Вести
Прекин на Телеграм во Русија, но се вратија Инстаграм и Фејсбук

Привремен прекин на Телеграм, најпопуларната апликација за пораки што се користи во Русија, е регистриран на 27 февруари. Прекинот е од необјаснети причини.
Додека имало прекин на Телеграм, пак некои од претходно блокирани апликации за социјални медиуми, како Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија.
Центарот за мониторинг на руската јавна комуникациска мрежа соопшти дека нивните специјалисти забележале „масовен пропуст“ на Телеграм, иако не е веднаш јасно зошто.
Руското Министерство за дигитална технологија соопшти дека веднаш започнала работа за обновување на Телеграм и голем број други услуги во Русија, додавајќи дека имало пропусти на апликацијата и надвор од Русија.
„Работиме на утврдување на причината за инцидентот. Што се однесува до руските телекомуникациски оператори, нивните мрежи работат нормално“, се вели во соопштението.
Дописниците на Ројтерс во Москва забележале прекини од околу 90 минути на апликациите Телеграм, Јутуб и Вконтакте.
Набргу по прекинот, неколку претходно блокирани апликации за социјални медиуми, вклучувајќи ги Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија, велат новинарите на Ројтерс во Москва.
Регулаторот за комуникации Роскомнадзор по руската инвазија на Украина во февруари 2022, го спречи пристапот до тогашен Твитер и ги забрани Фејсбук и Инстаграм на компанијата Мета.
види ги сите денешни вести
Украина и европската одбрана главни теми на мартовскиот Самит на ЕУ

Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во поканата упатена до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел.
„Нашата континуирана поддршка за Украина, потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена“, посочува Кошта во поканата.
Во однос на конкурентноста, тој како приоритетни области за нејзино зајакнување ги наведува решителното напредување во поедноставување на процедурите, обезбедувањето енергетска сигурност и создавањето на Унија за штедење и инвестиции.
Покрај овие теми, предвидено е лидерите да расправаат и за подготовката на новата Повеќегодишна финансиска рамка ЕУ за периодот по 2027 година, за миграцијата, пред се за предлозите за поедноставување на постапките за депортација на мигрантите, како и за најновите случувања на Блискиот Исток.
Кошта во поканата најавува дека лидерите в четврток ќе имаат и работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со кога ќе разговараат за мултилатерализмот и други глобални прашања, особено за подготовките на Третата конференција на ОН за океаните и Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот.
Финскиот суд осуди Русин за воени злосторства во Украина

Судот во Финска осуди Русин за воени злосторства извршени во источна Украина во 2014 и 2015 година. Рускиот ултранационалист Јан Петровски, познат и како Воислав Торден, е осуден на доживотен затвор.
Финските обвинители го обвинија Торден, поранешниот командант на диверзантската група Русич, за воени злосторства извршени во Украина во 2014 година. Тој е поврзан со смртта на 22 украински војници и со ранувањето на уште четворица.
Групата Русич се бореше против украинските сили во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.
Роден Јан Петровски во 1987 година во Санкт Петербург, Торден се преселил во Осло во 2004 година со неговата мајка. Потоа редовно ја посетувал Русија, каде се сретнал со поранешниот падобранец и националист Александар Милчаков.
Во 2014 година, тие отпатуваа во украинскиот регион Донбас за да ги поддржат сепаратистите поддржани од Русија во нивната борба против украинските сили.
Торден беше депортиран од Норвешка во Русија во 2016 година, каде што наместо Јан Петровски го зеде името Воислав Торден.
Тој влегол во Финска во 2023 година како член на семејството на неговата сопруга, која добила дозвола за студирање. Торден беше приведен на аеродромот во Хелсинки на 20 јули 2023 година, кога се обидел да се качи на лет за Франција.
По неговото апсење, украинските власти побараа негова екстрадиција, но Врховниот суд на Финска го одби барањето, наведувајќи ја загриженоста за условите во украинските затвори и можноста Торден да се соочи со понижување во притвор.
Поради дојава за бомби, прекинат меѓуградскиот железнички сообраќај во Србија

Јавното претпријатие „Србијавоз“ на 14 март објави дека ја прекинало работата на сите меѓуградски возови во Србија со цел „да ги заштити животите на патниците и екипажот на возовите“.
Како што наведуваат во соопштението објавено на нивната веб-страница во раните утрински часови во петок (14 март), компанијата добила повик со анонимна дојава дека во меѓуградските возови се поставени експлозивни направи.
„Принудени сме привремено да го прекинеме сообраќајот на сите меѓуградски возови со цел да ги заштитиме животите на патниците и екипажот на возовите“, се вели на веб-страницата на Србијавоз.
„Србијавоз“ во своето соопштение наведува дека интензивно соработува со Министерството за внатрешни работи „за разрешување на ситуацијата“.
Вонредни избори во Португалија на 18 мај

Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса синоќа го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори за 18 мај, по падот на умерената десничарска влада на премиерот Луис Монтенегро.
Својата одлука Де Соуса ја оправда со желбата да се обезбеди стабилност на земјата, прецизирајќи дека 18 мај „е датумот назначен од мнозинството партии“.
Португалската влада на умерено десничарскиот премиер Моненегро, вмешана во контроверзии за потенцијален конфликт на интереси, падна на 11 март откако членовите на парламентот и изгласаа недоверба.
Главната опозициска Социјалистичка партија, екстремната десничарска Чега и екстремната левица гласаа против владата.
Левичарската Социјалистичка партија освои мнозинство на парламентарните избори во јануари 2022 година. Но, поради скандал, партијата го загуби мнозинството на предвремените избори во март 2024 година.
Лидерот на Социјалистичката партија Антонио Кошта поднесе оставка по истрагата за неговата улога во доделувањето владини договори. Тој ги негираше обвиненијата и беше назначен за шеф на Европскиот совет минатата година.
Анкетата на јавното мислење објавена во вторникот од весникот Diario de Noticias покажа дека социјалистите имаат мала предност со поддршка од околу 30 отсто. Централно-десничарската Демократска алијанса предводена од Црна Гора и неговата партија има 25,8 отсто, а по неа е крајнодесничарската партија Чега со околу 17 отсто.
Усвоен нацрт-устав на Република Српска кој предвидува формирање армија и дефинирање на ентитетот како држава

Пратениците на Народното собрание на Република Српска (РСС) синоќа го усвоија Нацртот на новиот Устав на РС, според кој овој ентитет на БиХ ќе се прогласи за држава, ќе има право на самоопределување, а Советот на народите на РС и потпретседателите на РС се укинуваат.
Според усвоениот нацрт, се укинува државјанството на Босна и Херцеговина и се споменува само ентитетско државјанство, а се занемарува можноста за влегување во воен сојуз со други држави, како и правото на конфедерација со друга држава.
Предвидено е повторно формирање на Армијата на РС, како и формирање на Високиот судски и обвинителски совет на РС, што би назначувал судии и обвинители во овој ентитет.
За усвојување на нацртот на новиот Устав на РС гласаа 50 пратеници од владејачката коалиција, од вкупно 58 присутни пратеници во собраниската сала при гласањето.
Повеќето пратеници на опозицијата не беа во собраниската сала за време на гласањето, а претходно од седницата беа отстранети сите пратеници на Српската демократска партија (СДС).
За усвојување на Нацртот на новиот Устав на РС беше потребно обично мнозинство, но за конечно усвојување на новиот Устав потребно е двотретинско мнозинство кое владејачката коалиција во РС го нема, како што призна и самиот претседател на РС, Милорад Додик.
Владејачкото мнозинство во Народното собрание на РС синоќа го усвои и Законот за заштита на уставниот поредок на РС, кој по итна постапка го предложи претседателот на РС Милорад Додик.
Со овој закон се предвидува формирање на Специјалното обвинителство на РС, кое ќе има овластување да го уапси секого кого власта ќе го означи како закана за уставниот поредок на РС.
Предвидено е специјалниот обвинител да го именува Народното собрание на РС.
Опозицијата упати низа критики на овој закон, нагласувајќи дека Додик го институционализира прогонот на политичките противници во РС.
Овој закон влегува во сила следниот ден по објавувањето во Службен весник на РС.
Гренланд гласаше за промени, победи десниот центар

Парламентарните избори на Гренланд на 11 март донесоа изненадувачки победник и две јасни пораки: отфрлање на желбата на американскиот претседател Доналд Трамп за оваа артичка територија и сигнал дека независноста од Данска може да дојде – но со побавно темпо.
Опозициските Демократи, централно-десничарска либерална партија, завршија на првото место со речиси 30 отсто од гласовите, пред партијата која цврсто се залага за независност, која освои 24 отсто.
Изненадувачки, партиите од владејачката коалиција – Народниот сојуз на премиерот Муте Егеде и партијата Напред – двете поддржувачи на независноста, но со побавно темпо од она што го бара партијата Ориентациона точка, завршија на разочарувачкото трето и четврто место, без шанси да продолжат да владеат како констелација.
Најверојатно нов премиер ќе биде лидерот на Демократската партија Јенс-Фредерик Нилсен, кој беше еден од најгласните критичари на желбата на претседателот Трамп да го направи Гренланд американски најголем остров на светот.
Откако влезе во Белата куќа, американскиот претседател изрази интерес да ја преземе контролата врз оваа стратешки лоцирана и богата со ресурси територија, што предизвика вознемиреност, особено во Данска, сојузник на САД во НАТО.
Демократите претходно беа скептични за прекинување на врските со Копенхаген, кој сè уште ја контролира надворешната и монетарната политика на Гренланд.
Меѓутоа, во последниве години тие го променија својот став, сметајќи ја независноста за долгорочна цел, под услов островот да стане економски посамостоен. Во моментов, речиси половина од населението работи во јавниот сектор, кој во голема мера е финансиран од грантови од Данска.
Нилсен се надева дека ќе ги смени политичките одлуки кои го ограничија истражувањето за нафта и гас и го забранија ископувањето ураниум на Гренланд.
Сепак, тоа ги отежнува и коалициските преговори.
Најверојатниот партнер во владата, партијата Сојуз на народите, силно се залага за заштита на животната средина и цврсто се спротивставува на ваквите потези, поради што ваквите политики станаа заштитен знак на оваа партија во последните години.
Сепак, со тесно мнозинство во 31-члениот парламент, се очекува двете партии да се согласат да го држат Вашингтон на дистанца, а да одржуваат поблиски врски со Данска – барем засега.
Ерменија и Азербејџан го финализираа мировниот договор, но пречките остануваат

Ерменија и Азербејџан, кои од доцните 1980-ти водеа низа војни, го финализираа текстот на долгоочекуваниот мировен договор чија цел е воспоставување формални односи. Тоа е значаен чекор кон ставање крај на децениските непријателства.
Ерменското Министерство за надворешни работи (МНР) на 13 март потврди дека Ереван ги прифатил предлозите на Азербејџан за двата преостанати члена од договорот кои беа неусогласени. Со тоа практично се завршуваат преговорите за текстот на документот.
Официјален Ереван предложи консултации со Азербејџан за датумот и местото на потпишување.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан веднаш по објавата на МНР изјави дека нацрт-мировниот договор е компромис и оти неговата земја е подготвена да започне консултации за времето на потпишување на договорот.
„Немаме никакви тајни од нашето општество во тој текст, кој всушност беше објавен одделно, член по член. Мислам дека не може да се каже дека јавноста не е запознаена со содржината“, рече Пашинјан, нагласувајќи дека Ерменија и Азербејџан нема да распоредуваат странски сили долж границата по потпишувањето на договорот.
Азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов, исто така, на 13 март, изјави дека „преговарачкиот процес за текстот на мировниот договор е официјално завршен“, додавајќи дека „последните две отворени клаузули се решени, а Ерменија ги прифатила предлозите на Азербејџан“.
И покрај напредокот, Азербејџан тврди дека договорот не може да се потпише додека Ерменија не ги ревидира Уставот и правната рамка за да ги отстрани сите референци за територијални претензии кон регионите во Азербејџан, главно кон Нагорно-Карабах.
„Ова е неопходен предуслов за потпишување мировен договор“, рече Бајрамов.
Ваквиот развој на настаните дојде по повеќегодишни преговори за постојан мировен договор.
Нагорно-Карабах, дом на значително ерменско население, е под контрола на етничките ерменски власти од раните 1990-ти односно по разорната војна меѓу двата соседа која следуваше по распадот на Советскиот Сојуз.
По кратката, но интензивна азербејџанска воена офанзива во септември 2023 година, сепаратистичкото раководство се предаде и регионот, сега официјално наречен Карабах, беше реинтегриран во Азербејџан.
Војната доведе до масовен егзодус на повеќе од 100.000 Ерменци од регионот, што практично стави крај на една деценија сепаратистичко владеење.
По последната војна во регионот, Ерменија и Азербејџан ги продолжија преговорите за мировен договор за формално меѓусебно признавање на територијалниот интегритет и за воспоставување дипломатски односи.
Една од клучните пречки во преговорите беше правната позиција на Ерменија во однос на статусот на Нагорно-Карабах како азербејџанска територија.
Баку долго време тврди дека Уставот на Ерменија вклучува имплицитни територијални претензии кон Нагорно-Карабах и азербејџанските власти инсистираат на тоа дека ова мора да се измени пред да се потпише договорот.
Вајц реагира за „притисок од владината коалиција кон членовите на Судскиот совет“

Во писмена изјава до медиумите, известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија Томас Вајц денеска (13 март) реагираше за „притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност“.
„Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ“, наведува Вајц во пишаната изјава, пренесе МИА.
Реакцијата на австрискиот европратеник, кој од октомври 2024 е известувач на ЕП за Северна Македонија, слетува откако на 11 март Собранието им изгласа недоверба односно интерпелација на петмината членови на Судскиот совет кои се избираат во парламентот – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.
Зад иницијативата за интерпелациите, која беше поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ (ВЛЕН).
Интерпелациите не се правно обврзувачки односно останува на самите членови да одлучат дали ќе се повлечат, на што повикуваа претставници од власта. Меѓу нив, и премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека очекува петмината членови, од кои на тројца секако годинава им истекуваат мандатите, да ги напуштат функциите затоа што немаат кредибилитет.
Претходно денеска (13 март) на оваа тема зборуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер порачувајќи дека внимателно ги следат случувањата и изјавите.
„Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат“, изјави Агелер.
Уште откако беа најавени интерпелациите, а власта ја наметнуваше идејата и за целосно распуштање и на Судскиот и на Советот на јавни обвинители, од Судскиот совет порачаа дека единственото место каде може да се разреши член на ова тело е во самиот Совет.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие два члена треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Останатите двајца членови се дел од Советот само по функција – може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, а тоа се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.
Путин: Согласни сме со предлогот за прекин на огнот, но со „одредени нијанси“

