

Стручен тим ќе ја одблокира доизградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование

Изградбата на нови згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје почна пред една деценија
Изградбата на нови згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје почна пред една деценија

Зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе продолжат да се градат откако ќе биде направена стручна анализа од работна група која, на иницијатива на МОН, ќе ја координира Градежниот факултет на УКИМ.

Нивната изградба, во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, почна во 2015, беше запрена во 2019, а повеќе од шест години нема никаква теренска активност.

Во меморандумот што денеска (6 мај) го потпишаа првите луѓе на МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР), се предвидува формирање на тим кој ќе прави анализа за состојбата во која стојат започнатите објекти и која ќе го дефинира начинот како да се одблокира и да продолжи изградбата, како и сите наредни фази до конечна реализација на проектот.

Исто така се предвидува и изработка на финални ревидирани проекти по кои ќе продолжи изградбата, затоа што постојните се стари над една деценија. Потоа треба да почнат постапките за јавна набавка и да се избере најповолен изведувач.

Се очекува на крајот на оваа или почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта. Од расположивите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.

Во тимот што ќе ја прави стручната анализа ќе бидат претставници-експерти од соодветни факултети и институции, од засегнатите факултети, како и од ИЗИИС, а сите ќе ги координира Градежниот факултет.

„Со овој меморандум формираме работна група во која секој од нас, односно институциите кои ги застапуваме, се обврзуваат да спроведат индивидуални и заеднички активности кои ќе придонесат кон обезбедување чиста состојба за продолжување на изградбата на овие два објекта. Заедно ќе извршиме увид во физичката состојба на објектите, ќе направиме преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би продолжила изградбата во согласност со потребите на крајните корисници“, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Додаде дека веројатно ќе треба и дополнување на првичниот архитектонскиот проект бидејќи, рече, „веќе е донесена одлука фасадата дефинитивно да биде променета“.

Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 40 проценти од работите во договорот се реализирани и исплатени.

Градењето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пак, требало да чини 432 милиони денари, а реализација на проектот е 16,2 проценти или исплатени 73 милиони денари.

ОН предупредува на „вознемирувачко“ забавување на развојот

илустрација
илустрација

Човештвото доживеа неочекувано и „вознемирувачко“ забавување на развојот во 2024 година, бидејќи глобалното постпандемиско закрепнување почна да губи интензитет, долго пред претседателот Доналд Трамп драматично да ја намали меѓународната помош на САД, предупреди ООН во годишниот извештај објавен на 6 мај.

Според Индексот за човечки развој на ООН, кој ги мери животниот стандард, здравството и образованието, светот се опорави од шокот од пандемијата со ковид-19 до 2023 година.

„Доколку тоа вознемирувачко забавување стане новата нормалност, постигнувањето на нивоата на човечки развој за кои некогаш се надевавме, до 2030 година би можело да биде вратено со децении назад - правејќи го нашиот свет помалку безбеден, поподелен и поранлив на економски и еколошки шокови“, предупредува шефот на УНДП, Ахим Штајнер.

Во интервју за АФП, Штајнер предупредува дека неодамнешните драстични намалувања на меѓународната помош објавени од неколку земји - пред сè од САД, каде што Трамп ги намали програмите и ја распушти агенцијата УСАИД, ќе го влошат проблемот.

„Ако богатите земји престанат да го финансираат развојот, тоа на крајот ќе влијае на економиите, општествата и да, мислам дека можеби за една или две години ќе видиме индекс на човечки развој, со понизок животен век, пониски приходи и повеќе конфликти“, рече Штајнер.

Експертите на УНДП сè уште не се сигурни за главните причини за забавувањето забележано во 2024 година. Но, тие идентификувале дека една од причините кои предизвикале забавување на напредокот во очекуваниот животен век, можеби е поврзана со несаканите ефекти од Ковид или со војните што се развиваат низ целиот свет.

Според УНДП вештачката интелигенција би можела да создаде услови за потпомагање на развојот.

„Вештачката интелигенција „можеби е најголемата потенцијална пресвртница во насочувањето на развојот на поединечните економии, но можеби и на сиромашните луѓе, богатите луѓе, на поинаков пат. Таа ќе го промени речиси секој аспект од нашите животи“, рече Штајнер.

Сепак, во извештајот се нагласува дека сè ќе зависи од тоа како луѓето ја користат технологијата.

„Постојат ризици. Пристапот до вештачка интелигенција во посиромашните земји не е ист како во побогатите, а културните предрасуди би можеле да влијаат на начинот на кој се развиваат алатките“, се наведува во извештајот.

Сепак, Штајнер рече дека може да се преземат мерки за намалување на ризикот, додавајќи дека ова не треба да биде пречка за употребата на вештачка интелигенција за медицински истражувања.

„Иднината е во наши раце. Технологијата е за луѓе, а не само за работи. Под сјајот на пронајдоците лежат важни избори, направени од неколку или многумина, чии последици ќе одекнуваат со генерации“, се заклучува во извештајот.

Последни подготовки на кардиналите пред конклавата за избор на нов папа

илустрација
илустрација

Кардиналите се вселуваат во своите простории во Ватикан пред конклавата за избор на нов папа по смртта на папата Франциск.

Повеќе од две недели по смртта на Франциск, 133 кардинали ќе се соберат утре (7 мај) во Систинската капела на конклава што може да трае со часови, денови или дури и месеци.

Кардиналите традиционално престојуваат во пансионот Санта Марта во Ватикан, кој има приватни бањи и услуга во соба во хотелски стил, но нема доволно соби за сите.

Со кардинали од 70 земји на пет континенти, оваа конклава е најголемата досега организирана. Затоа, некои кардинали ќе бидат сместени во Санта Марта Векија, блиска зграда што обично се користи за сместување на ватиканските службеници.

Тие ќе можат да влезат во просториите, кои ќе бидат распределени со жрепка, од денес до утре наутро пред мисата во пресрет на конклавата.

Кардиналите се заколнале на тајност, под закана од екскомуникација доколку откријат што се случува на конклавата.

Ним им е забрането да комуницираат со надворешниот свет сè додека не се избере нов папа.

Ватикан вчера објави дека за време на конклавата ќе го прекине телефонскиот сообраќај во зградите, но не и на плоштадот „Свети Петар“.

Кардиналите, кои ќе мора да ги остават своите мобилни телефони на почетокот на конклавата, ќе го информираат светот за својата работа со палење на гласачки ливчиња што ќе испуштаат чад, црн ако нема одлука и бел ако е избран нов папа.

Лекарите, возачите, готвачите и чистачите исто така се заколнаа на тајност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG