Господине Славески, откако ова градско раководство е на власт во град Скопје, во неколку наврати вработените на ЈСП штрајкува за плата. Кој конкретно е одговорен што скопјани останаа без јавен превоз во понеделникот?
Најновото случување од пред неколку дена е манипулација со вработените од страна на раководството на ЈСП. Имено, постојат документи, тоа може да се види и во објавата на Службен гласник на град Скопје, дека во ноември, последната третина од ноември, има одлука на Совет на Град Скопје за префрлање на безмалку 2 милиони евра, односно 110 милиони денари за исплата на како што тогаш се објаснуваше ноемвриска и декемвриска плата. И ние сме гласале за таа одлука, сме рекле во ред е, ЈСП добива субвенции од град Скопје има логика тоа и ќе бидеме мирни до завршување на годината и почетокот на наредната година.
Субвенциите од 700 милиони денари или 11 милиони евра се наменети за исплата на плати, целокупниот износ на платите на вработените во ЈСП до крајот на годината, барем такви се очекувањата. Јас сум сигурен дека тие за време на летото или наесен ќе побараат дополнителни средства. Тие дополнителни средства со ребаланс на буџетот ќе се кратат од некои капитални проекти, да се скрати на асфалтирања улици на некој парк или булевар, затоа што така сме ги навикнале, така сме ги научиле раководствата на претпријатијата кои ги поставил градоначалникот.
Меѓутоа и во ЈСП членовите на Управниот се од ВМРО-ДПМНЕ...
Членовите на Управниот одбор имаат сосема друга функција, раководењето и моќта е во рацете на директорот, извршната функција. Сега размислувам, ако вие водите јавно претпријатие и друг ви го покрива износот на плати целосно, тогаш секој возач на градски автобус во такви околности може да биде директор на јавното претпријатие, друго објаснување нема. Тие имаат сопствени приходи од наплата на билети за со нив да покриваат трошоци за амортизација, замена на делови и слично, така што тоа е целосната вистина. Јас се надевам дека во догледно време ќе се држат до она што го изјавија, барем раководството, и дека проблемот со исплата на плати е решен за цела 2024 година.
„Градот тоне во нечистотија, загаден воздух, урбанистички хаос, неорганизиран систем за јавен транспорт“. Ова е извадок од програмата на Данела Арсовска кога се кандидираше за градоначалник на Скопје, а која вие лично ја поддржавте и вашата матична партија. Без оглед на политичкото разединување, претпоставувам дека програмските заложби и лични и партиски не ви се променети. Оправдан ли е впечатокот во јавноста дека во овие области нема речиси никаков напредок?
Вие цитиравте став од пред две години, јас се согласувам, ние живееме во градот. Мора да признаам дека нередовно го користам јавниот превоз, но, слушам од роднини, пријатели дека се жалат на квалитетот на услугата, факт е дека нема некој позначителен напредок. Градоначалникот Арсовска истакнува дека 400 проекти биле реализирани, но најдобар оценувач и судија се граѓаните. Внимавајте, сите овие прашања немаат врска со политичка определба, идеолошка итн. Нашата советничка група која во моментов брои 16 од 45 советници, тоа не е никакво мнозинство, ги поддржува сите оние иницијативи предлози дури и од главните ривали СДСМ и ДУИ, за кои се смета дека се во интерес на граѓаните. Кој не би поддржал договори за меѓуопштинска соработка каде со поддршка на град Скопје некоја општина реализира проект, да речеме водовод или канализација. Дали е Сарај, Чаир или Кисела вода нема никаква дилема. Сега има некои прашања по кои не може да се постигне консензус. Од причина што градоначалникот Арсовска нема мнозинство во Советот кој ја поддржува. Таа имаше мнозинство, но со она што се случи, со разидувањето, со обвинувањата за капитални проекти како пречистителната станица, се покажа дека тоа се беспредметни обвинувања за што има и судски разрешници. Работите се комплицираа...
Кој го има мнозинството во Советот на град Скопје?
Нема стабилно мнозинство, но, во последно време одлуките што се носат, мнозинството го сочинуваат СДСМ - 12, ДУИ - 5 , Левица - 4, другите се приклучуваат ЛДП/ДОМ се 2 советници, некогаш Зелен хуман град. Често го слушаме од координаторот на СДСМ дека „вие сте мнозинството“ и дека „вие ја имаме одговорноста“.
Можете ли да посочите конкретна област во која има одредено високо подобрување или напредок во однос на квалитетот на живеење на скопјани?
Можам да бидам субјективен во една или друга насока, но, еве асфалтирани се неколку улици, булевари, да веруваме дека некои од дивите депонии што ги расчистува градоначалничката Арсовска се расчистени и не се повторно претворени во депонии. Се работи на клучката кај Момин поток, не знам до кај е работата со мостовите за поврзување на одредени делови од градот. Другото е она што е нормално редовна активност на јавните претпријатија. Одржување на хигиената, собирање на сметот, снабдување со основни животни потреби... Тешко е да забележите дали има или нема подобрување кога колку толку работите функционираат, но, ако била таква констатацијата во програмата на градоначалничката Арсовска и со неа се настапило со ветување дека ќе се средат тие работи дека Скопје повеќе нема повеќе да се гуши во смет, одделни делови од градот се уште се гушат особено онаму каде има градилиште во близина, не се спроведуваат некои норми регулативи итн. Има проблеми.
Советот на град Скопје го донесе буџетот за 2024 година, можеме да видиме само бројки, нема наративен дел во однос на кои проекти ќе се трошат градските пари...
Тоа е голем проблем на кој реагираат и советниците. Имало таква пракса во не така далечното минато, но таа е напуштена, со образложение дека во некој ревизорски извештај, ревизорите упатиле дека токму ова е стандардната форма пропишана од Министерството за финансии за презентација на буџет. Советниците немаат никакво пристап до градската администрација, иако се задолжени по закон да им излезат во пресрет да им подготват материјали, да одговорат на нивни прашања, да даваат информации, кажано им е од градоначалничката Арсовска дека ништо не смеат да им дадат на советниците како информација или материјал се додека не добијат дозвола од нејзе, што е голема пречка.
Советникот на Зелен хуман град излезе со информација дека за 46 насто се намалени парите за заштита на животната средина и загадувањето на воздухот.
Тоа може до тој податок да се дојде ако „копате“ или прашувате да видите кои се конкретните проекти кои се внесени или не во буџетот.
На седница кога се расправа за буџетот или одреден амандман тогаш не може да се избегне бидејќи пред очите на целокупната јавност ќе постави прашање и ќе побара објаснување од службите кои се присутни од секторот за финансии и буџет – што стои зад некоја генеричка ставка. На пример, други услуги, разни рсходи и слично и тогаш добиваат какви такви одговори. Проблемот е тоа што не се прави претходно.
Како гледате на партиското активирање на Данела Арсовска која од неодамна стана претседател на партијата Нова алтернатива?
Мене не ме изненадува тоа, бидејќи имам некои информации преку партијата ВМРО-ДПМНЕ уште пред 4-5 години таа преку некои канали во партијата, се доближи до раководството на партијата, претставувајќи се како некој пандан на Стопанската комора на Македонија. Таа беше претседател на Сојуз на стопански комори. Дека откако ќе се промени власта, тоа беше очекувањето за 2020 година, на местото на Кочо Анѓушев, заменик на премиерот за економски прашања, ќе седне Данела Арсовска. Тоа беше амбицијата која не се реализира. Веројатно амбицијата во високата политика никогаш не била напуштена. Ова само се сметало, градоначалник на град Скопје како отскочна штица за нешто далеку поголемо. Но, ова се илузорни амбиции. Видовме дека од потребните 1 000 потписи да се регистрира нова партија, дури и името се кажа „Правда“ биле собрано околу 230, значи нема 1 000 луѓе кои ќе застанат зад некоја партија што ја предводи Арсовска. Видовме сега еден процес малку смешен за мене, оживување на една мртва партија, на еден мртовец како зомби, јас го користам тој израз.
Нова алтернатива за мене е зомби партија на оживеан мртовец кој е толку маргинален што после овие избори ќе исчезне. Иако поинаку се кажува и навестува, не се приклучи кон коалицијата предводена од СДСМ и да тонат заедно со нив.
Покрај парламентарните избори, треба да се случат претседателски. Конвенцијата за избор на претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ е закажана за 2 март, претходно треба да биде објавен и огласот на кој ќе се пријават кандидатите. Дали е веќе отворен огласот?
Не, има сè уште време. Најверојатно на почетокот на февруари. Има еден критериум покрај тоа што не мора да биде партиска личност, да ги поддржува луѓето и политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, има едно „сито“ за да се избегнат случајни луѓе на таа Конвенција, треба секој заинтересиран да обезбеди 25 потписи од делегатите на таа Конвенција.
Планирате да се кандидирате за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ?
Не, не. Единствено знам дека на почетокот сум бил во некои поширок круг на личности за кои се мереле рејтинзите. Како што минува времето, работите ќе стануваат појасни.