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Русија се согласува со предлогот на САД за прекин на огнот со Украина, но дека „постојат нијанси“ и секој договор треба да води кон долгорочен мир.
Претходно оваа недела на состанок во Саудиска Арабија, делегациите од Киев и Вашингтон се согласија на 30-дневен прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
За време на состанокот во Белата куќа на 12 март со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп изрази уверување дека ќе се обезбеди прекин на огнот за Украина, а неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, пристигна во Москва претходно денеска (13 март) за да разговара со Кремљ за ова прашање.
„Се согласуваме со предлогот за прекин на борбите. Но, ние тргнуваме од фактот дека овој прекин треба да доведе до долгорочен мир и да ги елиминира основните причини за оваа криза“, рече Путин во своите први јавни коментари за тоа како го оценува американскиот предлог за примирје.
„Ние сме за [прекин на огнот], но постојат нијанси“, додаде Путин за време на прес-конференцијата во Москва со белорускиот лидер Александар Лукашенко.
Ставањето крај на повеќе од тригодишната целосна инвазија на Русија врз Украина, американскиот претседател Трамп го постави како главен приоритет откако ја презеде функцијата пред помалку од два месеци. Набргу по започнувањето на неговиот втор мандат, тој ги испрати своите највисоки функционери во Москва и Киев за да ја подготват основата за мировни преговори.
Путин рече дека во предлогот има неодговорени прашања, како тоа што да се прави со упадот на Украина во руската област Курск.
„Ако имаме прекин на огнот, дали тоа значи дека сите таму ќе си заминат? Дали треба да ги ослободиме [украинските војници] откако извршија злосторства против населението? Или ќе се предадат?“, праша Путин.
Украина зазеде дел од регионот Курск при упад во август, потег што се смета за обид да се пренасочат руските сили од источна Украина и да се користи оваа територијата како алатка во понатамошните мировни преговори.
Меѓутоа, оваа стратегија сега под ризик да пропадне бидејќи руските сили полека ги туркаат Украинците од Курск, откако вратија повеќе од половина од територијата што првично беше заземена од Украина.
Путин, кој го посети Курск на 12 март за првпат по рускиот упад во градот, рече дека ситуацијата во регионот сега е „целосно под наша контрола“. Тој порача дека ако Русија може физички да го блокира патот за повлекување, украинските сили што се таму ќе имаат само две опции: да се предадат или да бидат убиени.
Меѓу другите грижи што рускиот лидер ги изрази во врска со предлогот за прекин на огнот е дали Западот ќе го искористи периодот од 30 дена за повторно да ја вооружи Украина или да ги обучи нејзините сили. Тој праша и како ќе се надгледува фронтот долг речиси 2.000 километри.
„Кој ќе утврди каде и кој го прекршил примирјето?“ рече тој.
Експертите предупредија дека Путин најверојатно ќе се обиде да ги одложи разговорите за прекин на огнот бидејќи неговите сили имаат предност на бојното поле.
Покрај напредокот во Курск, Русија освојува територии во источна Украина – иако со високи човечки и материјални загуби – поради нејзината значителна предност во човечки ресурси.
Русија можеше да регрутира десетици илјади луѓе секој месец и така бргу да ги надомести загубите, додека Украина се бори да ги привлече своите граѓани доброволно да се пријават за борбената линија.
Минатата недела пријавени еден смртен случај поврзан со грип и 2347 заболени

Во текот на минатата недела (до 9 март) биле пријавени еден смртен случај поврзан со грип и 2347 заболени лица, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на нови пријавени случаи е помал за 8,6 проценти во споредба со неделата претходно, но во споредба со истиот период лани е зголемен за дури 5,5 пати.
Од новозаболените, 1.454 се во возрасната група од 15 до 16 години. 516 се деца на возраст од 5 до 14 години, а 198 се лица на 65-годишна возраст.
Меѓу заболените се и 179 деца под 4 години.
Најголем дел од случаите се на подрачјето на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје – 931, потоа во ЦЈЗ Битола – 202, ЦЈЗ Куманово – 176, ЦЈЗ Струмица – 112, ЦЈЗ Тетово – 105 и др.
Починатото лице, кое е случај поврзан со грип, како што соопштија од ИЈЗ, било на 82-годишна возраст од Радовиш, кое било хоспитализирано во Клиничката болница Штип.
„Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип“, велат од ИЈЗ.
Според податоците на здравствените власти, во сезоната 2024-2025 вкупниот број на случаи со грип изнесува 22 291. Досега регистрирани се четири починати лица.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете